Медиумски работници во егзил е сè почест тренд во земјите од Латинска Америка

Датум

Редакции соочени со арбитражни згаснувања, телохранители обвинети за саботирање на работата на новинарите што треба да ги штитат, правосудни системи што целат на известувачи кои откриваат погрешни постапки на владите. Кризата на слободата на печатот се шири низ Латинска Америка и во некои околности таа е толку сериозна што ги принудува новинарите да заминат од своите матични земји.

Од Мексико до Бразил, од Ел Салвадор до Венецуела, нападите врз новинарите и нападите врз слободата на печатот се широко распространети. Најновиот светски Индекс за слобода на печатот на „Репортери без граници“ предупредува дека Латинска Америка е сè „потоксична средина“ за печатот, особено за истражувачките новинари кои се фокусирани на повикување на властите на одговорност.

„Сè повеќе видливи и вирулентни, тие јавни напади ја ослабнуваат професијата и поттикнуваат насилни правни дејствија, кампањи за оцрнување и заплашување, особено против жените, и онлајн вознемирување на критички настроени новинари“, се наведува во извештајот.

Според податоци од мрежата Voces del Sur (VdS), латиноамерикански проект за мониторинг на слободата на печатот, десетици новинари од регионот, од 2017 година, биле убиени или киднапирани, 150 се соочиле со произволни притворувања, а 11 биле подложени на тортура, меѓу други злоупотреби. Како резултат на тоа, VdS известува дека 170 новинари од регионот биле принудени на егзил во 2020 година и во 2021 година за да избегаат од произволно затворање, па дури и обиди за атентат.

Иако некои новинари се учат да се приспособат на егзилот, па дури и да најдат начини да го подобрат нивното надзорно известување од странство, тој феномен ширум регионот не само што создава огромни психолошки и финансиски оптоварувања за печатот, туку во голема мера ги ослабнува демократијата и управувањето.

За да го разбере тој загрижувачки егзодус, GIJN (Global Investigative Journalism Network) разговараше со прогонети членови на печатот од Никарагва, Ел Салвадор, Куба и Колумбија кои раскажаа како биле турнати во егзил и дадоа совети за други новинари кои се соочуваат со слични закани.

Никарагва: Угнетување од врвот

Гласови за опозициските партии, пронајдени во депонија за ѓубре, за време на регионалните избори во Никарагва во 2008 година предизвикаа стравувања дека владата на претседателот Даниел Ортега е тргната кон автократски пресврт. Ортега во 2009 година го промени Уставот за да внесе претседателски избори на неодредено време, но ситуацијата стана уште повознемирувачка за време на протестите во 2018 година.

„На земјата ѝ беше доста [од претседателот Ортега] и луѓето излегоа на улиците. Јас документирав како одговорот на владата беше да се убијат 350 луѓе“, вели Вилфредо Миранда Абурто, чии истраги се посочени во извештаите на Интерамериканската комисија за човекови права.

Миранда, кој претходно пишуваше за истражувачкиот магазин „Конфиденсијал“ и за шпанскиот весник „Ел Паис“, и чија работа беше призната и потврдена со престижните новинарски награди „Ортега“ и „Гасет и Реј де Еспања“, двапати бегаше од Никарагва поради загриженост за неговата физичка безбедност.

Првиот пат беше по објавата на експозе за полициски снајперисти кои пукаа во демонстранти.

„Кон крајот на 2018 година, владата започна кампања против мене, објавувајќи фотографии на социјалните мрежи на кои пишуваше дека сум медиумски терорист и барајќи да бидам пријавен во полиција за мое апсење. Морав да ја напуштам земјата“, објаснува тој.

Тој се врати во 2020 година, кога пандемијата на ковид-19 го намали притисокот за прогонување на новинари. Заедно со уште двајца новинари, тој ја креираше страницата за истражувачко новинарство Дивергентес (Divergentes). Но, низата на тешки закони што ги усвои владата на Ортега кон крајот на 2020 година ја уништија политичката опозиција и, како што вели тој, се заканија на секој новинар кој бара одговорност од државата за нејзините постапки. Во јули 2021 година, неколку месеци пред општите избори, Ортега започна нова акција, затворајќи политички противници и активисти, а целејќи на новинари.

„Стотици новинари беа повикани во јавното обвинителство. Ме повикаа за наводно перење пари“, вели Миранда, кој ги опишува тие обвиненија како лажни и како дел од стратегијата за негово замолчување. Обвинителите го испрашуваа четири часа за неговите написи, заканувајќи му се со затвор за прекршување на новиот закон за сајбер криминал, но, како што вели, не поставувале прашања за наводното перење пари.

„Обвинителот ми рече дека ќе добијам најмалку осум години затвор. Мојот адвокат се јави попладнето и ми рече: „Слушај, треба да ја напуштиш Никарагва, бидејќи она што тие го кажаа за сајбер криминалот е чудно“, и јас заминав“, вели Миранда, кој тајно отпатувал за Костарика со брод, каде што е политички бегалец. И неговите родители ја напуштиле Никарагва, откако биле вознемирувани.

Миранда го води тимот на Дивергентес од странство, но свесен е за ризиците со кои новинарите на сајтот сè уште се соочуваат во Никарагва. Вели дека заштитата на неговите новинари е постојан чин на балансирање: написите често се објавуваат анонимно, некои се откажани, а трошоците за помош на новинарите кои треба да ја напуштат земјата ги оптоваруваат финансиите на Дивергентес.

„Тоа е наш најголем проблем во моментот. Редакцијата ја напушта Никарагва. Сите пречки што режимот ги поставува на патот, имаат за цел да нè принудат да фрлиме пешкир, но барем во Дивергентес сме убедени дека целта на новинарството е да нема откажување во контекст како што е овој“, вели тој.

Ел Салвадор: Таргетирање на новинарството во услови на поширок напад

По два месеца барања, еден од прогонетите новинари на салвадорскиот весник „Ел Фаро“, се согласи на интервју со GIJN. Меѓутоа, имајќи ја предвид опасноста да се зборува против владата на претседателот Наиб Букеле, тој побара да зборува под услов на анонимност. Рече дека се чувствувале принудени да ја напуштат земјата, кога судската власт тргнала против истражувачките новинари, во услови на сè поголем стравувања дека кривичното гонење е реален ризик за оние кои повикуваат на наводно недолично однесување на владата на Букеле.

„Имаме случаи во канцеларијата на Обвинителството и заминавме бидејќи можевме да бидеме затворени. Ја имаме Никарагва како пример, но овој човек [Букеле] се движи многу побрзо“, вели новинарот за ГИЈН.

Во јануари 2022 година, „Ел Фаро“ откри дека експерти за дигитална безбедност откриле оти телефоните на 22-ца членови на неговиот персонал биле заразени со шпионскиот софтвер Пегасус. Потоа во март, Конгресот кој е ориентиран кон владата, издаде „исклучителна состојба“ ширум земјата, суспендирајќи бројни основни права во име на борбата против моќните банди во земјата. Додека претседателот во август се пофали дека државата минала 83 дена без убиства, повеќе од 50.000 луѓе се приведени и има 3.000 извештаи за кршење на човековите права. Според неодамнешниот „закон за затворање уста“, секој новинар се соочува со казна затвор и до 15 години, ако споделува информации за криминални групи, со што практично се затвораат вратите на одговорното известување за бандите во Ел Салвадор.

Кон судското вознемирување придонесуваат и заканите преку социјалните мрежи. Иако новинарите ширум светот се соочуваат со напади, критики, па дури и навреди за нивната работа, во Ел Салвадор постојат тврдења дека троловите поддржани од владата ги користат социјалните мрежи за заплашување на новинарите, наведува Интерамериканската асоцијација за печат. Тие тролови се закануваат со физички напади врз новинари, но и со срамни, приватни информации кои подоцна се објавуваат на социјалните мрежи.

Ситуацијата влијаеше на односите со изворите и особено го отежнува истражувачкото известување, но и престојот во странство донесе неочекувана корист. Изворите беа исплашени и се повлекоа [на почетокот]. Беше предизвикувачки, бидејќи морав да го сменам начинот на комуникација и да изградам нови извори. Тоа беше долг процес, но тие имаат поголема доверба сега кога сум во странство, бидејќи повеќе не веруваат дека може да ме следат“, изјави репортерот на „Ел Фаро“.

Куба: Известување за воспоставена диктатура

Новинарот Карлос Мануел Алварез ја напушти Куба во 2015 година и оттогаш живее во Мексико и во САД. Често ја посетува Куба, но обично не може да се јавува од островот поради постојаниот државен надзор и вели дека со текот на годините имал повеќе сослушувања, надзори и притвори.

„Би можеле да кажат дека сте поврзани со терористи од Мајами или дека работите за ЦИА. Сослушувањата имаат за цел да го дестабилизираат лицето што се испитува“, вели тој.

Алварез пишуваше за Куба за медиуми, вклучувајќи ги „Њујорк тајмс“, „Вашингтон пост“ и шпанскиот „Ел Паис“ и коосновач е на магазинот „Ел Есторнудо“. Публикацијата се објавува на интернет и себеси се опишува како „кубанско новинарско списание што се движи меѓу новинарски хроники, фотографии и есеи“. Страницата е блокирана во Куба, нејзините сервери не се наоѓаат таму, така што содржината не може да се цензурира.

„Од својот почетоок, „Ел Есторнудо“ ја мина границата на она што го дозволува владата. Сите мои колеги кои работат во списанието, во поголема или помала мера, претрпеа вознемирување, клевета и „атентати“ на карактер, но не и цензура, бидејќи режимот нема директен пристап до она што се објавува“, вели Алварез.

„Ел Есторнудо“ се соочува со предизвикот за известување за Куба, со новинари кои брзо паѓаат под надзор на владата. Алварез вели дека, иако во почеток работат со новинари кои не се таргети, а „Ел Есторнудо“ се обидува што е можно помалку да ги разоткрие, ротацијата на персоналот е висока и многумина на крајот ја напуштаат Куба. Сепаак, кога се во странство, тие можат да продолжат со својата работа, на пример, со контактирање на извори преку онлајн алатки.

Освен неколку странски медиуми и новинарски сајтови кои владата ги надгледува или ограничува, во Куба нема приватни или независни медиуми. Сите проекти кои не ја следат линијата на владата, се соочуваат со угнетување. „Цензурата е вообичаена и апсолутна“, вели Алварез.

Колумбија: Трошоци и ризици од егзилот

Не стигнува секој новинар да дојде во ризик до егзил. Емоционалните и финансиските трошоци не се секогаш одржливи, па дури и за оние кои успеваат да заминат, секогаш се поставува прашањето колку долго може да трае тоа.

Хулијан Фернандо Мартинез, колумбиски истражувачки новинар кој со години ја документирал корупцијата, полицијата и врските меѓу службеници и наркобандите, беше принуден да побегне од земјата во оваа година откако дозна за планот да го убијат и преживеа очигледен обид за атентат.

Пред да замине, му беше доделен тим за заштита, кој колумбиските власти понекогаш го даваат на новинари за кои се смета дека се изложени на ризик врз основа на нивниот профил или истражувачка работа. Но, Мартинез дозна дека неговите телохранители што му ги додели владата се од тајните полициски сили кои со години ги истражувал. Неговото истражување придонесе силите ДАС да бидат расформирани во 2011 година.

Тој ја напушти земјата на 9 јуни 2022 година, откако ги обвини неговите телохранители дека го шпионираат, ја попречуваат неговата работа, наведувајќи дека ѝ откриле на владата кои се неговите извори и каде ги сретнал.

Сепак, откако ниту една организација не се јави да го поддржи, тој сфати дека неговите ресурси наскоро ќе исчезнат и дв месеца подоцна беше принуден да се врати дома.

„Заминувањето од земјата е многу скапо и вклучува огромни несигурности“, објаснува Мартинез, еден од сопствениците на „Ла Нуева Пренса“ (La Nueva Prensa), сајт за истражувачко новинарство која, речиси, во целост се финансира од донации и од новинарите кои работат на проектот.

„Еден од најтешките предизвици околу напуштање на Колумбија се компликациите што се јавуваат кога имате просечни финансиски средства“, додава тој.

Засега, во колумбијската престолнина Богота, Мартинез сè уште бара поддршка од меѓународните организации за да продолжи со својата работа и да ја обезбеди својата безбедност.

Совети за новинари кои треба да одат во егзил

Ситуацијата на секој прогонет новинар е различна и, иако не постои точна формула што да направите ако сметате дека заминувањето од вашата земја е единствениот пат за да останете безбедни, интервјуираните истражувачки новинари ги имаат следните совети за колегите кои би можеле да се почувствуваат принудени да избегаат во странство:

– Сознајте како може да продолжите да известувате. Авторитарните режими сакаат да ги спречат новинарите да објавуваат. Новинарите мора да најдат начин за повторно да се осмислат во егзил, а да не бидат замолчени.

– Побарајте поддршка за ментално здравје: Речиси сите интервјуирани новинари инсистираа на важноста да се најде професионалец за ментално здравје кој би можел да им помогне да го надминат вознемирувањето што доведе до егзил, како и самото искуство на егзил.

– Обратете се до мрежите за поддршка на новинарството: Меѓународните новинарски организации ги поддржуваат новинарите кои мораат да одат во егзил. ГИЈН посочи некои кои обезбедуваат итна помош.

– Најдете погодно место за печатот: За известувачите во регионот на Латинска Америка, земјите како Костарика се поотворени за новинарите во егзил од другите.

– Ако забележите закана, не чекајте и напуштете ја земјата: Подобро е да пријавите од странство, отколку да бидете во затвор. Не грижете се за вашата репутација меѓу колегите или дека тие би можеле помалку да мислат на вас што не сте останале.

– Не е неопходно да останете на терен за да се пријавите: Оние кои сè уште се во земјата може да ви помогнат. Обидете се што помалку да ги разоткриете вашите сојузници и користете виртуелни алатки за водење на интервјуа. Користете мрежи за соработка за да известувате за местото каде што не можете да останете.

– Бидете внимателни за вашата безбедност и кој ја обезбедува: Иако официјално може да биде обврска на државата да ја гарантира безбедноста на новинарите и да ги заштити, во пракса телохранителите и безбедносниот персонал може да бидат користени за шпионирање на новинарите и за попречување на известувањето.

Извор: Gijn.org

Фото: Unplash

Оваа сторија е дел од публикацијата „Новинарството како јавно добро“, дел од проектот „Синдикатите за фер закрепнување“ финансиран од Европската Унија, а во партнерство со Европската федерација на новинари.Ставовите и коментарите во публикацијата се одговорност на ССНМ и не ги изразуваат ставовите и мислењата на Европската Унија и на Европската федерација на новинари.

Останати
објави

Сподели на...