Пандемијата ја потврди важноста на локалните и регионални медиуми, но финансиски ги дотолчи

Датум

Пишува: Ване Трајков

Пандемијата со вирусот ковид-19 уште една ја потврди улогата и значењето на локалните и регионални медиуми кои во услови на здравствено економската криза  станаа главно информативно гласило за случувањата поврзани со коронавирусот на локално ниво и начинот на преориентирање на животот на граѓаните во новите услови на дејствување. Тие беа единствената алка за пренесување на информациите за општинските мерки за заштита на јавното здравје, одлуките на општинските кризни штабови,  за функционирање на животот во услови на вонредна состојба, за советите за превенција, а не ретко беа и коректор на дезинформациите поврзани со вирусот при што се зајакнуваше директната врска меѓу граѓаните и медиумите.

Иако информираа вести од национален карактер од државните институции, сепак овие медиуми мораа да бидат алка и за пренесување на потребите на обичниот граѓанин од секоја урбана или рурална заедница до надлежните институции, информатор за новите правила на живот во услови на криза и вонредна состојба, за новостите од страна на локалните јавни институции бидејки јавноста освен за одлуките од централно ниво бараа и чекаа вести кои мерки се превземаат и на локално ниво.

,,Не само во услови на пандемија, туку јас би рекол дека улогата на локалните медиуми е од исклучителна важност во секојдневното информирање на локалното население. Националните медиуми не се во можност секогаш и редовно да информираат на пример за потребите во населеното место Негорци или пак да го информираат локалното население кои се објекти добија дозвола за работа во услови на карантин. Локалниот медиум е тука незаменлив, објаснува Љубчо Алексовски од единствената локална телевизија во Гевгелија-ТВ Нова 12 чиј сигнал допира и до општините Богданци и Валандово.

Тој смета дека информирањето кое неговата локална телевизија го прави од почетокот на пандемијата за развојот на ситуацијата со Ковид-19 на локално ниво е повеќе од потребно.

„Алармиравме за кршењето на мерките со групирања и забави со дојава од наши сограѓани, за сите новости кои доаѓаа од одговорните, но информиравме и за локалните манифестации во услови на пандемија. Сето тоа не може да оди на национална ТВ“, вели Алексовски.

Алексовски смета дека во овој период работните обврски на новинарите и вработените во локалните медиуми е двојно зголемен. Работеле на ,,непознат терен’’, односно во услови на зголемен број на заболени со Ковид-19 со што биле изложени на зголемен ризик по безбедноста на нивното здравје.

Со ова констатација се согласува и Ангел Данов, новинар од регионалната КТВ од Кавадараци кој тврди дека заради работата на терен се соочувале со лица кои не ги почитувале мерките, а морале да пренесат одредена информација, одреден проблем од Тиквешијата.

,,Пандемијата уште еднаш покажа дека локалните и регионални медиуми се важни. Жителите од Тиквешијата како главен извор на точни и проверени информации го користеа нашиот медиум, што од друга страна моравме некоја вест неколку пати да ја провериме за да не предизвикаме проблеми во нашиот регион“, вели Данов.

И тој се согласува со Алексовски дека „редовно информирање за сите случувања, апели на надлежни, состојби во локалното здравство, економијата, земјоделството односно за сите локални проблеми“ не би се слушнале на национален медиум.

„Ова значи дека мораме да одиме на терен, да бидеме меѓу жителите за да информираме,а на терен многу малку или воопшто не се почитуваат мерките за заштита од Ковид-19. Со тоа директно ни е загрозена нашата здравствена состојба иако максимално ги почитуваме превентивните мерки“, објаснува Данов.

Најмалку десетина новинари и медиумски работници се заразија од вирусот ковид-19 од почетокот на пандемијата во земјава пред се заради изложеноста во непознати средини за да ги реализираат своите работни обврски, иако ги почитувале на мерките за заштита. Ристо Тасев регионален координатор на ЗНМ од Југоистокот и дописник на МИА смета дека новинарската ,,фела’’ била на висина на задачата и покрај големите бројки на заболени речиси во сите региони во државата.

,,Новинарите не потфрлија, туку заедно со здравствените работници беа во првите редови во одбраната од пандемијата. Не треба да се заборави дека новинарите од регионалните и локалните медиуми известуваа за изборната кампања среде пандемија, која за нив, но и за партиите се водеше во сосема нови услови. Тие коректно ја завршија својата работа. Основната функција за која се наменети, да ја информираат и да работат за јавноста, ја исполнија“, смета Тасев.

Тој и критички гледа на својата и работата на своите колеги и посочува дека  „во одредени сегменти може да се каже дека малку потфрлија, во однос на критичкото и аналитичкото обработување на теми поврзани со пандемијата“.

„Мора да се земе и еден друг сегмент значаен за фукнционирањето на медиумите., а тоа е намалувањето на рекламите и приходите, што секако влијае на вкупното работење’’, вели Тасев и додава дека новинарите во локалните и регионалните медиуми во ова пандемија мора да посветат поголемо внимание на лажните вести поврзани со ковид-19 за да ја зајакнат својата улога во локалните средини.

Пандемијата со коронавирусот директно го погоди медиумскиот сектор на финансиски план. Речиси сите локални и регионални телевизии и радија тврдат дека им се намалени приходите и едвај опстојуваат. Од почетокот на пандемијата речиси и да нема нови реклами, а тешко оди наплатата и на договорените, со што значително им се намалени приливите, при што тековните обврски остануваат исти. Според информациите и истражувањта на одредени институции нема отпуштања на вработените од овие медиуми од причина што тешко се наоѓа искусен кадар, но кај одделни локални медиуми има намалување на платите.

ААВМУ ги ослободи радиодифузиерите од плаќање на концесии, Владата ги помогна со минимална  плата, но тврдат дека тоа е само времена мерка и мала помош наспроти нарушувањето на пазарот и финансиската криза што ја наметна пандемијата. Димитар Мицев од регионалната ТВ Канал ВИС смета дека се потребни долготрајни  решенија за да не стават клуч на врата, бидејки пандемијата само го потврдил фактот дека локалните и регионални медиуми се на прагот на егзистенција и пред згаснување.

,,Приходите во овој период ни се намалени за дури 80 одсто бидејки сме ориентирани единствено на реклами од приватниот сектор кој во услови на пандемија прво скрати на рекламите. Просто е невозможно да се обезбедат средствата за плати и нормално функционирање на телевизијата, а камоли да размислуваме за развој. Како телевизија не отпуштивме медиумски работници, напротив ангажиравме бидејки како регионален медиум ни се зголемија обврските. Мерките што ги даде државата беа добредојдени но мора да се најде стабилен извор на финансирање на локалните и регионалните медиуми барем во поглед на зголемување на платите оти во услови на Ковид-19 зголемени ни се трошоците за заштита на вработените кои имаат поголем обем на работа и се изложени на ризик“, објаснува Мицев.

Тој смета дека дел од проблемите би се решиле доколку на локалните медиуми им се доделат грантови.

„Локалните медиуми работат на локални теми и ги пренесуваат сите важни известувања, соопштенија во ова пандемија кои доаѓаат од локалните самоуправи, но не наплаќаат иако сме комерцијални бидејки законски не смеат’’, вели Димитар Мицев од ТВ Канал ВИС кој на прашањето до кога ќе издржите во вакви услови кусо одоговори: ,,Додека не затвориме’’.

На иста линија се и останатите локални и регионални медиуми. Алексовски од ТВ Нова 12 од Гевгелија тврди дека државата мора да најде дополнителни начини за помагање на локалните медиуми кои со години едвај ,,преживуваат’’ при што даде и конкретни предлози.

,,Намалување на износот на концесии, намалување на казните од АВМУ кои се големи, дополнителни финансиски олеснување, но и враќање на една мерка која функционираше во минатото- финансирање на проекти од национален и локален интерес. Доколку инто не се превземат некои од овие мерки за жал нашата држава ќе остане без ниту една локална телевизија“, вели Алексовски

За време на пандемијата, не се почуствуваа огромни отстапки од програмските шеми. Речиси сите локални и регионални медиуми ги задржаа своите емисии, бидејки според правилата на ААВМУ мора да продуцираат 30 отсто сопствена, од програмата што се емитува во етерот. Новинарите тврдат дека во овој период освен информативна програма наоѓале модели и за реализација на предвидените емисии со строго почитување на мерките за заштита што било крајно тешко бидејки стравот бил очигледен кај планираните соговорници.

Сосема поразлична е ситуацијата кај локалните информативни портали кои за време на пандемијата нивните новинари претежно работат во домашни услови, иако имало ситуации кога морале да излегуваат на терен. Сузана Николиќ од порталот „Куманово њуз“ од Куманово, тврди дека локалните медиуми одиграле значајна улога за новонастанатата ситуација во ова општина која беше меѓу првите општини со најголем број заболени од Ковид-19.

,,Бидејки Куманово беше едно од жариштата  на ковид кризата, имавме зголемен обем на работа и настојувавме навремено и точно да ги ифнормираме граѓаните. Тоа бараше многу труд и време, па некогаш останувавме пред комјутер и по 16 часа. Редовно известувавме за сите активности кои што се превземаа од страна на локалните и централните власти се со цел граѓаните да бидат навреме и точно информирани за се што се случуваше во Куманово. Не само нашиот портал туку генерално сите локални медиуми од Куманово одговорија професионално на предизвикот имајки во предвид дека овде состојбата се менуваше од ден на ден“, вели Николиќ.

Таа исто така смета дека локалните медиуми се важни за локалното население и дека нивната улога е голема бидејќи информираат „за сите одлуки на општинскиот кризен штаб од кои зависеше нормалното функционирање на граѓаните во услови на криза“.

„Инфорирањето на пример за укинувањето на јавниот превоз, за економските оператори кои работеа за време на карантин, за потребата од помош на одредени социјални групи, стари и болни лица кои што живеат сами, ширењето на вирусот, состојбите во кумановската болница, Центарот за јавно здравје,  дали и како се почитуваше карантинот придонесе читаноста на информациите на нашиот сајт да биде значително зголемена бидејки бевме еден од медиумите кој тековно информираше за сите одлуки поврзани за заштита од коронавирусот. Во тој период граѓаните ни пишуваа и испраќаа пораки за конкретни информации, па како меидуми информиравме.  Секако дека сите овие вести ги немаше на националните медиуми“, вели Николиќ.

Но, во овој период јавноста претежно беше фоксуирана на информациите кои доаѓаа од локалните радиодифузери со оглед на нивниот кредибилитет и повеќегодишното опстојување, кои директно се вклучуваа од сите позначајни настани поврзани со пандемијата. Новинарите од овие меидуми мораа да дежураат и автентично со слика и тон да ги пренесуваат состојбите од теренот со што придонесоа во подигнување на јавната свест во локалните заедници од потребата за почитување на мерките и протоколите за заштита од вирусот, а притоа да информираат и од останатите области од секојдневното живеење.

Медиумскиот експерт Снежана Трпевска од Институтот Ресис, смета дека локалните и регионалните медиуми одиграле огромна улога во информирањето на локалните заедници и покрај финансиските проблеми со кои се соочуваат. Според неа тие и понатаму се главниот бедем и алатка за известување за локални теми или решавање на локалните проблеми и биле столб на спречување на дезинформациите и неверувањето дека постои Ковид-19.

,,И претходно улогата на овие медиуми беше огромна бидејки без нивно постоење нема добра плуралистичка слика во земјава. И претходно нивната функција беше многу важна во поглед на исполнувањето на потребите на локалното населени оти  анализите покажуваат дека националните медиуми, но и јавниот сервис со чест на исклучоци, многу малку ги покриваа специфичните локални и регионални настани“, смета Трпевска.

И таа објаснува дека големите медиуми се фокусирани на државни политики и дека без локални медиуми граѓаните ќе останат без важни информации од локален карактер.

„Во условите на пандемија без локалните и регионални медиуми, населението немаше да знае за сите мерки што ги превзема општината во поглед на заштита од вирусот, но и за новиот начин на живот. Сметам дека во тој период, населението немаше доволно информации за сите опасности кои го носи коронавирусот а постоеше и одредена доза на неверување и дезинформации.  Во таа смисла контуинираното и професионално информирање на локалните и регионални медиуми предизвика локалното население да ја сфати сериозноста на новонастанатата ситуација“, додава Трпевска.

Таа заклучува дека мора да се осмисли начин како овие медиуми да станат одржливи и да продолжат да ја вршат својата функција која е од јавен интерес.

„Сметам дека одиграа многу важна улога и тоа треба да биде сигнал за инвестирање во овој тип на медиуми, иако сме свесни дека сите тие кубурат со средства за што ќе треба регулаторот сериозно да размисли бидејки и понатаму далеку поатрактивни за рекламирање се националните медиуми“, вели Трпевска.

Според регистарот на радиодифузери на АВМУ на локално и регионално ниво работат 36 телевизии и 65 радија. Околу 360 лица се вработени во локалните и регионални медиуми при што 157 лица со во регионални и 47 во локални телевизии. Во локалните и регионални радија има околу 156 вработени. За време на пандемијата не згасна ниту еден локален или регионален медиум, иако како што тврдат сопствениците, кризата ги дотолчи, имајќи го во предвид намалениот обем на реклами и се потешкиот начин на обезбедување на дополнителни финансиски средства.

Текстот е дел од публикацијата на ССНМ која е помогната од Европската Унија, како дел од проектот „Писменост за вести и дигитална писменост: Справување со лажните вести“ имплементиран од Македонски институт за медиуми, Институт за комуникациски студии, Самостоен синдикат на новинари и медиумски работници и Медиа дајверсити институт.

Останати
објави

Сподели на...