Ѕвездан Георгиевски
Баучот на лажните вести кружи над светот. Светските велесили ги прогласуваат за најголеми непријатели на демократијата. Во речиси сите влади на земјите од Европската Унија владее вистинска хистерија против оваа злокобна опасност за нормалното одвивање на демократските процеси. Се најавуваат и се водат вистински крстоносни војни со легални и полулегални средства против нив. Но, сепак, речиси никој не влегува во посериозна анализа за корените и причините за ширењето на оваа појава, па дури ни за нејзиното вистинско влијание во однос на демократијата.
Годинава се навршуваат 80 години од објавата на најпознатата лажна вест во историјата на медиумите. Се разбира, станува збор за радио-драмата „Војна на световите“ на Орсон Велс, што на 30 октомври 1938 година ја емитуваше американското радио CBS. Станува збор за специфична адаптација на истоимениот научно-фантастичен класик на Херберт Џорџ Велс, каде што „нормалната“ радио-програма нагло се прекинува со низа вонредни вести, интерпретирани од возбудени „репортери“ за наводна инвазија на Марсовци на некоја фарма во местото Гроверс Мил во американската држава Њу Џерси.
Легендата вели дека драмата предизвикала масовна паника, а како резултат на овие последици подоцна се појавила и сериозна морализаторска хистерија околу (зло)употребата на медиумите. Според известувањето на весниците, како резултат на ефектите на драмата на улица излегле десетици и десетици работници во Џерси, опремени со своите двоцевки за конечна пресметка на „малите зелени“. Еден несреќен слушател сведочи дека едвај ја спречил сопругата да не испие отров. Весниците пишуваат за напад на толпа на полициската станица, за нереди и сообраќајни несреќи по патиштата, за масовна „епидемија“ на инфаркти итн.
Радио-драмата е со недели предмет на медиумската опсервација. Или, како што денес би се рекло, станува „вирална“. За три недели се објавени околу 12.500 новински текстови за оваа радио-емисија и за нејзините последици. Дури и Адолф Хитлер во својот говор во Минхен, една недела по емитувањето на драмата, го споменува овој случај како пример за искривиколченоста на западниот демократски модел (во случајов, американски).
Но, како што подоцна (многу подоцна) се покажува, вистинските „фејк њуз“ не се оние за нападот на Марсовците, туку токму новинските написи! Подоцнежните сознанија кажуваат дека драмата ја слушале околу два проценти од тогашниот слушателски аудиториум, дека никој, ама токму ниту еден, не излегол на улица и не покажал паника, дека најголемото „паничарење“ било неколку телефонски повици до полициската станица и до противпожарната да прашаат дали треба да бидат загрижени или не, дека немало никакви гужви на патот итн.
Денешната дистанцирана проценка е дека весниците ова го направиле исклучиво за да докажат дека радиото (во тоа време сосема нов медиум, претставен како „ултрадемократски“ глас на народот) е несигурен и целосно немеродавен медиум. И – не успеале! Всушност, успеаја да ја воздигнат драмата на ниво на култ, да го промовираат младиот Орсон Велс во значаен автор и да го задржат интересот за овој феномен до ден-денес.
Радиото тогаш, беше она што е интернетот денес. Исто како и радиото, и интернетот во почетокот беше славен како „ултрадемократска“ играчка, како некаква глобална агора во која сечиј глас ќе може да биде слушнат, а денес (особено поради таканаречените социјални мрежи) е ставен на крстот на срамот и вината поради злоупотреба на лични податоци и – поради ширењето лажни вести!
Да се разбереме, и радиото пред 80 години го поминуваше истиот пат. Во учебниците за пропаганда се забележени токму говорите на германскиот диктатор со смешни мустаќи и неталентиран сликар преку радио, како што некогаш (веруваме) такво изучување ќе доживеат и твитовите на американскиот претседател со смешна фризура и неталентиран бизнисмен. Во ред, повеќечасовно запалено викање на микрофон не е исто со запалено викање во 140 карактери твит, ама целта е иста… застапување и убедување во сопствената политичка и општествена идеологија.
Од друга страна, сите се сеќаваме каква улога одиграа социјалните мрежи во самоникнатото движење Окупирај го Вол Стрит, или во таканаречената Арапска пролет, кога активистите се самоорганизираа преку фејсбук во битката против нивните диктаторски режими, конечно фејсбукот имаше клучна улога и во овдешната Шарена револуција. Добро, уште посвежи ни се сеќавањата на влијанието на фејсбукот врз американските претседателски избори, особено на таканаречениот „велешки случај“, кој ја промовираше Македонија во врвот на државите што се способни да произведуваат лажни вести на глобално ниво. Но, ја знаеме и употребата на истиот тој фејсбук од страна на активистите на ИСИЛ, па и на пропагандистите на Путин, кои ја користат мрежата за врбување на незадоволните од западните земји во сопствените антизападни џихади! А, секако, и случајот „Кембриџ Аналитика“, кој фрла можеби најголемо петно врз функционирањето на глобалната мрежа.
Но, треба ли поради тоа да го запалиме интернетот? Треба ли да ги забраниме порталите што со намера или без неа ширеле или шират лажни вести? Треба ли да ги збришеме и традиционалните медиуми поради лажните или „поствистински“ вести?
Се разбира дека не! Тоа би било само уште една манифестација на лудизмот, односно на борбата против новата технологија и алатките што таа ги носи како единствени виновници за состојбата во која што сме, а не против фундаментот на проблемот – а тоа е системот и луѓето што го сочинуваат. Или како што забележуваат американските колумнисти Адријан Чен и Ендрју Харник, борбата или новата крстоносна војна против лажните вести не е решение.
Добро информираната јавност е можеби неопходен услов за демократија, но не е единствен. Демократијата, едноставно, нема да ја спасат точни вести и вистински информации, колку тоа и да звучи убаво, туку вистински демократски и демократизирани институции (вклучувајќи ги тука и медиумите).
Пропагандната војна, вклучувајќи ги тука и лажните вести, се води откога постојат медиумите. Не треба, на пример, да заборавиме дека автор на славната изјава на Марија Антоанета: „Па, зошто не јадат колачи“, наводно дадена откога и рекле дека народот се бунтува затоа што нема леб да јаде, не е никој друг туку славниот и умниот француски филозоф Жан-Жак Русо, наведувајќи ја во своите „Исповеди“ од 1782 година! Колку пропагандно и силно да звучи оваа изјава, таа не е причината за Француската револуција. Вистинската причина е системот и луѓето што го прават, односно фактот дека народот навистина немал леб да јаде.
Но, и враќањето во историјата, како што добро знаеме, често е јалова и манипулативна работа. Она што сега ни се случува, во смисла на инвазијата, не на Марсовци, туку токму на лажни вести, може и треба да се поврзе токму со „крајот на историјата“, односно со завршувањето на Студената војна, дефинитивната победа на неолиберализмот и воспоставувањето на монополен глобален свет.
Имено, во времето на Студената војна, западните медиуми беа перцепирани како објективни и аналитички, додека медиумите од Источниот блок по дефиниција беа пропагандистички и во функција на глорифицирање на комунистичките режими и нивните лидери. Она што е можеби уште поважно дека тогашната моќ на западните медиуми беше глобална и пенетрирачка во земјите зад Железната завеса, додека моќта на медиумите на земјите од Лагерот беше прилично ограничена.
И тука има уште живи сведоци што се сеќаваат на емисиите на Грга Златопер на „Глас на Америка“, на пример. Оваа станица, иако забранета во тогашна Југославија, редовно се слушаше од страна на оние што сакаа да бидат посериозно информирани. Во таа смисла, англосаксонските медиуми, на пример, не само што го формираа мислењето на еден просечен слушател на Романија за Боливија и обратно, затоа што нивните медиуми, едноставно, не информираа ништо за овие земји, туку беа во можност, пред сè, поради квалитетното информирање, да наметнат и политички наратив.
Со падот на Берлинскиот ѕид, овие медиуми се обидоа да наметнат и легален монопол врз новите простори, па дури и физички да влезат (седиштето на „Слободна Европа“ е во Прага). Големата промена настапува тогаш кога локалните медиуми сфаќаат дека со помош на глобализацијата и интернетот можат да делуваат глобално. И не само тоа, туку да наметнуваат свои наративи на „противничкиот“ простор.
Ал Џазеира, кинескиот CCCT, Раша Тудеј и други, со своите програми на англиски, шпански и француски јазик наголемо влегуваат во досегашниот англосаксонски простор на влијание. Ваквиот развој на настаните покажува дека, всушност, и САД е мала земја во однос на останатиот свет. Конечната последица е позната – некои деца од Велес можат (а тоа и го прават) сериозно да влијаат врз резултатите на американските претседателски избори.
Што се однесува до нас, ваквата состојба не е изненадувачка – ние, едноставно, сме навикнати странците да ни ги наметнуваат своите наративи и својот систем на вредности, но можете ли да замислите како тоа делува врз јавноста на САД, Велика Британија и Франција. Според американскиот економист од српско потекло Бранко Милановиќ, ова е всушност главната причина за актуелната хистерија против лажните вести.
Каде е тука македонскиот случај? Македонија нема глобални медиуми. Поточно би било да се каже дека нема воопшто медиуми што го задоволуваат минимумот од светските стандарди, а сепак важи за земја – рекордер во производството на лажни вести! Се разбира, за разлика од големите сили, кои истовремено се и големи медиумски сили, Македонија, со својата скромна медиумска индустрија, нема никакви геостратешки аспирации ниту пак можности преку продуцирање на лажните вести да врши некоја посериозна пропаганда во однос на надворешното позиционирање на земјата. Но, и ние, вакви или онакви, сепак сме дел од светот.
Во глобална смисла, Македонија, и преку состојбата во медиумите, влегува во заморениот, но сепак владејачки неолиберален систем. Со други зборови, по завршувањето на Студената војна, квалитетот на информирањето и неговото соодветно финансирање, едноставно, изгубија на својата важност, а нивното место го зазеде голата комерцијализација. Бевме сведоци како западните медиуми, дури и оние на кои им се восхитувавме, полека стануваа карикатури на самите себе. Во таа смисла, овдешните медиуми станаа карикатури на карикатурите.
Медиумите се сфатени како класична стока на продажба, што подразбира дека трошоците треба да се доведат на минимум, а добивката на максимум. За жал, оваа инаку легитимна филозофија, е сфатена целосно наопаку, па најголемите заштеди се прават врз човечкиот фактор. Се разбира, за да се постигне оваа цел изграден е комплетен систем.
Новинарите повеќе не се вработуваат на неопределено време, туку се ангажираат по договори на дело или времени договори во траење од неколку месеци. Дури и на договорите официјално пишува дека се ангажирани како „извршители на новинарски задачи“, а не како самостојни креативци. Намалениот број медиуми, малиот пазар, погубната корпоративна логика и отворената зависност на медиумите од центрите на моќ ја комплетираат сликата за новинарот како наемен работник без сопствен дигнитет и интегритет.
Понижувачки ниската цена на трудот (зацементирана со бројна работна сила надвор од медиумскиот простор) и несигурната егзистенција, едноставно, ги принудуваат новинарите да го следат општиот бран и да бројат кликови на нивните интернетски текстови. Во таква ситуација, трите функции на новинарството: информативната, едукативната и забавната, едноставно се занемарени. Во ситуација кога една редакција има новинари, чиј број по нормални стандарди не би задоволил ниту една спортска рубрика, не може ни да се очекува некаков посебен квалитет.
Затоа е новинарството такво какво што е: се краде сè што може да се украде, од фотографии до текстови, при што најмалку се води сметка за вложениот труд и авторските права, но и за проверка на информацијата. Интернетот не е сфатен како алатка за подигнување на квалитетот, туку како извор на информации. Да, интернетот е навистина пребогата шведска маса за информации, но тоа не значи дека автоматски е и квалитетна. Напротив.
Од оваа пракса до продуцирање лажни вести чекорот е прилично мал. Во овој случај, трудот е сведен на минимум, а ефектите се многу поголеми од макотрпното новинарско работење. Кога тоа е веќе така, тогаш зошто да не се постигне дупли ќар – со лажни вести да се одработи за интересите на некои од центрите на моќта – политичките партии или големите компании, сеедно, бидејќи интересите најчесто им се поклопуваат. А ако може тоа да се прави на национално (државно) ниво, зошто тогаш да не се охрабриме и на глобален план. И така доаѓаме до „случајот Велес“.
Каде е тогаш излезот од ситуацијата? Првенствено во зголемувањето на медиумската писменост и надежта дека толку ветуваните медиумски реформи конечно ќе се спроведат.
Или едноставно да се надеваме дека овие „детски“ болести на македонското новинарство ќе поминат сами од себе. Нешто слично како што и радиото своевремено се ослободи од своите болести.
Текстот е дел од публикацијата на ССНМ која е помогната од Европската Унија, како дел од проектот „Писменост за вести и дигитална писменост: Справување со лажните вести“ имплементиран од Македонски институт за медиуми, Институт за комуникациски студии, Самостоен синдикат на новинари и медиумски работници и Медиа дајверсити институт.
“Содржината на оваа публикација е целосна одговорност на Синдикатот на новинари и медиумски работници и во никој случај не ги одразува ставовите на Европската Унија”