Пишуваат: Петар Клинчарски, Славица Филиповска
Кога на 29 декември, екс-шефот на УБК, Сашо Мијалков излезе од притвор, затворската полиција ги истурка медиумските екипи за да го испрати до неговиот приватен автомобил. „Зошто вакво туркање?!“, неколкупати праша новинарот на „a1on.mk“, Кристијан Ландов, кој беше на работна задача пред затворската капија во Шуто Оризари.
„Полицаецот нè спречи да се доближиме поблиску до Мијалков и да го снимиме неговиот одговор, и тоа надвор од просторот за кој е задолжен да ја врши својата работа. Не е првпат службено лице со оружје во себе да си зема за право да одредува што треба или што не треба да се снима или што треба да се праша. Ова е чест проблем со полицајците, кои веројатно треба да се едуцираат дека немаат надлежност да им кажуваат на новинарите што, каде и како ќе работат“, вели Ландов.
Управата за извршување санкции отвори дисциплински постапки против двајца службеници.
„Дисциплинската постапка сама по себе ништо нема да промени, доколку надлежните не ја направат потребната едукација и не ги запознаат своите вработени дека немаат надлежност да се занимаваат со медиумите, посебно не некого да бранат од нив“, посочува Ландов.
Ова не е изолиран пример во изминатава година, кога новинарите биле спречени во извршувањето на работните задачи и им била загрозена безбедноста. На локалните избори во октомври 2021 година, новинарката Ферикан Илјази од „Еуроњуз“ Албанија, наместо да известува за изборниот ден во Тетово, морала да се објаснува со членови на избирачки одбор и со полицаец зошто е всушност таму.
„Членови на изборна комисија во Тетово не ни дозволуваа да снимаме како се одвива процесот, тврдејќи дека немаме право воопшто да пуштаме камера во училница. Дури нè пријавија во полиција дека сме го нарушувале редот поради расправија, која настана во текот на тоа недоразбирање внатре во училницата. Лицето е пријавено во Државната изборна комисија (ДИК) и оттаму најавија дека ќе преземат мерки. Во вториот случај, исто во Тетово, полицаец на едно избирачко место ни бараше легитимација и акредитација од ДИК, која не постоеше на овие избори, и се закануваше дека нема да ни дозволи да снимаме со зборовите „ја сум законот овде“. Полицаецот што не ни дозволуваше да снимаме во живо, исто така е пријавен кај надлежните во МВР“, вели Илјази.
Новинарите се надеваат на што побрзо донесување на измените во Кривичниот законик, со кои и нападот врз нив ќе се смета како напад врз службено лице.
„Само со законско решение може да се казнат соодветно сторителите, а ние ќе се чувствуваме побезбедни“, вели Илјази.
Измените во Кривичниот законик ја чекаат новата влада
Кон крајот на јули минатата година, министерот за правда во заминување, Бојан Маричиќ, изјави дека во Владата поминале измените на Кривичниот законик, со кои заштитата на медиумските работници треба да се издигне на повисоко ниво. Речиси три недели подоцна, предлог-измените стигнаа во Законодавниот дом. Законот е поднесен на 18.8.2021 година по редовна постапка, со европско знаменце и како матично тело е Комисијата за европски прашања. Како што информираат од Кабинетот на претседателот на Собранието, измените на Кривичниот законик не го поминале ниту првото читање, бидејќи седницата што ја закажа Комисијата за европски прашања на 21.9.2021 година е одложена.
„По гласањето на новата влада, во Владата ќе треба да се достави известување дали се останува на предложените закони за да можат тие закони што останале во собраниска процедура да се донесат“, одговорија од Кабинетот на Џафери.
Досега, единственото поместување од мртва точка околу Законот е јавната расправа што ја организираше собраниската Комисија за еднакви можности на жените и мажите пред еден месец.
Најавените измени во Кривичниот законик се резултат на повеќегодишни напори на ЗНМ и на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), за донесување системски решенија за заштита на правата на новинарите. Според извршниот директор на ЗНМ, Драган Секуловски, ниту една од пратеничките групи не е против донесувањето на измените, но, напоменува, дека никој не презема иницијатива за тој да биде ставен во собраниска постапка.
„Според нашите информации, законот требаше да се донесе до крајот на годината. Сѐ уште е во фаза, која не ни ветува дека ќе биде усвоен од страна на Собранието. Ако оваа влада и Собранието навистина имаат искрена волја да ги штитат новинарите, првиот чекор што треба да се направи е да се поттикне усвојувањето на овој закон“, вели Секуловски.
Пратеникот Арбр Адеми од ДУИ, кој е претседател на собраниската Комисија за европски прашања, вели дека по изборот на новата влада ќе биде свикана комисиска седница.
Начелно, поддршка на законот ќе даде и ВМРО-ДПМНЕ, вели координаторот на пратеничката група, Никола Мицевски.
„Не би требало да има проблем“, смета Мицевски, освен ако во меѓувреме законот не претрпи нови измени, кои за нив би биле спорни.