Прекин на неказнивоста главен услов за намалување на нападите врз новинарите

Датум

Пишува: Енис Муртези

Слободата на говорот претставува вредносен показател за капацитет и институционалната поставеност на демократијата во општеството. Истовремено, слободата на изразување не е апсолутно право, туку со себе носи должности и ограничувања што корисниците на онлајн просторот честопати не ги почитуваат. Во тој контекст, на социјалните мрежи, во коментари на објавите, но и во меѓусебната комуникација, честопати може да се забележи користење на закани, навреди, пцовки, како и говор на омраза кон разни групи и поединци. Тоа не спаѓа во слобода на говор и не ужива заштита од законите кои ја регулираат слободата на говорот. Во оваа анализа ќе се осврнеме на (не)безбедноста на новинарите што претставува главен предуслов за квалитетно и навремено информирање.

Слободата на говорот, јавниот настап, јавното информирање наспроти безбедноста на новинарите се нераскинливо поврзани теми што задираат во најзначајните пори на новинарството. Тие, всушност, претставуваат еден од главните показатели за зрелоста на општеството или демократијата во една држава за да се избори со предизвиците врз кои е исправено новинарството.

Меѓу главните проблеми и предизвици кои со години се провлекуваат во медиумскиот простор се: лошата економска положба на дел од новинарите, финансискиот притисок кон дел од медиумите од разни политички и бизнис центри на моќ, како и обидите да се влијае врз новинарството или уредувачката политика на некој медиум на брутален начин, преку испраќање на закани кон безбедноста на новинарите, уредниците или медиумските работници.

Како што спомнавме, основен предуслов за професионално вршење на новинарските обврски и за објективното и навремено информирање на граѓаните е токму безбедноста на новинарите и медиумските работници. Гарантирањето на безбедноста на новинарските екипи го демонстрира и демократскиот капацитет на едно општество, бидејќи на тој начин се остава простор новинарите слободно да ја вршат својата професија во насока на задоволување на јавниот интерес. Поради тоа, прашањата за безбедноста на новинарите се и едни од основните индикатори со кои се занимава и Европската комисија при набљудување на државите што имаат статус на земји кандидати за членки во Европската Унија (ЕУ).

Во годишните извештаи на Европската Комисија (ЕК), во Поглавјето 23 што се однесува на судството и човековите права, освен степенот на слободата на изразување, се даваат и квалификации во контекст на безбедноста на новинарите и медиумските работници, како и политиката на неказнивост во случаи на повреда на нивните права. Во неколкуте последни извештаи на ЕК, еден од главните проблеми кои се провлекуваат со години наназад е високиот степен на неказнивост на напади врз новинари.

Односот на државата кон овој проблем е еден од клучните индикатори, кој помага во одредување на земјата како слободна, делумно слободна или неслободна. Растот на земјата на скалилата што ја мерат слободата на говорот, освен од некои други фактори, во голема мера е детерминиран токму од односот на државните институции (МВР, Јавно Обвинителство, судовите) и општествените чинители (Влада, политички партии, невладини организации, јавност) кон овој проблем. Не само во поглед на (не)неказнивоста кон овие дела, туку и преку креирање на општата клима, која ги стимулира или ги обесхрабрува ваквите дела против новинари и медиумски работници.

Во последните две години, во регистарот на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), регистрирани се повеќе од десет вербални напади врз новинари. Кај поголемиот дел од нападите се работи за закани упатени на социјалните мрежи. За жал, иако повеќето напади се пријавени во Министерството за внатрешни работи (МВР) или во Основното Јавно Обвинителство (ОЈО), само еден од заканувачите е казнет од судот.

Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР е задолжен за истражување и расчистување на дигиталните закани кон новинарите. Иако новинарските здруженија честопати ги пријавуваат заканите кон новинарите во Секторот за компјутерски криминал, сепак многу е мал бројот на предмети во кои МВР постапило по ваквите пријави. Според податоците што ги добивме од МВР, на нивна адреса во 2020 година се пристигнати 12 пријави за говор на омраза кон новинари, додека пак во оваа година, досега се доставени три пријави. Од МВР, исто така, информираат дека Секторот за Внатрешни Работи во Тетово има поднесено пријава против лице од Тетово, кое на социјална мрежа упатило смртни закани кон повеќе медиуми.

„СВР Тетово поднесе кривична пријава против А.Е. (36) од с. Теарце, тетовско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“. На 22.03.2021, од Здружението на новинари на Македонија е пријавено дека на социјалната мрежа „Фејсбук“, пријавениот објавил текст со закани кон новинари од повеќе медиуми“ велат од МВР.

Единствен случај кој доби судска разрешница и напаѓачот беше казнет на суд е случајот со лицето Емил Јакимовски кој упати закани кон новинарките Мери Јордановска и Искра Коровешовска. Во регистарот на напади може да се забележат дури и имиња на политичари кои упатиле закани кон новинари, а за тоа останале неказнети од соодветните институции.

Новинарката Мери Јордановска, во врска со говорот на омраза, ни изјави дека во текот на нејзиното работење таа многу пати се соочувала со навреди и закани од различен тип. Според неа жените новинарки најмногу се напаѓани на полова основа. Таа во детали го прераскажа случајот со членот на ВМРО-ДПМНЕ, Емил Јакимовски, за кој случај вели дека едноставно не можела да го премолчи.

„Често сум премолчувала пред навредите, но она што не можев да го премолчам беше она што ми се случи минатата година, кога тогашниот портпарол на Централниот регистар, член на ВМРО-ДПМНЕ, Емил Јакимовски, рано изутрина, околу 5 часот, кога забележал дека сум се вклучила на телекомуникациската мрежа „Телеграм“ почна да ми испраќа заканувачки и навредливи пораки.

„Ќе те гледаме на некролог“, „странски платеник“, „знам каде живееш точно“, фотографии со лисици на раце беа само дел од пораките кои Јакимовски ги упати до мене, што беше страшно вознемирувачки за мене. Дотолку повеќе што во наредните денови дознав дека истиот е пријавуван и за семејно насилство и дека со слични навреди и закани се соочувале и други мои колешки, како и вработени во Централниот регистар. Затоа и решив да го пријавам случајот, кој на мое изненадување беше експресно решен. Предметот го презеде Единицата за насилен криминал при МВР и заедно со Одделението за семејно насилство ги поврзаа мојот предмет и предметот на неговата поранешна сопруга која со години се влечела по судските лавиринти. Јакимовски беше осуден на една година и осум месеци затвор и беше испратен на задолжително лекување. Тој се уште ја издржува казната затвор“, ни изјави Мери Јордановска.

Од друга страна, пак, новинарот Фуркан Салиу, вели дека онлајн заканите се толку чести што по некое време и не ги сфаќа сериозно дека досега не пријавил таков случај.

„Досега не сум пријавил, бидејќи не ги сфаќам сериозно. А зошто да ги пријавувам? – Имало и посериозни закани за новинари, па не завршиле со пресуди. Едноставно, како што Обвинителството и судството ги третира овие случаи, почнавме да ги третираме и ние“, ни изјави Фуркан Салиу.

Само преку конкретни измени на Кривичниот законик, со давање на надлежност на Обвинителството да постапува по службена должност и преку зголемување на казните за напаѓачите, системски ќе се подобри безбедноста и политиката на неказнивост кон новинари и медиумски работници. Освен тоа, новинарските здруженија бараат во Основното Јавно Обвинителство да биде формирано посебно Одделение што ќе работи на расчистување на нападите врз новинари.

Во тој контекст, ЗНМ и ССНМ се во постојана комуникација со Министерството за правда со цел да се направат законските измени кои ќе обезбедат посигурна работна средина за новинарите и медиумските работници. Законските измени мора да бидат едногласно изгласани во Собранието на Република Северна Македонија. Партиите треба и мора да го стават ова прашање високо на нивните агенди, доколку сакаат да се постигне реален напредок во делот на безбедноста на новинарите.

Пратеникот од коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива, Аднан Незири ни изјави дека неказнивоста на говорот на омраза е главниот мотив за ширење и зголемување на случаите на говор на омраза. Според него, институциите се најголеми виновници поради непостапување во овие случаи. Тој најави дека нивната коалиција ќе ги поддржи измените во Кривичниот Законик со кој нападот врз новинари и медиумски работници ќе се третира како напад врз службено лице.

„И во тие малку случаи каде се поттикнуваат истраги и предмети, истите завршуваат во фиоки и застаруваат како дела. Институциите се главни виновници, а честопати и од раководни луѓе на институциите слушаме и читаме говор на омраза. Ние сме за ваков закон и јас лично, но и како партија, не само што ќе ги поддржиме туку и инсистираме што побрзо да се донесе законот. Но, освен напади, новинарите треба да се заштитат и од социјален аспект, и од психичка тортура, мобинг и цензура“, изјави пратеникот Аднан Незири.

Заложбите на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и на Самостојниот Синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) се во насока на изменување на Кривичниот законик и заострување на казните кон заканувачите и напаѓачите на новинари. Бројни активности, работилници, прирачници и обуки се направени за подобрување на соработката меѓу институциите и новинарите со цел да се подобри безбедноста на новинарите.

Милан Спировски од ЗНМ вели дека е важно Министерството за внатрешни работи (МВР) да спроведува итни истраги преку кои ќе се утврди идентитетот на лицата кои го поттикнуваат говорот на омраза преку коментарите на социјалните мрежи, а потоа Основното Јавно Обвинителство да покрене и случај преку кој тие ќе бидат санкционирани во согласност со Кривичниот закон. Според, него овие две институции потребно е да ја разберат сериозноста на неказнивоста на говорот на омраза во Република Северна Македонија, кој мора да престане со цел да се избегнат и делата од говор на омраза. Од друа страна, пак, вели дека оправдана е недовербата на новинарите кон овие институции.

„Гледано од аспект на изминатата година, се забележува зголемен број на онлајн закани и напади врз новинари и неефикасноста на институциите во казнувањето на напаѓачите. ЗНМ бележи 14 напади и закани, од кои повеќе од пола кон новинарки. За жал, само еден од овие случаи е решен пред скопските судови. Оправдана е таа недовреба кон институциите токму заради нивната инертност, односно непостапувањето по пријавите за онлајн говор на омраза упатени кон новинарите. Во тек е постапката за подготовка на нов Кривичен законик, во кој ќе бидат вметнати и кривичните дела со кои ќе се подигне нивото на заштита на новинарите и медиумските работници“, изјави Милан Спировски од ЗНМ.

Препораки како да се подобри ситуацијата со онлјан говорот на омраза:

– Итно постапување со случаите на говор на омраза и казнување на сторителите. Со тоа, се обесхрабруваат и другите лица да постапуваат на ист начин;

– Да се зголеми мониторингот на социјалните мрежи и преку укажувања и кампањи да се делува за намалување на говорот на омраза;

– Подигање на севкупната општествена свест по ова прашање, особено кај помладите категории на население кои најчесто се јавуваат како креатори на говор на омраза;

– МВР и Јавното Обвинителство потребно е да ја разберат сериозноста на неказнивоста на говорот на омраза во Република Северна Македонија, кој мора да престане со цел да се избегнат и делата од говор на омраза;

– Носење на измените во Кривичниот Законик со кои напад врз новинари ќе се третира како напад врз службено лице;

– Стимулирање на новинарите да ги пријават случаите на говор на омраза на социјалните мрежи. Не смее да се молчи пред навредите и пред заканите, тоа е единствен начин да се развие свеста и да се санкционираат сторителите.

 

Сторијата е изработена во рамки на проектот „Безбедни новинари во кризни ситуации“ (Кeeping Journalists Safe in Situation of Crisis) финансиран од програмата на УНЕСКО – „Global Media Defence Fund”, а во реализација на Здружението на новинарите на Македонија и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници.

Авторот е одговорен за изборот и презентирањето на фактите содржани во оваа видеосторија и за изразените мислења, кои не се нужно оние на УНЕСКО и не ја обврзуваат Организацијата.

Употребените назнаки и презентацијата на материјалот во оваа видеосторија не подразбираат изразување на какво било мислење од страна на УНЕСКО во врска со правниот статус на која било земја, територија, град или област или тамошните власти, или во врска со разграничувањето граници.

Останати
објави

Сподели на...