Интервју со Сали Меерс од „Франс прес“: Теориите на заговор и полувистините се најтешки за проверување

Датум

Сали Мeерс оваа година му се приклучи на тимот на новинари и експерти во специјализираниот сервис за проверка на факти на aгенцијата „Франс Прес“. Според нејзиното искуство појавата на корона вирусот ги зголемила лажните вести, но техниката на пренесување е иста. Она што и понатаму останува најголем проблем е побивањето на теориите на заговор.

Г-це Мeерс од кога постои сервисот за проверка на факти на „Франс Прес“ и колку новинари и експерти се дел од процесот за верификација на објавени содржини?

Започнавме со работа во 2017 година, со само еден новинар кој работеше со проверка на факти во Париз и во последните три-четири години оваа содржина е достапна на околу 20 јазици во 18 држави. Моментно во овој сервис работат повеќе од 120 новинари.

Дали можете да ни го објасните целиот процес на проверка на фактите? Како одбирате кои вести ќе треба да бидат проверени? Колку време ви е потребно за да одредите дали една објава е лажна или не?

Секој од проверувачите на факти работи на одреден јазик, едни работат само за српски вести на српски јазик, други обработуваат вести, да речеме на унгарски јазик итн.. Тие на некој начин се во првите „борбени редови“ против дезинформациите, мониторирајќи објави на социјалните мрежи. Она на што ние се фокусираме се објави кои имаат најголемо влијание и се најмногу споделувани, кои имаат потенцијал да создадат штета во јавниот дискурс, но секако внимаваме тоа да се информации за кои можеме да дознаеме дали се вистинити. Кога станува збор за времетраењето навистина зависи од повеќе фактори. Во некои случаи ни треба навистина многу малку време. На пример некој погрешно толкувал одреден закон, па нашата работа е само да го линкуваме правилното толкување во консултација со правен експерт. Во други случаи, пак, може да треба да прегледуваме видеа кои траат и до 20 минути, а во кои се изнесени многу лажни информации, на пример за вакцините против ковид -19. Тоа значи дека треба да контактираме доктори, научници, фармацевти, што не ретко ни одзема цела недела за да завршиме со проверката на фактите.

Кој е главниот проблем со кој сте се соочиле или се уште се соочувате, кога вршите проверка на веродостојноста на вестите?

Кога работиме со објави кои содржат теории на заговор. Иако звучат нереално, сепак е тешко да се докаже нивната релеваност и вистинитост. Од почетокот на корона пандемијата се шират теории на заговор дека вирусот не постои, реномираните светски институции соработуваат заедно и кријат нешто од граѓаните. Нам не ни останува ништо друго освен да им покажеме линкови и изјави од истите институции во кои тие не веруваат. Работејќи го ова неколку години, се соочуваме со ситуации кога луѓе кои знаат на кој начин функционира проверката на факти, објавуваат полувистини или податоци кои не можат да се проверат.

Од вашето лично искуство, кои лажни информации се шират најдалеку и најбрзо?

Дезинформациите поврзани со коронавирусот станаа број еден во светот на лажни вести. Дури 70 проценти од пласираните дезинформации се однесуваат токму на оваа тема, што е зарижувачки процент, особено во Европа. Теориите на заговор и лажните вести кои и претходно се пласираа сега најдоа нов „дом“, а тоа е пандемијата на ковид -19. Начинот на ширење лажни вести не е сменет, она што се менува е темата. А, овој пат е нешто што допира до луѓето многу лично бидејќи станува збор за нивното здравје, без разлика на јазикот и државата, пандемијата е нешто што ги засега сите.

Дали верувате дека проверката на фактите прави некаква разлика во спречувањето на ширењето на лажните наративи? Дали преку вашата работа имате забележано некакви подобрувања?

Добар пример за тоа е Фејсбук. На самите објави кои се докажани дека се лажни или содржат дезинформации, потврдени од сервис каков што е нашиот, стои предупредување дека веста е лажна, како и објаснување за тоа што е вистината, а корисниците кои веќе ја споделиле добиваат нотификација за истото. Ова е еден ефективен начин да се спречи понатамошно ширење на ваквите појави. Се разбира, за начинот како го прави тоа компанијата Фејсбук не би можела да зборувам, бидејќи ние само ги пријавуваме вестите за кои имаме докажано дека се лажни.

Останати
објави

Сподели на...