Црногорскиот Институт за медиуми најави дека во наредните месеци ќе биде промовирана програмата и во основните училишта, паралелно со обуката на наставниците, а во завршна фаза е подготовката на учебниците за наставниците
Основците во Црна Гора од наредната учебна година (2023/2024) ќе изучуваат медиумска писменост како изборен предмет, соопшти тамошниот Институт за медиуми.
Од таму оценија дека тоа претставува значаен чекор напред во насока на поголем опфат на младите во училиштата, нивно оспособување за подобро разбирање на улогата на медиумите во секојдневниот живот и зголемување на нивната способност за подобра комуникација преку медиумите.
Од Институтот појаснуваат дека Националниот совет за образование ја одобрил програмата за предметот „Медиумска писменост“ за основните училишта и оти учениците ќе можат да го бираат во седмо, осмо или деветто одделение, а предметот ќе можат го предаваат сите наставници кои ќе минат соодветна обука.
Тие најавија дека програмата е подготвена од релевантни практичари во наставата по медиумска писменост, на иницијатива и во координација на Институтот за медиуми на Црна Гора, кој формираше работна група за изработка на програма за придружниот учебник и ја достави за разгледување и усвојување до Националниот совет.
Стручната рецензија, како што рекоа, му била доверена на поширок тим на експерти, педагози, психолози и методолози.
Институтот за медиуми ја поздрави одлуката на Националниот совет и препораката на Заводот за образование да се понуди медиумска писменост како изборен предмет во основните училишта, „што е значаен чекор напред во споредба со сегашната ситуација во која медиумското образование е привилегирано знаење на гимназијалците кои го изучуваат тој предмет од 2009 година“.
„Образовните стратегии во Црна Гора кои се потпираат на европските и на глобалните политики за медиумско описменување придонесуваат за развивање на клучните компетенции за 21 век. Изучувањето на содржините кои се предвидени во оваа предметна програма недвосмислено ќе придонесат за развивање на критичко размислување, за креативност, за успешно решавање на проблеми, за информациска писменост, за комуникациска писменост, за одговорен однос кон здравјето и животната средина, а особено за развивање на социо-емоционалните вештини како тимска работа, толеранција, креативност, трпение и други“, изјавија авторите на програмата, Светлана Јоветиќ Копривица и Мирослав Миниќ.
Во соопштението на Институтот се додава дека одлуката за воведување на медиумска писменост во основните училишта е резултат на повеќегодишна работа и заложби на група ентузијасти од образовните институции и од граѓанскиот сектор.
Тие наведуваат дека во наредните месеци ќе претстои и промоција на програмата во основните училишта, паралелно со тоа и обуката на наставниците, а во завршна фаза е подготовката и на учебниците за наставниците.
„Од големо значење е што расте и интересот на наставниците за предметот медиумска писменост, што се гледа и преку сè поголемиот број на наставници кои ги минаа акредитираните обуки и досега најголем број на акредитирани програми за стручно усовршување од оваа област од Заводот за образование“, велат од Институтот.
За таквите обуки на наставниците да биде долгорочно одржливи, порачуваат дека е важно да се воспостави соработка на долг рок меѓу Заводот за образование, училиштата, Универзитетот и медиумите, како и вклучување на обука за медиумска писменост и медиумска педагогија во наставната програма на сите идни наставници – ефектно користење на медиумите во наставата.
„Предизвиците на дигиталното и вмрежено општество, покрај значајните можности, носат и посебни проблеми за општествата во вид на кампањи на лаги, дезинформации, говор на омраза и други токсични и штетни содржини кои изобилуваат на медиумски платформи и кои многу често ги загрозуваат демократски општества. Како одговор на тие предизвици, од големо значење е медиумското образование“, велат тие.
Оваа сторија е дел од публикацијата „Новинарството како јавно добро“, дел од проектот „Синдикатите за фер закрепнување“ финансиран од Европската Унија, а во партнерство со Европската федерација на новинари.Ставовите и коментарите во публикацијата се одговорност на ССНМ и не ги изразуваат ставовите и мислењата на Европската Унија и на Европската федерација на новинари.