Во текот на последната недела од август, Сара Коељо напиша единаесет стории за „Далас Морнинг Њуз“. Тринаесет ако ги сметате двете статии кои ги пишуваше заедно со други новинари. Шеснаесет ако ги сметате трите кои ги поднесе претходната недела.
Тоа е многу типична седмица за Коељо, која почна да работи како известувач со полно работно време во „Морнинг Њуз“ откако дипломираше во мај. Оттогаш има објавено повеќе од 200 стории – речиси по три на ден. Рекордот ѝ е седум стории во еден ден, вели таа, а најдолгиот „сушен период“ ѝ бил три дена. Тешко е, но – засега барем– вреди.
„Уживам“, вели Коељо. „Доколку би требало да пишувам оволкав број статии или да добивам одреден број прегледи врз основа на ова што го работам сега во друга редакција, би била под огромен стрес. Но, пристапот тука е, доколку откриеш вест, ти имаш старателство врз неа“.
Она што го вели Коељо, сепак се разликува од типичниот индустриски наратив на преуморните и истоштени новинари, пишува Џаред Бреј во анализата за „Колумбија Џоурнализм ривју“.. Падот во приходите ги принуди редакциите од цела Америка да прават повеќе со помалку, тестирајќи ја продуктивноста на новинарите на нови и понекогаш непријатни начини. Во јануари, Марта Вагонер, новинар во Асошиејтед Прес и претседател на Синдикатот на работници во комуникациската индустрија на Америка, детално го опиша трендот на редакциите да ги следат прегледите на страниците на секој новинар како дел од оценката на нивното работење. Новинарите кои зборуваа со Вагонер „се пожалиле дека се поставуваат превисоки цели и се бараат многу стории, со оглед на драстично намалениот персонал во редакциите,“ пишува таа. Загриженоста за бројот на прегледите ги тера новинарите „да не се нафаќаат на поголема сторија и да пишуваат помали стории за да имаат доволно прегледи“, вели еден новинар.
Вагонер почна да размислува за проблемот кога ги слушна поплаките на поголем број претставници на Синдикатот. Бидејќи самата не била соочена со таков притисок, Вагонер беше изненадена кога слушна колку вообичаени станале барањата за број на прегледи. „Ако чуеме дека тоа се случува во фабрика за технички уреди, ќе се загрижиме за луѓето кои ги прават уредите“, помислила Вагонер.
Неколку новинари кои работат на работни места кои бараат висок учинок за Колумбија Џоурнализм Ривју велат дека тоа е изводливо. За вестите не е потребно многу време да се подготват: во врска со една неодамнешна сторија за измамник во Далас кој користел апликации за запознавање за да измами десетици жртви и да им украде илјадници долари на Сара Коељо ѝ биле потребни 45 минути да извести, напише и објави на интернет, вели таа – иако сторијата веќе била претходно објавена од друг новинар на „Морнинг Њуз“.
Неколку уредници изјавија дека внимаваат при изборот на новинари кои треба да постигнат висок учинок.
Повеќето уредници ги ослободуваат новинарите од нивните секојдневни обврски доколку се на траг на добра сторија.Bottom of Form
Беки Џејкобс, известувач од судовите за „Пост Трибјун“ од Северозападна Индијана, има напишано повеќе од 35 статии од почетокот на годината, што е во просек по две секој работен ден. На претходното работно место, во „Гранд Форкс Хералд“ од Северна Дакота, таа се чувствувала под притисок да ги исполни квотите за стории. Но во „Пост трибјун“, таа може да ги следи судовите, да известува за вестите како што смета дека е соодветно и да внимава на поголемите стории.
„Имам многу среќа во тој поглед,“ вели Џејкобс. „Над глава немам уредници кои ме прашуваат колку статии сум напишала. Се фокусираме на поголемата слика. Која сторија е подобра за да ја работиме?“
Вагонер, во нејзините интервјуа, не чула некој да признае дека забошотувал сторија поради притисоците за продуктивност. Сепак, зборувајќи неслужбено со новинари од целата земја, таа заклучила дека квотите понекогаш „го зголемуваат стресот и го убиваат моралот“, барајќи премногу стории или присилувајќи ги новинарите да остават важни теми кои не предизвикуваат внимание. „Мислам дека новинарите се малтретирани“, рече таа.
За нејзиниот извештај, таа зборуваше со Ед Флечер, сега поранешен новинар и сега синдикален застапник на „Сакраменти Би“. Флечер ѝ кажа на Вагонер дека мерењето на учинокот според читаност набрзо ќе биде инкорпорирано во извештаите за оценка на работата на новинарите. (Флечер, кој работел во „Би“ повеќе од петнаесет години, ја загуби својата работа за време на отпуштањата во април. Учинокот според читаност не бил дел од договорите за време на неговиот работен стаж, но тој рече оти „очигледно е дека раководството ќе се обиде тоа да го вклучи во извештаите за оценка на работењето). Повеќето од новинарите во „Би“ пишувале помеѓу три и седум стории неделно, вели Флечер, што е повеќе од она што се барало кога тој почнувал.
Во 2011, „Центарот за истражување Пју“ објавил студија за непрофитни редакции според која една типична редакција произведувала осум стории неделно со персонал од тројца. На 18 од 46 страници кои биле предмет на студијата, сите стории биле напишани од еден до двајца новинари.
„Редакциите стануваат помали но обемот на вестите не се намалува,“ вели Ребека Бејкер, претседател на Здружението на професионални новинари. Некои новинари се подобри во известување на важни настани или во истражувачки стории, некои се брзи додека други се спори. Но сите мора да известуваат точно и чесно, и задача на уредникот е да одлучи какви задачи ќе им даде на новинарите.
„Сите мора да ги прават тие лични избори“, вели Бејкер. „Но добар уредник треба да може да забележи кога некој од неговите или нејзините новинари почнува да биде засегнат од обемот на работата или траумата поради известување за некој насилен настан. А новинарите имаат одговорност да предочат кога им е потребен одмор.“
Текстот е дел од публикацијата на ССНМ која е помогната од Европската Унија, како дел од проектот „Писменост за вести и дигитална писменост: Справување со лажните вести“ имплементиран од Македонски институт за медиуми, Институт за комуникациски студии, Самостоен синдикат на новинари и медиумски работници и Медиа дајверсити институт.
“Содржината на оваа публикација е целосна одговорност на Синдикатот на новинари и медиумски работници и во никој случај не ги одразува ставовите на Европската Унија”б