Мирни протести – „немирен терен“ за известување!

Датум

Пишува: Светлана Божиновска

Протестите отсекогаш биле „немирен“ терен за известување. По прaвило се најавуваат како „мирни“, но не ретко масовните протести завршуваат со инциденти, најчесто помеѓу полицијата и демонстрантите, но и насочени „непријателски“ насочени кон новинарските екипи.

Изложеноста на постојана опасност во новинарската професија може да доведе до посттрауматско искуство, вели психологот Милка Ололовска. Иако некој настан, марш или протест е најавен како мирен, за новинарската екипа е своевидно вознемирување од она што ги очекува, од непознатото. Тоа, според неа, може да предизвика тековно акумулиран стрес поврзан со работата.

„Помислата дека како личност твојот интегритет е загрозен и изложен на волјата на толпата е вознемирувачка и предизвикува стрес. Во новинарската професија, многу тешко се прави разграничување на приватен и професионален ангажман. Дополнителен притисок создава цензурата на публиката, јавноста, колегите, како ќе се извести од
настанот и сл. Најчесто се јавува посттрауматски синдром, кога постои континуитет на изложеност под стрес. Најдобро е да се направи психотерапија за полесно поднесување на стресот и состојбите во кои се наоѓа новинарот или снимателот. Стресот влијае врз физичкото и менталното здравје. Физиолошки се менува рамнотежата, во организмот се лачат секрети, се препотува, личноста станува високо тензична“, објаснува психологот Ололовска.

По физички и вербални напади – неопходна психолошка поддршка

Досегашната пракса на работа со лица што секојдневно се изложени на стрес во извршувањето на професионалните обврски, како што вели Ололовска, создава ургентна потреба секоја институција, особено медиумите, да имаат посебен оддел за психолошка поддршка на своите вработени.

„Честопати новинарските екипи се оставени сами на себе во трката со временскиот теснец да се стигне до информацијата навреме, таа да е точна и објективна и навреме да се пласира до публиката. Не можеш да бидеш однапред подготвен за ваквите состојби бидејќи никогаш не знаеш на што ќе налеташ. Психологијата на толпата може да доведе до напади, навреди, па дури и до физички пресметки. Најважно е да се сочува телесниот и психичкиот интегритет. Новинарот мора да создаде „заштитен оклоп“ и личен психолошки одбранбен механизам“, вели психологот Ололовска.

Но, прашањето е како да се постигне тоа во услови кога ризикот во новинарската работа е составен дел од професијата?

„Со стручна помош, се разбира. Опасноста секогаш постои, си одиш дома со стравови, оптоварен од секојдневните случувања, под тензија. Новинарите постојано мора да работат на себемотивација, туѓото да не го примаат како свое искуство. Оттука, ургентна е потребата секоја институција да размислува да има психолошки советник што ќе работи со новинарите, со нивните проблеми и потреби бидејќи ова е навистина високо ризична професија“ ”- децидна е Ололовска.

Во „новинарски чевли“: искуство од терен, како известувањето од протест стана мегдан за напади!

„Луѓе, забрзани чекори, по некоја пцовка и прозивка во заднината, страв, неизвесност… Слушам гласови, некој ми се доближува од зад грб, а јас силно го стискам пенкалото, кое ми направи модринка на дланката… Потоа само силен тресок, удари, болка, не знам од каде да се бранам, стана вистинска збрка, ми падна мрак пред
очите“, вака новинарот Александар Тодески се присетува на нападот за време на протестот на иницијативата „За заедничка Македонија“, кој се случи пред околу пет години. Вели, и по толку време, сѐ уште чувствува
страв и немир. Тој ден, единствената мисла му била навреме да стигне да известува за настанот поради градскиот метеж и протестите. Но, тоа што беше најавено за мирен и натпартиски протест стана мегдан за напади!

„Тоа беше сезона на протести. И јас и снимателот бевме нападнати од зад грб од две лица, со клоци и со боксови. Двајцата со возило на Итна помош бевме префрлени на Ургентниот центар. Тоа што го доживеавме беше ужасно, не само како насилство врз човек, туку и како насилство на работното место, што нормално, го доведе и прашањето дали ќе се дозволи како и секогаш претходно, утре на некој друг колега да му се случи истото“, раскажува Тодески.

Случајот имаше судска разрешница за еден од напаѓачите, но, како што вели Тодески, бавна, блага и деградирачка. Тоа го боли повеќе од нападот.

„Нашиот случај беше решен со шестмесечна казна за еден од напаѓачите, лице кое сѐ уште работи во Град Скопје. Иако разрешницата требаше да ми ја врати довербата во системот, остана горчината поради фактот што институциите не успеаја да го најдат вториот сторител, па правдата беше задоволена парцијално. Тоа што остава голема горчина е фактот што не престануваат овие напади, не само физички, туку и вербални, а кои ретко кога завршуваат со казна за напаѓачот. Секогаш кога ќе поминам покрај портата „Македонија“, неминовно се сеќавам на настанот и мислам дека трагите што ги остави овој настан, не можат да поминат“, објаснува Тодески.

И новинарите и снимателите под ист безбедносен ризик …

Носени од бранот на емоции, но и неоправдано насилство – има моменти во кој не сме свесни дека можеби „посегнуваме“ и по нашиот прв сосед со кого треба да се гледаме секојдневно. Такво искуство имал снимателот Влатко Желчески.

„Еден од напаѓачите, денес ми е прв сосед, се гледаме секој ден во маало, на улица, малку е непријатно чувството, но јас немам од што да се срамам. Оваа професија ја работам посветено и со љубов, од 2003 година. Да не беше така, одамна ќе ја напуштев, а особено по нападите. Но, решив да останам. Тешко е, низ годините уште повеќе, но мора да го сакаме и да го почитуваме тоа што го работиме бидејќи ние сме очите и ушите на граѓаните“, раскажува снимателот Желчески.

Ваквото искуство на новинарската екипа, сепак, имаше своја генеза!

Протестите што почнаа на 24 февруари 2017 година беа организирани од „Тврдокорните“ под мотото „Македонски марш – завет за Македонија“. По неколку дена, станаа помасовни и прераснаа во „граѓански марш“ насочен против т.н. „Тиранска платформа“. Реториката на протестите се однесуваше на заедничка и мултиетничка Македонија, но пораките и вокабуларот се променија по тогашното интервју на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кој ќе оцени:

„Граѓаните се во заблуда доколку сметаат дека со седење дома и гледање телевизија некој друг ќе им ја одбрани државата“.

Оттогаш протестите добија на масовност, се приклучија и јавни личности, кои им се обраќаа на демонстрантите. Растеше и тензијата и говорот на омраза! Четири дена подоцна се случи и нападот на новинарската екипа на порталот „A1Он“.

Низ бројки и статистика!

Во статистиката на МВР, во 2020 година се регистрирани девет настани за напад врз новинари, а во периодот јули 2020 – октомври 2021 година, регистрирани се 9 пријави за онлајн- закани кон новинари и медиумски работници.

„Во текот на 2020 година, регистрирани се девет настани со употреба на навредливи или заканувачки зборови кон новинари употребени онлајн или вербално. Еден од нив е регистриран како прекршок на јавниот ред со вербална расправија. Сите пријавени настани се пратени до Јавното обвинителство заради натамошно постапување. Во периодот јули 2020 – октомври 2021 година, регистрирани се 9 пријави за онлајн- закани кон новинари и медиумски работници. Сите се расчистени и доставени до ЈО. По една од пријавите, Јавното обвинителство издаде наредба за понатамошна истрага, за што МВР чека одговор од платформа на социјалните мрежи, еден случај беше затворен со опомена за сторителот. Останатите се во Јавното обвинителство за натамошно постапување“, велат од МВР.

Од МВР велат дека во соработка со Мисијата на ОБСЕ и Здружението на новинарите на Македонија изработен е „Прирачник за безбедност на новинарите за време на настани со висок ризик“, за идентификување на ризиците и за избегнување на нападите врз новинарите, особено при известување од настани со висок ризик. Но, ризикот од известување останува како составен дел од професијата, а стресот последица на тоа.

Дали се почитуваат меѓународните договори и конвенции?!

Дека е ризична новинарската работа на терен не е ништо ново, ниту нејасно, професијата по својата природа е поврзана со одредени ризици по за безбедноста. Дејан Георгиевски од „Центарот за развој на медиумите“ вели дека е потребна прилично радикална интервенција во меѓународните договори и конвенции, кои ја штитат слободата на изразувањето, и националното законодавство, кое ја операционализира таквата заштита на новинарите, но и нивното дослeдно почитување.

„Она што досега беше проблем кај нас е културата на неказнивост, која, пред сѐ, се должи, на бавноста, а понекогаш и на очигледната незаинтересираност на институциите задолжени за гонење и санкционирање на таквите случаи да ги преземат потребните дејства. Оние репортери и истражувачки новинари што известуваат за криминалот и корупцијата, известуваат за луѓе што не се мислат многу да употребат насилство, или да се заканат со насилство. Иако би сакал да е поинаку, тешко е да се очекува дека ако вие сте разоткриле некаков организиран криминал или висока корупција, кој и да е од другата страна да дојде и да каже:, „Дај си рака!! Супер, си ме разоткрил, браво!! Јавноста има право да знае!“. Многу е тешко да се зборува за превентивна заштита, освен ако не мислиме дека новинарите треба да одат на терен, на задача, заедно со телохранители или со полициска придружба. Или новинарите свесно, заради безбедноста, да избегнуваат да известуваат од одредени типови настани, или за одредени теми. Што се однесува до онлајн- сферата, тешко е да се замисли каква било превентивна акција без „екс анте“, однапред цензура на сѐ што се објавува на интернет“, додава Георгиевски од ЦРМ.

Центарот за развој на медиумите, вели тој, нема програма за пријавување напади врз новинари или медиумски работници, но може да понуди контакти со меѓународни организации што работат во областа на правната заштита на новинарите и медиумите што се соочуваат со граѓански тужби или кривични пријави поради нивното известување.
Една од најактивните и најпознати организации, британската „Медиа дифенс“ (Media Defence), нуди правна помош, од покривање на трошоците на постапката, до поднесување правни мислења и директна помош во одбраната или застапувањето на новинарите пред суд, пред сѐ, преку повикување на соодветното меѓународно право и праксата на Европскиот суд за човекови права.

На домашен терен – на барање на новинарските здруженија, чии претставници учествуваа во работната група за измените на Кривичниот законик, во иднина, нападот врз медиумските работници ќе се третира исто како напад врз службено лице.

Министерството за правда ги подготви измените на Кривичниот законик, со кои во посебен член се утврдува заштита на новинарите и медиумските работници, кои предвидуваат затворски казни до три години за напад врз новинар или медиумски работник, за онлајн или лични навреди кон новинарите. Владата го усвои предлог законското решение, кое сега чека зелено светло од Собранието. Покрај измените во Кривичниот законик, со измени во Законот за граѓанска одговорност се предлага и намалување на надоместокот на штета за клевета и навреда до 10 пати. Реформи во делот на медиумите беа препорачани во извештајот за итните реформски приоритети на Прибе од 2015 година.

Сторијата е изработена во рамки на проектот „Безбедни новинари во кризни ситуации“ (Кeeping Journalists Safe in Situation of Crisis) финансиран од програмата на УНЕСКО – „Global Media Defence Fund”, а во реализација на Здружението на новинарите на Македонија и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници.

Авторот е одговорен за изборот и презентирањето на фактите содржани во оваа видеосторија и за изразените мислења, кои не се нужно оние на УНЕСКО и не ја обврзуваат Организацијата.

Употребените назнаки и презентацијата на материјалот во оваа видеосторија не подразбираат изразување на какво било мислење од страна на УНЕСКО во врска со правниот статус на која било земја, територија, град или област или тамошните власти, или во врска со разграничувањето граници.

Останати
објави

Сподели на...