Мултимедијално новинарство – додадена вредност или експлоатација на медиумскиот работник

Датум

Пишува: Бјанка Станковиќ

Мобилното новинарство како форма на дигитално раскажување приказни се побрзо зема замав во новинарската професесија. Како примарен уред и уредување на слики, аудио и видео е мобилниот телефон, а од новинарот се очекува да ги следи и совладува трендовите што се наметнуваат со напредокот на технологијата. Ова ќе значи дека во иднина новинарот со паметниот телефон ќе успева да врши уште најмалку две улоги, снимател и монтажер. Ваквиот пристап, кој во споредба со конвенционалните методи предничи со достапност, преносливост, дискреција и лесен пристап за почетниците, сепак за останатите медиумски работници може да биде црвен аларм.

Монтажерката Мајда Бошњак вели дека со развојот на мобилното новинарство нема да се загрози работата на монтажерите, но ќе влијание на цената на услугите.

„Сметам дека со мобилното новинарство ќе се изгуби квалитетот на финалниот производ. За да се биде успешен во одредена професија треба целосно да се посветиш на истата, паралелното работење на три различни професии тоа го оневозможува. На краток рок би можело да функционира, но не и на подолг“ изјави Бошњак.

Со ова е согласен и снимателот Аслан Вишко од Медиумската информативна агенција (МИА), кој за мобилното новинарство вели дека е добро и ефикасно делување, но да не се изостави фактот дека работникот не е платен за толкав обем на обврски.

„Кај нас се уште не се созреани условите за такви потфати. Точно дека ние треба да чекориме напред и да бидеме во тренд со светските достигнувања, но не и по цена на редуцирање на работните места. Каде е квалитетот на таа снимка? Каде е концентрацијата на тој што ќе го работи тоа?“ прашува Вишко.

Проблемот, според снимателот, е тоа што работодавците на мобилното новинарство гледаат како на реално и идеално нешто, но поради енормната конкуренција на пазарот, поседуваат мал дел од маркетиншкиот колач од средства за да обезбедат новинарот да биде „one man show“ на терен.

„Не може да се очекува за плата од 300 до 400 евра еден човек да замени три професии, снимател, монтажер и продуцент. За успешен потфат во мобилно новинарство неопходен е едуциран кадар, искусно уредништво и добро платена работа“, потенцира Вишко.

Поранешниот новинар и уредник, Александар Манасиев кој преку Томсон Медија и Томсон Фондација, обучува медиумски работници за мобилно новинарство на Балканот, вели дека мобилното новинарство е пропуштена можност за многу од македонските медиуми, а со тоа настанува и штетата кога одредена приказна е пред новинарот, а тој чека поддршка од колегите, наместо да го искористи мобилниот телефон.

„Неискористувањето на мобилниот телефон за новинарска работа е пропуштена можност исто како да имате на работа компјутер, а вие тврдоглаво пишувате на машина за куцање. Погрешно се смета дека мобилното новинарство ќе им ја одземе работата на фоторепортерите, снимателите, монтажерите. Напротив, концептот е следен. Новинарот ќе биде во можност со помош на мобилниот телефон во секое време да сними , измонтира и објави или испрати приказна во редакцијата, дури и кога е сам без поддршка од други колеги. Како мобилен новинар тој нема да биде подобар од најдобриот снимател или подобар од најдобриот монтажер, но ќе може самостојно во било кое време да креира приказна која е прилагодена за следење на мобилен и прилагодена за социјалните медиуми. Зошто ако имате ограничени ресурси ги ангажирате снимателите да земаат изјави или пак да направат неколку кадри?“, изјави Манасиев.

Според него, на овој начин, снимателите и монтажерите и другиот кадар во медиумите ќе бидат „послободни“ и подобро искористени за оние „потешки“ приказни, визуелно поангажирани приказни и слично. Тој потенцира дека принципот за мобилно новинарство со години се применува во мали медиуми кои имаат ограничени ресурси, но и јавни сервиси како што се „Би-Би-Си“ и „Ар-Ти-И“ во Ирска, каде што, според него, никој не бил загрозен.

Новинарката Емилија Петровска од Радио МОФ, пак, која меѓу другото се занимава и со мобилно новинарство, вели дека таквиот тип на работа освен предности, со себе носи и предизвици. Процесот го опишува како брз и лесен, ако новинарот е креативен и поседува добра опрема и познавање.

„Имате целосна контрола над финалниот производ со тоа што решавате кои кадри ви се потребни, каква изјава ќе искористите, но и како сакате да ја склопите приказната. Сепак, во мобилното новинарство и одговорноста е далеку поголема баш поради тоа што за сè одлучувате вие. Не е лесно во исто време да внимавате дали телефонот навистина снима, или во секој момент ќе престане снимањето, бидејќи снемало меморија или батерија. Паника ве фаќа и за тоа дали аудиото е во ред, бидејќи сте се решиле за поевтината варијанта на бубица, или пак сте импровизатор, па ги користите слушалките од телефон. Да не зборуваме дека на крајот на денот, треба да ја завршите и новинарската задача, да истражувате, да го смислите концептот со изјавите, за отпосле да монтирате“, појаснува Петровска, која додава дека процесот на учење монтажа не е за потценување и одзема време и енергија.

Според неа, ништо не може целосно да замени нешто што веќе постоело, туку само да го унапреди, а со тоа и мобилното новинарство не би ја заменило работата на камерманите и монтажерите.

„Еден таков пластичен пример е стравот од пред неколку децении дека телевизијата целосно ќе го избрише радиото. Дали тоа се случи? Не. Иако несомнено телевизијата и денес е меѓу највлијателните и најголемите медиуми, радиото продолжи да функционира, и тоа дури веќе фреквенцијата не претставува пречка, па се појавија онлајн радија низ целиот свет, достапни со само еден клик. Од неодамна, тоа доби и еден вид огранок – подкастот. Едноставно традиционалните медиуми се предизвикани од новите трендови да ги реобмислат човечките и техничките капацитети што ги имаат и да ги стават во функција на интересите на гледачите“ децидна е Петровска.

Ако се земе предвид дека иднината на новинарството ќе биде „студио во џеб“, тогаш од новинарите кои поседуваат или имаат пристап до паметен телефон ќе се очекува да развијат нови вештини без притоа да купуваат опрема со висока цена. Со ова, редакциите ќе се прилагодуваат на новитетите, имајќи го предвид платениот труд и условите во кои ќе работи мобилниот новинар, но и за работните места на останатите медиумски работници вклучени во новинарската професија.

Останати
објави

Сподели на...