Новинарките сè почести жртви на тролови и хејтери

Датум

Концептот на т.н. „информативен суперавтопат“ беше доста привлечен кога се појави за првпат во 1993 година и во него се гледаше како на железниците и на авиокомпаниите, но и како на револуционерна придобивка за поврзување на светот. Тоа и го направи на многу начини, создавајќи можности за новинарите, кои претходно беа незамисливи, за нивната работа да допре до глобалната публика. Но, извештајот на Меѓународниот центар за новинари (МЦН) што беше објавен на 14 февруари, покажува дека интернетот, исто така, создал и „темни улички“ на омраза, мизогинија и насилство кои се насочени кон новинарките.

Извештајот на МЦН носи детали од две студии кои вклучуваат онлајн закани против Рана Ајуб, соработничка на Post Opinions и храбра истражувачка новинарка во Индија, и Гада Оуис, водителка на Ал Џезира на арапски јазик. Студиите, кои ги спроведе истражувачки тим на Центарот, во соработка со компјутерски научници од Универзитетот во Шефилд, опфатија околу 13 милиони твитови за Ајуб кои беа објавени меѓу 12 декември во 2019 година и 1 март во 2022 година, како и над 150.000 твитови за Оуис во периодот меѓу 3 септември во 2021 година и 1 март во 2022 година, но и други вознемирувачки докази.

Ајуб работеше на тајна истрага за немирите во Гуџарат во 2002 година кои резултираа со убиства на околу 800 муслимани и кои допираа до актуелниот индиски премиер Нарендра Моди, кој тогаш беше главен министер на Гуџарат, и на неговите соработници. „Армијата на тролови“ од владејачката хинду националистичка партија „Бхаратија Џаната“ на Моди, денес „во големи размери ѝ се закануваат на Ајуб на дневна основа“, се вели во извештајот.

Нејзината остра критика кон партијата и хиндуистичкиот национализам предизвикуваат оцрнувачки кампањи кои се шират како вирус. Ја таргетираат „на лично ниво“, со закани за силување и смрт, „длабоко се мизогини и наведуваат на верски фанатизам“. Нападот создава голем ризик од „трансформација во физичко насилство“, се вели во извештајот, и има за цел „да ја поткопа довербата на јавноста во нејзиното новинарство“.

Извештајот, исто така, наведува дека Твитер „е главен вектор“ за нападите, но и заклучува дека платформата „не успеа во целост да ја заштити новинарката“. Нападите преку интернет доаѓаат „со голема брзина, понекогаш и во рок од само неколку секунди по нејзин твит“, што е „многу невообичаено“, но истовремено е сигнал за „координирани кампањи на злоупотреба“. Твитер не одговори на барањето да објасни зошто се дозволува тоа на платформата.

Оуис, исто така, е предмет на таква немилосрдна злоупотреба за нејзиното известување.

„Повеќе од една третина од недвосмисленото лично вознемирување и навредување што откривме дека е упатено кон Оуис на Твитер во период од шест месеци беше мизогинско, сексистичко или сексуално експлицитно“, се вели во извештајот.

„Таа живее во страв да не заврши како нејзиниот брутално убиен колега Џамал ​​Кашоги, исто така, соработник на Post Opinions, кој добивал „онлајн закани пред неговото убиство во 2018 година“, се вели во извештајот.

Четириесет и седум проценти „од злоставувањата кон Оуис се дизајнирани на тој начин да ја дискредитираат професионално“, што според авторите е највисоко ниво на случај за родово базирано насилство на интернет во седум години.

Извештајот на МЦН беше објавен во координација со „Story Killers“, проект за известување предводен од париската непрофитна новинарска организација Forbidden Stories, која се обидува да ја доврши работата на убиените новинари. Post Opinions е дел од проектот.

Изложувањето на такви кампањи за оцрнување пред јавноста е само прв чекор. Твитер и другите платформи треба да ги удвојат своите напори за филтрирање и блокирање на напливот на напади и навреди кон новинари. За враќање на барем некои од придобивките од раната ера на интернет, троловите и хејтерите треба да се идентификуваат и протераат.

https://www.washingtonpost.com/opinions/2023/02/20/women-journalists-online-attacks-report/

Останати
објави

Сподели на...