Новинарите и медиумските работници со плата далеку под просечната

Датум

КЛУЧНИ ПОДАТОЦИ:

35% од медиумските работници имаат од 15 до 20 илјади денари плата, што е далеку под просечната

67% не се задоволни од платата или хонорарот

63% одговориле дека никогаш не користеле боледување

23% не се здравствено и социјално осигурани

62% одговориле дека постои социјален јаз во редакцијата

19% одговориле дека менаџментот не дозволува синдикално организирање

21% не го познаваат Законот за работни односи

 

Ниските примања, како и непочитувањето во целост на Законот на работни односи од страна на работодавачите се најчестите проблеми со кои со години се соочува медиумската фела.

Според Државниот завод за статистика за месец април 2020 година просечната плата изнесувала 25.830 денари. Според ова, најголемиот дел од новинарите имаат месечни примања далеку под просечната плата во земјава. Според последниот извештај на „Репортери без граници“ од 180 земји, Македонија е рангирана на 93. место, што само по себе зборува за атмосферата во која работат медиумските работници.

Најголемиот дел од новинарите и медиумските работници земаат од 15.000 до 20.000 денари плата. Ова го покажува анкетата на Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ), спроведена на 150 испитаници, на кои им беа поставени прашања во врска со работничките права и состојби во новинарските редакции во земјава. Вкупно 53 лица или 35,3 % одговорија дека нивните месечни примања се од 15 до 20 илјади денари, додека пак 46 лица или 30,6% одговориле дека добиваат месечна плата помеѓу 20 и 25 илјади денари. Дваесет луѓе или 13,3% одговорите дека нивната плата е во висина од 25 до 30 илјади денари, а 23 лица или 15,3% земаат над 30 илјади денари плата. Само осуммина или околу 5% одговориле дека нивните примања се под 15 илјади денари во месецот.

Медиумскиот бизнис дополнително е на удар од корона-кризата, а тоа се одрази и на губењето на работно место и намалување на платите. Четворица останале без работа, а 45 одговориле дека познаваат колеги ја изгубиле работата. Во проценти, 33% од анкетираните знаат дека некој во медиумскиот бизнис овој период останал без плата.

Најмногу кратење имало кај новинарите со полно работно време вкупно 11 новинари. Четири слободни новинари се соочиле со кратење на приходите од 20% (1), 15% (1), 10% (2). Некаде, е забележано делумно намалување на платите. На пример, на петмина новинари со полно работно време скратени им се 30% од примањата овој период на криза. Половина од платата (50%) добил еден новинар, двајца по 20% намалување, двајца 10% помалку и на еден новинар му била скратена платата за 15%. Покуси за 20% и 30% од платата останале и двајца уредници. Еден фоторепортер добил плата скратена за 30%.

Од вкупно 150 испитаници во анкетата на ССНМ, 73 се машки пол, а 77 се жени, возрасната граница се движи од 23 до 62 години. Од испитаниците најголем дел одговориле дека работат во телевизија – 77, додека пак во електронски медиуми 54. Од печатените медиуми биле 16 испитаници и само тројца кои работат во радио.

Во однос на која позиција работат, 84 лица одговориле дека се новинари со полно работно време, 19 дека работат како слободни новинари, сниматели се 14, монтажери и уредници по 10, на работно место во режија шест лица,  двајца фоторепортери и петмина дописници.

 

Повеќето медиумски работници се со високо образование, но кај половина од нив не е поврзано со новинарство

Дури 112 или 75% од испитаниците одговориле дека се со високо образование, а 18% или 27 испитаници со средно образование и 7% или 11 лица со виша школа. На прашање дали образованието е поврзано со новинарство, потврдно одговориле речиси половина или 70 лица, а негативно 74, шест лица не дале одговор на ова прашање.

Во однос на статусот во медиумот во кој работат, 41% или 61 лице одговориле дека се вработени на неопределено време, а 36% или 54 испитаници се на определено. Хонорарно за работа во еден медиум работат 13% или 19 испитаници, а 10% или 16 одговориле дека работат хонорарно во повеќе медиуми.

За редовноста на платата или хонорарот 96 лица или 64% одговориле дека примањата ги добиваат до 15-ти секој месец, 24 лица или 16% одговориле дека платата ја добиваат на први во месецот, исто толку одговориле дека исплатата е секој месец на различен датум и шестмина или 4% одговориле дека им доцни исплатата.

Дури 101 или 67% од испитаниците одговориле дека не се задоволни со платата или хонорарот, а 49 или 33% одговориле дека се задоволни.

Вкупно 116 анкетирани или 77% од медиумските работници одговориле дека се здравствено и социјално осигурани, а 34 или 23% дека не се. Од вкупно 150 испитаници 94 или 63% одговориле дека никогаш не користеле боледување, 37 или 24% одговориле потврдно, а 19 лица или 13 % користеле боледување како слободни денови.

На 100 лица или 67% им се регистрира работното време, а на 50 или 33% не од анкетираните немаат обврска да се регистрираат кога доаѓаат и кога заминуваат од работа. Во однос на тоа колку денови од одмор им следува, бројките се движат од 0 до 28 дена, а најмногу од испитаниците или вкупно 31% одговориле дека им следува одмор од точно 20 дена.

Социјалниот јаз во редакциите е голем

Вкупно 62% или 93 лица одговориле дека постои социјален јаз во редакцијата. На прашањето каде најмногу, 34% или 51 лице не дале одговор, 31% или 46 одговориле дека меѓу уредник и новинар, а 22% или 33 лица одговориле дека социјалниот јаз меѓу новинари и технички персонал. Најмалку од испитаниците 13% односно 20 лица одговориле дека јазот е меѓу новинарите.

За тоа дали се вклучени во синдикална организација вкупно 75% или 113 медиумски работници одговориле негативно, а 25% или 37 испитаници одговориле позитивно. На прашањето дали постои синдикална организација во вашата редакција, дури 70% одговориле со не, а 30% одговориле потврдно.

Сепак, вкупно 81% или 122 лица одговориле дека нивниот менаџмент дозволува синдикално организирање, а 19% или 28 лица одговориле дека менаџементот не дозволува.

Во однос за познавањето што предвидува Законот за работни односи, 79% или 119 медиумски работници одговориле дека знаат, а 21% или 31 испитаник дека не го познаваат Законот.

Подготви: Ивана Настеска

 

 

 

Останати
објави

Сподели на...