ИСТРАЖУВАЊЕ НА ССНМ – КОВИД-19 И НОВИНАРСТВОТО
КЛУЧНИ ПОДАТОЦИ
- На 62% овој начин на работа им влијае врз менталното здравје
- На 17 % од медиумските работници им била намалена платата
- На 22% сопствениците не им обезбедиле заштитна опрема
- На 45% им е потребна дополнителна заштитна опрема и сега и во следниот период
- На 25% од испитанциите најголем проблем при известувањето за КОВИД-19 им била намалената транспаренстност на институциите
- На 48% им е потребна психолошка поддршкa
ВОВЕД
Пандемијата силно ја погоди медиумската индустрија во земјава. Новинарските куќи се принудени да носат тешки одлуки: Kој ќе остане, а кој ќе си оди? Новинарите, пак, се соочуваат со финансиски, психолошки, социјални, но и етички и професионални проблеми повеќе отколку пред пандемијата. Двајца медиумски работници досега ја загубија битката со коронавирусот, што покрај стравот за економско-социјалната безбедност го зголемува нивото на страв кај медиумските професионалци кои секојдневно при извршувањето на своите редовни работни задачи се ставаат во ризик од заразување.
Ова се дел од заклучоците извлечени од истражувањето на Синдикатот на новинари и медиумски работници направено во текот на јуни на репрезентативни 150 испитаници, вработени во различни медиуми. Загрижува фактот што дури 30% од анкетираните одговориле дека познаваат некој што останал без работа за време на корона пандемијата. Седумнаесет проценти од медиумските работници одговориле дека им била намалена платата. Помали плати пристигнале на трансакциските сметки кај дваесет и пет од анкетираните. На седуммина платата им била скратена за 30%.
“Заради интервју со градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски бев казнет со 15% од плата еден месец”.
Ова е одговор на новинар кој бил казнет на своето работно место, поради сработеното. Градоначалникот излезе позитивен, па потоа негативен на коронавирусот, а новинарот заработил небулозна казна за која речиси никој и не разбра. Причините останаа непознати. Најголемиот страв на сите граѓани го делат и медиумските работници. Губењето на изворот на егзистенција. Овој шок бил приреден на четворица медиумски работници кои останале без работа во најголемиот пик на пандемијата. Промените со коронавирусот се одразија на сите полиња. Четириесет и пет проценти oд испитаниците одговориле дека им е потребна заштитна опрема и сега и во следниот период, додека 22 посто дека сопствениците не им обезбедиле заштитна опрема. Медиумските работници се жалат и на намалување на квалитетот на животот. Дури 62% одговориле дека овој начин на работа им влијае врз менталното здравје.
“Три месеци работам втора смена до 23 часот навечер за да готвам, чувам деца и да учам со нив додека дојде сопругот”, вели една новинарка.
Новинарите се во макотрпна битка во вителот на лажните вести, се троши последниот атом енергија за да се дојде до точни и навремени информации. Најчестите одговори на испитаниците во врска со транспарентноста на институциите се дека во текот на ковид кризата голем дел од прашањата до институциите останувале неодговорени. Дополнително, во обид да ги заштитат граѓаните од дезинформации, ја губат силата да се изборат во сопствениот “двор”. Се наѕира канонада од тешки удари врз работничките права. Насекаде. Новинарите веќе гласно бараат помош од синдикалната организација.
Детална разработка на податоците и заклучоци од истражувањето
Синдикатот на новинари и медиумски работници во Македонија направи анкета помеѓу 150 испитаници од фелата. На 23 прашања поврзани со Ковид-19 одговараа 108 новинари (84 со полно работно време, 19 слободни новинари, 5 дописници), 14 сниматели, 10 уредници, 10 монтажери, шест од режија и двајца фоторепортери.
Новинарите се соочија со неколку проблеми, намалени плати и работнички права, цензура, битка со дезинформации, борба да се постигне во секој момент граѓаните да бидат информирани за моменталните бројки. Од вкупно 150 испитаници, само 20 проценти од нив одговориле дека од почетокот на кризата со коронавирусот немале никаков проблем при извршувањето на своите работни задачи, што повеќе од доволно покажува дека кризата сериозно влијаела на работата на медиумските професионалци.
Поголем број од овие лица (10) кои немаат забелешка на досегашната работа под вонредни услови се вработени како сниматели во медиумите. Пандемијата ги затвори институциите, фокусот се префрли само во една сфера – собирање бројки и листање на црн билтен на починати. Не само што ги погоди здравствените системи, ги клекна на колена економиите, Ковид-19 ја смени перцепцијата за транспарентноста и на институциите.
„Тешко се доаѓа до одговори од инситуциите“
Вака одговорил еден слободен новинар на прашањето –Кој е најголемиот проблем со кој сте се соочиле при известувањето за Ковид-19?
Но, овој одговор не е исклучок. Слични одговори со главна забелешка за транспарентноста на институциите дале 37 испитаници (25%). Еден фоторепортер сакајќи да го преслика проблемот со транспарентноста напишал:
„Непристапноста до инфективно за да може да се покаже лицето на новиот вирус и колку е опасен и да се намали стигматизацијата кон луѓето што се заболени“
Во „Ковид-арената“ медиумските работници на еден фронт водат битка за точни информации, а на друг – да си го заштитат сопственото здравје. Во таа битка голем дел од нив се оставени сами на себе. Шеесет и осум медиумски работници преку ова истражување порачуваат дека им е потребна заштитна опрема. Дванаесет од новинарите вработени со полно работно време одговориле дека немале соодветна заштита. На прашањето Дали вашиот работодавач ви обезбедил заштитна опрема 115 одговориле со да, а 33 или 22 проценти од испитаниците кажале дека сопствениците не им обезбедиле опрема со која ќе се заштитат на работа. Малку луѓе во редакциите, многу работа, менување и дезинфекција на опремата, работа во групи, проблеми во комуникацијата и забавување на темпото на работа, пречки во онлајн-комуникацијата, се дел од одговорите на испитаниците. Техничките проблеми ја забавувале динамиката на работа на 11 новинари со полно работно време, 3 уредници, 2 дописници и по еден снимател и слободен новинар.
Списокот со проблеми во оваа криза во медиумскиот бизнис е долг. Дополнителни главоболки од техничка природа ги кочат новинарите во исполнувањето на работните задачи. Во овој кризен период редакциите биле речиси преполовени. Шеесет и четири испитаници одговориле дека работеле во канцеларија, но голем број од испитаниците – 50 пријавиле дека работат од дома. Триесет и шест медиумски работници нагласиле дека сториите ги правеле и во домашни услови и на работа. Анкетата на ССНМ покажа дека најчесто вработените во медиумите собираат информации преку изјави за медиумите (105), фејсбук (17) и други извори. Притоа од алатките за комуникација најексплоатирани се телефоните (83), е-пошта (20), 14 (скајп/зум), вибер (11), вацап (4) и сигнал(2).
Економската криза веќе се прошири во сите сектори, а во некои медиуми удри и по џебот на теренците. Ова истражување покажува дека медиумските работници се на првата линија до опасноста, но и на директен финансиски удар. Потребата од помош е повеќе од очигледна, ако се земат предвид одговорите на испитанците. Седумдесет и три проценти одговориле дека им е потребна финансиска помош. Стравот и паниката владее и меѓу самите медиумски работници, па така 48 одговориле дека им е потребна психолошка поддршка. Тука особено е значајно да се напомене дека 62% од анкетираните потврдуваат дека овој начин на живот и работа влијаат врз нивното ментално здравје. Новото темпо кое го наметна коронавирусот некаде наметна и пречки во комуникацијата меѓу самите вработени. Шеснаесет проценти бараат поголема колегијалност или 24 новинари констатирале дека им е потребна поддршка од уредниците.
„Кој работи- греши”, вели една народна поговорка. Во вителот на дезинформациите новинарите оцениле дека на моменти им е потребна и правна помош. Четиринаесет од испитаниците го дале овој одговор. Проблеми кои се уште се далеку од решение се лажните вести, па медиумските работници (37) изјавиле дека им е потребна поддршка при проверка на факти.
Медиумските работници во коронакризата се почуствувале обесправени на работните места. Четворица останале без работа, а 45 одговориле дека познаваат колеги ја изгубиле работата. Сопствениците биле бескрупулозни по прашањето за платите. Во проценти, 33% од анкетираните знаат дека некој во медиумскиот бизнис овој период останал без плата.
„Поради интервју со градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски бев казнет 15 % од плата еден месец“.
Ова е одговор на еден новинар осигуран на полно работно време. Платата која ја добивале пред пандемијата не останала иста за 16 проценти од испитаниците медиумски работници кои одговориле на прашањата.
Најмногу кратење имало кај новинарите со полно работно време – 11 новинари. Четири слободни новинари се соочиле со кратење на приходите од 20% (1), 15% (1), 10% (2) Некаде, е забележано делумно намалување на платите. На пример, на петмина новинари со полно работно време скратени им се 30% од примањата овој период на криза. Половина од платата (50%) добил еден новинар, двајца по 20% намалување, двајца 10% помалку и на еден новинар му била скратена платата за 15%. Покуси за 20% и 30% од платата останале и двајца уредници. Еден фоторепортер добил плата скратена за 30%.
Медиумските работници не се имуни на коронавирусот. До 1 јули се регистрирани двајца медиумски работници кои починаа како последица од Ковид-19. Четириесет и четиригодишниот Беким Бајрамовски од Лабуништа, вработен како техничар во Телевизија Спектра и 51-годишниот Шенол Ахмети од МТВ. Десетици новинари и медиумски работници станаа позитивни на Ковид-19, а дел беа праќани и во само-изолација поради контакт со заболени при извршување на своите работни задачи. Во тој период, со кршење на работничките права, сопствениците своеволно одлучиле да не исплатат боледување на 37 од нашите испитаници, или на 24% од испитаниците. Сто испитаници одговориле дека боледувањето им било исплатено. Сто и шеснаесет пријавиле дека им е обезбедена соодветна опрема, а 33, што е околу 20 проценти се незадоволни бидејќи не добиле соодветна заштита.
Додека граѓаните беа во карантин, новинарите, снимателите, фоторепортерите, но и останатите вредно ги извршуваа работните задачи. За време на полициски час деветмина пријавиле дека имале непријатности, главно со полицијата на терен. Некои од нив биле задржувани при проверките, дел пријавиле дека биле отстранети од одредени локации за известување, а 133 вработени во медиумите кажале дека без проблем работеле за време на полициски час.
Приматот во новинарските известувања припадна во здравствениот сектор. Сто дваесет и петмина од испитаниците во ова истражување искрено одговориле дека ги запоставиле сите други теми, а само 23 и покрај корона-кризата пишувале и за други теми.
И пред и за време на пандемијата со коронавирусот институциите останувале глуви на новинарските прашања. Шеесет и седумина од испитаниците одговориле дека нема разлика, но приближно на оваа бројка (61) сметаат дека корона-периодот им донел повеќе неодговорени прашања. Дванаесетмина одговориле дека овој период имало помалку прашања на кои им недостасува одговор.
Сликата во редакциите полека се менува. Поголем број од испитаниците (98) се песимисти дека ќе се соочат со драстични промени, но 50 лица предвидуваат нови услови. Најголемиот страв за вработените во медиумите е кратењето на платите. Дваесе и еден медиумски работник сметаат дека економската криза допрва ќе ги засегне новинарските куќи.
“Ќе останеме без работа”, пишува во еден од одговорите на ова истражување.
ЗАКЛУЧОК
Анкетата која ССНМ ја направи со 150 вработени во медиумската индустрија покажува дека стравовите се најголеми во економскиот сегмент. Новиот начин на работа се рефлектира врз менталното здравје кај новинарите во негативна смисла. Проценките се дека кризата ќе ги погоди сите аспекти на работничките права- од кратење на плати, скусување на деновите за одмор, намалување на пазарната цена на медиумскиот пазар. Преку директни одговори од вработените во телевизија, радио, печатени медиуми и интернет портали се доаѓа до заклучок дека допрва доаѓаат тешките денови во редакциите. Како што и самите вработени внатре бараат, најголем проблем се финансиите, односно приходите на новинарите и медиумските работници, но мора да сериозно да се посвети сериозно внимание на заштита на медиумските работници од потенцијална зараза, како и на влијанието на кризата врз нивната психолошка состојба.
Изработила: Христина Беловска