Медиумите најдобар филтер за брзо ширење на лажни вести произлезени од предизборните кампањи

Датум

Пишува: Симона Србиноска

Лажните вести или дезинформациите имаат нераскинлива врска со секоја сфера од општеството во кое живееме, таа врска особено се зацврстува во борбата за моќ каде се се сведува на прашањето „Да се биде или не“, па така, се чини дека во предизборната трка, политиката станува најплодна почва на која секојдневно изникнуваат безброј дезинформации. Загрижувачки е тоа што овие дезинформации, лесно го пронаоѓаат најкраткиот пат за да стигнат до јавноста, а тоа се медиумите.

Предизборните кампањи шират лажни вести, велат новинарите, согласни се дека дезинформациите добиваат на интензитет, а за жал свое уточиште наоѓаат исклучиво во содржините на медиумите. Според Зоран Иванов, долгогодишен новинар, во изборните партиски штабови се „пакуваат“ обвинувања, клевети, кривични пријави кои се темелат главно врз претпоставки и инсинуации.

Фото: clp.mk

„Тие, таквите нецелосни и со ништо непоткрепени обвинувања, по правило, токму поради нивната „паушалност“, не завршуваат во институциите, во обвинителствата, туку во медиумите. И тоа е така веќе со години. Од избори во избори оваа ситуација прераснува во една „симпатична“ забава, а медиумите, телевизиите главно, но и порталите и социјалнте мрежи, се тоа поле, наместо за презентација на предизборни понуди, за политикантско контаминирање“, појаснува Иванов.

Од Советот за етика во медиумите во Македонија информираат дека бројот на претставки за прекршување на новинарските стандарди, во предизборниот период, се зголемува.

Фото: youtube.com/printscreen

„Искуствата од работата на СЕММ покажуваат дека секогаш кога имаме изборни кампањи се зголемуваат прекршувањата на новинарските стандарди во медиумите, а со самото тоа и бројот на претставки до нашата Канцеларија“, вели Катерина Синадиновска, еден од основачите на СЕММ.

Бојан Кордалов, комуниколог – специјалист за односи со јавност и нови медиуми, смета дека потребата за поголема независност и саморегулација на медиумите е само еден од проблемите.

Штетите произлезени од лажните вести големи, освен медиумите засегнати и сите поединци

Придонес за пламнување на лажните вести, свесно или не, имаат самите политичари. Според експертите дури и личниот став на одредена политичка индивидуа може да креира лажна вест.

Фото: youtube.com/printscreen

„Ќе дадам само два едноставни примери. Лажна вест се креира и тогаш кога политичар зборува за тоа каков третман на лечење е потребен за коронавирусот. Но, истовремено, лажна вест се креира и кога медицинско лице, дава мислење за тоа колку успешно надлежните органи за безбедност ги спроведуваат мерките за заштита“, вели Кордалов.

Меѓутоа, штетите во голема мера зависат од видот на дезинформациите, нивната организираност и од моментот на пласирање.

„Последиците може да варираат од на пример, дополнително истрауматизирани или вознемирени граѓани за време на несреќи, преку носење на погрешни одлуки за сопственото здравје во време на пандемија, па се’ до одлуки за кого ќе се гласа на некои избори изведени преку лажни информации за политичките субјекти. Сето ова ја подрива самата демократија во суштина“, поентираат од СЕММ.

Воедно, од СЕММ велат дека ваквото објавување на лажни вести, во голема мера ја нарушува довербата на граѓаните во медиумот.

„И тука не е толку проблем што ја нарушуваат довербата во конкретниот медиум, тоа си е проблем на самиот медиум, колку што се нарушува довербата во медиумите и во новинарството генерално. Тоа е проблем на целото општество“, смета Синадиновска.

Кога зборувааме за довербата во медиумите, загрижувачки податоци се произлезени од анкетата спроведена во 2018 година, од страна на Фондацијата Конрад- Аденауер и Ипсос Македонија за слободата на медиумите и довербата во меѓународните институции и држави, чии резултати покажуваат дека довербата кон медиумите е ниска, само 15 проценти од населението во државава, верува во вистински независен печат, дополнителни 27 отсто не се сигурни во својата проценка. Покрај ова, само 14 проценти од испитаниците имаат голема доверба во работата на новинарите, наспроти нив, фрапантни 38 проценти не им веруваат на новинарите.

Дезинформациите лесно и брзо испливуваат, но најчесто експресно се демантирани

Дезинформациите лесно и брзо испливуваат, најчесто експресно се демантирани, па ако страната која ги „пуштила“ по демантот не продолжува да ја „држи“ темата – јасно е дека не била вистинска, вели Искра Коровешоска, главен и одговорен уредник во Националната телевизија „Алфа“.

Фото: alfa.mk

Додава дека медиумите имаат голема улога во превенцијата на лажните вести.

„Огромна е улогата на медиумите. Но, во напливот на информации и присуството на публика и учесници на социјалните мрежи и интернет портали, тешко можат традиционалните медиуми како телевизиите да превенираат лажни вести“, појаснува Коровешовска.

Имено, секоја информација без оглед на обемот во своите први редови, неизбежно треба да го содржи елементарното правило на веста наречено 5+1, кој, што, кога, каде, како и зошто. Според Иванов, пласирањето на информациите во кои е запазено ова правило укажува на тоа дека авторот на веста е новинар кој знае да пишува „новинарски“.

Видлива потребата од воведување на медиумската писменост во училиштата

Потребата од воведување на медиумската писменост како главно оружје во борбата со лажните вести во најраната школска едукација е очигледна. Иницијативата за воведување на медиумската писменост како задолжителен предмет во училиште, според Синадиновска е многу важен чекор.

„Ова е процес, една инвестиција чии резултати ќе дојдат бавно, но е еден многу здрав чекор и на долг рок и суштински во битката со лажните вести. Знаењето на самите читатели и умешноста на публиката да препознае дезинформации се клучни и за нивно девалвирање и за дефакторизација на самите медиуми – извори на пропаганда“, вели таа.

Кордалов се согласува дека поттикнување на критичкото – креативно размислување и расудување кај децата уште од најмала возраст во образовните институции е од непроценливо значење и додава дека медиумската пименост освен како наставен предмет е потребна и како начин на живот и основа за градење на долготраен имунитет кај секоја личност неопходен за борба со лажните вести.

Стекнување „имунитет“ од вирусот наречен лажни вести

Фото: ipu.org

Самиот термин „лажна вест“ е своевиден оксиморон – веста по дефиниција не треба да е лажна, оти според новинарските стандарди таа мора да биде проверена и нејзината веродостојност докажана. Во спротивно е шпекулација и тоа се наведува дека е така.

Кордалов смета дека најефикасниот механизам е стекнувањето на „имунитет“ кај секој човек од вирусот наречен лажни вести. Тоа според него бара многу напор, време и реорганизација на општествата, односно фокус на властите и партиите кон граѓаните, а не како што вели, фокус да го ставаат кон себе, односно личните и партиските интереси.

Од друга страна според Коровешовска решението е во начинот на справување, односно во објективното и професионалното новинарство кое подразбира инсистирање на барање одговори од сите страни во приказната, исцрпување на сите извори на информации, без тенденција некој да се испушти.

Од СЕММ заклучуваат дека принципите на професионалното новинарство се многу јасни и дека поради тоа медиумите се тие коишто мора да бидат главниот механизам во борбата против дезинформациите.

Останати
објави

Сподели на...