Пишуваат: Фатлуме Дервиши и Адриан Керими
Насилно нападната од демонстрантите во настаните од 27 април 2017 година во Собранието додека си ја извршуваше својата работа, новинарката Мелихате Рустеми никогаш не била сослушана, насилството врз неа не е истражено, сторителот не е идентификуван и не е осуден. Свеж и тажен е споменот на 27 април за Рустеми.
„Секогаш кога ќе се спомене 27 април, чувствувам како ми се потресува телото. Поминаа речиси пет години од овој несакан настан и никој не ме побара да кажам барем збор за тоа што се случи или што доживеав“, вели Рустеми.
Новинарката Рустеми, како и многу други колеги, беше меѓу демонстрантите пред Собранието и ја информираше јавноста за случувањата. Тие не знаеја што ќе се случува.
„Тие не беа обични протести со обични луѓе. Дојдоа различни луѓе, застанаа во групи, кратко разговараа меѓу себе и си заминаа. Она што ми го привлече вниманието беше начинот на облекување на дел од демонстрантите. Многумина носеа црни капи, шалови со државни и партиски симболи. Насекаде одекнуваа песни со националистичка содржина. Сѐ што се случувало внатре во Собранието било соопштено меѓу демонстрантите. Во еден момент ја напуштив главната улица и продолжив кон влезот на Собранието за да видам одблизу што се случува. Таму демонстрантите се обидоа да ги отворат вратите и да влезат насилно. Малку зачекорив на страна и наеднаш почувствував силен удар и болка под ребрата, но не разбрав кој и зошто го направи тоа. Среде таа толпа, не успеав да дознаам кој ме удри. Само слушнав навреди упатени кон мене и кон телевизијата каде што работам. И покрај тоа, продолжив да известувам за ситуацијата уште неколку часа додека не почувствував потреба за лекарска помош“, се сеќава Рустеми.
Новинарката не знае како изгледал насилникот, но другите колеги новинари и претставници на медиумите што го виделе случајот се сеќаваат на тој момент. Нивното сведочење потврдува дека новинарите за време на овие настани известувале под притисок, навреди, физичко и психичко насилство. Меѓу нив е и Арбен Зеќири, тогашен новинар на телевизијата Шења.
„Бев присутен веднаш до влезот на Собранието. Во еден момент ни пријде едно момче, ни зборуваше на македонски и почна да ни се заканува да не ги снимаме лицата на демонстрантите. Го избегнав, велејќи дека не сум снимател. Во меѓувреме ѝ пријде многу блиску на колешката Мелихате, но не можев да слушнам што ѝ рече. Видов дека направи брзо движење со раката и откако се тргна, ја видов колешката со насолзени очи и исплашена. Кога ја прашав што е, ми рече дека лицето ја удрило во стомакот. Сакавме да побараме помош од полиција, но во меѓувреме вербално почна да нѐ напаѓа и една постара жена, да нѐ пцуе и да нѐ навредува на македонски јазик“, вели новинарот Зеќири.
Рустеми се упати за лекарска помош во градската општа Болница „8 Септември“. Полициски службеници биле таму за да евидентираат вакви случаи. Рустеми вели дека им ги дала нејзините податоци на полициските службеници, а МВР потврдува дека нивните службеници го регистрирале случајот.
Во полицискиот извештај нема информации за сторителот, ниту за евентуална натамошна истрага на случајот.
„Ве известуваме дека во електронскиот билтен на СВР Скопје за 2017 година евидентиран е настан „Повреда при работа“ за новинар на ТВ Алсат – Мелихате Рустеми, која на 27.4.2017 година, за време на протест пред Собрание на РСМ, била повредена и префрлена во ГОБ „8-Септември“ за укажување лекарска помош“, одговараат од МВР.
Не се знае дали постапката е доставена до други инстанци. Од Основното јавно обвинителство нѝ рекоа да побараме од МВР дали поднеле кривична пријава за насилството врз новинарката, без да потврдат тие самите. Од МВР повеќе не одговараа на прашањето за кривичната пријава.
Здружението на новинарите на Македонија е свесно за институционалната култура на неказнивост на нападите и насилството врз новинарите.
„Судската власт како да има проблем да разбере дека има обврска да ги штити правата на новинарите бидејќи со тоа го штити и правото на граѓаните да бидат информирани. Институциите треба да разберат дека напад на новинар, во исто време е напад и врз слободата на говорот, правото на граѓаните да се информираат и демократијата воопшто“, велат од ЗНМ.
Новинарските здруженија, ЗНМ и Самостојниот синдикат на новинарите на Македонија се залагаат за поттикнување законски измени, кои, според нив, ќе го подобрат степенот на институционална заштита на новинарите и ќе ги зголемат казните за сторителите.
Во собраниска процедура се предложените измени на Кривичниот законик со кои ќе се овозможи нападот врз новинарите да се смета за напад врз службено лице.
„Тој што делото ќе го стори кон службено лице, адвокат, лекар или друг здравствен работник, новинар или друг медиумски работник или друго лице што врши работи од јавен интерес при вршењето на професионалните задачи или во врска со вршењето на професионалните задачи што ги презема во рамките на своите овластувања или лице што помага при вршењето работи на јавната безбедност или на заштита на уставниот поредок на Република Северна Македонија што се однесуваат на спречување или откривање кривично дело, фаќање сторител на кривично дело, чување на јавниот ред и мир или чување лице лишено од слобода, ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години“, пишува во предлог-измените на Кривичен законик.
ЗНМ оценува дека само преку систематски решенија со промена на законската регулатива може да се спречи евентуалното насилство врз новинарите и медиумските работници.
„Преку измени и дополнување на Кривичниот законик во одредбите со кои се дефинира говорот на омраза во согласност со праксата на ЕСЧП, како и во делот на овластувањата на ОЈО за постапување по службена должност при напад на новинар и/или медиумски работник, како и предвидување повисоки казни за престапниците. Паралелно со ова, од посебна важност е формирање ново одделение во рамки на ОЈО, кое ќе биде задолжено само за постапување по предмети што се однесуваат на повреда на правата на новинарите и на медиумските работници, на нивната безбедност, како и на експлицитниот говор на омраза кон нив, кој посебно е присутен на социјалните мрежи“, додаваат од ЗНМ.
На крајот на 2021 година беше донесена првата пресуда во историјата на земјава за јазикот на омразата кон новинарите. Случајот се однесуваше на говор на омраза што беше упатен кон новинарите на фејсбук-профилот на ЗНМ. Според ЗНМ, овој случај дава надеж дека судската пракса наскоро ќе се промени и дека заканите кон новинарите ќе се третираат со поголема доза на сериозност.
„Непроактивноста на Основното јавно обвинителство, како и долгите судски постапки се причина поради која новинарите сѐ повеќе ја губат довербата во правдата во случаи кога тие се жртви“, сметаат од ЗНМ.
Надежта за расветлување на случајот и казнување на сторителот ја изгуби и нападнатата новинарка Мелихате Рустеми.
„Не верувам. Не дека не може да се расветли, туку дека нема волја за такво нешто, со оглед на фактот дека досега ништо не е направено. Овие случаи влијаат да се намали интересот за оваа професија. Има многу новинари што ја сакаат оваа професија, но поради нивната небезбедност на терен се повлекуваат и не продолжуваат да ја работат“, вели Рустеми.
На 27 април 2017 година, десетици новинари беа блокирани внатре во Собранието заедно со група пратеници, кои беа цел на насилство од група демонстранти. Тие го доживеаја ужасот гледајќи на насилството од толпата демонстранти врз пратениците и претставниците на законодавниот дом и самите беа цел на насилството. Загрозени и незаштитени беа и десетици други новинари, кои известуваа надвор од Собранието за еден од најтешките случувања во демократијата во земјава.
Микрофонот, камерата, логото на медиумот, слушалките, па дури и телефонот во рацете на новинарите и претставниците на медиумите беа доволна причина за демонстрантите да бидат насилни и навредливи кон тие што едноставно беа на должност.
Сторијата е изработена во рамки на проектот „Безбедни новинари во кризни ситуации“ (Кeeping Journalists Safe in Situation of Crisis) финансиран од програмата на УНЕСКО – „Global Media Defence Fund”, а во реализација на Здружението на новинарите на Македонија и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници.
Авторот е одговорен за изборот и презентирањето на фактите содржани во оваа видеосторија и за изразените мислења, кои не се нужно оние на УНЕСКО и не ја обврзуваат Организацијата.
Употребените назнаки и презентацијата на материјалот во оваа видеосторија не подразбираат изразување на какво било мислење од страна на УНЕСКО во врска со правниот статус на која било земја, територија, град или област или тамошните власти, или во врска со разграничувањето граници.