Домот како редакција

Датум

Пишува: Зоран Маџоски

Пандемијата го наруши работното секојдневие на новинарите и медиумските работници и ги соочи со нови предизвици. Прес конференции кои се прават онлајн, испраќање на видео, аудиоматеријали од дома, беа и сè некои од мерките за заштита од корона вирусот во Македонија. Речиси сите медиуми и новинарски куќи презедоа мерки за претпазливост и ја реорганизираа работата. Воведоа тимови, дежурства и работа од дома.

Утринското кафе на колегиум наместо во редакции, од март годинава, се пие пред лаптоп, компјутер, таблет или телефон. Работните задачи и планирањата се прават со помош на апликации за комуникација Зум, Скајп, Тимс или некоја друга алатка. Домовите на медиумските работници се претворија во уредништва и редакции во кои се прават вести.

Речиси сите вработени во медиумскиот бизнис се принудени на ограничен контакт со изворите на информации. Од друга страна, пак, зголемено е користењето на ресурсите за истражување и комуникација преку интернет.

Смени, ротации, организација и повеќе концентрација

Со оглед дека пандемијата беше неочекувана и никој не можеше да претпостави дека светот, буквално ќе застане, па како и останатите дејности, медиумите и нивните редакции/менаџменти беа принудени активностите да ги приспособуваат најдобро што знаат. Во Македонија не постоеа правила за работа од дома, ниту пак, тие биле развивани за да бидат веднаш спроведени во новонастанатата ситуација. Медиумите мора да ги усогласуваат обврските и задачите од ден на ден.

Пример за реорганизирање на работата е државната новинска агенција МИА, која меѓу првите организираше работа од дома.

„Работата на МИА од самиот старт на епидемијата претрпе не една, туку неколку реорганизации, како што се менуваше состојбата така се прилагодувавме на новонастанатите услови. Генерално Агенцијата од почетокот на пандемијата работи комбинирано, односно дел од новинарите, но и вработените во другите сектори, работат од канцеларија, дел онлајн. Целта на реорганизацијата беше да се намали фреквенцијата на луѓе во просториите на МИА за да се спречи ширењето на вирусот“, вели Ана Цветковска, уредник на генералниот сервис на МИА.

Таа објаснува дека организацијата на работата морала да ја следи епидемиолошката ситуација и препораките и мерките на Комисијата за заразни болести. Така, морало да се земе предвид што може, а што не може да се работи од дома – новинарите и новинарките од внатрешна рубрика оделе во канцеларија поделени во групи, додека од другите рубрики доаѓал само по еден вработен.

„ Работата од дома за новинарите во внатрешна редакција, но и на фоторепортерите и снимателите не подразбира целосна работа од дома. Со оглед на природата на репортерската, фоторепортерската и снимателската работа, вработените во овие редакции кои работат од дома не значи дека седат дома пред лаптоп“, додава Цветковска.

Домот за многу медиумски работници во новонастаната ситуација стана работно опкружување. Работата од дома и не е новост за повеќето новинари и новинарки. Неретко тие во удобноста на домот истражуваат со чаосви, па и денови одредени теми.

„Работењето новинарство од дома, кое изминативе месеци се наметна во секоја помала и поголема редакција во земјава, сакале ние да признаеме или не, претставува ново „ажурирање“ на професијата. И очигледно е дека таа „надоградба“ функционира, барем за новинарите во онлајн медиумите. Со колегите и со уредниците сме во постојана комуникација, работиме на службените компјутери, ги имаме сите потребни услови за работа, а и вратата од редакцијата ни е секогаш отворена доколку ни се јави каква било потреба. Обично ги проследуваме само поважните настани и најчесто на терен оди оној новинар што не е премногу зафатен во моментот, со оглед на тоа што и нашата работа се одвива во смени“, вели Мартин Богатиноски од порталот Инфо Плус.

Во БИРН со почетокот на пандемијата, работата од редакција е префрлена дома.

„Работењето од дома за редакции како нашата можеби е полесно во однос на редакциите што работат на дневно информирање. Немаме потреба од организирање во смени и од дежурства, бидејќи сме фокусирани на нашите приказни. Но, потешко е да се работи од дома отколку од канцеларија. Се трудиме да го сведеме на минимум или целосно да го отстраниме влијанието на оваа ситуација врз квалитетот на нашата работа, бидејќи не сакаме со тоа да правиме компромис. Оваа работа не може да се врши исклучиво од дома. Секако одиме на терен, на разговори, по потреба одиме да поднесуваме барања за податоци или да земеме податоци. Единствено не одиме во редакцијата“, вели Гоце Трпковски од БИРН.

Работата од дома, или работата од далечина, додава уште предизвици, како што е на пример добра интернет конекција која е потребна за непречено извршување на задачите. Канцелариите на речиси сите информативни портали се испразнија, па пренесувањето на вести извесен предизвик. Живоста и динамиката ја снема и во редакцијата на весникот „Слободен печат“. Уредникот Жарко Јорданоски објаснува дека работата од далечина за нив значела „дополнителни напори и повеќе концентрација“ со што се потврдува дека начинот на организирање на работата во вакви услови зависи од типот на медиумот.

„Од триесетина колку што се во весникот, во канцеларија се четворица. Останатите работиме од дома. Материјалите ги ставаме на сервер, па оттаму ги уредуваме. Во прво време беше проблем планирањето на страниците, со оглед дека тоа уредниците го прават со техничките лица. Преломот и уредувањето на печатените проби се враќаа по повеќе пати и тоа одземаше повеќе време на почеток, а договарањата ги правевме по телефон. „Живата комуникација“, не може да ја заменат пишувањето пораки, и-мејлови и телефонски разговори“, вели Јорданоски и додава дека ваквиот начин на работа го стеснува полето за работа на новинарите бидејќи сега имаат помалку можности за директна комуникација и откривање на нови теми и информации.

Најмалку работа од дома или речиси без значајни промени во извршувањето на обврските имаат локалните телевизиски новинари и кои најчесто се во улога на дописници за некој од националните медиуми.

Абедин Биљали новинар/уредник во локалната Тв Глоби вели дека, само во периодот кога бил воведен полициски час помалку се работело.

„Откако беше прогласена пандемијата и беше потврден првиот случај на Ковид-19 во Гостивар, ни се зголеми обемот на работа. Моравме да проверуваме информации со излегување на терен. Заради начинот на кој се произведуваат вестите во телевизија, речиси е невозможно еден прилог да се сработи од дома. Работата од дома се сведуваше само на следење на прес конференции“, вели Биљали.

Присуството на терен и известувањето од лице место е одговорност и во вообичаени услови, а сега медиумските професионалци сведочат за зголемен стрес предизвикан од опасноста од зараза со опасниот вирус.

„Како новинар во локален медиум, а паралелно и како дописник излегувам на терен согласно потребите на редакциите или темите кои ги обработувам. Телевизиски прилог бара автентично пренесување на состојбите и тешко може да се сработи со „архивски материјал“ и изјави снимени онлајн или телефонски. Колку за илустрација: за земјоделска тема или тема поврзана со одредени потреби на локално население, мора да се излезе на терен. Патем сето тоа мора да се покрие и со видео материјал. Секако дека постои страв и неизвесност“, објаснува Ване Трајков од струмичката телевизија Вис.

Токму зголемување на стресот во услови на пандемија го потврди и анкетата на ССНМ направена во јуни на 150 испитаници од македонските медиуми. Дури 62% одговориле дека работењето во вакви услови им влијае врз менталното здравје.

Правата и обврските се права и обврски и од дома

Според законската регулатива, за работа на далечина или работата од дома важат речиси истите правила и вработените ги имаат истите права. Така на пример, доколку работејќи од дома новинарот е приморан да работи повеќе часови од со закон предвиденото работно време за тоа му следува соодвете надомест. Таков е примерот со државната агенција МИА.

„Согласно законот и колективниот договор вработените и покрај што работат од дома добиваат додатоци за прекувремена работа, додатоци за дополнителни ангажман и награди за најистурените репортери“, објаснува директорот на МИА, Драган Антоновски.

Според Европската федерација на новинари (ЕФН), работата од дома во вакви услови мора да биде дозволена, секако со соодветна организација, особено затоа што новинарската работа е таква што може да се извршува со помош на современите алатки за комуникација.

„Неприфатливо е што некои издавачи и сопственици одбиваат да им дозволат на новинарите да работат „на далечина“. Современите алатки, овозможуваат извршување на новинарските задачи. Принудувањето на новинарите секојдневно да се собираат во редакција го зголемува ризикот од зараза“, смета генералниот секретар на ЕФН, Рикардо Гутиерез.

Според Европската федерација на новинари при работата од дома мора да се почитуваат работничките права исто како што треба и во „нормални“ услови: почитување на работното време, право на исклучување вон работно време, повреда во работно време дома да се смета за повреда на работа, на работниците да им биде обезбедна опрема за работа, но и за заштита при излегување на терен и слично.

Неспорно е дека пандемијата го наруши работното секојдневие и донесе нови предизвици, како за раководствата на медиумите така и за новинарите и медиумските работници. Стресот е поголем, затоа што новинарите освен што да треба да водат сметка за сопственото, така и за здравјето на изворите на информации мораат да водат сметка и за јавниот интерес бидејќи нивната основна задача е да го штитат без разлика на условите во кои работат.

Работа од дома е законски регулирана

Работата од дома е опфатена и во Законот за работни односи со членот 50. Во овој член е наведено дека со договорот за вработување за вршење на работа дома работодавачот и работникот можат да се договорат, работникот да ја врши работата која што спаѓа во дејноста на работодавачот или која е потребна за извршување на дејноста на работодавачот од дома.

Текстот е дел од публикацијата на ССНМ која е помогната од Европската Унија, како дел од проектот „Писменост за вести и дигитална писменост: Справување со лажните вести“ имплементиран од Македонски институт за медиуми, Институт за комуникациски студии, Самостоен синдикат на новинари и медиумски работници и Медиа дајверсити институт.

Останати
објави

Сподели на...