Не е скршено новинарството, туку начинот на негова испорака

Датум

Сепак, новинарството мора да продолжи да верува дека вршејќи ја нашата работа како новинари – и бранејќи ги правата на новинарите кои работат во услови на висок ризик – правиме позитивен придонес

Џоел Симон

НОВИНАРСТВОТО Е БИТНО бидејќи на луѓето во светот им се потребни навремени вести и анализа за да носат информирани одлуки за нивните животи.

Тоа е максимата која е двигател на работата на многу известувачи. Тоа е причината зошто, во Комисијата за заштита на новинарите, се залагаме за правата на гонетите новинари кои работат во репресивни и опасни средини.

Но претпоставката дека навремените вести водат до информирани одлуки е ставена под знак прашање не само со шокантната победа на Трамп, туку и со гласот за Брегзит и неодамнешниот референдум со кој се отфрли договор за помирување во Колумбија.

Повеќе не постои заеднички наратив кој обединува голем дел од популацијата. Facebook и до помал степен Twitter ги сегментираа и раскршија медиумите, и голем дел од информациите кои се пласираат преку нив се тенденциозни и неточни, според анализата на директорот на Nieman Lab, Џошуа Бентон.

Во сите три случаи, медиумите не успеаја да ја предвидат динамиката на гласањето и да ги земат предвид сите гледишта. Но нашироко застапеното мислење дека медиумите не успеаја критички да ги покријат настаните е неоправдано. Ако има грешка во системот таа не е покривањето, туку системот на испорака.

Дозволете ми да го објаснам ова преку аналогија. Едно судење вообичаено се состои од два спротивставени правни аргументи, обата засновани на факти, поинаку познати како докази. Но, што ако технологијата одненадеж дозволи 50 различни адвокати да презентираат спротивставени приказни на поротата? И што ако доказите повеќе не се неопходни, така што некои адвокати може да ги презентираат своите аргументи врз основа на традиционални доказни стандарди, додека други имаат слобода да измислуваат работи. Ќе ја обвиниме ли поротата доколку не може да донесе информирана пресуда?

Тоа е светот во кој денес живееме. Повеќе не постои заеднички наратив кој обединува голем дел од популацијата. Facebook и до помал степен Twitter ги сегментираа и раскршија медиумите, и голем дел од информациите кои се пласираат преку нив се тенденциозни и неточни, според анализата на директорот на Nieman Lab, Џошуа Бентон.

Денес, полесно се достапни повеќе вести и информации како никогаш во историјата. Но, тоа има и негативни страни. Не само што не е возможно информациите да се изанализираат и обработат, туку и самиот обид тоа да се стори создава колективен стрес

Идејата за избалансираност – толку внимателно следена од Центарот Шоренстеин – е застарена. Луѓето не читаат интернет страници, уште помалку весници. Тие се информираат преку социјалните медиуми. Washington Post или New York Times можеби се перфектно избалансирани во однос на нивното покривање на секој од кандидатите, но таквите напори не прават разлика кога читателите имаат полесен пристап до индивидуални стории на Facebook кои ги поткрепуваат нивните политички предрасуди.

Истата реалност постои во многу делови од светот. Во Колумбија, на пример, владините весници El Tiempo и El Espectador се помрачени од покомплексни, разновидни и фрагментирани медиуми кои во најголем дел оперираат на интернет и се зајакнати преку локалното радио. На глобално ниво, пропагандните мрежи како Russia Today се дел од миксот, како што се непрочистените депонии на украдени податоци.

Секако, постојат и многу придобивки од оваа сегашна медиумска средина. Денес, полесно се достапни повеќе вести и информации како никогаш во историјата. Но, тоа има и негативни страни. Не само што не е возможно информациите да се изанализираат и обработат, туку и самиот обид тоа да се стори создава колективен стрес. Научниците кои го проучуваат човековото однесување вештачки создаваат високо стресни ситуации така што ги бомбардираат нивните субјекти со информации. Таквата средина е сега реплицирана во нашите секојдневни животи.

По победата на Трамп, насекаде се бараат виновниците. Има многу што да се критикува во начинот на кој медиумите го покриваат Трамп, вклучувајќи ja и нивнaтa некритичнa амплификација на пораката на Трамп, барем на почетокот. Но имаше и многу истражувачко и одговорно новинарство кое презентираше критична и комплетна слика на Трамп како кандидат. Но моќта на секоја поединечна медиумска куќа е многу намалена, па ваквиот вид новинарство има значително помалку влијание.

Сето ова значи дека максимата на новинарството– дека го правиме она што го правиме со верба дека информираните општества носат информирани одлуки – сè потешко се покажува во пракса. Како што уредниците на новинската интернет страница Mic напишаа во соопштението до нивниот персонал, „Секој момент во изминатите пет години го посветивме на мисијата на информирање, инспирирање и охрабрување на нашата генерација да го промени светот … не успеавме.“

Сепак, новинарството мора да продолжи да верува дека вршејќи ја нашата работа како новинари – и бранејќи ги правата на новинарите кои работат во услови на висок ризик – правиме позитивен придонес. Со други зборови, мора да правиме сè што е во наша моќ за вистина да излезе на виделина, иако е сè потешко и потешко таа да се најде.

 

Џоел Симон е колумнист во Columbia Journalism Review и извршен директор на Комитетот за заштита на новинари. Неговата втора книга, “The New Censorship: Inside the Global Battle for Media Freedom” беше објавена од Columbia University Press бо ноември 2014 година.

Останати
објави

Сподели на...