Медиумите не смеат да изгубат допир со публиката

Датум

Ејдан Вајт

Речиси 150 години весниците ги контролираат вестите и рекламните пазари, но дигиталната технологија смени сè. Рекламите се префрлија на интернет и сè уште не е најдено ефикасно решение за проблемот на сè поголемите дупки во уредувачките буџети.

Соочени со оваа криза, медиумите драстично го ограничуваат нивното покривање. Собирањето вести стана канцелариска работа. Сè помалку пари се трошат на истражувачко новинарство и инвестициите во човечки ресурси – пристојни работни места и обуки – се во пад, анализира Ејдан Вајт за Мрежата за етичко новинарство.

Како резултат, медиумите сè почесто ја следат агендата на политичките и корпоративните елити, додека недостасува новинарство кое има за цел да ги повикува моќните на одговорност. Тоа може делумно да објасни зошто некои традиционални медиуми се оддалечуваат од својата публика.

Како медиумите одново ќе ја изградат довербата во квалитетното новинарство ќе биде главното прашања во годините кои доаѓаат, и не само за академиците и студентите по масовни комуникации. Информатичката криза ги засега и изгледите за демократија. Порастот на пропагандата, говорот на омраза и егоцентричната политика со доза на екстремизам се закана по стабилноста и мирот.

Луѓето не се откажале од комуникацијата која се темели на факти, но се скептични за тоа како медиумите –интернет и останатите – ги испорачуваат своите пораки. Во време на криза и несигурност, тие се вртат кон гласовите кои ги потврдуваат нивните грижи и стравови, дури и ако се агресивни и раздорни. Медиумите имаат лекции за учење од искуството од 2016, не само за тоа како мораат да бидат чесни, правични и агресивни во своето известување, туку и како да не изгубат допир со публиката.

Предизвикот во наредните години ќе биде да се оживее јавната цел на новинарството и да им се помогне на медиумите повторно поефикасно да се поврзат со граѓаните. Оваа егзистенцијална криза бара, пред сè, новинарите да се посветат на нивниот занает со известување кое допира до публиката и кое слуша што се зборува и известува за тоа во контекст.

Мора да се најдат решенија за кризата на финансирањето на новинарството од јавен интерес. Тоа бара политичка волја да се инвестира во отворени, поврзани и плуралистички системи на комуникации. Мора повеќе да се вложува во квалитетни информации и активности против омразата, расизмот и нетолеранцијата; повеќе ресурси за истражувачко новинарство; повисок степен на почитување на етичките вредности во управувањето и водењето на медиумите; и, не помалку важно, повеќе обуки за целата јавност за вредноста на комуникациите чија цел не се личните интереси.

Извор

Останати
објави

Сподели на...