Пишува: Мирослава Бурнс
Дали мажите и жените новинари доживуваат ист вид навреди и напади на социјалните мрежи, кога ќе објават сторија што некому не му се допаѓа и дали родот игра улога кога станува збор за интензитетот и видот на вербалните напади?
„Кога се напаѓа жената новинарка, се користат сексистички квалификации, се удира по нејзиниот приватен живот и избор на партнер, начинот на кој изгледа, буквално се цели на нејзиниот дигнитет за јавноста да почне да се занимава со нејзината приватност, а не со темата што ја објавила“, смета новинарката од Истражувачка репортерска мрежа, Сашка Цветковска.
Целта на ваквиот наратив, според неа, е јавноста да почне да се занимава со приватноста на новинарката, наместо со медиумската содржина што ја пласирала, а исто така и да се разниша нејзината самодоверба.
Психолошкиот притисок, кој онлајн-нападите го предизвикуваат врз жените новинарки, нема само импликации врз начинот на кој жените новинарки во иднина ќе известуваат, тој претставува и опасност за нивното ментално здравје, нивната самодоверба, им ги одзема мирот и спокојството, но најмногу од сѐ, претставува закана по слободата на говорот.
Дека постојат големи разлики во квалификациите што им се делат при нападите на мажите и на жените новинарки, Цветковска почувствувала и на своја кожа, работејќи на сериозни теми поврзани со домашен и меѓународен криминал и корупција.
„Кај жените е различно зашто секогаш има ејџизам и сексизам, за разлика од мажите. Секогаш е така. Секогаш се закануваат со силување. Јас не ни ги отворам пораките, а имам повеќе од илјада. Не ни ги гледам, ама тие што сум ги погледнала, се такви. Ако новинарката има над 30 години, секогаш се напаѓа моралот и достоинството. Без исклучок е етикетирана како „стара и лесна жена што никој не ја зел за сопруга“. Оркестрираните напади кон мажите новинари се со поинакви квалификации и навреди, како „поткупен криминалец“, „платен и вози џипови“, а кога се напаѓа жена, тогаш таа е „лесна, неспособна, грда, со мал задник“, не е кадарна ни да биде потплатена. Таа е само една обична проститутка. Моите навреди што ги добивам се од овој вид“, објаснува Цветковска.
Злонамерните коментари од непознати мотиви честопати ја таргетираат и одлуката на новинарката да се реализира како мајка.
„Мајчинството е секогаш вклучено во онлајн-навредите и заканите. Дека штом сум се решила да работам корупција и криминал, мора да сум фригидна, инаку би чувала деца и дека мора да сум нереализирана во приватноста. Секој од овие, без разлика како ќе ме идентификува, секогаш завршува со закана за силување кај мене“, вели Цветковска.
Истражувањето на Интернационалната женска медиумска федерација (International Women media federation) покажува дека новинарките имаат краткотрајни и долготрајни последици од ова онлајн-малтретирање, кое им го менува однесувањето. Тие може да ги затворат профилите на социјалните мрежи, да се самоцензурираат, ја губат самодовербата и се сомневаат во себе, но и да избегнуваат да известуваат на темите што ги предизвикале навредите и сексизмот. Некои дури и размислувале да го напуштат новинарството засекогаш откако станале таргет на онлајн-напади. Трети имале проблеми да се концентрираат, избегнувале луѓе или места што ги потсетувале на инцидентите.
Но, Цветковска не ги пријавува навредите и заканите во полиција, затоа што нема време, а и затоа што никој досега во државата не го решил проблемот со заканите и навредите врз новинарките. Таа смета дека кога би ги пријавувала сите недолични коментари, проследени со сексизам и ејџизам, тогаш таа би морала да се дистанцира од својата работа и по цели денови само да пријавува во полиција.
„Дали ова ме погодува како човек? Да. Но, сум си кажала самата на себе дека ако сакам да следам висока корупција и меѓународен криминал, ќе треба да трпам малку повеќе, особено во атмосфера каде што ваквите закани воопшто не се ни сметаат за нешто што е сериозно“, вели Цветковска.
На прашањето дали тоа ѝ влијае врз сомневањето во самата себе, Цветковска одговара потврдно.
„Секако дека ми влијае. Кој сака да прочита нешто такво за себе? Влијае да се сомневаш, влијае врз тоа како се чувствуваш, влијае врз тоа како те гледа светот, влијае врз тоа да се преиспитуваш себеси и сопствените одлуки, што значи дека влијае и врз психичкото здравје. Едноставно, ние сме луѓе и тие работи растажуваат, често расплакуваат, но учиш да живееш со тоа“, вели Цветковска.
Во 2020 година, според статистиката на Здружението на новинарите, забележани се вкупно 14 напади и груби закани кон новинари, од кои повеќе од половината се кон новинарки. Во 2019 година имало само четири вакви евидентирани напади, што значи дека трендот е нагорен и нападите и заканите се трипати побројни. Токму ова го посочува Цветковска како проблем – немањето институционална заштита и невоведената култура во општеството да се обесхрабруваат нападите.
„Има и колеги што одат за сѐ и сешто во полиција и ги намалуваат нашите шанси да имаме систематски добри случаи. Некои навреди не се онлајн-насилство, па поради тие случаи, оние луѓе кои навистина се предмет на онлајн-закани, не се сфаќаат сериозно“, забележува Цветковска.
Уредничката на Алфа телевизија, Искра Коровешовска вели дека, за жал, во македонското општество жените сѐ уште генерално, без разлика на професијата, се третирани полошо од мажите во која било смисла, а новинарките не се исклучок.
„Особено во време кога живееме во длабока политичка поделеност, која е многу силно видлива и во медиумите. Оттука, кога жена работи во медиум што поддржува една или критикува друга страна, нападите се најмалку во насока на нејзината професионалност, ами се политички зачинети со сексуално навредливи пораки и говор на омраза“, забележува Коровешовска.
Мрежата за безбедност на новинари (safejournalists.net) документираа 34 напади против жени новинарки во Босна од 2015 година, 32 во Србија, 13 во Косово, 10 во Северна Македонија и 8 во Црна Гора. Забележливо за сите нив е дека нападите врз жени новинарки се состојат од сексистички навреди базирани на нивниот физички изглед, закани за силување и други родово базирани напади, кои мажите не ги трпат, туку се ексклузивно резервирани за жените. Главната констатација во истражувањето е дека жените новинарки на Балканот, со онлајн-злоупотреби се соочуваат секој ден.
Според најголемиот дел од интервјуираните новинарки, понатамошното постоење стереотипи базирани на родот, создава уште потешка атмосфера за жените. Медиумскиот експерт Мехмед Хаиловиќ вели дека „жените новинарки на Балканот се соочија со совршена бура од широкораспространета мизогинија и антипатија кон новинарите воопшто“.
Коровешовска посочува дека ваквите напади ги почувствувала и на своја кожа и објаснува дека јавното омаловажување на сексуална основа, како и директни закани оставиле тешки последици и за неа и за нејзиното семејство.
„Лицето на кое не сакам ниту да се потсетувам тоа го правеше јавно, преку социјалните мрежи, а пораките со закани ги добивав во приватното сандаче. Неговите јавни напади и омаловажување беа експресно преземани од порталите, кои во борба за кликови не водеа сметка за мојот став и како тоа влијае врз моето семејство, врз мојата ќерка. Таа во училиште ги слушаше „срамотните приказни“ за мајка си од другарчињата, чии родители виделе и прочитале“, се потсетува Коровешовска.
Таа морала да најде начин сето тоа да ѝ го објасни на ќерка си, не знаејќи, како што и самата вели, како да си помогне самата себеси. Лицето на крајот било осудено, а мета на неговите тортури биле и други жени.
„За среќа, институциите ја завршија работата експресно. Во мојот случај, менаџментот на Алфа застана зад мене, во смисла на морална поддршка. Среќа е што нашата работа е динамична и многу одговорна, па мораме и можеме да се „кренеме“ и да се вратиме во нормала. Но, среќа е, пред сѐ, што сме жени – посилни и помудри“, вели Коровешовска.
Дури 66 проценти од жените што биле жртви на некој вид насилство поради полот, во анкета на Интернационалната федерација на новинари, одговориле дека не го пријавиле формално настанот. Според ова истражување, спроведено во 2018 година, жените новинарки биле предмет на насилство надвор од работното место додека ги извршувале работните задачи. Прашалникот на Интернационалната федерација на новинари, спроведен на 400 жени новинарки од 50 земји, открива дека 45 проценти од сторителите биле луѓе надвор од работното место, како на пример извори, политичари, читатели или гледачи. Триесет и девет проценти биле анонимни заканувачи преку социјалните мрежи. Со онлајн-заканите и вознемирувањето, кај жените новинарки, коментарите се во голем дел со сексуална конотација, а последиците се далекусежни и погубни за слободата на информирањето.
Истражувањето на Интернационалната женска медиумска федерација (International Women media federation), исто така, забележала дека за жените новинарки, онлајн-злоупотребите со сексуална конотација се дел од нивниот секојдневен живот. Две од три жени новинарки одговориле дека барем еднаш им се заканил некој онлајн, а 40 проценти не го пријавиле тоа.
Истражувањето на Интернационалната женска медиумска федерација е глобално и одговориле 597 жени новинарки. Онлајн-нападите често се однесуваат на нивното тело, лични или фамилијарни врски, имаат сексистичка содржина, дизајнирани се да заплашат или да засрамат. Во нив се забележува и дека на жените новинарки им се оспоруваат професионалните квалификации и интелектуалниот капацитет, само затоа што се жени. Некогаш им ги споделуваат фотографиите и им се закануваат по физичкото здравје. На сите овие напади заедничко им е тоа што целат да ги дискредитираат жените новинарки, да им ја нарушат репутацијата и ултимативно – да ги замолчат!
И не само што се удар врз кариерата на новинарките, туку истовремено се и удар на нивниот личен живот.
За жените новинарки, ваквите навреди и вознемирувања може да водат до емотивен стрес и до долгорочни психолошки трауми. Жртвите може ќе треба да ги сменат дневните рутини, локацијата каде што работат, домот за да се заштитат. Триесет и седум проценти од интервјуираните жени новинарки откриле дека се самоцензурирале, односно дека онлајн-заканите и навредите имаат ефект на ладење, кој негативно влијае врз процесот на собирање информации и слободата на изразување низ целиот свет.
„Изгледа дека кога ова ќе се случи, жртвата ќе пријави, но менаџментот, иако им помага, како да е затекнат и како да му пречиме. Така жените што пријавуваат, не знаат дали сега се нечиј товар бидејќи таква закана им се случила, над која немаат контрола“, вели една од интервјуираните новинарки во ова глобално истражување под услови на анонимност.
Со измените и дополнувањата во Кривичниот законик, меѓу другото, се предлагаат членови со кои во иднина нападот врз новинар, снимател или фоторепортер ќе се третираат како напад врз службено лице. Од Министерството за правда, предлагач на измените, велат дека со намера не е дефиниран начинот на кој е извршен нападот за да се даде простор секој напад да биде истретиран подеднакво, вклучително и тие што се случуваат онлајн. Надежта е дека со ова, Јавното обвинителство по службена должност ќе ги процесуира нападите врз новинарите и медиумските работници, без тие да мора да се изложуваат на скапи приватни судски парници.
Сторијата е изработена во рамки на проектот „Безбедни новинари во кризни ситуации“ (Кeeping Journalists Safe in Situation of Crisis) финансиран од програмата на УНЕСКО – „Global Media Defence Fund”, а во реализација на Здружението на новинарите на Македонија и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници.
Авторот е одговорен за изборот и презентирањето на фактите содржани во оваа видеосторија и за изразените мислења, кои не се нужно оние на УНЕСКО и не ја обврзуваат Организацијата.
Употребените назнаки и презентацијата на материјалот во оваа видеосторија не подразбираат изразување на какво било мислење од страна на УНЕСКО во врска со правниот статус на која било земја, територија, град или област или тамошните власти, или во врска со разграничувањето граници.