Извршната директорка на црногорскиот Центар за граѓанско образование (ЦГО), Далиборка Уљаревиќ укажа дека притисокот врз новинарите во напорите за професионално да известуваат, заедно со лошата економска состојба, ја зголемува и самоцензурата
Извршната директорка на црногорскиот Центар за граѓанско образование (ЦГО), Далиборка Уљаревиќ укажа дека притисокот врз новинарите во напорите за професионално да известуваат, заедно со лошата економска состојба, ја зголемува и самоцензурата. Таа оцени дека сè помалку се оние кои покажуваат континуиран и квалитетен пристап кон истражувачко новинарство, но и критичко набљудување на теми од јавно значење.
„Финансирањето на медиумите од јавни фондови, а тука мислам на сите плаќања кон медиумите, почнувајќи од огласување, поддршка преку конкурси, државна помош или други договорни односи, е уредено со новиот Закон за медиуми, но останува да се види како ќе оди имплементацијата“, истакна Уљаревиќ на конференцијата „Медиумите во Црна Гора – борбата за професијата“.
Според неа, РТЦГ сè уште не функционира како јавен сервис, наведувајќи дека новиот Закон за РТЦГ не го унапредил начинот за избор на членови во Советот на РТЦГ, па „така што сè уште постои отворен простор за политичко влијание врз членовите на Советот, а со самото тоа и врз раководниот и уредувачкиот тим на РТЦГ“.
Таа потсети на наодите на ЦГО за перцепциите на граѓаните кон медиумите, а посебно во делот дека дури половина од испитаниците сметаат оти медиумите во Црна Гора не се непристрасни.
„Медиумите се во сржта на натамошниот процес на демократизација и европеизација на општеството на патот кон Европската Унија. Дијалогот е клучната појдовна точка и дестинација на тој процес, а дијалогот можеме да го оживееме само доколку јавниот интерес биде над личниот, ако добро ги усогласиме приоритетите и постигнеме согласност за основните принципи“, рече Уљаревиќ.
Уљаревиќ изрази незадоволство што министерката за јавна управа, дигитално општество и медиуми, Тамара Срзентиќ не учествуваше на настанот, со оценка дека ниту тоа Министерството, ниту самата министерка „не се доволно отворени за медиумите, за јавноста и за дебати од отворен тип“.
Советничката за комуникации и медиуми во Делегацијата на Европската унија(ЕУ) во Црна Гора, Надежда Драмичанин, рече дека во последната година и половина се било борба, наведувајќи дека „медиумите водат своја посебна борба, не само за професионалната медиумска сцена, туку и за опстанок“.
Таа укажа дека слободата на говорот и недостатокот на напредок во оваа област се клучни теми во сите извештаи на ЕУ веќе неколку години.
„Но, ЕУ ги разбира проблемите и препреките на модерното новинарство од кое бараме професионализација во ера на неверојатно брзо менливи околности. Затоа и ја даваме нашата поддршка, политичка, финансиска, техничка. Планираме нови програми и ќе се обидеме да обезбедиме најдобри и најфлексибилни механизми за поддршка од новиот буџет на ЕУ кој ќе почне со реализација од наредната година“, рече Драмичанин.
Извршниот директор на „Б филм Црна Гора“, Бранко Балетиќ рече дека низ работата на тој проект „открил колку големи професионалци има во локалните медиуми, но и со каква страст, посветеност и прецизност ја извршуваат таа работа“.
„Секоја чест на тие луѓе. Видов како се трудат со звучната техника која припаѓа на 50-тите години и со сите други средства, како ја одржуваат програмата, ја држат локалната заедница, се борат за сите проблеми на локлно ниво, додека сме присуствувме на сатанизација на некои други медиуми“, посочи Балетиќ.
Тој оценува дека проблемот не е во локалните медиуми, туку т.н. главни медиуми.
„Формата на сопственост не ослободува од одговорност за точна, прецизна и вистинита информација. Не можете да говорите што сакате оти сте приватен медиум, затоа што не сте јавен сервис“, заклучи Балетиќ.
Во рамки на панелот „Медиуми на раскрсница – каква медиумска сцена ѝ треба на Црна Гора?“, претседателот на Комисијата за следење на постапките на надлежните органи во истрагите за напади врз новинари, Михаило Јововиќ оцени дека медиумите во Црна Гора се одамна на раскрсница, со констатација дека е тешко да се одреди во која насока ќе се движат.
„Од смената на власта се случија неколку позитивни и негативни промени. За првпат во една голема група на медиуми гледаме дека се почитува одредба од Кодексот на новинари на Црна Гора и известуват критички кон оние кои имаат моќ. Негативно е што се продлабочија поделбите на медиумската сцена“, рече Јововиќ.
Тој смета дека нетрпеливоста кон новинарите е зголемена, наведувајќи дека таа е предизвикана од поттикнување на поделбата во општеството.
Јововиќ истакна дека неказнивоста на нападите врз новинари и натаму загрижува и оти успехот на Комисијата за следење на постапките на надлежните органи во истрагите за напади врз новинари зависи од политичката волја на лицата на власта и во Обвинителството.
Тој е на став дека колективната саморегулација во Црна Гора ќе почне да функционира кога сите медиуми кои треба да учествуваат во тоа ќе имаат заедничка цел.
Заменичката на директорот на Агенцијата за електронски медиуми (АЕМ), Јадранка Војводиќ смета дека медиумите се соочени со борба за опстанок и со борба за внимание на гледачите и на слушателите.
„Тие се наоѓаат во дилема дали да останат верни на стандардите, дали да се борат за внимание на гледачите и на слушателите или да ја одат по линија на помал отпор и да се препуштат на сензационализам, на непроверени информации и на различни влијанија врз уредувачката политика, што е услов за добивање на финансиска поддршка“, рече Војводиќ.
Како важна новина таа го истакнува воведувањето на Фондот за системска поддршка на медиумите, наведувајќи дека тоа може да биде одговор на потребата на медиумите да добијат поддршка за производство на содржини кои не можат да се финансираат од комерцијални приходи, а со самото тоа и да ја зајакнат својата улога преку производство на содржина која ќе се занимава со животот, а не со забавни работи.
Војводиќ изрази надеж дека набрзо ќе се заокружи стратешката и институционална рамка, дека за неа ќе бидат обезбедени средства, како и дека ќе има доволно професионална одговорност за да се реализира она што е замислено.
Директорката на Институтот за медиуми, Оливера Николиќ проценува дека медиумите денес сè повеќе се пропагандна машина на одредени центри на моќ.
„Луѓето се повеќе се определуваат врз основа на емоции, на афект, на допадливост, а не врз основа на точноста. Медиумите сè помалку се платформа која ги сервисира потребите на граѓаните и на јавниот интерес и сè помалку се простор за дијалог меѓу различностите на поларизираната јавност. На некој начин и тие самите придонесуваат за поларизација на општеството и моделите на финансирање се засноваат на тие принципи“, рече Николиќ.
Таа оцени дека медиумите денес не се она што беа пред една деценија или повеќе, наведувајќи дека е нарушен моделот по кој медиумите работат по професионални стандарди и во склад со етичкиот кодекс.
Николиќ смета дека има криза затоа што е нарушена довербата во медиумите „бидејќи тие недоволно го сервисираат јавниот интерес и она што е потреба на граѓаните“.
Таа наведува дека е потребно да се најдат модели и начини за финансирање на медиуми кои работат во јавен интерес, а притоа да се финансира медиумската работа и содржина, а не профитите.
За програмската директорка на Центарот за демократска транзиција (ЦДТ) и аналитичарка на платформата raskrinkavanje.me, Милица Ковачевиќ, голем проблем за медиумската сцена е што граѓаните честопати не можат да направат разлика кои медиуми работат во интерес на јавноста, наведувајќи оти е потребно да се укаже дека сите медиуми не се исти, како што најчесто ги перцепираат граѓаните.
Таа посочи дека е „важно граѓаните да препознаат присуство на дезинформации и пристрасно известување, бидејќи тоа влијае на нивната перцепција за медиумите и нивната доверба во нив“.
Ковачевиќ вели дека граѓаните мора да размислуваат кој го создава јавното мислење во Црна Гора.
„Тоа е прашање за економската одржливост на медиумите, колку тие влијаат врз формирање на ставови на граѓаните, но многу поважно е демократското прашање. Со занемарување на тоа и одбивање да го воочиме проблемот, ги поткопуваме црногорските медиуми и директно ја поткопуваме демократијата“, посочи Ковачевиќ.
Ковачевиќ е на став дека е потребно да се создаде амбиент во кој ќе се види какви се медиумите кога ги имаат сите услови.
Директорот на Радио Тиват, Драган Попадиќ, на панелот „Локалните медиуми во Црна Гора – меѓу борбата за опстанок и професионалното новинарство“, рече дека постојат локални јавни емитери кои се незаменливи медиуми во информирањето на локалните заедници.
„Тоа го видовме за време на епидемијата на коронавирус кога ние, локалните радиодифузери, го положивме тој испит со висока оценка. Можеби сите ние во локалните, јавните емитери не сме доволно професионални, доволно добри и вредни, но не сме манипулатори. Преку нашите програми не манипулираме со граѓаните, задоволувајќи политички, економски или некои други интересни групи“, рече Попадиќ.
Тој смета дека доколку законот за услугите на АВМ се усвои во предложениот облик, локалните јавни емитери ќе немаат проблеми со финансирањето.
Уредничката на Радио Беране, Милена Бубања оценува дека медиумите постојат поради граѓаните, наведувајќи дека кога во нивни фокус е интересот на граѓаните знаат нешто објективно, навремено и вистинито, „тогаш ќе дојдеме до тоа дека дека добро ја работиме нашата работа“.
Таа смета дека издвојување на фиксна сума од буџетот на локалните самоуправи за финансирање на локалните јавни радиодифузери е добро решение.
Бубања оцени дека „појавата на нови медиуми, нови канали за комуникација и социјални мрежи доведе до децентрализација на моќта и влијанието на големите медиуми“, наведувајќи дека „тоа отвори и значителен простор за помалите и локални медиуми“.
Главниот уредник на порталот „Гласот на Забјела“, Владан Ѓуришиќ проценува дека е „значајна улогата на новите медиуми и социјалните мрежи кои не треба да се занемаруваат, туку треба да се контролираат“.
Тој предложи формирање на здружение на локални медиуми, кое, како што рече, би ја олеснило одржливоста на тие медиуми.
Ѓуришиќ смета дека е важно да се „засилува јавното мислење“ и дека ќе работи на тоа во наредниот период.
Проектната менаџерка на радио Крш, Милица Петричевиќ потсети дека тој медиум е основан од група на студенти од Факултетот за политички науки кои во тоа време, како што наведе, немале никакво познавање за финансиската одржливост и управување со медиуми.
„Целта на основање на радио станицата беше да овозможиме новинарска пракса на студентите од факултетот, таа да биде од слободен карактер и независно новинарство. На почетокот очекувавме поголема финансиска поддршка за таквата идеја, а добивме 20 отсто повеќе од очекуваниот буџет“, рече Петричевиќ.
Таа рече дека Радио Крш има принципи до кои се придржува и поради кои финансиски трпи.
Претставници на локалните медиуми укажаа на важноста од поддршка во рамки на проектот, како и обезбедување на постојано вработени лица со цел да се одржи континуитетот на работа.
Конференцијата беше една од завршните активности на проектот „Поддршка на локалните медиуми – приказни од прва рака!“ Поддршка за истражувачко новинарство и медиумска писменост на локално ниво во Црна Гора“ што го спроведуваат од „Б филм Црна Гора“, ЦГО, Фондацијата „Share“ и Институтот за деловна и финансиска писменост. Проектот е финансиран од ЕУ со посредство на Делегацијата на Европската Унија во Црна Гора, а кофинансиран е од Министерството за јавна управа, дигитално општество и медиуми на Владата на Црна Гора.
Извор: gracija.me
Фото: gracija.me
Оваа сторија е дел од публикацијата „Новинарството како јавно добро“, дел од проектот „Синдикатите за фер закрепнување“ финансиран од Европската Унија, а во партнерство со Европската федерација на новинари.Ставовите и коментарите во публикацијата се одговорност на ССНМ и не ги изразуваат ставовите и мислењата на Европската Унија и на Европската федерација на новинари