Со оглед дека масовните протести во Иран влегоа во четврта недела од нивниот почеток, владата ја зголеми репресијата врз активистите и новинарите. Иранската новинарка Нилуфар Хамеди беше уапсена на 22 септември по објавувањето на фотографија од родителите на Махса Амини како се прегрнуваат во болница во Техеран на денот на смртта на нивната ќерка.
Амини (22) почина во полициски притвор на 16 септември, по нејзиното апсење за неправилно носење на хиџаб, што ги поттикна протестите кои подоцна се проширија низ целата земја.
Мохамед Али Камфирузи, адвокат на Хамеди, ја објави веста за апсењето на неговата клиентка на Твитер и потврди дека таа е во самица во затворот Евин. Оттогаш се уапсени најмалку 40 новинари во Иран, се наведува во извештајот на Комитетот за заштита на новинари (Committee to Protect Journalists). Повикувајќи се на свои внатрешни извори, во него се вели дека новинарите биле апсени во нивните домови, пришто им биле конфискувани уредите.
CPJ го истакна случајот на фоторепортерката Јалда Моајери која на Инстаграм, од комбе со кое ја транспортирале во затвор, објави дека била претепана и уапсена на 19 септември додека известувала за протестите во Техеран.
Независниот портал IranWire објави дека Моајери ги опишала условите во женскиот затвор Карчак, југоисточно од Техеран, како „ужасни“, со повеќе од 100 жени сместени во тесен простор.
„Има само три бањи… и затворските власти препишуваат многу средства за смирување на затворениците“, рече таа.
Аферин*, репортерка од Техеран, беше претресена од властите пред две недели. „Не сум протестирала, ниту сум споделила објава на моите социјални мрежи, откако слушнавме за смртта на Џина [Амини]. Единствената причина поради која ме суспендираа е што ми се допаднаа некои објави на Твитер“, рече Аферин.
„По предупредувањето од мојот уредник, јас дури и ја избришав мојата интеракција на социјалните мрежи од страв. Но, на 29 септември, група на офицери во цивилна облека влегоа во мојата куќа и во домот на мој колега. Нѝ ги зедоа прес-картичките и лаптопите. Дури ми го земаа и службениот телефон. Одзедоа цел куп на хартија на која немаше ништо друго, освен белешки. За среќа, имам и личен телефон и така дознав дека апсат новинари кои пишувале за протестите. Не ме удрија, туку влегоа насилно со палки. Не сум излегла со недели“, додаде Аферин.
Аферин верува дека нејзините прорежимски колеги ги пријавуваат оние кои изразуваат поддршка за демонстрантите.
„Не живеам на адресата што е наведена во мојата официјална евиденција. Како воопшто ме најдоа? – Се плашам дека колегите внимателно нè следат. Бев обесхрабрена од моето семејство да продолжам да работам. Наредните денови се клучни во одлучувањето за нашите судбини“, нагласи Аферин.
Според последните податоци за човековите права во Иран, најмалку 201 лице, меѓу кои 23 деца, се убиени за време на протестите. Иако владата во Техеран најави дека истражува смртни случаи на цивили, групите за човекови права велат дека казните само добиле на интензитет. „Иран Интернешнл“ минатата недела објави дека режимот апсел и ученици кои биле испратени во „психолошки центри“ за да спречи „нивно претворање“ во „антисоцијални ликови“.
И покрај акциите на властите, демонстрации се одржуваа низ целата земја, а бизнисите беа затворени во знак на поддршка на бунтот.
Имаше и прекини на интернет низ Иран, ограничувања за содржините што Иранците можат да ги пребаруваат и мешање во активноста на социјалните мрежи од почетокот на протестите. Новинарите беа попречувани во вршење на работата од сопствените уредници, како и од режимските службеници.
Реза*, новинар од Карај, северозападно од Техеран, беше уапсен поради споделување на објава на социјалните мрежи.
„Ме отпуштија и ме испратија дома. Мојот уредник ме информираше дека донеле оваа одлука, затоа што го наклеветив режимот, а со тоа и мојот медиум. По долги разговори, тие ме вратија на работа. Но, суспендиран сум и очекувам да останам дома и да работам до понатамошни инструкции, што е форма на домашен притвор. Го загубив пристапот до внатрешните работни алатки и мојот работодавач ме принуди да работам со ограничена интернет конекција“, истакнува Реза.
„Го пишувам тоа што го бараат од мене да го напишам. Тие се обидуваат да протуркаат приказни дека сите вести за протестите се невистинити. Јас сум во режим на преживување, па продолжувам да пишувам што ми кажуваат“, порача Реза.
Иранската полиција му ја одзеде и прес-картичката на Реза во првите денови од протестите. Тој бил излезен на вечера во област во градот што е позната како центар на немири, а полицијата го претепала. Тој нема контакт со неговите колеги по одлуката за суспензија.
„Немам поим што се случува на работа. Ми беше кажано да се координирам само со еден од моите уредници и тоа е се. Дури и да им се заканувале на другите, не сум слушнал за ниту еден од нив. Сите се исплашени за своите животи“, порача тој.
* Имињата се променети за да се заштитат поединците.
Извор:Тhe Guardian
Фото: Новинска агенција Вана/Ројтерс
Оваа сторија е дел од публикацијата „Новинарството како јавно добро“, дел од проектот „Синдикатите за фер закрепнување“ финансиран од Европската Унија, а во партнерство со Европската федерација на новинари.Ставовите и коментарите во публикацијата се одговорност на ССНМ и не ги изразуваат ставовите и мислењата на Европската Унија и на Европската федерација на новинари.