Мултимедија и нејзина примена во медиумите при креирање на содржини   

Датум

Мултимедијата користи повеќекратни форми на информациска содржина, чие процесирање е во насока на анимирање или забава на корисникот или публиката. Мултимедијата се однесува и на користење на електронските медиуми за складирање на различни видови на податоци и генерирање на побуди преку кои се доживува некоја мултимедијална содржина која е креирана со помош на текст, фотографија, видео, анимација, звук и други облици на медиуми кои ги стимулираат човечките сетила.

Кон дефинирањето на мултимедијата, сепак, може да се пристапи на различни начини.

„Мултимедија е област која се занимава со компјутерски контролирана интеграција на текст, графика, цртежи, фотографии, видеа, анимации, звук и било кои други медиуми, каде било кој тип на информации може да се претстави, запамети, пренесе и обработи во дигитален облик“, гласи една од општите дефиниции на мултимедијата.

Терминот мултимедија се користи и за означување на мултимедијална содржина која претставува конвергенција на текст, фотографија, видео, анимација и звук, како нејзини елементи, во единствена форма. Силата на мултимедијата лежи во начинот на кој се меѓусебно поврзани тие информации. Следејќи го правецот на развој на мултимедијата низ историјата, може да истакнеме неколку правци – хардвер, алатки за обработка на текст и софтвер, телекомуникации, видеа и анимации.

  • Големите светски медиуми го прифатија новиот стандард и се прилагодија на промените

Мултимедијалното раскажување на приказни е одамна присутно во светските медиуми, што не е случај во Македонија како стандард. Секојдневното креирање на вести и содржини на таков начин е  инцидент, а не пракса, смета искусниот новинар Александар Манасиев.

„Поразителен е фактот што во 2023 година зборуваме за оваа тема како да е нешто ново и револуционерно, а минаа 10 години откако новинарите на „Њујорк тајмс“ ја добија Пулицеровата награда за мултимедијалната приказна „Snow Fall“ објавена една година претходно. Токму таа приказна беше почеток на револуцијата, воведувајќи го мултимедијалното раскажување приказни како нов стандард. Приказната креирана во вид на веб-документарец комбинираше текст, фотографии, видеа, мапи и други елементи и за само неколку дена имаше неколку милиони прегледи. Големите светски медиуми веднаш го прифатија новиот стандард и се прилагодија на промените. Таквите промени, за жал, не станаа стандард во македонскиот медиумски простор и креирањето мултимедијални приказни за најголем дел од медиумите е инцидент, а не пракса“, вели Манасиев.

Развојот на технологијата продуцира и мноштво алатки кои се достапни и корисни за креирање на мултимедијална содржина. Важни се и применливи при секојдневната работа, истакнува Манасиев.

„Можеби не толку при известувањето за вести, но, секако, при анализи и истражувања, тие алатки имаат круцијална важност за да стигнете до што е можно поголема публика. Публиката денес, покрај добро обработена приказна направена по сите новинарски стандарди, бара и визуелно искуство додека ја чита/гледа/слуша приказната. Можете да потрошите еден месец на некое новинарско истражување, но ако објавите само текст и некоја фотографија може лесно да се случи вашето истражување да биде прочитано 100 или 1.000 пати. И тоа е обесхрабрувачки и за новинарот, но и за медиумот“, потенцира Манасиев.

  • Опремата за мултимедија ја имаме сите во џеб – мобилниот телефон

Тој ја нагласува и потребата од обука на новинарите за нивна употреба.  

„Сум бил дел од медиуми каде се организирале такви обуки, но најчесто тоа било иницијатива на самите медиумски работници, а не толку политика на самиот медиум. Најчесто вие самиот сте одговорен за подобрување на вашите дигитални вештини. За жал, голем дел од медиумите, соочени со недостигот на кадар, не им дозволуваат на медиумските работници да одат на обуки и тренинзи, сметајќи дека тоа е екскурзија, а не можност за стекнување на применливо знаење кое може да донесе додадена вредност за самиот медиум“, коментира Манасиев.

Според него, проблемот не е толку во опремата, колку во менталитетот и поделеноста на обврските во самите редакции.

„Во дел од медиумите,  ако новинар земе мобилен телефон, научи да снима и монтира видеа за социјалните мрежи, тоа се гледа како закана за егзистенцијата на други медиумски работници, што е апсолутно погрешно размислување. Ако во медиуми како МРТВ, на пример, има тројца или петмина новинари кои би биле обучени да снимаат и монтираат видеа со мобилен телефон, како што е случајот со РТЦГ, тогаш не само што медиумот ќе добие нова содржина прилагодена за социјалните медиуми, ќе добие и нова помлада публика, а останатите медиумски работници како сниматели, монтажери и слично нема да бидат загрозени, туку ќе може да се фокусираат на други „потешки“ проекти како документарни филмови и слично. Опремата ја имаме сите во нашиот џеб, а тоа е мобилниот телефон. Потребно е само промена на начинот на размислување и прифаќање на промените како можност, како нешто позитивно, а не како крај на новинарството“, категоричен е Манасиев.

Тој е на став дека традиционалните медиуми се соочени пред сериозен предизвик да опстојат во периодот што следува, ако не ја променат својата стратегија.

„Линеарната телевизија, на пример, како концепт кој егзистира со децении е незамислив за помладата публика, а токму тоа е публиката што треба да се таргетира ако сакате да опстоите во иднина. Значи денешната младина не може да го разбере концептот на вести во 19 часот, да седат дома и да ги чекаат „најновите“ вести спакувани на начин како од пред три децении. Тие бараат информација веднаш и тоа на местото каде се наоѓаат. Веќе ги нема од порано воспоставените граници меѓу медиумите, односно дека печатот примарно е текст, телевизијата слика, а радиото звук. Потребно е сите да креираат мултимедијални содржини со текст, звук, видео. Ако не ги таргетирате со соодветна содржина на сите платформи и ако не го прифатите современиот начин на раскажување новинарски приказни, тогаш сте соочени со драстично намалување на вашата публика. Социјалните мрежи не треба да се гледаат како крај на доброто новинарство, туку како можност вашите приказни да стигнат до што е можно поголема публика. Креирајте ги приказните како што знаете и умеете, работете добри истражувања и анализи, но адаптирајте дел од приказните и за Инстаграм во вид на кусо видео или инстаграм картички“, укажува Манасиев.

  • Времето ги прегази печатените медиуми

Неговите новинарски почетоци датираат од 2003 година и се врзани со печатени медиуми. Во нив, како што потенцира, имал среќа да добие соодветна практична обука, покрај теоретската на факултет.

„Печатените медиуми се мојата прва љубов и тешко дека тогаш помислував дека ќе работам на телевизија или друг медиум, но времето ги прегази печатените медиуми. Од тогаш работев во телевизија, па во дигитални медиуми. Најголемите предизвици биле поврзани со започнување одново, речиси од нула, но неуморната желба за знаење ми помогнала да опстојам и да „пливам“ во новите води“, се навраќа Манасиев на своите први новинарски чекори, но и на предизвиците со кои се соочил подоцна

  • Вложувањата во нови вештини и знаења се враќа неколкукратно

Трендот на трансфер на новинари од еден тип на медиум во друг е присутен, меѓутоа потребно е време за нивна адаптација во новата средина. Ова, пред сè, се однесува за ангажманите од весник во портал или во ТВ. Покрај техничките и технолошките предизвици со кои се соочуваат, се менува и наративот, па екстензивните реченици од печатените медиуми се заменуваат со пократки, јасни и суштински за телевизија. Затоа е потребна и обука и трпение од повозрасните и искусни колеги.                  

„Генерално, мислам дека младите новинари денес започнуваат со работа „боси“ во однос на знаењето да креираат и обработат едноставни информации и да ги спакуваат како вест.  Обуките во денешно време, за жал, не се пракса во најголем дел од медиумите. Тоа се сведува на желбата и драгата волја на некој од вашите колеги, ако имате среќа да најдете такви. Секоја чест за оние кои одвојуваат и посветуваат соодветно време да обучат млади новинари или барем ги ослободат од обврски и да ги пуштат на обуки организирани од домашни или меѓународни организации. Вложувањето во нови вештини и знаења се враќа неколкукратно и реално не постои возрасна граница кога новинарите можат да научат и да применат нешто ново“, заклучува Манасиев.

  • Новинарите мора да бидат во чекор со технолошкиот напредок

Долгогодишниот новинар Срѓан Ивановиќ, пак, е на став оти може да се забележи засилена употреба на мултимедијата во македонските медиуми во последните години. Според него, тоа претставува позитивен исчекор во обидот вестите и содржините да се приближат кон новите технолошки трендови.

„Во неколку наврати сум бил дел од обука за разни дигитални алатки и тука мора да се нагласи дека технологијата напредува со светслосни чекори и дека секој новинар или медиумски работник, постојано треба да е во чекор со напредокот. Алатките, секако, се корисни“, вели Ивановиќ.

Важен фактор, како што вели, е падот на цените на технолошките уреди, што овозможи бројни наши медиуми, па дури и порталите со пет новинари да располагаат со доволен број на помагала кои овозможуваат мултимедијален развој. И тој го дели гледиштето на Манасиев дека во најголемиот број на ситуации е доволен и солиден мобилен телефон за продуцирање на монтиран видео материјал како поддршка на вашиот извештај. Меѓутоа, на мултимедиjата тој не гледа како на закана по традиционалните медиуми

„Сметам дека не е закана. Весниците имаат голем проблем што се печатат на хартија, а хартијата се добива од преработка на дрвја. Тоа е нееколошки и во последните години премногу скапо за менаџирање. Иако јас сум вљубеник во пишаниот збор, за жал морам да констатирам дека улогата на весниците во информирањето на јавноста е минато и дека сегашноста им припаѓа на мултимедијалните медиуми. Тоа подразбира и дека телевизиите во информативниот дел ќе треба да се адаптираат на новите трендови“, смета Ивановиќ.

  • Мултимедијалноста во суштина значи кратење на трошоци

Токму примената на технологијата ја посочува како еден од најголемите предизвици во новинарството.

„Мојот афинитет е повеќе поврзан со книгите, а помалку со компјутерите, па можеби и затоа ми беше тешко да ја совладам кат-монтажата на времето, кога во една национална телевизија беа отпуштени монтажерите, како резултат на одлуката на менаџментот дека новинарите сами треба да си ги монтираат прилозите за вести. Мултимедијалноста во суштина значи кратење на трошоци и можеби затоа е толку перспективна. Затоа и не е проблем од медиумот во кој работите да ви овозможи обука“, изјави Ивановиќ.

Но, тој гледа проблем во обуките за дикција, акцентирање и читање кај новинари кои прават трансфер од еден вид на медиум во друг. Вели дека стандардите се паднати во тој поглед. 

„Што се однесува до обуките за дикција и интонација, тука состојбата е алармантна. Во минатото беше нормално новинарите прво да научат да пишуваат и да читаат, па дури потоа да им се дадат задачи. Денеска стандардите се пониски и, речиси, воопшто и да не се внимава на правилниот изговор“, потенцира Ивановиќ.

  • Публиката ги менува навиките – читателите повеќе не сакаат „долги чаршафи“.

Мултимедијалниот тренд е присутен во, речиси, сите професионални медиуми, ќе забележи искусниот новинар Војо Мојсовски, кој моментно е дел од порталот „Плусинфо“. Тоа, како што истакнува, го диктираат и публиката која ги менува навиките.     

„Трендот кај чителите се менува. Повеќе не сакаат да читаат „долги чаршафи“, бараат да има и повеќе фотографии, ако може и видео содржина, некои инфографици и слично. Во секојдневното информирање може сѐ да се користи од споменатото, но потребна е обука за да можете што побрзо да го направите сето тоа. Плус и креативност, кога сакате и како сакате да се пласира една содржина. Секако, тоа зависи и од уредувачката политика на медиумот, дали тоа ќе го користи често или пак само за одредени теми“, истакнува Мојсовски.

Тој смета дека обуките за мултимедиjа се ретки и мора да бидат зачестени, бидејќи трендовите се менуваат. 

„Ако сакате содржината да биде побогата, треба да има обуки. Некои од обуките кои сум ги имал е биле за користење на мобилниот телефон како средство за снимање на видео содржини, па како истата да ја монтирате и да ја пласирате во веста или темата со цел да биде побогата. Сум посетувал и обуки за креирање на инфографици кои, исто така, се користат за збогатување на една вест со цел да биде поинтересна за читателот и главните работи да бидат поставени во еден график кој ќе биде разигран и попрегледен“, вели Мојсовски.

  • Мобилните телефони и додатоци за нив во нераскинлива врска со мултимедијата

Според него, користењето на мултимедиjа во големa мера зависи од редакцијата како сака да ги пласира своите вести кон публиката. Притоа ја нагласува и потребата од набавка на мобилни телефони со голем број додатоци, како што се гимбал, стативи, микрофони, без кој не се може во креација на мултимедијални содржини и нивна примена во секојдневното работа.

„Традиционалните медиуми полека изумираат, особено весниците. Но, и телевизиите се под закана, токму поради мултимедијата, бидејќи луѓето сѐ почесто ги користат смартфоните како извор на информации. Тоа ги става порталите во предност, кога станува збор за информирањето, но морам да напоменам дека и социјалните мрежи се користат за пренос на информации. Таму особено се користи мултимедијата, затоа што не минува само со пишување на текст. Содржината мора да биде побогата“, смета Мојсовски.

Во кариерата, вели, се соочил со многу предизвици за користење на технологијата за што како пример го посочува искуството од известување од Галичката свадба. 

„Од целиот настан беше потребно да испратам фотографии и текст за весник, а во исто време истиот и за портал со видео плус. И сето тоа со лаптоп и телефон. Во цела таа бркотница за време и по настанот, треба да сработите, бидејќи времето притиска за весникот да биде затворен, а да се објави и на портал. Па, се случува да снемате батерија на лаптопот или на телефонот и морате да се снаоѓате, да позајмите од некого за да се направи целата содржина за двата медиуми. Но, тој адреналин е, исто така, интересниот дел од работата, не е само информирањето“, коментира Мојсовски.

Останати
објави

Сподели на...