Медиумско описменување на публиката е основна задача на медиумите

Датум

Недоволно екипирани и финансиски ослабени медиуми се плодно поле за лажни вести

Пишува: Искра Опетческа

Недоволно екипирани и финансиски ослабени медиуми се плодно поле за спроведувањето на некоја цел со помош на лажни вести. Ако на тоа се додаде и непочитувањето на основните новинарски стандарди или така наречено copy-paste (препишувачко) новинарство, тогаш нема дилема дека на која било интересна група воопшто не и’ е тешко да ја спроведе својата замисла за креирање на нејзината вистина.

А вистинската улога на медиумите е сосема спротивна. Тие треба да бидат општествено одговорни организации, кои најдобро и највнимателно што можат треба да ги пренесуваат информациите кои се важни за јавниот интерес, а не на одредени групи од интерес.

Медиумскиот систем базиран на премисата за медиумите како кучиња чувари на демократијата повеќе или помалку функционираше се до појавата на интернетот и особено на социјалните мрежи. Денес „глобалната мрежа“ колку што им помага на новинарите, но и на публиката толку и придонесува за рушење на кредибилитетот на вистинското и чесно новинарство.

Новата информациско-комуникациска технологија не познава граници за тоа што е вистина, а што лага.

На Фејсбук, Твитер или Инстаграм на пример, секој може да објавува било каква содржина која поради немање на точно утврден формат како би се објавувала, не може ниту да се предвиди дали објавената вест е точна или лажна. Податоците за тоа колку некоја објавена вест е прочитана, видена или слушната е многу поважно од тоа дали таа е вистинита.

„Лажните вести се напишани и објавени за да доведат во заблуда, а со цел да се наштети на одредена личност или субјект. Да се стекнат со одредена финансиска или политичка корист, креаторите на лажни вести честопати користат сензационалистички, нереални или целосно фабрикувани наслови со цел зголемување на читаноста или гледаноста, онлајн споделувањата, како остварување на приходи од интернет пристапувања односно кликања“, вели Бојан Кордалов специјалист за јавни односи и нови медиуми.

Последиците од лажните вести можат да бидат трајни и непоправливи

Говорот на омраза е еден од најопасните последици од ширењето на лажните вести.

Неодамна речиси како бомба одекна веста дека поранешниот министер за образование и за здравство во Владата на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Тодоров, ќе гласа на референдумот.

Една македонска телевизија објави дека Тодоров на панел-дискусија поврзана со референдумот изјавил дека ќе излезе на референдумот и што е поважно ќе гласа „за“. По принципот на копи-пејст новинарство веста ја пренесоа десетици медиуми.

Во зовриена политичка ситуација, а во контекст на општа ескалација на односите во Македонија, ваквата вест предизвика сериозни последици. Говорот на омраза како и заканувачките пораки упатени до Тодоров може да имаат трајни и непоправливи последици по него особено ако се има во предвид дека во друг случај на Тодоров беше пукано со цел да биде убиен.

По јавната реакција на Тодоров медиумите веднаш ја повлекоа лажната вест, но телевизијата што прва ја објави веста ниту ја призна својата грешка ниту му се извини на Тодоров за да може барем малку да ги ублажи последиците од направената грешка.

Ништо помалку опасни последици од ширењето на лажни вести не е ниту случајот со смртта на Никола Саздовски-Саздо, припадник на навивачката група „Комити“.

Дел од медиумите објавија лажна вест дека министерството за внатрешни работи (МВР) намерно го сокрило претепувањето на Саздовски, а како резултат на тоа и неговата смрт. Ваквата лажна вест предизвика неколку последици, секоја опасна сама по себе.

Една од нив е поткопувањето на довербата во институциите. Ако ширењето на ваквата лажна вест се стави во контекст на општествено-политичката криза во Македонија и сите интервенции на полицијата во овие неколку турбулентни години, тогаш несомнено е дека недовербата во МВР од ден на ден се’ повеќе расте.

Говорот на омраза по смртта на Саздовски, пак, доведе до разгорување на и така кревките меѓу етнички односи, кои за среќа, барем за сега не ескалираа во нови случаи на насилство.

Говорот на омраза и последиците од него секогаш биле во центарот на вниманието на Хелсиншкиот комитет кои по смртта на Саздовски соопштија дека „несомнени се последиците од несправувањето со говорот на омраза„ меѓу другото и затоа што обвинителството „сè уште не постапува по допрен глас за случаи на говор на омраза, а органите на прогонот сè уште соодветно не ги третираат делата од омраза, туку најчесто ги водат како полесни дела, прекршоци“.

Според податоците на Хелсиншкиот комитет во последните шест и пол години, Комитетот регистрирал 443 инциденти и дела од омраза, кои во најголем процент се случиле помеѓу малолетници или млади луѓе поради етничката припадност на жртвата или сторителот.

Случајот со Саздовски ја покажа и сета медиумска (не)писменост. Медиумите што ја проширија оваа вест се обврзани да ги познаваат основните принципи на постапување на полицијата во вакви случаи. Ако не ги знаат тогаш се должни да побараат објаснување од МВР.

Со ваквиот пример не само што граѓаните ја губат довербата во институциите, туку тие ја губат и довербата во медиумите. Истите оние медиуми кои не би постоеле ако не се токму тие, граѓаните.

Смртта на Саздовски е и типичен пример како дел од медиумите што случајно или намерно шират лажни вести и формираат лажна реалност ја поткопуваат борбата на професионалните медиуми против медиумската неписменост.

Истражувачкото новинарство единствениот браник на вистината

Во ерата на лажни вести и „пост-вистини“ пораката на економистот и социолог Емил Ледерер од 1937 година дека „одговорноста е на оние на кои барањето на вистината им е вокација“ се уште не изгубила од својата важност.

Затоа истражувачкото новинарство се наметнува како единствен браник на вистината кое не смее да дозволи сосема да се изгуби критичкото размислување на сметка на емоциите на граѓаните. Оттука, потреба за медиумско описменување на публиката и тоа како е прва и основна задача на медиумите.

Борбата со лажните вести ниту почнала денес, ниту ќе заврши со сегашните генерации новинари, согласни се малкуте медиуми кои работат на откривање на лагата.

 

Владимир Петрески, уредник на „Вистиномер“ верува дека македонското новинарство има сили да се справи со лажните вести ако сака.

„Има медиуми кои кои вршат проверка на фактите кога ќе увидат дека има невистини. Проблемот е што медиумите што пласираат лажни вести ги има многу, а оние за проверка на фактите многу малку. Тоа е така затоа што најлесно е да напишеш лажна вест, а проверката на фактите е тешка и потребно е време и истражување. Потребни се повеќе медиуми кои ќе ги проверуваат фактите. Големите светски медиуми отвораат посебни оддели само за таа цел. Во Македонија до лани постоеше „Сервисот за проверка на факти“, а денес тоа е вистиномер.мк кој ги проверува изјавите, отчетноста и исполнувањата на ветувањата на политичарите. Од јули постои и „КриТинк“ чија цел е да промовира медиумска писменост преку стимулирање на култура за критичко размислување“, вели Петрески.

Алтернативно решение за борба против лажните вести е да им се одземе моќта на корисниците и да се возобноват „чуварите на портите“, пишува Проф. Д-р. Дона Колар – Панов, во својот научен труд „Вести, лажни вести и политики на „пост-вистината“.

Борбата со лажните вести е сериозен процес во кој треба да се вклучат многу чинители во општеството.

„Регулативата е една од основните начини за борба со лажните вести и нивното ширење. Во оваа насока треба да се размисли и за регулација и контролни тела кои ќе ја следат ваквата состојба на национално, како и на глобално ниво, но истовремено тука треба да се внимава да не биде загрозена на ниеден начин слободата на говор и правото на слободен интернет. Едукацијата е особено важна кога зборуваме за новите медиуми и интернет, посебно во делот на феноменот на лажни вести. Потребно е да се вложува многу во создавањето индивидуи кои лесно ќе можат да ги препознаат и отфрлат лажните вести. Овој тип на едукација многу брзо треба да стане дел и од воспитно – образовниот систем во секоја земја. Во оваа насока, многу е важно и да изнајдеме механизми со кои ќе направиме кликот на секоја реална вест да чини многу повеќе од кликот на која било лажна вест“, смета Кордалов.

 

 

Текстот е дел од публикацијата на ССНМ која е помогната од Европската Унија, како дел од проектот „Писменост за вести и дигитална писменост: Справување со лажните вести“ имплементиран од Македонски институт за медиуми, Институт за комуникациски студии, Самостоен синдикат на новинари и медиумски работници и Медиа дајверсити институт.

“Содржината на оваа публикација е целосна одговорност на Синдикатот  на новинари и медиумски работници и во никој случај не ги одразува ставовите на Европската Унија

Останати
објави

Сподели на...