Пишува:Сашко Димовски
Медиумите се длабоко навлезени во дигиталната ера. Долгогодишната криза што ја преживуваат, како нејзина последица од која се најпогодените весниците, предизвика десеткување на кадарот поради пад на приходите од продажба и огласување. А, кризата во медиумите е, пред сè, криза на новинарството и неговиот интегритет. Европските медиумски политики го третираа проблемот на два начина – со директна и со индиректна поддршка на медиумите. Со првиот се успеа да се намали бројот на загубени медиуми, отпуштања на новинари, пропуштени теми и перспективи. Вториот начин, пак, во вид на даночни олеснувања и државни огласувања се покажа неефикасен, без да го даде очекуваното ниво на резултат.
Паралелно со тоа, почна и развојот на непрофитни медиуми на различни заедници кои негуваат истражувачко новинарство и професионална етика и враќаат многу важни теми во јавната сфера. Многу невработени новинари, по губење на ангажманот во комерцијалните медиуми, се приклучуваат кон постоечки или почнуваат нови медиумски иницијативи на непрофитна основа. Но, според извештаите на Медиумската опсерваторија за Југоисточна Европа, нивното влијание и опстанок е лимитирано со скромни средства кои најчесто се меѓународни донатори кои можат да се повлечат во секој момент.
Примената на нови технологии, сепак, нуди и нови начини на финансирање што медиумите ги имаат на располагање, покрај традиционалните. Онлајн претплатата и донациите (мали или големи) од физички лица за пристап до содржини, преку посреднички платформи, е нашироко распространета и прифатена кај голем дел од светските медиуми за генерирање на дополнителни месечни приходи.
Финансиите во медиумите отсекогаш биле спорна тема
Македонија заостанува во примената на алтернативните начини за финансирање на медиумите зад развиените медиумски општества, особено во делот на донации од граѓани. Барем во пракса. Потрагата по причините води кон повеќе правци од кои, на прва, предничат два – нискиот животен стандард и свеста на поединецот за конкретен чекор на сметка на декларативната поддршка за независно и истражувачко новинарство. Тоа остава „бришан“ простор за делување на политичките и бизнис елити за реализација на нивни интереси во сферата на влијание. А, новинарството кое не делува за јавниот интерес, одамна ја има загубено довербата на јавноста.
„Финансирањето на медиумите отсекогаш било спорна тема, а рекламите честопати се обид за влијание врз уредувачката политика на медиумите. Поради тоа, ИРЛ се финансира исклучиво од грантови и донатори кои се внимателно одбрани да бидат неселективни, независни и непристрасни, односно донатори кои нѝ даваат целосна слобода при изборот на теми и лица кои ќе бидат истражувани“, вели Деница Чадиковска од Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ).
Серијата „Нечиста крв“ на ИРЛ како двигател на мали донации од граѓани
Моделот на одржливост, според неа, е ИРЛ во наредните пет години да биде целосно финансирана преку мали донации од граѓани. Особено ја истакнува серијата „Нечиста крв“ по која, како што посочува, редакцијата била контактирана од голем број на граѓани кои изразиле желба да ја поддржат новинарската истражувачка мисија на ИРЛ, што претставувало мотив за колегите да продолжат со напорите за разобличување на девијантни појави во општеството, но и доказ дека се наоѓаат на вистинскиот пат.
„Нашата содржина потекнува од граѓаните и за граѓаните, па оттаму произлезе и потребата да бидеме финансирани од оние за кои постоиме. По епизодата „Нечиста крв“, голем број на читатели нè контактираа и изразија желба да ја поддржат нашата работа. Првата донација ја добивме од учител од Штип кој ни кажа дека живее скромно, но ја цени нашата работа и сакал да ја поддржи. Оваа донација ни беше мотив дека граѓаните веруваат и поддржуваат вистински вредности во медиумите и квалитетни информации“, нагласува Чадиковска.
Според неа, малите донации од граѓани имаат огромен потенцијал да одиграат важна општествена улога и да ги вратат медиумите на оние за кои постојат, да си ги вратат во свои раце.
Чадиковска вели дека ИРЛ нема да отстапи од сопствената стратегија за правење на квалитетни истражувања кои покриваат не само високопрофилна и меѓународна, туку и локална корупција.
„Нашата работа и истражувања се наш најсилен адут и ќе оставиме тие самите да зборуваат за нас. Вториот чекор во нашата стратегија е да им покажеме на граѓаните дека медиумите постојат за нив и благодарение на нив, а со помош на нивните донации, тие се способни да ги диктираат темите кои медиумите ќе ги работат. Во моментов голем дел од медиумите преку платеното рекламирање припаѓаат на партиите и бизнис поединците. ИРЛ е медиум на граѓаните, па затоа наша цел е да биде финансиран токму од нив“, порачува Чадиковска.
Животниот стандард, како што вели, не е пресуден во врска со граѓанските донации како финансиска поддршка за медиумите. Таквиот став го поткрепи со случајот со штипскиот учител.
„Нашата прва донација дојде од учител од Штип, кој нѝ сподели дека живее скромно и со кредити, ни покажа дека животниот стандард не е пресуден кога станува збор за финансиската поддршка од граѓани. Тие се врзани со свеста на поединецот и негово разбирање за начинот на кој функционираат медиумите и како тие се финансирани, што знае да биде пресудно за содржината која тие ја пласираат во јавноста. Нашите очекувања се позитивни, бидејќи изминативе години забележуваме сè поизразен револт кај граѓаните кон медиумите, но истовремено и препознавање на оние медиуми кои се чесни, вредат и работат исклучиво во интерес на граѓаните. Сметаме дека граѓаните се подготвени и желни да ја поддржат работата на медиуми како нашиот и да ни овозможат да продолжиме да постоиме и работиме за нив“, оптимист е Чадиковска.
Бесплатна содржина за читателите
Кога станува збор за донациите на граѓани во медиумите и нивната пристапност до содржината, светските искуства се различни и зависат од креираните пакети. Во некои земји, вестите се нудат бесплатно, додека премиум содржините, како истражувања и анализи, се под претплата, во некои, пак, пристапот е ограничен до одреден број на текстови, а за останатите е потребна, покрај регистрација, месечен или годишен надоместок, некаде се користи комбиниран модел од двата. Но, во слулајот на ИРЛ нема дилема – содржината засекогаш ќе остане бесплатна за сите читатели.
„Содржината на ИРЛ засекогаш ќе остане бесплатна за сите читатели. За ова прашање немаме дилема. Не сакаме да ги условуваме граѓаните, туку сакаме да нè поддржат, затоа што веруваат во нас и затоа што сите ја делиме истата цел и визија за што може да стане нашето општество. Ќе имаат опција да одберат меѓу неколку различни видови на донации, но сите тие ќе бидат мали донации, бидејќи големи и неограничени донации отвораат можност за обиди за влијание врз нашата работа, а ние тоа нема да го дозволиме“, потенцира Чадиковска.
Читателите, секако, ќе останат важна алка во работата на ИРЛ и во иднина, како што е случај од првиот ден на медиумот, бидејќи најголем дел од темите што ги обработуваат заедно со нејзините колеги доаѓаат по пријави од граѓани кои на тој начин ја диктираат работата на Лабораторијата.
„Само во последните 18 месеци имаме добиено над 3.000 пријави од граѓани. Вклученоста на читателите во нашата работа, отсекогаш била дел од нашата уредувачка и комуникациска стратегија. Истражувањето „Нечиста крв“, на пример, е резултат на 22 пријави од различни граѓани од Северна Македонија и од Косово. Имаме разработен систем на пријавување со кој собираме и процесираме пријави, кои потоа стануваат истражувања. Граѓаните веќе активно ја користат алатката на нашата веб-страна „Пријави анонимно во ИРЛ“, но и пријавуваат на социјалните мрежи или доаѓаат директно во нашата редакција. Во изминатиот период се соочуваме со зголемен обем на пријави, многу повеќе од што нашиот мал тим од седум новинари може да обработи. Поради тоа остваривме соработка со неколку граѓански организации кои нѝ помагаат во процесирање на пријавите, како „Хелсиншки комитет за човекови права“, „Македонска асоцијација на млади правници“ и „Клуб на млади лекари“, потенцира Чадиковска.
Таа додава дека ИРЛ е во активна комуникација со публиката и преку социјалните мрежи, а во делот на соработка со нив е оставена и можноста да посочат прашање кое би било поставено на лицата кои
„На социјалните медиуми имаме активна комуникација со граѓаните и често им поставуваме прашања кои ќе ни помогнат во нашата работа или ќе им дадат можност на граѓаните да постават прашање на лицата кои ги интервјуираме“, вели Чадиковска.
Индиректна поддршка на медиумите
Во годините пред пандемијата, Владите продолжија да даваат пари на сопствениците на медиуми на вообичаените начини – пред сè преку даночни ослободувања, државно огласување и други начини на индиректна поддршка. Најголем дел од државите во Европската Унија и во регионот го наплатуваат Данокот на додадена вредност по намалена стапка.
„Стапката на оданочување на весниците во Србија е намалена на осум посто, во Црна Гора на седум, во Македонија на пет, а Хрватска во последните 15 години на медиумската криза во два наврата вршеше корекција на таа стапка. Најпрво од 22 посто на 10 во 2007 година, а во 2013 година на пет посто“, се вели во прегледот на Медиумската опсерваторија во Југоисточна Европа.
Директна поддршка на медиумите
Кон индиректната поддршка за медиумите во време на криза, Владата на Шведска додаде и директна поддршка, по дефиниција селективна, која во 2013 година, на пример, се искачи на 53 милиони евра. Шведскиот модел на директна поддршка за медиумите го дизајнира Карл Ерик Густафсон, професор во медиумска економија на Економскиот факултет во Јончепинг.
По сличен модел како шведскиот, Владата на Норвешка, истовремено, додели 44 милиони евра како поддршка за медиумите. Владата на Австрија, пак, во 2012 година издвои речиси 11 милиони евра, додека француската Влада насочи 615 милиони евра за одредени весници и портали.
Оттука се постави прашањето, дали тоа не доведе до нарушување на пазарниот натпревар и медиумскиот плурализам, а весниците во тие земји не ги направи портпароли на Владите?
Се случи спротивното. Бројот на наслови во тие земји во изминатата деценија и половина бележеше најмал пад. Додека медиумските општества без директна поддршка за весниците, како Унгарија, Бугарија и Хрватска се честа мета на критики поради застрашувачката спрега меѓу владите и медиумите, највисоките места на листата на медиумски слободи редовно ги заземаат земјите со традиција на активна медиумска политика на директна поддршка.
„Маршалов план“ за спас на новинарството
„Маршаловиот план“ за спас на новинарството на германскиот истражувач на медиуми, Стефан Веихерт поттикна широка расправа за алтернативните можности за финансирање. Тој во основа се залага за формирање на „јавен фонд за квалитетно новинарство што ќе се финансира од данок или надоместок“. Според неговите пресметки, со издвојување на дополнителни две евра на 40-те милиони германски домаќинства, би можело да се формира фонд во вредност од една милијарда евра годишно.
Таквиот негов предлог за издвојување на ист износ на надоместок по домаќинство доведе до критики, меѓу кои дека многумина ќе се најдат во нерамноправна положба. Успешен одговор на нив даде финскиот модел на трансформација на јавниот медиумски надоместок во медиумски данок кој се наплатува индивидуално во висина од 0,68 отсто од приходите од работа или од капитал. Покрај финансиското растоварување на лицата со ниски примања, во Финска се намалија и трошоците за наплата, па нема избегнување на плаќање.
Мали индивидуални донации да се одбиваат од данок
Француската економитска Жулија Каже полага големи надежи во модел на т.н. краудфундинг“ (crowdfunding), како основа за медиумска и демократска реформа, предлагајќи малите индивидуални донации за непрофитните медиумски организации да се одбиваат од данокот.
Димензиите на структурната криза на пазарните приходи се такви што од почетокот на 2016 година, британски „Гардијан“ почна да добива „мали“ донации од локалната читателска публика кои на годишно ниво се движеа од 62 до 760 евра, независно од претплатата.
Охрабрувачки е примерот и со германски „Тагесцајтунг“, еден вид на краудфундинг. Нема сопстевник во вообичаената смисла на зборот, објаснува уредникот Ридигер Росиг. „Весникот е кооператива, односно задруга чии членови стануваат граѓани кои ќе уплатат од најмалку 500 до најмногу 100.000 евра. Секој од нив, а денеска ги има 12.000, без оглед на висината на уплатата, поседува еден глас. Со уплатените пари се финансираат идни проекти, како интернетски изданија. Профит главно нема, а доколку има некаков, повторно се инвестира во слободни медиуми“.
На сличен начин функционира и италијански „Ил манифесто“, а како медиумска задруга е, исто така, и „Ле монд дипломатик“ во Хрватска.
Оваа сторија е дел од публикацијата „Новинарството како јавно добро“, дел од проектот „Синдикатите за фер закрепнување“ финансиран од Европската Унија, а во партнерство со Европската федерација на новинари.Ставовите и коментарите во публикацијата се одговорност на ССНМ и не ги изразуваат ставовите и мислењата на Европската Унија и на Европската федерација на новинари