Околу 30 отсто од новинар(к)ите биле жртви на сексуално вознемирување на работните места

Датум

Глобална студија на ВАН-ИФРА – Жени во медиумите во партнерство со Универзитетот Сити во Лондон

Резултатите покажуваат дека 41 отсто од новинарките во просек доживеале вербално и/или физичко сексуално вознемирување на работното место. Само една од пет жени го пријавила инцидентот

Иако се малцинство, сепак, ниту мажите не се поштедени, а 12 отсто во просек доживеале вербално и/или физичко малтретирање

Осумдесет отсто од случаите на сексуално вознемирување се непријавени што воглавно се должи на страв – од негативно влијание, од губење на работата, од неверување и од одмазда

Резултатите од истражувањето, исто така, покажуваат дека искуствата на сексуално вознемирување биле претежно извршени од колеги вработени (39 отсто) или раководство (19 отсто директен надзорник и 18,9 отсто повисоко раководство)

Како дел од квалитативното истражување беа интервјуирани и 85 директори, меѓу кои 51 жена од медиумски организации. Од нив, 43,5 отсто признале дека и самите доживеале сексуално вознемирување, слично на наодите што ги пријавиле новинарките

 

Меѓународната студија која го документира степенот на сексуално вознемирување во редакциите беше објавена неодамна од ВАН-ИФРА – Жени во медиумите во партнерство со Универзитетот Сити во Лондон. Студијата е најголема од таков вид што се фокусира на мажи, на жени и на родово неусогласени медиумски професионалци во 20 земји низ Африка, Југоисточна Азија, Евроазија (Русија), Арапскиот регион и одредени земји во Централна Америка. Во студијата, која беше спроведена од ноември во 2020 година до септември во 2021 година, беа анкетирани над 2.000 лица и интервјуирани 85 директори.

Глобални резултати

Резултатите покажуваат дека 41 отсто од новинарките во просек доживеале вербално и/или физичко сексуално вознемирување на работното место. Сепак, само една од пет жени го пријавила инцидентот. Иако се малцинство, сепак, ниту мажите не се поштедени, а 12 отсто во просек доживеале вербално и/или физичко малтретирање. Во просек, 30 отсто од сите анкетирани новинари доживеале вербално и/или физичко вознемирување.

„Жените и родово неусогласените луѓе се несразмерно погодени од сексуалното вознемирување во медиумскиот сектор. Иако анегдотски го знаевме ова, наодите од ова истражување покажуваат дека сексуалното вознемирување е ендемичен проблем во индустријата – без оглед на географијата“, вели Мелани Вокер, извршна директорка на ВАН-ИФРА – Жени во медиумите.

„На индустријата ѝ останува да го реши овој проблем со тоа што ќе биде недвосмислена во ставот против сексуалното вознемирување и со тоа што ќе има политики и алатки за управување со инциденти кога ќе се случат, со цел да се заштити нивниот персонал и да се создаде безбедна средина за сите“, додава таа.

Мнозинството останува непријавено

Осумдесет отсто од случаите на сексуално вознемирување се непријавени. Ова главно се должи на стравот – страв од негативно влијание, страв од губење на работата, страв од неверување и страв од одмазда. Дополнително, во просек секој четврти испитаник изјавил дека не го пријавил своето искуство на вознемирување, бидејќи нивната организација немала механизми да го стори тоа и/или не знаеле како. Само 11 отсто од испитаниците изјавиле дека знаат за политиката за сексуално вознемирување во нивните организации.

Одговорот на менаџментот е слаб

Од неколкуте пријавени случаи, организацијата презела дејствија само во пола од случаите и најчесто се ограничува на предупредување на сторителот (41 отсто).

Резултатите од истражувањето, исто така, покажуваат дека искуствата на сексуално вознемирување биле претежно извршени од колеги вработени (39 отсто) или раководство (19 отсто директен надзорник и 18,9 отсто повисоко раководство).

Јаз меѓу перцепцијата и реалноста

Како дел од квалитативното истражување беа интервјуирани 85 директори, вклучително и 51 жена од медиумски организации во петте региони. Од нив, 43,5 отсто признале дека и самите доживеале сексуално вознемирување, слично на наодите што ги пријавиле новинарките. Сепак, само 27 отсто од директорите веруваат дека тоа сè уште е проблем во индустријата.

„Беше извонредно да се забележи јазот во перспективата меѓу новинарите кои учествуваа во истражувањето и раководството на медиумските организации. Ова покажува дека при отсуство на јасни и ефективни механизми за известување, раководството не е свесно за проблемот со сексуалното вознемирување во нивните организации“, рече Линдзи Брумел, главен истражувач и виш предавач на Универзитетот Сити во Лондон.

Истражувањето е прво од ваков вид што е спроведено. Таа се надоврзува на истражувањето спроведено од Women in News во 2018 година, кое идентификуваше недостаток на достапни податоци за сексуалното вознемирување во медиумите, конкретно од земјите во овие региони. Ова истражување е потребно за да се измери обемот на проблемот и да се дизајнираат одговорите за негово завршување.

Истражувањето е достапно онлајн, преку интерактивна страница која им овозможува на корисниците да ги разделат податоците по регион, по земја, по пол, по тип на вознемирување, како и по одговор на раководството. Дополнителни збирки на податоци, вклучувајќи тип на медиум, стаж на испитаникот и набљудување на вознемирување од трета страна, ќе бидат додадени во наредниот период. Веб-страницата е достапна на девет јазици и прва е што на таков начин ги презентира податоците за сексуалното вознемирување. https://sexualharassment.womeninnews.org/research/

„Нашата цел е да ги направиме податоците за трендовите на сексуалното вознемирување подостапни и подобро да ги информираме нашите медиумски партнери за вистинското прашање на сексуалното вознемирување во нивните редакции. Многу години ги обезбедувавме алатките и ресурсите на нашите партнери како дел од нашите напори за обука и сензибилизација. Веруваме дека овие податоци ќе помогнат во нашите колективни напори да ги воспоставиме механизмите и да ја донесеме неопходната промена на културата и засекогаш да се искорени сексуалното вознемирување“, рече Вокер.

Клучни наоди по регион

 

Арапски регион

 

Студијата за арапскиот регион анкетираше 526 медиумски професионалци од Египет, од Јордан, од Либан и од Палестина. Нешто над пола од нив беа жени (54 отсто).

Една од три жени, во просек, се соочиле со сексуално вознемирување на работа во споредба со нешто повеќе од еден од шест мажи. Педесет и два отсто од жените доживеале вербално вознемирување, а 19 отсто доживеале физичко.

Во просек, само 15 отсто од сите луѓе кои доживеале сексуално вознемирување, пријавиле во нивната медиумска организација. Ова е меѓу најниската стапка на обелоденетри случаи од сите проучувани региони.

Од сите пријавени инциденти на сексуално вознемирување, медиумските организации презеле акција во просек 46 отсто.

 

Југоисточна Азија

 

Студијата во Југоисточна Азија опфати 494 медиумски професионалци од Индонезија, од Малезија, од Мјанмар, од Филипини и од Виетнам.

Во просек, една од три жени се соочиле со сексуално вознемирување на работа. Четириесет и пет отсто од нив доживеале вербално вознемирување, а 24 отсто доживеале физичко.

Во просек, само 15 отсто од вкупниот број на лица кои доживеале сексуално вознемирување, пријавиле во нивната медиумска организација. Ова е меѓу најниската стапка на обелоденети случаи од сите проучувани региони.

 

Централна Америка

 

Студијата за Централна Америка анкетираше 234 медиумски професионалци од одредени земји во Централна Америка, претежно од Никарагва и од Ел Салвадор.

Во просек, три од пет жени се соочиле со некаков облик на сексуално вознемирување на работа. Околу 74 отсто доживеале вербално вознемирување, а 43 отсто доживеале физичко што се највисоки бројки меѓу испитуваните региони.

Во просек, само 26 отсто од сите кои доживеале сексуално вознемирување пријавиле во нивната медиумска организација. Од оние кои пријавиле сексуално вознемирување, во просек 46 отсто издејствувале реакција од нивното раководство.

 

Африка

 

Студијата за Африка опфати 575 медиумски професионалци од Боцвана, од Кенија, од Малави, од Руанда, од Танзанија, од Уганда, од Замбија и од Зимбабве.

Во просек, секоја втора жена се соочила со сексуално вознемирување на работа. Околу 56 отсто доживеале вербално вознемирување, а 38 отсто доживеале физичко.

Во просек, само 21 отсто од сите кои доживеале сексуално вознемирување, го пријавиле случајот во нивната медиумска организација.

Од сите пријавени инциденти на сексуално вознемирување, медиумските организации реагирале, во просек, во 57 отсто од случаите.

 

Русија

Руската студија опфатила 176 медиумски професионалци. Во просек, една од четири жени се соочиле со сексуално вознемирување на работа. Околу 35 отсто доживеале вербално вознемирување, а 17 отсто биле жртви на физичко.

Во просек, само 28 отсто од сите оние кои доживеале сексуално вознемирување пријавиле во нивната медиумска организација.

 

Фото: Pexels

Останати
објави

Сподели на...