Дигитална кампања „Сакам фер работни услови“ – Магдалена Стојмановиќ

Датум

Според последните истражувања на ССНМ, младите новинари и оние кои работат во дигиталните медиуми во земјава најчесто работат со нерегулирани работни договори. Во услови на здравствена и економска криза во последните години, овој проблем се повеќе се појавува на површина, особено во случајот со здравственото осигурување.  

Целта на повикот беше преку слика и порака да се прикаже како е да се биде новинар во онлајн медиум, млад новинар(к)а или медиумски работник во Северна Македонија и кои се најчестите прекршувања на работничкие права со кои тие се соочуваат.

Оттука, од исклучителна важност е кревање на свеста за овие прашања особено кога станува збор за младите во фелата, ако се водиме од фактот дека тие се меѓу најслабо платените и најмалку бројни во медиумите.  

Малите редакции на електронските медиуми, во најголем број имаат свој систем на самофинансирање, преку реклами или маркетинг услуги кои ги нудат на бизнис секторот. Често се случува, работата што ја работиме да биде потполно волонтерска без никакви приходи на месечно ниво. Во исто време се трудиме да покажеме професионализам и да пласираме релевантни, вистинити и проверени информации, до кои за да дојдеме ни требаат основни средства да излеземе на терен, да поразговараме со луѓето, или да направиме интервју.

Нашиот професионализам е загрозен од недостатокот на основни финансии да продолжиме да си ја работиме професионално својата работа. Во исто време потребно е да се екипираме дополнително, поради што објавуваме конкурс за вработување во нашата редакција, на која од закажаните интервјуа никој не се појавува. Младите луѓе го препознаваат ризикот што го носи новинарската професија и се помалку сакаат да се занимаваат со новинарство.

Оттука, новинарството како професија е соочено со низа предизвици и проблеми кои влијаат на депрофесионализација. Навистина е тешко и демотивирачки да се работи новинарството понекогаш само од љубов кон професијата во време кога освен што е малку платено, новинарите се девалвирани, се во први фронтални линии на сите ризички случувања, или се таргет на центри на моќ доколку откријат некоја злоупотреба.

На фотографијата е прикажана листа со дневни активности на редакцијата, на која е испишано времето за интервју за работа закажано со пријавените кандидати на кое никој не се појавува, банкарска сметка на која салдото и е 0.00 денари и отворен word документ на кој е почната сторијата. Иако сме потполно подготвени да тргнеме на терен и да ја изработиме сторијата, за жал во редакцијата констатираме дека немаме доволно средства да го реализираме патот до терен.

Магдалена Стојмановиќ
Главна и одговорна уредничка
„Мој Збор“

Дигиталната кампања се спроведува во рамки на во рамки на проектот „Дигитално организирање на ЦИЕ“ во партнерство со Union to Union, Меѓународната Федерација на новинари (IFJ) и Шведските Синдикати на новинари.

Останати
објави

Сподели на...