Пораст на малтретирањето на истажувачките новинарки

Датум

Во април во 2020 година, српската новинарка Ана Лалиќ дозна за недостиг на заштитна опрема за болничкиот персонал кој работи во одделенијата за ковид-19. И покрај ограничувањата на српската влада за известување за ковид-19, таа сметаше дека јавноста мора да биде информирана.

„Бевме загрижени за ризикот за заразување на лекарите и на медицинските сестри со вирусот, што би довело до намалување на кадарот за лекување на граѓаните“, рече Лалиќ.

Два часа по објавување на нејзината статија, болницата излезе со демант за нејзиното напис. Истата вечер се појавија шест полицајци на нејзината врата со налог за апсење, рече Лалиќ. Таа беше обвинета за „ширење н лажни информации и предизвикување на паника“, одземени ѝ беа мобилниот телефон и лаптопот, а властите ја приведоа. По два ден беше ослободена и обвиненијата против неа беа отфрлени, рече таа.

Приказната на Лалиќ е една од многуте што ги истакнува предизвиците на работењето во земја во која независните новинари се малтретирани и подложени на кампањи за надзор и оцрнување, вклучително и онлајн вербални навреди и смртни закани. „Репортери без граници“ во април ги повикаа српските власти да ја зајакнат слободата на печатот и да ги заштитат новинарите од несериозни тужби. Бројот на физички и вербални напади врз новинари, според Независното здружение на новинари на Србија кое промовира слободен и независен печат, е во дрстичен пораст во последните години.

Многу од тие напади се фокусираат на новинарките во земјата, кои често работат на независни истражувања.

„Тие новинари се во првите борбени редови за медиумски слободи во Србија“, вели Игор Испановиќ, службеник за поддршка на медиумите и проект менаџер за медиуми во Независното здружение на новинари од Војводина.

„Но, дури и кога ќе доживеат вознемирување, мислам дека тие се брилијантни во менаџирање на начините да го одбијат или да го надминат или да не реагираат на сличен начин“, додава тој.

Во 90-тите години од минатиот век, владата на Србија ја контролираше државната радио и телевизија, борејќи се против мала група на независни новински куќи и новинари. Денеска, провладините медиуми добиваат најголем дел од владиното финансирање што доминира на српската прес-сцена, ширејќи погрешни информации и дезинформации за поддршка на политичката агенда на владата, според повеќето интервјуа што беа направени оваа пролет со независни новинари и активисти за печатот.

Владејачката Српска напредна партија постепено ги поткопува политичките права и граѓански слободи, се вели во извештајот од 2022 година на „Фридом Хаус“, непрофитна тинк-тенк со седиште во Вашингтон.

Голем дел од финансирањето за независните медиумски групи во Србија е странска помош од Западна Европа или од САД, како што се грантови од Стејт департментот, УСАИД, невладини организации кои ја поддржуваат слободата на печатот или меѓународни фондации. Тоа финансирање доведе до обвинувања дека независните новинари се странски платеници и домашни терористи, велат бројни новинари.

Провладините таблоиди и владините функционери, исто така, создадоа амбиент во кој кампањите за оцрнување и за вербалното вознемирување на новинарите станаа вообичаени, што резултираше со психолошки проблеми како страв, вознемиреност и стрес за овие новинари.

За Лалиќ апсењето беше само почеток на психичкото потресување што требаше да дојде. Иако обвиненијата против неа беа отфрлени, Лалиќ рече дека претседателот и премиерот ја оцрнуваат како предавничка на земјата.

„Бев насекаде низ таблоидите. Добивав различни закани. Една вечер некој ми ги пресекол гумите на автомобилот“, рече Лалиќ.

Во 2017 година, истражувачката репортерка Драгана Пецо од Мрежата за известување за криминал и корупција (или КРИК), независен истражувачки портал во Србија, беше цел на притисок, пришто беше провалено во нејзиниот стан. „Натрапникот“ минал низ нејзините работи без да земе нешто и покрај вредните предмети што ги поседувала. Таа го пријавила делото, но никој не бил фатен, а случајот бил затворен.

Во одделен инцидент, во јуни 2020 година, Бојана Павловиќ, исто така, новинарка во КРИК, беше запрена и физички нападната на улица од мажи во цивилна облека, откако го фотографираше Данило Вучиќ, син на претседателот Александар Вучиќ. Според написот на КРИК, синот бил во кафуле во друштво на група која е позната по криминални активности. Нејзините напаѓачи тврдеа дека се полицајци. Ја малтретирале, ѝ го земале телефонот и ѝ наложиле да ги избрише фотографиите. КРИК го пријави напад и побара истрага, но никој никогаш не беше обвинет.

„Ја имаме оваа корумпирана влада која започнува кампањи против нас. Тие имаат многу новинари на своја страна. Значи, тоа ја збунува новинарската средина и сето тоа ги тера луѓето да не нѝ веруваат или ценат“, рече Марија Вучиќ, новинарка и проверувач на факти во КРИК.

Медиумскиот пејзаж во Србија е „катастрофален“, вели Лалиќ. Тој е длабоко поларизиран, со присуството на провладини медиуми и на независни медиуми. Критичкото известување, без ласкање, за владата или нејзините функционери доведува до напад од провладините медиуми, рече Вучиќ.

Српската влада има голема улога и влијание во медиумскиот бизнис, според извештајот на „Репортери без граници“ од 2017 година, последната година за која се достапни информациите. Не само што повеќето медиуми се потпираат на владино финансирање, туку владата, исто така, врши притисок врз медиумскиот пазар со селективно спроведување на даночните закони, понекогаш замрзнувајќи ги банкарските сметки на весниците кои ја критикуваат.

Оваа пролет, „Репортери без граници“ ги повикаа избраните функционери да креираат политики што за промоција на слободата на печатот и за заштита на новинарите. Организацијата го објави извештајот за годишнината од атентатот на истражувачкиот новинар Славко Чурувија и поднесе 10 препораки, меѓу кои и за фер и правичен начин на распределба на владините средства до медиумите.

На локално ниво, според Марија Вучиќ, речиси 99 отсто од медиумите се поврзани со владата, бидејќи тие зависат од локалните буџети за опстанок. Самата Вучиќ не е непозната за онлајн нападите, вклучувајќи ги и смртните закани на социјалните мрежи.

„Кога работам на некоја истрага, не се чувствувам толку безбедно. На пример, во тие неколку недели на работа и по објавувањето, се чувствувам дека можеби сум навистина загрозена. Секогаш се сомневам дека некој ме следи или ако сум под некаков надзор“, рече Вучиќ.

Лалиќ ги гледа тие напади како средство на владата да ги понижи и срами новинарките што работат во традиционално машка професија.

Вучиќ од КРИК истакнува дека при објавување на нешто критичко, новинарките се омаловажуваат на социјалните мрежи како „курви“.

„Кога ќе нападнете новинарка, ќе кажете дека е курва, глупава, ѓубре или дека изгледа како коњ“, рече Вучиќ.

КРИК формираше фонд за новинарите да добиваат советување за еден или два месеца. Независното здружение на новинари на Војводина, исто така, обезбедува бесплатна психолошка помош и поддршка за своите членови врз основа на средства добиени преку грантови.

Во истражувањето меѓу новинарки од 2020 година, спроведено од Независното здружение на новинари на Србија, повеќе од 36 отсто од испитаничките изјавиле дека биле жртви на онлајн закани или дека „имале се соочиле со некаков вид на загрозена безбедност“ во последните пет години. Во многу од тие случаи, според нив, „имало сексуално вознемирување и опасност по безбедноста и животот“.

Таквите напади понекогаш се прошируваат и на нивните семејства. Во 2019 година, маж се изјасни за виновен за упатување на смртни закани на интернет кон новинарката Татјана Војтеховски и нејзината ќерка, се вели во написот на Балканската истражувачка репортерска мрежа (БИРН). Тој е осуден на осум месеци домашен притвор.

Случајот на Војтеховски е еден од ретките што привлече внимание, бидејќи повеќето од пријавените вознемирувања генерално минуваат неказнето, давајќи им поголема слобода на сторителите на таквите кривични дела. Честопати не се известува за напади врз новинарки.

Испановиќ рече дека поради тоа што новинарките сè повеќе ја водат истражувачката работа, тие честопати доживуваат многу повеќе напади од нивните машки колеги. Кога владините функционери ќе забележат растечка опозиција, поверојатно е дека ќе станат поактивни во нивното малтретирање на новинарите, рече Испановиќ.

„Постои тој вид на покровителски аспект на вознемирувањето. Имате мажи кои се на моќни позиции во воспоставената структура на системот, додека од друга страна, повеќето новинари кои вршат истражувачка работа и се во првите редови се жени“, рече тој.

Што се однесува до Лалиќ, таа вети дека ќе продолжи да го прави она што го сака, но направи промени за да ја осигура нејзината безбедност. Во последните две години таа ангажираше обезбедувачи кои ја придружуваат насекаде, секогаш носи тејзер за паника и избегнува да оди сама.

„Истражувачките новинарки во денешно време во Србија се жени. И тоа е нешто на кое сум навистина горда. Подобро е да се биде параноичен кога знаете дека живееме во општество каде физичкото насилство е оправдано и во некои случаи е несканбо добредојдено“, рече Лалиќ.

Оваа приказна е направена како дел од програмата за новинарство на Универзитетот во Вашингтон. Во март, четворица студенти и професорката Алисон Богс минаа една недела во Србија, посетувајќи повеќе независни новинарски куќи, организации за набљудување на медиумите, истражувачки агенции и професори и студенти по новинарство за да ја разберат моменталната состојба на слободата на печатот во таа земја.

Фотографија на Ана Лалиќ е направена утрото кога таа излезе од притвор /Фото: Весна Лалиќ

Извор: poynter.org

Оваа сторија е дел од публикацијата „Новинарството како јавно добро“, дел од проектот „Синдикатите за фер закрепнување“ финансиран од Европската Унија, а во партнерство со Европската федерација на новинари.Ставовите и коментарите во публикацијата се одговорност на ССНМ и не ги изразуваат ставовите и мислењата на Европската Унија и на Европската федерација на новинари.

Останати
објави

Сподели на...