Некогаш во сенка, денес двигатели на промени во професијата и во општеството 

Датум

Пишува: Сашко Димовски

Светска економска криза, европска должничка криза, пандемија на ковид-19, руска инвазија на Украина. Ова се најголемите предизвици со кои се соочуваше, со дел сè уште се соочува, светот во изминатите 16-тина години. Тие, секако, имаа(т) силен импакт врз светската економија во целина. Инфлација, рецесија, поскапување на парите, на горивата, на храната. Банките стануваа сè порезервирани кон клиентите (физички/правни лица) во обид да се заштитат од ризични пласмани во турбулентни времиња, па најголемиот притисок падна врз индустријата, во сите сегменти и дејности без исклучок. Егзистенцијалната неизвесност се прекрши и во медиумите, особено врз грбот на новинарите и медиумските работници на глобално ниво.

Македонија е мал пазар, со ниска куповна моќ на граѓаните, ниски плати на вработените во медиумската сфера, но и лимитиран пазар за маркетинг активности и преголем број на медиумскки субјекти од кои секој мерка дел од колачот. Токму финансиите се најчест изговор на работодавачите за прекин на работниот однос со вработените, и покрај големиот јаз во личните доходи меѓу позициите уредник и новинар/репортер. И тука почнуваат проблемите за новинарите и медиумските работници. Таа неизвесност често знае да трае во континуитет или да се кршат работничките права по разни основи (денови за годишен одмори под минимумот на ЗРО, неплатено трудничко отсуство, суптилно деградирање, неплатени часови на прекувремена работа, ангажман за викенди и државни празници, итн.) за да се доведе работникот во ситуација сам да се откаже, без притоа работодавачот да мора да се соочува со непријатности во таквите ситуации. И сето ова беше и сè уште е случај и покрај државното субвенционирање на медиумите и сетовите на мерки што властa ги носеше, особено во периодот на коронавирус, како поддршка на медиумите и зачувување на работните места.

Во „канџите“ на комуналци 

Ако почетоците во новинарството биле нераскинливо врзани за мажите, со ретки ислкучоци како што е легендарната Марта Гелхорн, медиумската професија денес важи за женска. Статистички, новинарките можеби се помалку од новинарите на главните уреднички позиции, но де факто, во најмала рака, се подеднакво застапени во редакциите, а во добар дел и во поголем број и пред компјутер, и пред камера во студио и на линк на терен.

Тоа, само по себе, ги става новинарките во поголема изложеност од ризици за вербални закани, навреди и физички напад. Најсвеж таков пример е со колешката Илинка Иљоска од новинската агенција „Мета“ која беше мета на непријатен настан во текот на август од вработени „Комунална хигиена-Скопје“.

„Одејќи кон работа, застанав да направам фотографија со телефонот од расфрлано ѓубре и метли потпрени на контејнер, бидејќи работев на таква тема. Сликнав и продолжив кон автобуската, но вработени во „Комунална хигиена“ го фатиле моментот додека сликам и тргнаа по мене“, вели Иљоска.

Според неа, непријатните моменти се случувале токму на станицата, додека чекала автобус за работа.

„Само што стигнав на станицата, преку улица мина еден човек во цивилна облека во друштво на еден од чистачите. Тој во цивилна облека ми се претстави дека е раководител без да ми го каже името на што јас му се претставив со име и презиме, му кажав дека работам во новинската агенција „Мета“ и му реков:,Повелете, кажете што треба‘. Тој почна со висок тон, пред сите присутни меѓу кои имаше и постари жени кои се исплашија, да се расправа со мене и побара да ги избришам фотографиите. Ми рече дека не смеам повеќе да фотографирам и дека ќе видам што ќе ми се случи наредниот пат кога ќе шетам со кучето. Се расправаа со мене сè додека не дојде автобусот за да ме испратат со зборовите: Ај влези си во автобус и друг пат да не правиш така оти ќе видиш ти“, вели Иљоска.

Иљоска веднаш го пријавила случајот во полиција и била пријатно изненадена од односот на полициските службеници. „Откако дадов изјава во полициска станица, се вратив дома. Само што влегов, се јави истиот инспектор и ме извести дека случајот ќе биде преземен од Одделението за насилен криминал при Министерството за внатрешни“, додаде Иљоска.

Паралелно со процедурата, за непријатниот настан ги известила и своите претпоставени и колегите во „Мета“. Особено е задоволна од поддршката што ја добила од средината во која работи, но и генерално од новинарската фела. „Се почувствував убаво што не бев оставена сама, веднаш ми се јавија дури и колешки и колеги со кои сум работела порано. За случајот беше информирано и Здружението на новинари на Македонија од каде излегоа со реакција во која го осудија односот на вработените во „Комунална хигиена“ со кои имав „блиска средба“. Веднаш ми понудија и правна помош и адвокатот беше во постојан контакт со мене“, раскажува Иљоска.

Договори на неопределено за фокусирани новинари

Иљоска во кариерата, како што вели, иако повеќе работела во странски реномирани медиуми, работела и во неколку приватни македонски медиуми. Сега скоро една година е во „Мета“, каде е уредно пријавена, со сите бенефиции што треба да ги ужива секој вработен.

„Не можам да се пожалам од „Мета“. Навистина е ОК. Пријавена сум, ми „тече“ стаж, се плаќаат придонеси. Во средината во која сум во моментот се почитуваат работничките и човековите права. Задоволна сум и можам да кажам дека такви медиуми се реткост кај нас“, истакнува Иљоска.

Но, не секаде е така, вели Иљоска, од свое лично искуство од минатото, меѓутоа и од искуствата на колегите од другите домашни редакции со кои соработува и секојдневно е во комуникација.

„Не било се така „розево“ во мојата кариера во медиумите. Во минатото на пример, бев постојано држена со договор за вработување на определено време што го обновуваме на секои три месеци. Неколку дена пред истек на еден таков, добив отказ, иако знаеја дека имам болна мајка, дека имав смртен случај во пошироката фамилија и дека сум единствена вработена во моето семејство. И згора на се, тоа се случи во периодот на пандемија“, вели Иљоска.

Според неа, „најголемите прекршувања на работничките права во медиумите се токму во тие договори на определено време кои може да се провлекуваат до бескрај“.

„Со договорите на определено време, работодавците постојано ги држат новинарите и медиумските работници во неизвесност дали соработката ќе биде продолжена. И тоа прави да не бидете целосно фокусирани на работата, туку да стравувате за егзистенцијата. Доколку договорите што се нудат, бидат на неопределено време, тогаш можете да бидете мирни и целосно да се посветите на работните обврски, наместо на секои три месеци да мислите „што ако не понудат нов договор“. Тоа е лошо и за работникот и за работодавецот“, рече Иљоска.

Освен договорите на кус временски период, посебно сега кога цените на сè вртоглаво растат, ниските плати се уште еден проблем со кој се соочуваат новинарите во приватните медиуми.

„Се сеќавам кога почнав да работам како новинарка, минималната плата ја добивавме на два пати во месецот во коверт. Сега веќе не е така, но замислете колку може еден новинар да е фокусиран на својата работа кога пред да заспие по еден стресен ден, во мислите наместо да најде мир и спокојство почнува да пресметува дали ќе може да преживее до крајот на месецот. Како ќе ги прерани децата? – Која сметка да ја „скокне“ овој месец за да остане за јадење? – Дали ако се разболи ќе има здравствено осигурување или, пак, дали на само неколку месеци пред пораѓање ќе остане без договор“, заклучи Иљоска.

Новинарките да пријавуваат напади и закани, институциите да реагираат

Во последните години Синдикатот на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) реагираа за неколку случаи за разни форми на напади врз новинарки. Најголем одзив во јавноста добија Мери Јордановска, Искра Коровешовска кои беа таргетирани од исто лице на социјалните мрежи и Маја Јовановска која беше мета на бизнисмени и т.н. локални моќници“. Двете организации побара реакција од надлежните институции (МВР и ОЈО) за санкционирање на напаѓачите, бидејќи во спротивно несанкционирањето на заканите ќе значи и охрабрување за сите кои сметаат дека на таков начин можат да се справуваат со новинарите. 

И ССНМ и ЗНМ ги охрабруваат новинарите и медиумските работници веднаш да пријавуваат закани, онлајн малтретирања, навреди и напади, бидејќи само со заедничка реакција може да се врши поголем притисок врз институциите за да реакција. Давањето јавност, пак, на ваквите случаи се покажало како начин за обесхрабрување на оние кои се обидуваат на најразлични начини да ги замолчат новинарите.

„Сликни го твојот глас“ за подигнување на свеста за положбата на новинарките 

Поради зачестените напади, закани, онлајн малтретирања, навреди и дискриминација врз новинарите и медиумските работници и оценките на релевантни фактори и организации дека најголем дел од овие инциденти се насочени кон новинарки, ССНМ и ЗНМ организираа повик за изработка на фотостории насловен „Сликни го твојот глас!“ во рамки на проектот „Безбедни медиумски работници за квалитетно новинарство во Северна Македонија“ (Safer Media Workers for Quality Journalism in North Macedonia) финансиран од Балканскиот труст за демократија (Balkan Trust for Democracy) преку Програмата за слобода на медиуми.

Целта на повикот беше кревање на свеста за овие прашања, особено за нападите, заканите, онлајн малтретирањето базирано на родова основа и преку фотографија и порака да се прикаже како е да се биде жена и новинарка/медиумски работник во Северна Македонија и проблемите поврзани со безбедноста и работничките права со кои се соочиле новинарките.

Инаку, тренд е во последните две децении на студиите по новинарство да се запишуваат повеќе жени, па од тука и нивната поголема застапеност од мажите во моментот во редакциите. И покрај зголемената бројност на жените како новинари и медиумски работници, сепак, мажите сè уште се подоминантни на уредничките и одлучувачки позиции, ситуација која многу жени ја гледаат како ограничувачка за уредувачката независност и учеството во медиумите.

Честопати во медиумската професија се случуваат прекувремени часови, што само по себе значи и помалку време за личен развој и развој на вештини и помалку време за инвестирање во заедницата, особено за жените со семејни и други обврски.

Новинарките се соочуваат со уште една значителна пречка за напредување во кариерата и учество во медиумите – недостаток на еднаквост во политиките и ставовите за планирање на семејството. Меѓу интервјуираните жени кои имаат деца, речиси сите на некој начин почувствувале притисок да изберат меѓу кариера и семејство.

Овие дискриминаторски практики на многу начини се влошени од почетокот на пандемијата на ковид-19. Жените кои работат од дома имаат помалку простор меѓу службеното. За жените стана уште потешко да управуваат со своето работно време, заедно со улогите на згрижување, а со оглед на претходно споменатите проблематични договори што се користат во голем број на работни средини.

Фото: IFJ.org

Оваа сторија е дел од публикацијата „Новинарството како јавно добро“, дел од проектот „Синдикатите за фер закрепнување“ финансиран од Европската Унија, а во партнерство со Европската федерација на новинари.Ставовите и коментарите во публикацијата се одговорност на ССНМ и не ги изразуваат ставовите и мислењата на Европската Унија и на Европската федерација на новинари.

Останати
објави

Сподели на...