Пандемијата ги наруши економските можности за голем број на медиуми во светот. Во исто време, таа овозможи да се диверзифицираат тековите на приходите, нудејќи новинарство што е подиректно поврзано со навиките или потребите на читателите.
За дигитални медиуми во Латинска Америка, искуствата од експериментите за финансирање од читателите, се трансформираат во добро приспособени програми за членство кои нудат шанса за поодржлива иднина. Конкретно, независните медиуми, водени од својата мисија или специфичните теми на кои се фокусирани и ги обработуваат, се лидери во тоа, претворајќи ги блиските односи со читателите во финансирање преку интензивни иницијативи.
Колумбискиот сајт за политички вести „Ла Силја Васиа“ (La Silla Vacía) и бразилската агенција за истражувачко новинарство „Агенција Публика“ (Agência Pública) започнаа програми за членство по кампањите за групно финансирање од 2012 година и 2013 година. Преродбата на „Темпо Аргентино“ (Tiempo Argentino), потпомогната со финансирање од членовите во 2016 година, ги спаси работните места на новинарите во време на масовни отпуштања и обезбеди лојална публика во услови на намален тираж. Од друга страна, перуанскиот „Охо Публико“ (Ojo Pύblico), „Ел Фаро“ (El Faro) од Ел Салвадор, чилеанскиот истражувачки медиум „Сипер“ (CIPER) и „Ла Но Фисион“ (La No Ficción) во Колумбија имаат изградено различни програми за членство или за донации од читатели.
Градење на подлабока врска
Основана од наградуваната новинарка Хуанита Леон во 2009 година, „Ла Силја Васиа“ се фокусира на постапките на луѓето на власт во Колумбија и на влијанието на тие акции. Својата програма за членство, насловена „Супер пријатели“ (Súper Amigos), ја започна во октомври во 2020 година. Инспирирани од моделите на elDiario.es во Шпанија и Animal Político во Мексико, тие сакаа подлабоко да ја запознаат својата публика.
„Супер пријатели“ може да продуцира приходи од околу 3,85 до 31,30 долари месечно или од околу 38,50 до 386 долари годишно. Во замена, членовите добиваат и уредувачки и комерцијални бенефиции, како што се состаноци со уредничкиот тим, месечен билтен, гласовни пораки на WhatsApp, работилници и попусти за книги. Мотивацијата за повеќето членови е филантропска, вели Пабло Исаза, извршен директор на „Ла Силја Васиа“.
„Луѓето не плаќаат за пристап до повеќе или до нови информации, туку за да ги направат информациите да бидат достапни на сите во Колумбија“, вели тој.
Членовите кои плаќаат сакаат да ги поддржат истражувањата на „Ла Силја Васиа“ и нејзината мисија да обезбеди фактички информации во реално време, без заземање на страна. Мејнстрим медиумите во Колумбија се помалку се насочени кон големи истражувања од причина што се скапи, вели Исаза.
„Súper Amigos се свесни дека немаме блиски односи со владини претставници. Таа независност им дава доверба во она што го објавуваме“, вели Еми Осорио, поранешен координатор на програмата „Супер пријатели“ и публика во „Ла Силја Васиа“.
Со годишната кампања за групно финансирање на страницата, публиката создаде навика да донира еднаш годишно. „Може да нѝ дадат 10 долари еднаш во животот, а потоа да исчезнат“, вели Исаза.
Вашата мисија е важна
Програмата за членство на бразилскиот истражувачки медиум „Агенција Публика“ беше лансирана веднаш по победата на Жаир Болсонаро на претседателските избори во земјата, „препознавајќи ја важноста на независното новинарство“.
„Филантропијата не е толку силна во Бразил, но станува посилна, бидејќи луѓето гледаат колку е важно да се донира и да се одржува овој вид на новинарство во живот. Луѓето сфаќаат дека тоа зависи и од нив. Не станува збор само за тоа да има новинари кои се подготвени да истражуваат. Станува збор и за плаќање на тоа“, вели Џулија Афиуне, уредничка во „Агенција Публика“.
Поволностите за членовите вклучуваат ексклузивен неделен билтен, напишан од различен известувач секоја недела и двомесечна анкета за тоа кого треба да интервјуира „Агенција Публика“ и кои прашања треба да се постават. Директен контакт со уредникот, попусти за книги и фотографија се, исто така, достапни на различни нивоа на членството, што се движи од околу 1,80 до 18 долари месечно. Како истражувачка новинска агенција, извештаите на „Агенција Публика“ отсекогаш биле цитирани и пренесувани од национални и од меѓународни медиуми. Сите нејзини содржини можат да се објават под лиценца „Криејтив комонс“ и се достапни за превод.
Програма за членство што ги привлекува „луѓето и ги држи блиску“ може да помогне во решавање на проблемите со опаѓање на довербата во медиумите и во новинарите.
„Ако знаете малку повеќе за тоа како го правиме она што го правиме, дека ние сме обични луѓе кои ја вршат својата работа со стандарди и методи, тоа ќе помогне“, вели Афиуне. Членството ја помогна истрагата за дистрибуција на хидроксихлорокин за третман на случаите со ковид-19 од бразилските градоначалници, со обезбедување на приказни и информации од градовите низ Бразил каде што „Агенција Публика“ немаше свои известувачи.
Поодржлив модел?
Членството е шанса за посигурен и за одржлив модел на финансирање, далеку од некои од пазарните сили во дигиталната ера.
„Да се биде дигитален медиум е многу комплицирано. За да имате публика, треба да почекате „Гугл“ (Google) да ве препознае или Фејсбук да одлучи дека постоите“, вели Тања Монталво, заменичка директорка на редакцијата на мексикански „Едиторијал Анимал“ (Editorial Animal), кој ги издава „Анимал Политико“ (Animal Politico), страницата во живо „Анимал МХ“ (Animal MX) и сајтот за храна „Анимал Гурмет“ (Animal Gourmet).
Континуираните кампањи за групно финансирање на „Анимал Политико“ беа успешни, но донациите беа периодични, а донаторите беше тешко да се пронајдат. Повеќето членови беа од самите читатели кои го поддржаа медиумот од неговото лансирање како канал за политички вести само за Твитер.
Медиумот ја почна својата програма за членство пред, речиси, две години. Стандарден пакет чини 200 мексикански пезоси месечно (околу 10 долари) или 2.000 мексиканскки пезоси за годишен пакет (100 долари). Членовите добиваат верзија на „Анимал Политико“’ без реклами, ексклузивни утрински и вечерни билтени и дел од големите стории. Пред пандемијата, тие се обидоа и со организација на настани за членовите, како што се проекции на филмови во живо.
Дефинирање на вистинските цели
Со шест милиони месечни корисници на „Анимал Политико“ и девет милиони на сите три платформи заедно, заработувачката од претплатници обично претставува 10-15 отсто од вкупните приходи. Ова може да се зголеми и до 20 отсто, кога многу членови ги обновуваат своите годишни претплати. Повеќе месечни претплати би создале посигурен приход. Растот до 20 отсто на краток до среден рок ќе ѝ овозможи на платформата да продолжи да работи без загуба. Повеќе приходи од читателите значат помало потпирање на грантови, кои доаѓаат со одредени барања и можат да бидат неконзистентни долгорочни извори на финансирање.
„Членството мора да стане најголем извор на приход, бидејќи тоа е моделот што најмногу ја поддржува нашата независност. Со финансирање од „Супер пријатели“, ние не сме врзани за грантови и можеме да направиме што сакаме“, вели Исаза од „Ла Силја Васиа“.
Најголемиот извор на приходи на „Ла Силја Васиа“ (приближно 28 отсто) во моментот се меѓународните донатори, вклучувајќи ги УСАИД и владата на Велика Британија. Интернет страницата има околу 500.000 месечни уникатни корисници и околу 1.200 активни „Супер пријатели“ кои даваат одреден придонес во 2020 година. Нивните придонеси сочинуваа околу 6 отсто од вкупниот приход на „Ла Силја Васиа“ во тоа време. Тимот имаше за цел да ја заврши 2021 година со над 2.000 членови и идентификуваше сегмент од 5.000 уникатни корисници кои се редовни посетители и кои имаат за цел да ги претворат во претплатници. Целта е да се стигне до 30 отсто од приходите од членство до 2023 година.
Силната уредувачка политика и обемните истражувања го поттикнуваат ангажманот на новинарите, а повеќе средства од читателите, пак, може да поддржат и повеќе истраги:
„Ќе изградиме голема истражувачка единица која ќе ги опсервира и обработува приказните кои, пак, ќе имаат големо влијание врз нашите граѓани. Тие сакаат да пристапиме кон политиката, како нешто што ги засега“, вели Исаза.
Дел од новите приходи ќе бидат искористени за поддршка на нови иницијативи за членството, како што се работилници и културни тури на југот на Колумбија, како одраз на зголемениот интерес за климатската криза.
И други организации директно го поврзаа лансирањето на нови производи со мотивите за членство за да им покажат на претплатниците како точно ќе се трошат нивните пари. „Агенција Публика“ првично вклучуваше три цели со финансиите на страницата – зголемување за 20 отсто во производството на вести, зголемување за 30 отсто на производството на подкасти и зголемување за 50 отсто на месечното објавување на шпански и англиски јазик на меѓународни платформи. Откако предвреме ги достигна првите две цели, веќе поставува и нови цели што треба да ги претстави пред претплатниците додека го зголемува бројот на постоечките 1.600 членови.
„Членството, генерално, може да претставува поконстантен прилив на приходи и му овозможува на тимот подобро да го планира своето покривање“, вели Афиуне. Додека „Агенција Публика“ сака да генерира микс од приходи, таа сака да го зголеми процентот што се добива од читателите, бидејќи „тоа е усогласено со новинарството што сакаме да го правиме“. Членството раѓа независност и корисно е за привлекување на нови членови, вели Афиуне
Стапката на раст на програмата за членство на „Агенција Публика“ забави за време на пандемијата на ковид-19, со одредени откажувања поради економското влијание на кризата.
Што не функционираше?
Тимот на „Ла Силја Васиа“ го опишува градењето на програма за членство како тековен процес на учење, кој вклучува многу обиди и грешки. Во 2020 година, тие лансираа еден вид на пазар на труд преку интернет за нивните „Супер пријатели“, овозможувајќи им на претприемачите да споделуваат курсеви, часови и деловни можности. Беше функционален само неколку недели, пред да го загуби моментумот на интензитет од тешкотиите за одржување и беше напуштен. Меѓутоа, тимот сè уште сакаше членовите меѓусебно да комуницираат, па затоа беше креирана група на Фејсбук како замена, каде е поместена и верзија на пазарот на труд.
Изнаоѓањето на начини за повторно активирање на неактивни членови беше предизвик. Некои активности функционираат подобро од други кога станува збор за претворање на аудиториумот во членство. Работилниците се одлични за градење на заедница, но водат до помалку конверзација.
висни редакции, е колку средства треба да се потрошат за стекнување на членови со оглед на тоа што вклучува таков личен однос?, вели Ојане.
„Изградбата на платформа за членство може да чини повеќе од приходите што се генерираат од членството“. Како ќе платат вашите клиенти и вашиот пазар е, исто така, клучно. Регионалните разлики во начините на плаќање се една од причините зошто има малку заеднички напори за изградба на платформи за членство во Латинска Америка, додава тој.
Анкетите на публиката на „Агенција Публика“ помогнаа во откривање на некои од тие витални детали за однесувањето, како и информирањето за придобивките кои најмногу ги ценат нејзините членови и нивните мотиви да станат претплатници, вели Афиуне.
Лекции за наследни продажни места
Според годишниот извештај за дигитални вести, економското влијание на пандемијата веројатно ќе ги придвижи приходите од читатели. Истражувањата упатуваат дека таа промена најверојатно ќе биде од корист за релативно мал број на национални медиуми со голема доверба, како и помали национални и партиски медиумски брендови.
Извор:Reuters Institute
Фото: Unplash
Оваа сторија е дел од публикацијата „Новинарството како јавно добро“, дел од проектот „Синдикатите за фер закрепнување“ финансиран од Европската Унија, а во партнерство со Европската федерација на новинари.Ставовите и коментарите во публикацијата се одговорност на ССНМ и не ги изразуваат ставовите и мислењата на Европската Унија и на Европската федерација на новинари.