Колегите како „прва помош“ за новинарите во справување со последиците од траума

Датум

Психолошки последици кај новинарите од работа во стресни и кризни ситуации

Редакциите се први каде треба да се урне стереотипот на новинарската отпорност на стрес и соочување со психолошките проблеми кај новинарите по доживена траума

пишува: Тамара Грнчароска

Новинарството по дефиниција е стресна професија. Војни, природни непогоди, несреќи со човечки жртви, се на врвот на листата на стресни и трауматски настани од кои известуваат медиумските работници, но ништо помалку стресно не е ни известувањето за лични човечки трагедии како последица на сиромаштија, општествена маргинализираноста, оружени конфликти, но и вербалните закани и вознемирувања кои ги трпат новинарите поради својата работа.

За медиумските работници е нормално додека другите бегаат од место каде нешто лошо се случува, тие да бидат меѓу оние кои првите ќе истрчаат таму за да известуваат. Светските статистики покажуваат дека речиси нема новинар што барем еднаш не доживеал стрес, криза или траума извршувајќи ја својата работа, а дури 92% од новинарите такво искуство доживеале по дури четири пати.

Дури и новинарите кои не се директни сведоци на кризни и трауматски ситуации, поточно оние кои работат на деск, поради изложеност на фотографии и видеа со вознемирувачка содржина во текот на работата, не се поштедени од последиците врз нивната психолошка состојба.

Симптомите кои укажуваат на претрпен стрес, криза или траума кај една личност, а се детектирани и кај новинарите, се движат од полесните форми како, замор, несоница, безволност, недоволна концентрација за извршување на работата, чуство на истрошеност, анксиозност, па се до депресија или раздразливост, а не ретко е и чуството на физичка болка како одговор на телото на преживеаниот стрес.

Најтешка последица од претрпена траума е пост-трауматското стрес нарушување, при што сеќавањата и чуствата на траумата се враќаат кај личноста неконтролирано, при што се избегнуваат местата и сеќавањата кои потсетуваат на траумата, но и јавување на чуство на вина, депресија или недостиг на емоции за настанот кој ја предизвикал траумата, како и отуѓување од другите луѓе.

Новинарите се принудени „во тишина” да се справуваат со стресот

Психолозите и експертите, кои работат на полето на психолошките последици од стресните и трауматски искуства кај медиумските работници, сметаат дека во отсуство на институционализирана психолошка поддршка за новинарите, редакциите се тие кои треба да ја имаат улогата на прва помош. Според нив, тоа се местата каде прво треба да се урне стереотипот на новинарската бестрашност и храброст кој го минира процесот на прифаќање на психолошките проблеми со кои се соочуваат новинарите и ги принудуваат во „тишина“ да се справуваат со тоа, секој на свој начин.

Истражување на Универзитетот во Торонто, спроведено во три редакции и врз 116 новинари, покажало дека речиси секој петти новинар пиел повеќе од 14 единици алкохол неделно, што било поврзано со симптомите на пост-трауматското стресно нарушување, депресијата и честа изложеност на стресни содржини во работата. Посегнувањето по алкохол, но и по медикаменти, по доживеани стресни ситуации од страна на медиумските работници, експертите го нарекуваат феномен на „само-лекување” кое е се позачестено во услови кога малку се зборува и се прави за надминување на психолошките проблеми кои ги трпат новинарите поради работата.

Гевин Рис, директор и обучувач во Дарт Центар за новинарство и траума – Европа, чија специјалност е зголемување на свесноста и справување со траумите кај новинарите, смета дека отпорност на стрес не е да се биде цврст и да велите дека можете се да направите и да издржите и оти ништо не допира до вас. „Тоа не е реално”, вели Рис.

Според него отпорноста е како дрвото – да се движите според тоа каде дува ветрот и потоа да се вратите назад во нормалната положба.

„Во тоа помага одвојување време за заздравување – преку време посветено само за себе, за одмор, оддалечување од случувањата и работата, одење на место каде што се чуствувате сигурно, каде што телото може да се смири и да се опушти. Исто така мора да се прифати дека лоши работи се случуваат”, објаснува Рис.

Во справувањето со психолошките последици од стресот важен е и колективот. Од тоа како ќе се постави лидерот во редакцијата во создавање на чуство на социјализација меѓу луѓето и препознавање на знаците на стрес кај новинарите, но и да не го зголемува притисокот врз нив, па се до поддршката од колегите.

„Она што колегите можат да го направат е да покажат грижа, да ги прашаат што е проблемот, но да не се обидуваат да го решат проблемот на другиот. Притоа битен е и начинот како се одвива разговорот со колегите кои имаат психолошки проблем. Не смее да се создаде ситуација прашањата да го натераат колегата да се чуствува уште полошо. Слушањето, пак, на колегите мора да биде активно, но не осудувачки. Треба да се направи обид да се сослуша колегата и да се разбере. Исто така, довербата е важен момент, поточно споделените проблеми и емоции да останат меѓу колегите, а не да се прераскажуваат”, советува Рис.

Покажувањето на сочуство и алтруизам кон колегите, додава Рис, им помага на новинарите да си помогнат и сами на себе и да се чуствуваат подобро.

Прифаќањето на емоциите како клучно за заздравување

Потврда дека добрите релации и разбирањето од заедницата се некогаш клучни да се остане здрав, дава и д-р Ана Блажева, лиценциран психолог и психотерапевт во Здружение за психологија и психотерапија – „Психотерапика”. Според неа тоа е особено важно во услови кога нема системска психолошка поддршка за новинарите по преживеаниот стрес. Освен добри релации во заедницата, една од формите на таква помош е и признавањето и уважувањето на преживеаното и добро сработената работа од страна на колегите и фелата, нешто што, вели Блажева, која нас генерално малку се користи, а може многу да помогне во надминување и прифаќање на последиците од стресот и траумите.

Сепак според неа клучниот момент за надминување на последиците од стресот е прифаќање на предизвиканите емоции и зборување за тоа.

„Контактот со себе, со сопствените емоции, да ја препознаеме и именуваме емоцијата е првиот чекор. Потоа да провериме од каде доаѓа таа реакција – емоција и со што е поврзана. Дали со актуелна ситуација или пак претходна, и да направиме разлика, бидејќи емоциите поврзани со минати искуства можат да бидат посилни и да не се целосно соодветни на актуелната ситуација”, советува д-р Блажева.

Според неа и негативните емоции мораат да се прифатат такви какви што се, бидејќи тие се соодветен одговор на дадената ситуација, а и не постои начин да може да се промени емоцијата или да се отфрли.

„Кога ќе се прифати негативната емоција, како на пример лутината, тогаш наместо викање, лутење, напаѓање и слично, треба да се зборува за неа, за тоа – што не лути”, вели д-р Блажева.

За моментално надминување на стресни ситуации таа ги препорачува сите техники на дишење, но и фокусирање на вниманието, здрав начин на живот и контакти кои носат задоволство. Сепак, смета д-р Блажева, тешките форми на психолоши последици од преживеани трауми успешно можат да се решат само со стручна помош.

Пандемијата со Ковид-19 нов стрес за новинарите

На листата генератори на стрес кај новинарите оваа година додадена е и пандемијата со Ковид-19 и тоа не само за известување за неа, туку и поради стравот за личното здравје и промените кои ги донесе во секојдневниот живот на новинарите. Редакциите како работно место се заменети со дневните соби.

Уште во првите месеци од пандемијата забалежано е зголемувањето на депресијата и анксиозноста кај новинарите кои работат од дома, но и проблеми кај оние новинари кои директно известувале од терен за пандемијата. Истражување на Ројтерс Институтот покажало психолошки промени кај 70 проценти од анкетираните новинари кои известувале за пандемијата, а повеќе од четвртина пријавиле симптоми на загриженост, чуство на безизлезност, несоница, недостиг на концентрација при извршување на работата.

Слични искуства имаат и новинари во Македонија кои известуваа секојдневно за ковид кризата. Емилија Мисирлиевски е една од неколкуте новинари кои влегоа во инфективните одделенија. Таа како дописник на телевизија Телма влезе во битолската болница, за да ја пренесе од таму сликата за состојбата со ковид.

„Воопшто не бев оптоварена со страв, можеби затоа што немав време. Телефонски и се јавив на директорката на Болницата за да побарам дозвола за снимање и да договорам термин, но бев изненадена кога ми рече да бидеме таму со снимателот за еден час”, раскажува Емилија.

Таа и снимателот со помош на персоналот максимално заштитени влегле во инфективното одделение каде се лечат заразените со ковид и ја снимиле репортажата, при што разговарала со пациентите. Последиците од соочувањето со болеста ги почуствувала потоа.

„После тоа, веќе ништо не беше исто за мене”, вели Емилија.

„Стравот на болните што го видов во нивните очи, лелеците од болничките соби, солзите во очите на возрасни луѓе, силно ме погодија. Тоа, но и стравот во кој живеев две недели потоа, беше причина за мој психички пад. Секое искашлување, главоболка или друга болка за мене беа симптоми на Ковид. Решив да се изолирам од најблиските дома, да не бидеме во контакт тие две недели… Деноноќно бев оптоварена од помислата, а што ако згрешив нешто при соблекувањето на заштитната опрема, дали маската доволно ме заштити, дали правилно ги извадив ракавиците”, се сеќава Емилија на деновите исполнети со неизвесност по завршената работа.

Работата од дома станува нов проблем за новинарите?

Работата од дома, пак, ги соочи новинарите со еден поинаков стрес – отуѓување, осаменост, недоволна концентрација за работа, промена на дневниот биоритам и приоритетите, но и посериозни психолошки последици како депресијата. Ова се најчестите промени кои ги пријавиле новинарите принудени да работата од дома, при што им неостигала размената на идеи со колегите, темпото на редакцијата, контактите.

Американската психијатриска асоцијација – Центар за ментално здравје на работното место, во своите препораки за тоа како да се намали стресот од работата од дома препорачува да се определи прецизно време за работа и паузи. Препорачуваат и тим лидерите – уредниците, да одржруваат индивидуални состаноци со новинарите – лично или виртуелно, со цел да се намали чуството на изолираност.

Новинарката Бјанка Станковиќ од агенцијата МЕТА смета дека редакциите кои се префрлиле на работа од дома ги заштитиле своите вработени од поголема ризик и стрес дека можат да се заразат со вирусот. Но, истовремено работата од дома им предизвикало поинакви главоболки, иако им била овозможена сета техничка поддршка од тимот за да можат да работат ефикасно и ефективно.

„Кога си дома повторно се случуваат непредвидливи ситуации што најчесто и не зависат од тебе, како на пример, кога снемува струја, бучава од градежни активности околу местото на живеење или од самите соседи, проблеми со интернет конекцијата и слично, и сето тоа може да влијае, односно да биде одвлекување на внимание од работата”, вели Бјанка.

Таа потврдува дека работењето од дома и предизвикало и промени, пред се тоа што морала физички да се прилагоди на просторот, но и потребата психички да се подготви за сите технички и други предизвици за работа од дома.

„Едно е кога после работното време треба некоја обврска да ја довршиш во дневната соба, друго е кога осум и повеќе часа работиш од дома. Несомнено дека работата од дома дава чувство на сигурност и безбедност во поглед на заштита од вирусот, но далеку од тоа дека воопшто не постои стрес”, вели Бјанка.

Бјанка сама го нашла клучот на балансот меѓу професионалниот и приватниот живот во услови кога и двата се одвиваат во една иста просторија – поставила, како што вели,  граница меѓу работата, приватните обврски и слободното време предвидено за релаксација. И олеснило и тоа што во редакција имаат утврден распоред за смени и дежурства што и дало можност однапред да си го испланира време.

Таа признава дека она што најмногу и недостига во работењето од дома се средби со луѓето.

„Најмногу недостига социјализацијата, односно контактот во живо, кој во нашата професија е незаменлив и особено важен”, објаснува Бјанка.

Но работата од дома не на сите новинари им претставува товар. Таков е случајот со Мирослава Бурнс, новинарка во Слободен печат, која вели дека неа работата од дома не и влиајело негативно.

„Работата од дома во време на пандемија воопшто не ја намали мојата продуктивност и ангажманот е со несмалено темпо”, вели Мирослава.

Според неа и пред пандемијата новинарската работа никогаш не била ограничена со физичката локација на новинарите и оти најважно е да се следи и добие информацијата независно од тоа дали преку лични средби или преку други канали. Убавината на новинарската работа, заклучува Мирослава, е што не е ограничена со канцеларија.

 

Текстот е дел од публикацијата на ССНМ која е помогната од Европската Унија, како дел од проектот „Писменост за вести и дигитална писменост: Справување со лажните вести“ имплементиран од Македонски институт за медиуми, Институт за комуникациски студии, Самостоен синдикат на новинари и медиумски работници и Медиа дајверсити институт.

Останати
објави

Сподели на...