Платите на новинарите во дигиталните медиуми под просекот

Датум

Во последните неколку години во Македонија дигиталните медиуми – порталите, заземаат се позначајна улога во делот на информирањето на граѓаните. Според последните податоци на Агенцијата за медиуми, од декември минатата година, околу 41 процент од граѓаните најмногу се информираат преку користењето на интернет порталите. Особено ова се однесува на помладата генерација, до 30 годишна возраст. Од нив, според Агенцијата, околу 80 проценти секојдневно ги користат информациите пласирани од над 100-на македонски портали. Според тоа, после телевизиите, порталите го заземаат второто место во сферата на информирањето, а далеку зад нив се печатените медиуми.

Без оглед на порастот на влијанието на порталите и он-лајн медиумите во Македонија, следејќи го глобалниот тренд, статусот на новинарите кои работат во порталите е речиси непроменет како во времето кога тие важеа за човек-медиум.

Во рамки на проектот на ССНМ “Синдикат до синдикат“, од Меѓународната федерација на новинарите, направена е анкета на 87 новинари во дигитални медиуми при што како фокус група се анкетирани млади новинари со просечна возраст од 35 години, вработени и хонорарци. Од нив, 56,3 проценти жени, 43,7 проценти мажи. Нивното просечно работно искуство изнесува 12 години, и во просек работеле во четири медиуми.

Генерално, резултатите од анкетата покажаа дека нивниот статус не се разликува во голема мера со другите новинари кои се ангажирани во други медиуми, електронски и пишани. Ова особено кога станува збор за степенот на образование, на висината на платите, траењето на работното време, користењето на годишниот одмор, дежурствата, јазот меѓу платите со уредничкиот кадар, исплатата на социјалните придонеси, неплатените дежурства за време на викенди и празници, боледувања и слично.

Анкетата покажа дека новинарите кои работат во порталите иако се доволно образовани, малку или недоволно се информирани за сопствениот статус и за правата кои им се дадени во ЗРО.

Па, може да се каже дека, токму најголемиот дел од оние кои имаат улога да пласираат разни информации во јавноста од типот на кршење и непочитување на законските обрски на работодавците кон вработените, не се или недоволно се запознаени со своите права во работните средини, гарантирани со ЗРО. Или пак, ги знаат, но ретко или воопшто не реагираат во однос на нивното непочитување и кршење од страна на претпоставените во редакциите.

Тоа го покажуваат и податоците од анкетата, според кои 25,3 отсто од новинарите се изјасниле дека не се осигурани, 4,6 отсто рекле дека не знаат дали се осигурани, односно дали им се плаќаат пензиските и социјалните придонеси.

 

Загрижува што 18,3 отсто од оние кои работат рекле дека не знаат, ниту пак прашале на која висина на плата се пријавени, а 5,7 отсто одговориле дека платата ја примаат на рака. 67,8 отсто одговориле дека никаде не им се евидентира нивното работно време, додека 77,1 отсто од анкетираните новинари изјавиле дека за работењето за време на викенд или празник, ниту им се плаќа празнична дневница, ниту имаат слободни денови. Само 1,2 отсто од новинарите одговориле дека добиваат паричен надомест – им се исплаќа дневница за прекувремена работа. Тоа е така, иако значителни 89,5 проценти одговориле дека имаат дежурства за време на викенд или празник, односно, во текот на работната недела работат многу часови повеќе од законски утврдените 40 часа.

А, во членот 117, пак, од ЗРО, стои дека работникот е должен на барање на работодавачот да врши работа преку полното работно време, зависно од потребите и во случаи на исклучително зголемување на обемот на работата, но дека прекувремената работа може да трае најмногу осум часа во текот на една недела и најмногу 190 часа годишно. При тоа, дека работодавачот е должен да му исплати на работникот кој работел над 150 часа во текот  на годината, подолго од работното време, покрај додатокот на плата и бонус во висина од една просечна плата во државата, а секако, за тоа да води претходно евиденција.

Според анкетата, висок е процентот на новинарите со високо или више образование, и тоа со факултет по новинарство, што секако е позитивен податок. 51,8 отсто од нив одговориле дека имаат диплома за високо или за вишо новинарско образование. Сепак, и покрај тој факт, многу е висок процентот на новинарите кои се незадоволни од висината на својата плата. 74,4 отсто одговориле дека не се задоволни од платата која ја земаат, а која во просек изнесува 18,348 денари или околу 300 евра, што е за околу 100 евра помалку од просечната плата на ниво на држава (просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во август 2018, изнесува 24.210 денари), а само 100- тина евра повеќе од со закон пропишната минимална пата во државата. Притоа, најголем  дел од новинарите или 44,2 отсто, одговориле дека таа им е непроменета во последните три години.

 

Голем дел, или 80,5 отсто од испитаниците рекле дека платата им се исплаќа до 15 во месецот, 9,2 отсто дека им доцни исплатата, а дел од нив или 10,3 отсто одговориле дека не знаат кога ќе им биде исплатена платата. Платата во најголем дел се исплатува на трансакциска сметка. Така одговориле 86,2 отсто од анкетираните.

Солиден процент од новинарите или 36,8 отсто рекле дека се вработени на неопределено време, додека 34,5 се изјасниле дека имаат договор на определно време, во просек на 7 месеци и тоа најмногу со авторски договор. Исто така, дека хонорарно работат одговориле 46,5 отсто од новинарите, а при тоа, без никаков потпишан договор.

Дека во овој случај станува збор за очигледна злоупотреба од страна на работодавачите, зборува фактот дека, според член 13 од ЗРО, работодавачот е должен да поднесе пријава/одјава за работникот во задолжително социјално осигурување (пензиско и инвалидско, здравствено и осигурување во случај на невработеност), во согласност со посебните прописи, во Агенцијата за вработување, како и бројот на договор. Работникот, пак, не може да стапи на работа пред да се склучи договор за вработување и пред работодавачот да го пријави во задолжително социјално осигурување.

Карактеристични се и неколку резултати од дадените одговори, а кои исто така го отсликуваат лошиот работен статус како и непочитувањето на правата дадено во ЗРО, од страна на работодавачите.

Така, на пример, дури 67,8 проценти од анкетираните изјавиле дека никогаш не користеле боледување,  додека во случај на болест најчесто ги трошеле слободните денови, или деновите од одмор, секако, во договор и со дозвола на уредниците. Така одговориле 20,7 отсто од новинарите опфатени во анкетата.

Повеќе од половината или 62,8 отсто од анкетираните изјавиле дека го користат законскиот минимум за годишен одмор, според ЗРО. Но,значителен дел од анкетираните, или 22,1 отсто рекле дека и не знаат ни колку денови минимум им следуваат како годишен одмор, според ЗРО, додека 32,2 отсто рекле не го користат целиот годишен одмор.

Притоа, се бара дополнително одработување на деновите користени како годишен одмор. Така, дури 74,4 отсто од анкетираните одговориле потврдно на ова прашање односно рекле дека поради природата на работата, ги „одработуваат“ деновите што ги користеле како годишен одмор.

Инаку, за потсетување, според член 137 од ЗРО,  “работникот има право на платен годишен одмор, од најмалку 20 работни дена, а со колективен договор или договор за, може да се продолжи до 26 работни дена.

Исто така, стои и дека работодавачот е должен на работникот да му издаде решение за правото на користење на годишен одмор.

Траењето на годишниот одмор, определен со членот 137 на овој Закон, се определува според времето поминато во работен однос, условите за работа и други критериуми утврдени со колективен договор, секако, доколку го има. Понатаму, дека, работодавачот е должен да му исплати надоместок на плата во времето додека се користи годишниот одмор.

Резултатите од анкетата покажаа и дека е голем јазот меѓу платите во редакциите на порталите, што е многу слична состојба со другите новинарски редакции. Имено, на прашањето, дали постои социјален јаз во редакцијата, односно некои се многу повеќе платени од другите, дури 58,1 отсто одговориле до да, односно дека постои јаз. При тоа, секако, разликата во платите е најголема меѓу уредник и новинар. Така одговориле дури 78,9 отсто од анкетираните новинари вработени во порталите, кои во најголем дел работат во канцеларија. Односно, 44,8 отсто од анкетираните рекле дека работното место им е во канцеларија, 47, 1 отсто дека делумно работат од дома, делумно од канцеларија, а само 8 отсто се ангажирани од дома.

Покрај стручните квалификации, за менаџментот во порталите при вработувањето на новинарите е пресудна, за жал, и партиска книшка. Така, 64 отсто од анкетираните одговориле дека најважен фактор за менаџментот при вработување нов кадар се стручните квалификации, а 17 рекле дека е битна и партиската книшка.

Во порталите, слично како и во другите новинарски редакции, новинарите не одлучуваат целосно самостојно при изборот на темите кои треба да се обработуваат. Главната одлука е на колегиумот, при што, како што е добро познато во новинарската фела, мислењето на главниот уредник во најголем број на случаи, е одлучувачко. Така, на прашањето, како се избираат темите во вашиот медиум, 31 отсто рекле дека ги избираат самостојно, 17 отсто во договор со уредник, а дури 52 отсто одговориле дека тие се избираат во договор со колегиумот.

Уредниците во порталите не прават суштинска измена на готови текстови. 81 отсто од испитаниците одговориле дека уредникот не прави суштински измени во готов текст, а 56 отсто одговориле со “да“ на прашањето  дека текстовите се читаат од страна на уредникот пред да бидат објавени.   

Автоцензурата, како во секој медиум, присутна е и во порталите. За тоа говори податокот од анкетата според кој, 38 отсто рекле дека „знаат“ кои теми не треба да ги предлагаат за обработка. При тоа, изборот на темата за 36 отсто од испитаниците зависи од влијанието на маркетингот, односно од фирмите кои платиле за да се рекламираат во соодветниот портал.

При пишувањето на темите од новинарите најчесто се бара да почитуваат и второ мислење, односно во текстот да биде запазена и “втората“ страна. На ова прашање потврдно се изјасниле 68 отсто од испитаниците.

Во просек, новинарите објавуваат по 8 текстови дневно, кои се вреднуваат според бројот на кликови. Така одговориле 72 отсто од испитаниците. Во однос на пласирањето на иформациите, најголем дел или 64 отсто рекле дека главната задача им е да известуваат, а дел или 25 отсто одговориле дека пренесуваат свои или информации од други медиуми. И во порталите, како во другите медиуми, многу малку од новинарите имаат предизвик да истражуваат теми, пред да ги објават. Тоа го покажува и податокот од анкетата, според кој, само 11 отсто од анкетираните рекле дека ги истражуваат темите кои планираат да ги објавуваат.

Анкетата го потврди она што е познато и присутно во сите новинарски редакции. А, тоа е дека е минимално и занемарливо учеството на новинарите при изборот на уредниците и на главните уредници. На прашањата, дали се вклучени при изборот на уредниците и,  дали сметате дека треба да бидете вклучени при изорот на главните уредници, по 85 отсто одговорите со “не“.

Останати
објави

Сподели на...