Молкот на институциите ги охрабрува онлајн заканувачите

Датум

 

Фото: maktoobmedia.com

 

Пишуваат: Дајана Лазаревска и Лила Караташева

Институциите немаат кадар, ресурси, а дискутабилна е и волјата да ги решат нападите врз новинарите и медиумските работници. Ова е кусото резиме како изгледа одговорот на органите на прогонот врз слободниот збор.

Наташа Стојановска е уредничка во дневно-политичките емисии во Телма телевизија, а неретко е и мета на онлајн- напади поради нејзината новинарска работа. Притисокот се зголемува кога во емисиите гостуваат политичари од повисоките ешалони.

„Се чувствувам незаштитена и почнувам да размислувам за автоцензура. Директно сум изложена и дoведена сум во ситуација самата да се бранам од линчот на социјалните мрежи“ – раскажува новинарката Наташа Стојановска.

По завршувањето на секоја емисија, во попладневните часови, таа честопати се чувствува како жртва на вербални напади на социјалните мрежи. Доколку во емисијата гостуваат лидери на политичките партии, добива и заканувачки пораки од нивните поддржувачи. Стојановска смета дека постојат кампањи против дискриминација на жените политичарки, но малку внимание се посветува на кампањи за заштита на жените
новинарки.

Ваквата тенденција е детектирана и во годишниот Светски индекс на слободата на печатот на „Репортери без граници”. Оценката за Македонија е дека високите владини претставници имаат склоност да се закануваат и да ги навредуваат новинарите.

„Зошто да пријавувам кога нема реакција? Ние сме доведени во ситуација ако не им се допаѓаат прашањата на луѓето што седат во партиските штабови и ботови да бидеме линчувани. Најтрагично од сѐ е што не нѐ навредуваат на професионална основа, туку измислуваат приказни со кои сакаат да ни го уништат достоинството и да ни го нарушат кредибилитетот само затоа што сме жени“ – вели Стојановска.

Институционалната некоординација и пасивност се препознава и во најновиот извештај на Европската комисија за Република Северна Македонија, каде што се потенцира потребата за подобра соработка помеѓу различните институции за побрзо дејствување по пријавените прекршоци и спречување на неказнивоста на сторителите.

„Власта/судскиот систем треба да демонстрира поактивна и систематска осуда на нападите.Само мал процент од сторителите на физички напади врз новинари се изведени пред лицето на правдата“ – стои во извештајот на Европската комисија.

Европската комисија веќе три години ги повикува институциите подобро да се консолидираат во борбата против нападите кон новинарите и да обезбедат брзо и ефикасно следење на нападите.

Се зголемува бројот на онлајн- напади, особено кон жените новинарки

Според статистиката на Здружението на новинарите, во последните 5 години има вкупно 53 пријавени напади, вклучително со двата напади пријавени во 2021 година.

Табела 1 – родова распределба на напади на новинари од 2016 до 2021 година

 

Според податоците од Регистарот за напади на ЗНМ од 2016 до 2021 година, вкупниот број на напади на групи новинари изнесува 16, додека бројот на индивидуални напади врз жени новинарки изнесува 16, а бројот на нападнати мажи новинари изнесува 20.

Табела 2- физички, вербални или друг тип на напади до 2016 до 2021 година

Регистарот на ЗНМ покажува дека речиси 33 проценти од вкупниот број пријавени напади биле физички, додека другите 67 проценти биле вербални напади, закани по живот, оштетување на имот, приведувања, како и други видови притисоци и повреди на новинари. Вербалните напади на интернет бележат тенденција
на зголемување, особено кај жените новинарки.

Вербалните напади кон новинарите и медиумските работници се регистрираат во Здружението на новинарите на Македонија. Јавното обвинителство или кој било друг орган не прави селекција дали се работи на напад на новинар или кој било кој друг граѓанин. За разлика од правосудните органи, кои немаат конкретна статистика, новинарските здруженија водат детална евиденција на секој нападнат новинар или
медиумски работник.

Извршниот директор на Здружението на новинарите во Македонија, Драган Секуловски смета дека МВР не ги искористува во целост своите законски можности. Според него, постои ризик дека вербалните напади може да водат кон физички насилства доколку не се дејствува навремено.

„МВР треба да ја искористи својата надлежност и барем да ги повика лицата што вербално напаѓаат и се закануваат на информативен разговор. Барем да се обидат на каков било начин да ги демотивираат. Доколку постапката трае шест месеци, дали треба истиот човек сите тие шест месеци да продолжи да ги
малтретира новинарките?“, изјави Секуловски.

Додека новинарите и меѓународните заедници апелираат да се стави крај на неказнивоста на интернет- демначите и да сносат одговорност за своите дела, недостигот од легислатива и праксата на обработка на случаите од страна на ОЈО, доведува до тоа во Македонија да нема правна разрешница за пријавените случаи на новинарите. Во период од една година, ОЈО има доставено наредба за понатамошно постапување само за една пријава.

„Во период од 2020/2021 година доставени се 14 пријави до МВР, за сите пријави поднесени се известувања до ОЈО, за некои пријави сѐ уште се чекаат насоки, за некои се добиени одговори дека не постојат елементи за понатамошно истражување и постапување. Само за една пријава доставена е наредба од ОЈО за
понатамошно постапување“ – велат од МВР.

Многу често, нападите кон новинарите се поврзуваат со говор на омраза, кои како крајна последица ги рефлектираат делата од говор на омраза на делата, како што се изложување на јавен линч, физички напади и слично.

Извршната директорка на Хелсиншкиот комитет, Уранија Пировска вели дека 90 проценти од коментарите и нападите кон жените новинарки содржат говор на омраза. Таа смета дека луѓето во нашата земја не се ни свесни дека говорот на омраза е забранет со закон, но дека нема ни начин за да го дознаат тоа бидејќи никој до сега, никој не сносил некаква одговорност.

„Единственото решение да се стави крај на малтретирањето на жените новинарки е тие што ги навредуваат и понижуваат, да одговараат пред законот со парични или со затворски казни. Државата треба да почне максимално да ги спроведува мерките кои што ѝ стојат на располагање и да се потруди да престане обесхрабрувањето на жените да имаат инволвираност во општеството“ – вели Пировска.

Сексизам, закани кон жените и институционалните пропусти

Сексистичките коментари, навреди и говорот на омраза немаат граници. За внатрешно-политичките прашања, кругот на јавен линч се проширува и надвор од Македонија, па така дописничката на МИА од Брисел, Тања Милевска сведочи дека се чувствува загрозено поради тоа што лично искажала ставови на
социјалната мрежа Твитер за актуелни политики поврзани со бегалската криза во Авганистан.

„Мојот став дека Македонија треба да прифати одредено население, кое во моментот беше сериозно загрозено и во тешка ситуација, им даде за право на интернет- ботовите да ми се закануваат, да ме навредуваат и да алудираат на полово општење со Авганистанци од моја страна, што е апсурдно и недозволиво однесување спрема кон една жена што го изразува своето мислење“ – објаснува Милевска за својот напад на социјалната мрежа Твитер.

Според Милевска, ЗНМ треба да им посвети повеќе внимание на ваквиот тип закани и навреди, а институциите треба да почнат ажурно да ја вршат својата работа со цел да ги заштитат новинарките. Таа смета дека несериозниот пристап кон овој тип проблеми ќе ги обесхрабри жените, ќе им ја скрати слободата на говорот, а тоа ќе придонесе до целосно дискриминирање и осиромашување на јавната дебата.

Во извештајот на Стејт департментот за човекови права и слободи, регистрирани се и овие напади на Милевска. Оттаму сѐ уште сметаат дека насилството и заканите кон новинарите се значаен проблем, кој го загрозува општеството, а културата на неказнивост е добро вградена во системот и претставува пречка за безбедноста на новинарите.

Светски искуства за справување со сајбер- нападите

За разлика од Македонија и земјите од Западен Балкан, каде што нема јасна регулатива, во одредени земји во светот веќе постојат закони што ги регистрираат заканите и го санкционираат однесувањето на поединците во интернет- просторот.

На пример, во Сингапур, во 2014 година е донесен Закон за заштита од вознемирување (ПОХА), кој забранува намерна или непромислена комуникација што е заканувачка, злоупотребувачка или навредлива и предизвикува вознемиреност, всадува страв кај некое лице или предизвикува насилство.

Во 2015 година, во Канада е донесен Законот за заштита од онлајн- криминален акт, кој забранува различни видови сајбер- вознемирување и неконсензуална дистрибуција на интимни слики, вклучително и испраќање пораки под лажно име или лажни информации. Со Законот се санкционираат и непристојни и вознемирувачки комуникации.

Во Финска, прекршувањата извршени преку пораки, преку телефон или на Фејсбук, Твитер, Инстаграм, и на другите платформи за социјални мрежи, се казнуваат слично како и другите видови физички вознемирувања, како на пример: повеќекратно повикување некого, пуштање гласна музика за вознемирување друго лице, итн.

Германската легислатива го препознава и санкционира доксингот како форма на онлајн- насилство. Тој претставува појава на откривање лични податоци за некоја индивидуа онлајн, како име, адреса на живеење, број на телефон, приватни и финансиски информации, без дозвола од индивидуата. Според германскиот закон, практиката на доксинг може да се квалификува како шпионажа на податоци, прекршок, кој вклучува неовластено добивање и ширење други туѓи специјално заштитени податоци складирани или пренесени електронски.

Интернетот сѐ уште непозната во равенката на одговорност за правосудните органи

Јавното обвинителство, од досегашната пракса констатирало потреба од законски измени што ќе ги опфаќаат интернет- платформите, кои се главен извор на информирање на граѓаните.

„Потребни се измени, кои би овозможиле попрецизно санкционирање на говорот на омраза на интернет, но и би го олесниле кривичниот прогон и обезбедувањето на доказите за овој тип постапки“ – порачуваат од Јавното обвинителство.

Во Северна Македонија, во тек е постапката за усвојување на измените во Кривичниот законик, со кој се заоструваат казните за напади врз новинари и медиумски работници и во иднина треба да се казнуваат како напади врз службени лица.

Како правен феномен, на кој сѐ уште не може да се одговори со санкција, говорот на омраза и нападите врз новинарите фигурира во меѓународните извештаи за Република Северна Македонија.

 

 

Сторијата е изработена во рамки на проектот „Безбедни новинари во кризни ситуации“ (Кeeping Journalists Safe in Situation of Crisis) финансиран од програмата на УНЕСКО – „Global Media Defence Fund”, а во реализација на Здружението на новинарите на Македонија и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници.

Авторот е одговорен за изборот и презентирањето на фактите содржани во оваа сторија и за изразените мислења, кои не се нужно оние на УНЕСКО и не ја обврзуваат Организацијата.

Употребените назнаки и презентацијата на материјалот во оваа сторија не подразбираат изразување на какво било мислење од страна на УНЕСКО во врска со правниот статус на која било земја, територија, град или област или тамошните власти, или во врска со разграничувањето граници.

Останати
објави

Сподели на...