Покрај читање на насловот, учениците да го проверуваат и датумот, како и авторската релевантност, да го мерат тонот и јазикот со кои е презентирана една сторија и да идентификуваат предрасуди.
Медиумската писменост, односно способноста за пристап, анализирање, оценување и креирање на медиуми во различни форми, станува сè посложена во последните години. Со толку голем обем на достапни информации, благодарение на паметните телефони и пребарувачите, денешните студенти треба да станат поефикасни во селекцијата на она што го гледаат и слушаат. Со други зборови, сега е поважно од кога било да се учи медиумска писменост.
Медиумското образование е потребно во многу наставни програми низ светот. Училиштата работат напорно за да им помогнат на наставниците во подготовка на учениците за промените во индустријата и да имаат континуиран пристап до вистинските алатки за работата. Како што се развива дигиталниот свет со секојдневното темпо, така на наставниците ќе им требаат ресурси за да бидат во тек со тековните трендови.
„Канва“ (Canva) е една алатка која има таков прилагодлив капацитет. Во продолжение ќе ви покажеме како да ја користите за да останете во тек.
1. Препознавање на лажни вести
Студија на Технолошкиот институт во Масачусец (МИТ) покажа дека лажните вести се шират побрзо, подалеку и подлабоко од вистинските вести на Твитер. Затоа е потребно, покрај читање на насловот, учениците да го проверуваат и датумот и авторската релевантност, да го мерат тонот и јазикот и да идентификуваат предрасуди. Можеби ќе им биде потребно повеќе време, но на крајот и ќе им заштеди време, бидејќи подоцна ќе нема потреба од повторни проверки на изворите или за корекција на ставовите.
Секогаш треба брзо да побараат барем уште еден извор кој го објавува истото. Повеќето вести, особено ако се важни, добиваат внимание од повеќе од еден медиум, па затоа ова треба да биде прилично јасен показател.
Барем теоретски, Твитер е одличен ресурс, бидејќи можете да се следат повеќе канали за вести и да се види колку извори ги објавуваат истите информации, да се споредуваат различно формулирани наслови за истата приказна, што овозможува лесно движење напред-назад меѓу целата статија и изворот. Меѓутоа, бидете сигурни дека не „купувате“ лажна приказна која станала вирална.
Кога станува збор за училишна работа, има ли подобар начин за учениците да ги разберат лажните вести отколку самите да ги креираат? Побарајте од учениците да дизајнираат весник кој содржи или вистински или лажни вести, или некоја комбинација од двете, за другите ученици да видат дали можат да го идентификуваат секој тип.
2. Користење на повеќе извори
Кога се обидувате да идентификувате лажни вести, првото нешто што студентот треба да го направи е да провери други извори за истата приказна. Но, ова е нешто повеќе од вистината низ бројки, бидејќи различни извори известуваат за различни детали во различни нивоа на длабочина, учениците ќе добијат поцелосна и попрецизна перспектива за некое прашање кога читаат, слушаат или гледаат пошироко.
Учениците нека направат постер или карта на која се наведени различни видови на извори, вклучувајќи кои се доверливи, а кои не се. Можете да црпите инспирација од нечија веќе креирана карта или да се дизајнира сопствена од почеток.
3. Мерење на тонот и јазикот
Постои разлика помеѓу веродостојниот и неверодостојниот јазик, без разлика дали е во пишана или говорна форма. Научете ги учениците да развијат „уво“ за тоа. Луѓето особено сакаат да веруваат во она што го читаат или слушаат, кога тоа звучи убаво или академско.
Ова значи дека студентите треба да ги направиме добри пишувачи и говорници и да ги научиме што е можно побрзо дека јасната комуникација, а не фенси или апстрактен јазик, треба да биде нивната цел број еден.
4. Испрашување на броеви и бројки
„Мерењето“ на зборовите често бара и „мерење“ на броевите. Да речеме дека сте „налетале“ на статија во која се тврди дека „учениците имаат подобри резултати на училиште кога спијат најмалку осум часа“ и сте ја споделиле на Фејсбук. Но, кога подетално ќе ја погледнете наведената студија, ќе откриете дека тој заклучок бил изведен од само едно училиште и во една паралелка со шест ученици. Од клучно значење е да се научи да се „суди“ математиката зад пораката.
Користете инфографици за да илустрирате како бројките можат да го измамат умот во „купување“ на целата порака, дури и ако тие бројки се искривени. Учениците да научат на прават инфографици и да фаќаат погрешни факти и бројки. Потоа иницирајте дискусија за тоа како лажните бројки влијаат на нашата перцепција и нè наведуваат да веруваме во некои пораки пред други.
5. Разбирање на сликите и мозокот
Визуелните медиуми имаат особено големо влијание врз потрошувачите. Тоа е затоа што огромен дел од мозокот е посветен на визуелната обработка, се нарекува визуелен кортекс и влијае на нашето внимание, мотивација, па дури и на нашите емоции. Учениците треба да разберат колку моќни можат да бидат сликите во медиумите.
Денешните слики треба да се читаат на најмалку две нивоа, вели Џ. Френсис Дејвис, едукатор за возрасни и специјалист за медиумско образование – прво, непосредното емоционално ниво на кое реагираме на начин што „ги допира нашите внатрешни емоции или приказни“ и второ – како производи што треба да влијаат врз нас на тој начин. Откако ќе се развие вештина за препознавање на второто, може полесно да се контролира дали тие влијаат на вас или не.
И тоа е важно да се направи. Во својата книга Rise of the Image Culture, Елизабет Томан истакнува дека сликите на совршени луѓе кои водат совршен живот „станаа замена за потрагата по значење што другите генерации го бараа на попроширен и позначаен начин“. Затоа треба да се научат учениците повторно да размислуваат за себе.
Учениците нека создадат „моќни“, но погрешни пораки на постери со неусогласени слики и текст. Потоа видете колку студенти ќе веруваат во текстот или ќе купат визуелен производ и дискутирајте за слични примери што можеби ги виделе на интернет, на ТВ, во печатени или на реклами низ градот.
6. Развивање на мултимедијални вештини
Важен дел од медиумското знаење во 21-от век е да знаете како да користите различни видови на алатки, и одделно и заедно. Сега имаме текст, аудио, видео, проширена реалност и 3D печатење. Имаме социјални медиуми и интерактивни медиуми. Имаме книги, весници, филмови и ТВ. Имаме блогови и „блогови“. Денешните студенти треба да бидат добро упатени во сето тоа за да можат да се движат напред низ светот.
Со оглед на брзото темпо на менување на технологијата во 21-от век, студентите треба да бидат особено подготвени за видовите на медиуми кои сè уште не постојат. Ова значи да им се помогне да станат што е можно покомфорни со видовите медиуми што моментно постојат, бидејќи на нив ќе се градат идните технологии.
Со Canva, студентите можат ефективно да креираат свои веб-страници со единствена URL-адреса. Нека вежбаат да составуваат презентации и да ги споделуваат на каналите на социјалните медиуми.
7. Препознавање на пристрасност
Научете ги учениците да препознаваат кои канали можат да истакнат кои видови на факти, да нагласат одредени видови на контексти и да користат различни тонови. Во исто време, научете ги да ги препознаваат и сопствените предрасуди, што може да влијае и на нивните перцепции за медиумите. Тоа оди на двата начина.
Предрасудите можат да бидат политички, но и лични. Во една епизода од „Свеж воздух“ на Националното јавно радио, новинарот, експертот за лажни вести и уредник на медиумите на „Базфид“, Крег Силверман, открива дека видот на вести што најдобро функционирале на Фејсбук за време на изборната трка меѓу Клинтон и Трамп биле лажните вести кои ги потврдуваат предрасудите што гледачите веќе ги имале. Со други зборови, ако некој објави лажна вест во која ја оцрнува Хилари, во неа најмногу ќе веруваат и ќе ја споделуваат гледачите кои веќе имаат негативни перцепции за неа.
Побарајте од учениците да оценат неколку извори кои се пример за овие типови на пристрасност, а потоа нека напишат извештај за тоа како да препознаат пристрасност во медиумите. Можните извори може да вклучуваат написи, објави на блогови, извадоци од книги, говори, подкасти, радио или ТВ програми, постери, реклами, академски трудови, видеа на YouTube или кратки филмови.
8. Сами да ги обликуваме медиумите
Слободните, отворени медиуми се од суштинско значење за едно демократско општество. Медиумското образование гарантира дека идните генерации ќе можат да размислуваат сами за себе, наместо да бидат обликувани од она што го гледаат и слушаат.
Ако медиумите се вистински репрезенти за луѓето на кои им служат, тогаш треба да ги истакнат контроверзите, конфликтите и прашањата што ги поставуваат граѓаните. На овој начин, луѓето можат и треба да помогнат во обликување на медиумите.
Како задача, учениците нека создадат сосема нов сет на закони за употребата на медиумите во општеството. Потоа поделете ги сите во групи и нека ги презентираат своите идеи пред остатокот од одделението.
9. Море од информации
Според некои пресметки, ако денеска почнете да читате на интернет и продолжите 24 часа на ден, седум дена во неделата, ќе ви требаат 57.000 години за да стигнете до крајот. Тоа се многу информации. За жал, или можеби за среќа, повеќето од нас немаат толку многу време да издвојат за такво нешто.
Со толку многу бази на податоци што треба да се пресметаат, се поставува прашањето како да продолжиме како ефикасни консументи на медиумите? – Каде почнуваме и престануваме да бараме и што правиме со информациите што ги добиваме? – Дали постои начин да се соберат, организираат и да се користат тие податоци или се прашуваме дали пропуштивме некоја подобра информација што не успеавме да ја најдеме?
Тоа е предизвик, но е важен. Научете ги учениците како ефективно да ги филтрираат, избираат, организираат, зачувуваат и користат информациите собрани од медиумски извори. Претворете го тоа во истражувачки проект во кој тие сами ќе откриваат решенија и ќе ги споделуваат своите наоди.
За ова би биле корисни голем број на шаблони, вклучувајќи презентации, извештаи, фото-колажи и графикони.
10. Станете одговорни креатори
Никогаш не било полесно да се создаде и рашири порака до толку широка публика. Научете ги учениците да бидат одговорни креатори на медиумите. Не сите од нив ќе одат во медиумите, но тие ќе дизајнираат и дистрибуираат информации, многу од нив секојдневно, до крајот на нивниот живот.
На кого влијаат кога објавуваат ажурирања на Фејсбук или фотографии на Инстаграм? – Дали тоа што го објавуваат е точен одраз на тоа кои се тие и каков е навистина нивниот живот? – Која е разликата меѓу квалитетниот визуелен материјал и визуелното ѓубре?
Научете ги учениците како да бидат остроумни креатори на медиуми и објаснете зошто е тоа важно. На светот не му треба уште едно селфи, освен ако тоа не значи нешто.
Оваа сторија е дел од публикацијата „Новинарството како јавно добро“, дел од проектот „Синдикатите за фер закрепнување“ финансиран од Европската Унија, а во партнерство со Европската федерација на новинари.Ставовите и коментарите во публикацијата се одговорност на ССНМ и не ги изразуваат ставовите и мислењата на Европската Унија и на Европската федерација на новинари.
