Како функционира цензурата

Датум

Кога доминира стравот, изчезнува среќата, и индивидуалната сила на волјата пресушува. Расудувањето станува изместено, а рационалноста ни се бега од раце. Групното однесување станува диво, абнормално и насилно

Цензурата на говорот ја укинува нашата слобода да бираме што да прифатиме од другите и што да изразиме пред другите, и неминовно води кон депресија. Кога доминира стравот, изчезнува среќата, и индивидуалната сила на волјата пресушува. Расудувањето станува изместено, а рационалноста ни се бега од раце. Групното однесување станува диво, абнормално и насилно.

Кога државата го контролира или блокира протокот на информации, таа не само што ја потврдува својата апсолутна моќ, туку истовремено предизвикува и доброволно потчинување и признание за својата доминација од стана на луѓето врз кои владее. Тоа, за возврат, ја поддржува аксиомата на понижените: прифати одговорност заради практична корист.

Најелегантен начин да се прилагодите на цензурата е да се подвргнете на автоцензура. Тоа е совршен метод да ги смирите моќниците и да го подготвите теренот за взаемна корисна размена. Послушничките чинови кои носат мали задоволства може да изгледаат небитно, но без нив, бруталниот систем на цензурата не би бил можен.

За луѓето кои прифаќаат пасивна позиција во однос на властите, „снаоѓањето“ станува највисока вредност. Тие се смеат, се поклонуваа и климаат со глава, и таквото однесување обично води кон живот кој е удобен и лишен од неволји. Таквиот став во суштина е дефанзивен. Јасно е дека во секоја расправа во која едната страна е замолчена, тврдењата на другата страна нема да бидат изложени на сомнеж.

Тоа е ситуацијата која денес ја имаме во Кина: самозамолченото мнозинство, додворувачи на моќниот режим, огорчени на луѓе како мене кои се осмелуваат да му се спротивстават на режимот, е всушност двојно повеќе огорчено бидејќи знае дека нивната пониженост е самоскриена.
Така самоодбраната станува и самоутеха.

Бидејќи на системот на цензура му е потребна соработка и премолчена согласност, не се слагам со вообичаеното гледиште дека цензурираните се едноставно жртви. Доброволната самоцензура ѝ носи корист на личноста која се потчинува и системот не би функционирал без овој аспект на доброволност.

Луѓето кои се спремни да се цензурираат се подложни на разни морални предизвици. Тие никогаш не биле жртви, ниту пак ќе бидат, и покрај повременото леење на крокодилски солзи. Секогаш кога ќе покажат сервилност, тие им ги загреваат срцата на авторитарците и нанесуваат штета на луѓето кои протестираат. Нивниот кукавичлук се шири и допринесува кон моралниот колапс на нашето општество. Ако тие луѓе веруваат дека колаборацијата е единствен начин да се избегне опасност и самите да станат жртви, тогаш тоа е лутање во мрак кое нема добро да заврши.

Системот автоматски ја наградува соработката на обичните луѓе; нема потреба тие да се натпреваруваат за оваа награда. Но менаџерите на уметничките и културните проекти мораат да сторат повеќе од тоа: тие мора проактивно да покажат дека „разбираат“ и дека ќе се прилагодат на авторитарците и ќе ја заштитат нивната слика во јавноста. Тие знаат дека проектот, а можеби е целата организација, е под закана од укинување или пропаѓање доколку било што предизвика незадоволство на врвот. Во таков систем, каде уметничките дела успеваат или пропаѓаат не во слободен натпревар, туку во склад со корумпирани критериуми, секој творец кој поседува каква било автентична виталност мора да се прави глупав и да се согласи на премолчени договори.

Добро е познато дека мене не ми е дозволено да зборувам на кој било јавен форум. Моето име е избришано од сите јавни медиуми. Не ми е дозволено да патувам низ Кина и забранет ми е пристапот до државните медиуми, на кој инаку редовно сум напаѓан. Коментаторите на државните медиуми се преправаат дека се непристрасни, но тоа е невозможно бидејќи се наоѓаат зад заштитната завеса на државата. Тие не се занимаваат со теми како што е слободата на говорот или квалитетот на животот на огромен број Кинези. Нивната специјалност се бескрупулозните напади врз гласовите кои се веќе избуткани на периферија.

Мојата виртуелна егзистенција, ако може така да се нарече, постои само помеѓу оние луѓе кои избрале да ми обрнат внимание, а тие се делат на две категории: оние кои го гледаат моето однесување како сила за јакнење на смислата на сопствениот живот, и оние кои ме гледаат како некој кој им го попречува нивниот пат кон корист и кои тоа не можат да ми го простат.

Дури кога Кина ќе понуди правични и праведни платформи за изразување на јавното мислење, ќе стане можно да најдеме заеднички јазик. Го поддржувам основањето на такви платформи. Тоа би требало да биде прво начело на овозможување на општествена правда. Но таму каде сè е лажно, секој кој ќе застане во одбрана на вистината изгледа наивен, па дури и детинест. Заклучив дека овој пат на „наивност“ е единствениот кој ми остана отворен. Имам обврска да бидам подеднакво тесноград како и оние Ујгури и Тибетанци за кои слушаме.

Уметникот е двигател, тој учествува во политиката. Особено во време на историски промени, естетските вредности се секогаш во предност. Општеството кое ги прогонува луѓето кои истрајуваат во индивидуалните вредности е нецивилизирано и лишено од иднина.

Кога некој ќе ги изнесе своите вредности во јавност, стандардите и етиката на тоа лице, но и на целото опшество, може да бидат изложени на сомнеж. Индивидуалната слобода на изразување стимулира појасна размена на мислења и аргументи. Тоа е принцип кој се наоѓа во суштината на мојата философија на уметност.

Цензурата во Кина го ограничува осознавањето и вредностите, а тоа е клуч за наметнување на идеолошко ропство. Правам сè што е во моја моќ да ги разоткријам суровостите, оние суптилните како и оние помалку суптилни. Како што стојат денес работите, рљационалниот отпор може да се темели на мали дела на поединци. Кога ќе згрешам, одговорноста ќе биде само моја, но правата кои ги барам им припаѓаат на сите.
И идеолошките робови може да се побунат. На крајот, тие тоа секогаш и го прават.

The New York Times, 06.05.2017

Останати
објави

Сподели на...