Снимањето и монтирањето на видео не значи дека секогаш мора да се прави само со професионални видеокамери или некој многу скап софтвер. Во прилог пет бесплатни апликации кои ќе ви помогнат да започнете со мобилно новинарство.
Снимањето и монтирање на видео содржини на мобилен телефон или таблет не значи дека материјалот ќе биде со слаб квалитет, но, сепак, потребен ви е софтвер за видео материјалот да го донесете до финален видео продукт, подготвен за објавување, пишува Мадалина Чиобану за порталот www.journalism.co.uk.
Мобилното новинарство е особено корисно кога известувате од далечни, слабо достапни локации или доколку се најдете директно на местото на случување на некој важен настан.
Во моментот постојат голем број на апликации за видео монтажа, во прилог ќе ви претставиме пет бесплатни кои можете да ги користите веднаш.
Lumify
Оваа апликација ја прави мобилната видео монтажа едноставна дури и за почетници и истовремено ви дозволува да користите голем број на видео филтри, транзиции и аудио монтажа. Создавање на видео со пет сцени е лесно: ги додавате видеата што веќе сте ги снимиле со вашиот мобилен телефон или, пак, снимате директно од апликацијата.
Се разбира, можете да додадете и текст на видеото, да го забавите или забрзате или пак да анимирате движење на фотографии, за да изгледаат поинтерактивни. Можете и да гледате што имаат направено други корисници преку апликацијата, доколку ви е потребна инспирација, а последното ажурирање на апликацијата ви дозволува да внесете и видеа снимени преку Снепчет (Snapchat).
Единствената негативна страна на апликацијата е тоа што бара 1GB слободен простор на вашиот уред за да функционира оптимално, така што осигурајте се дека имате доволно простор, за да не ви падне апликацијата на сред работење.
Уреди: iOS
Magisto
Магисто ви дозволува да снимате или користите веќе снимени видео и фотоматеријали, но апликацијата промовира споделување на минимум 15 секунди видео, пет фотографии или спој од двете. Откако ќе ги прикачите вашите материјали, можете да одберете стил на видео монтажа од преддефинирана листа, да додадете аудио песна, насловен текст и готови сте со процесот.
Стиловите за видео монтажа вклучуваат одредени специјални елементи, па така „storyteller“ опцијата ќе ви предложи да прикачите видео со директно обраќање во камера, но од друга страна во „adventure sports“, опцијата автоматски ќе искористи нагли и брзи транзиции, комбинирани со забавување на снимката на клучни моменти во видеото.
Доколку не сте среќни со финалниот видео продукт, можете да се вратите назад и да промените одредени делови што не ви се допаѓаат, наместо да го почнете целиот процес од почеток. Ова е доста добра опција доколку сте испуштиле некое видео и сакате да го додадете подоцна.
Уреди: iOS, Android
Vyclone
Оваа апликација ви дозволува да поврзете повеќе луѓе од различни места во светот и заеднички да снимате и монтирате видео во исто време. За новинари, ова може да биде корисно доколку сакаат да известуваат за некој голем настан (на пример протести) од различни агли и локации. На публиката можат да ѝ го доловат настанот многу пореално, со контраст и споредба низ различните локации.
За да можете да откриете што другите работат на апликацијата, потребно е да ги вклучите локациските сервиси на вашиот уред. Откако ќе го снимите вашето видео, можете на истото да додадете филтри и аудио, како и одредени хаштази и коментари пред да го споделите со светот.
Уреди: iOS, Android, Windows
Directr
Оваа апликација воведува нов елемент во видео монтажата – организација на сцени (storyboard). Можете да снимите или прикачите бесконечен број на видео сцени од било која должина – меѓутоа апликацијата ќе ви даде совети и насоки за најдоброто времетраење на едно видео, каде да скратите дел и каде да додадете текст.
Постои и можност за снимање на оф-тон аудио парче или тонско парче, како и додавање на музика, текст или анимации. За да го користите сервисот и да имате пристап до сите алатки и сцени, мора да се регистрирате на апликацијата.
Уреди: iOS
Splice
Апликацијата е многу едноставна и директна, а по дизајнот многу потсетува на Final Cut Pro, што е доста корисно ако сте навикнати на таа програма. Кога ќе ја отворите апликацијата, ќе ви даде можност веднаш да почнете со снимање или пак да прикачите веќе снимен материјал. Потоа ќе можете да додавате анимации и ефекти на секое видео парче.
Апликацијата доаѓа и со доста обемна аудио библиотека која ќе можете да ја користите, но се разбира, можете да додадете и ваше аудио парче, без разлика дали е тоа аудио нарација или музика. Исто така, можете да додавате и транзиции, да ја подесувате нивната должина и да анимирате движење на фотографии.
Откако ќе завршите со сите подесувања, можете да го погледнете финалното видео, заедно со лента на која се прикажуваат сите аплицирани ефекти во дадена секунда, па така, можете да го проверите и менувате видеото пред да го експортирате и споделите со светот.
Уреди: iOS