Пишува: Кети Гетева
Кога зборуваме за вистината ние зборуваме за нашата јавност, која нашата порака ја примилa и треба да ја разбере, а за тоа треба да сме доволно јасни. Факти или емоции – што е доминантно кај читателот кога ја прима веста или информацијата? Психолозите посочуваат дека нас во животот на се не тераат емоциите, не фактите. Секој новинар има задача така да ги спакува фактите за тие да предизвикаат емоции кај публиката или да предизвикаат реакција, односно тоа што за новинарот е важно, за публиката да стане релевантна вест.
Но, за разлика од минатото кога постоеа само традиционалните медиуми и имавме еднонасочна комуникација, во ерата на интернетот, имаме двонасочна комуникација. Кога информацијата ќе стигне до читателот тој сака да види што има за тоа на Фејсбук, на Твитер, дали некој споделил некоја слика на Инстаграм. Тука многу често се случува наместо вистината да доминира егоцентризмот, односно читателот да го сподели или да го слушне тоа што нему му е важно.
Во светот неколку милиони луѓе имаат профили на Фејсбук, лажните вести почнуваат да „виреат“ за неколку секунди, а социјалните мрежи покажуваат дека тие се многу поинтересни за споделување, од која било вест на пример на „Вашингтон пост“.
Медиумската и политичката заедница во европски и светски рамки се уште не може ниту да се согласи околу општоприфатен термин за феноменот-лажни вести, а камоли да се фокусира на решенија за проблемот, посочува новинарката Сашка Цветковска.
„Дали се лажни вести, дали се дезинормации, полувистини, погрешни вести, ЕУ како и секогаш поприлично доцни. Имаме сервиси за проверка на фактите во одредени вести, но тој модел веќе не може да го адресира проблемот, бидејќи се продуцираат стотици невистини дневно. Додека ние дебатираме дали да правиме проверка на факти на содржините или на изворите, големите компании веќе тестираат софтвери кои овозможуваат да се произведе на пример лажна видео вест, видео изјава од вас со зборови кои никогаш не сте ги кажале, а на тоа видео ќе зборувате вие со вашиот глас. Феноменот се поместува во сфери за кои ние ништо не знаеме и засега немаме начин како да се справиме“, објаснува Цветковска.
Во последните неколку години основани се голем број на организации низ светот кои проверуваат дали е вистина тоа што политичарите го зборуваат, но нивниот опсег е значително послаб од опсегот на лажните вести.
Дека утврдувањето на вистината е тешка работа зборува, Владимир Петрески, уредник на порталот Вистиномер. Според него, проблем од една страна се ограничените ресурси и традиционалната затвореност на изворите, поради цела деценија, на како што вели авторитарен и популистички режим на претходната власт, но од друга страна патот до вистината не значи само нејзино утврдување, туку и нејзино преставување, што не секогаш е лесно.
„Потоа, имаме проблем и со човечката психологија. Имено, луѓето генерално за некој настан, некоја појава, некоја информација, му веруваат на првиот впечаток. Тој најсилно се врежува и во човековата психа и во човековата меморија и откако човек ќе изгради некој став, многу е тешко да му се смени мислењето. За ова се спроведени редица научни психолошки истражувања и експерименти уште во 60-ите и 70-ите години од минатиот век. Потоа, проверката на фактите кај новинарските содржини има и проблем со застареноста. Имено, публиката не е склона и нема толкав интерес да се навраќа на вести и информации кои ги видела/слушнала пред пет или 10 дена или пред две недели. Тоа се смета за стара и неинтересна вест зашто интересот на публиката секогаш е насочен кон најновите, свежите информации. Следен проблем е хиперпродукцијата на невистини и дезинформации. Во таква ситуација утврдувањето на вистината, па дури и квалитетната дистрибуција на вистини во две или три инстанци не игра голема улога ако во меѓувреме се испродуцирани десетици и десетици невистини и дезинформации. Вистината едноставно се губи меѓу нив“, вели Петрески.
Тој исто така смета дека постојат повеќе причини зошто утврдувањето и дистрибуирањето на вистината е многу тешко во ситуација на нарушени професионални новинарски стандарди на еден медиумски пазар.
„Проблемот е што новинарските стандарди можат да се нарушат на безброј начини, а се почитуваат на само еден начин – оној пропишаниот во новинарските кодекси. Но, она што, на крајот од краиштата, и оди во прилог на вистината тоа е времето. Времето работи за вистината и времето е најдобриот начин таа да излезе на виделина“, објаснува Петрески.
После Брегзит, во 2016 година, Оксфордскиот речник за збор на годината го прогласи,,post-truth“ (пост вистина), односно состојба во која емоциите се многу поважни од фактите. Но, оваа информација за Балканот, како и за нашата земја беше застарена, бидејќи ерата на пост вистина на овие простори владееше одамна. Сепак, за алтернативните факти во земјава не беа или не се виновни само политичарите. Голема вина во пласирање на лажните вести имаат и новинарите кои не се трудат да проверат што преземаат од други медиуми.
„Имаме две работи, со таканаречените сајтови од Велес кои што беа за американските избори, каде што намерно се пласираа лажните вести, за да се обезбедат кликови или на друг начин да се помогне за поддршка за еден или обратно – уништување на другиот. Но ако медиумите тоа го направат преземајќи ја веста, пласирајќи ја како сериозна содржина тогаш дефинитивно грешката е кај нив. Зборуваме од една страна за сајтови кои намерно го прават тоа, заради кликови или друга економска или политичка мотивација, а ова што се случува кај медиумите само со „копи пејст“ да го пренесат тоа е страшното, бидејќи ако се обидуваат да бидат сериозни тогаш дефинитивно барем треба да го видат кредибилитетот на сајтот. Досега се случило многу често да преземат од такви „кромид вести“ и го цитираат изворот, а не знаат дека тоа е содржина или сајт каде што се пласираат баш такви измислени вести. Еве дури и да не бидат со каква било заднина има хумористични сајтови кои измислуваат вести, ако веќе зборуваме за сериозен медиум кој тоа го пренесува, вината е кај него. Широката публика нема обврска да ја проверува содржината, таа очекува ако е објавено на сериозен медиум дека треба да биде вистина – е тука е вината на новинарите. Но во денешно време кога секој клик на некого му носи евро или долар, прашање е од кои мотиви тој ја споделил и што сака да постигне со тоа“, истакнува Саше Димовски новинар и сопственик на Сведок мк.
Луѓето се подготвени да поверуваат на лагата, поради тоа Фејсбук, Твитер и Гугл вложија милиони евра како би основале тимови за откривање лажни вести. Но, никој од нив до сега не најде креативно решение за отстранување на лажните вести. Овие гиганти сметаа дека тие не треба да одлучуваат што треба да остане на интернет, не сакаа таква одговорност да преземат врз себе.
Владите се повеќе се грижат за лажните вести и тоа е разбирливо, но само системско решение може да го реши проблемот, смета новинарката Искра Коровешовска.
„Онлајн новинарството е лидер во точност и навременост, но на сметка на проверување на информацијата, обезбедување на двете страни од приказната, и секако непристрасност. Неопходно е и силно ниво на саморегулација кај медиумите за „сликата“ да е и остане професионална. Интегритетот на онлајн медиумите се постигнува преку одговорноста, на која мора да се обврзат на некој начин. Онлајн медиумите да не смеат да ја вршат својата дејност ако немаат дефинирана структура: сопственост, вработени, уредник, новинари, авторски текстови, преземени содржини. Условите што ги наметнува Советот за етика, треба да се задолжителни во посилна смисла, а ова тело (или слично можеби, новоформирано, независно) да има законска основа за јавно истакнување на сите неосновано постоечки онлајн медиуми“, вели Коровешовска.
Од друга страна пак „полицијата за вести“ може да биде опасна алатка во земјите со кревка демократија, односно вистината да дојде во судир со цензурата, посебно во земји како нашата кога под притисок на политиката, вистината останува на маргините. Во ерата на интернетот, она што е важно е дека јавниот сервис е должен да има „проверувачи на факти“. Сепак, најголемиот проблем е кога политиката ќе воспостави контрола врз него.
Социјалниот психолог Сузан Њуман, во својата книга „Ways to say it and mean it“ објаснувајќи ги ‘фактите и емоциите’ наведува: „Ако ми кажете – мене мајка ми ме сака, ќе ве прашам – oд каде знаете?“
Независно дали сте истражувач, или правите вести, се мора да проверувате – е тоа е факт!
Текстот е дел од публикацијата на ССНМ која е помогната од Европската Унија, како дел од проектот „Писменост за вести и дигитална писменост: Справување со лажните вести“ имплементиран од Македонски институт за медиуми, Институт за комуникациски студии, Самостоен синдикат на новинари и медиумски работници и Медиа дајверсити институт.
“Содржината на оваа публикација е целосна одговорност на Синдикатот на новинари и медиумски работници и во никој случај не ги одразува ставовите на Европската Унија”