Холандскиот новинар и основач на „Де Кореспондент“ Роб Вијнберг смета дека новинарството, како и вербата во него може да бидат спасени, но само доколку целосно се смени пристапот кон произведувањето на вестите. Во текст за „Медиум“ тој го објаснува процесот на формирање на редакцијата на „Де Кореспондент“ од идеја до реализација, но и мотивите за почнување на иновативниот пристап кон новинарството.
Заборавете ги лажните вести, отровен израз. Вистинските вести се дури поголем проблем.
Ова сознание ме инспирираше да ја основам Холандската новинарска платформа „Де кореспондент“ во 2013 година, која ветуваше да биде „противотров за секојдневниот наплив од вести“ за своите читатели. Толку многу луѓе одговорија, што поставивме светски рекорд во колективно собирање средства за новински сајт. Денес, на работ сме да започнеме со „Д Кореспондент“ кој ќе пренесува вести (кои не се главни) низ САД и пошироко.
Дека всушност вестите во својата традиционална форма се проблемот со новинарството ми текна многу порано, кога во 2006 година се вработив во редакцијата на еден голем холандски весник. Имав 24 години и студирав филозофија кога добив работа да известувам за внатрешни работи. Како студент по филозофија, веднаш се запрашав: што е ова што се нарекува вести што треба тука да го правам? Анализирајќи ги практиките на моите колеги, конечно дестилирав дефиниција која мислам дека доста прецизно ги опишува вестите.
Вестите значат сензационални, исклучителни, негативни и актуелни настани.
И тие пет збора сликовито го илустрираат проблемот со вестите.
Вестите се еден луд неповрзан настан еден по друг
Да почнеме со сензационалното: вест е обично нешто што е шокантно, скандалозно или доволно грозно да предизвика коментар. Тоа често се врти околу она што е највидливо – некој би рекол експлозивно. Затоа терористичките настани се често вест, вели новинарот на Guardian, Јорис Лујендајк, но окупациите на странски земји не се. Нападите се шокантни, високо видливи настани, окупацијата не до толку. Со други зборови: лесно може да се фати на камера експлозија на автобус, но многу е тешко да се сними потиснувањето на секојдневните слободи.
Во поширока смисла, вестите исто така главно се вртат околку нешто што е мошне исклучително. Карикатуристот Мет Веркер брилијантно ја има доловена оваа одлика на вестите: додека сме опкружени со милиони и милиони граѓани кои го сакаат мирот, ги почитуваат законите, мразат насилство и се залагаат за единство, потребни се само неколку нео-нацисти, џихадисти или кјуклукскланери да ги пополнуваат вестите дваесет и четири часа седум дена неделно.
Тоа не само што го извртува нашето гледиште за другите луѓе, вестите нè прават слепи за влијанието кое воопшто не е исклучително. Токму затоа често не слушаме за големи настани сè додека не се случи нешто многу неверојатно (настани кои либанско-американскиот филозоф Насим Талеб ги нарече „црни лебеди“).
Основачот на „Де Кореспондент“ Роб Вијнберг Фото: Бас Лосекут
Финансиската криза во 2008, на пример, не стана голема вест сè додека инвестициската банка на браќата Леман не објави банкрот – многу невообичен настан. Но, настаните кои водеа до овој голем настан – банки кои таложеа ризик врз ризик, малку по малку, ден по ден – некогаш не стигнаа на предната страница поради драстичното несовпаѓање помеѓу она што се случуваше (постепено зголемување на ризикот) и начинот на кој вестите најчесто сигнализираат што се случува (сензационализам поттикнат од еден настан).
Вестите се исто така, речиси без исклучок, негативни. „Добрата вест крвари“ е слоганот на новинарството. Со други зборови: добрите вести не се вести. Затоа луѓето кои ги следат вестите ќе донесат брз заклучок дека светот станува сè поопасен – иако всушност спротивното е вистина. Што е уште поважно, вестите постојано ни даваат чувство дека на луѓето не смее да им се верува: тие се измамници, корумпирани, крадат, се дигаат во воздух. Реалноста е дека огромно мнозинство од луѓето се добри и чесни. Но тоа не е вест, нели?
Вестите се исто така опседнати со актуелното. Речиси сè што е вест мора да биде нешто што се случило сега. Но последното нешто не е по дефиниција и највлијателно. Сè во светот има историја. И таа историја одредува во огромен дел зошто нешто се случува. Бидејќи вестите вообичаено се сконцентрирани само на денес, нè прават слепи долгорочно, и за минатото и за иднината. Формата и ритамот на дневните вести едноставно не дозволува информирање за моќничките структури кои пораснале со време, како што се историските корени на расизмот, ниту пак дозволува предупредување за постепените оштествени промени, како што е финансијализацијата на нашата економија.
А причината за тоа, конечно, е дека вестите се вртат главно околу настани. Вестите мора да имаат „кука“, како што велат новинарите: причина за одреден настан да се извести сега, наместо подоцна. Тоа звучи логично, но значи дека трендовите се ретко составен дел од вечерните вести. Бидејќи трендовите не се изолирани случаи; тие се развиваат со време. Затоа вечерните вести секогаш завршуваат со временска прогноза, но никогаш со климатска прогноза. Не може да кажете: „Денес климата се смени“, иако всушност тоа и се случило.
„Куката“ е токму причината зошто многу од вестите се составени од нешто што се нарекува календарско новинарство: повторливи, често планирани настани кои служат како изговор нешто да се подигне на статус на вест. Тука спаѓаат прес конференции, квартални приходи, тинк тенк извештаи, комеморативни услуги и годишнини. Или претседателските твитови. Тоа значи дека можете да напишете голем дел од вестите однапред, правејќи ги нешто што воопшто не е „ново“.
Вест е она што не се случува
Кога ќе го земете сето ова предвид, излегува дека вестите всушност не го исполнуваат своето единствено најважно ветување: да ни кажат што се случува во светот. Луѓето кои ги следат вестите знаат што не се случува. Тие ни го презентираат светот како бескрајна низа на сензационални, необични, ужасни, брзо-заборавени настани. Спротивно на лажните вести, кои наведуваат на погрешно мислење бидејќи се невистинити, вистинските вести нè лажат на еден посуптилен и фундаментален начин. Тоа ни дава драматично извртена слика за веројатноста, историјата, напредокот, развојот и значењето.
Затоа избрзуваме со заклучоците дека повеќето терористи се муслимани, иако тоа не е точно. Или дека светот оди само на полошо, иако тоа не е точно. Или дека терористичките напади се поопасни по нашата благосостојба од шеќерот, иако тоа не е точно. Или дека финансиската криза започнала во 2008 година, иако тоа не е точно. Или дека стапката на криминал во САД расте, иако тоа не е точно.
Накусо, нашата опсесија со вестите го одзема она што новинарството како практика треба да го претставува: да му се помогне на секој кој е дел од јавноста да го разбере светот доволно добро за да се вклучи во јавна дискусија за тоа што треба да се направи.
Како што вели изреката: „Ако не читате весници, не сте информирани. Ако читате весници, погрешно сте информирани.“
Вестите се штетни по здравјето
Да бидеме јасни: кога велам „вести“, не мислам на „новинарството во целост“. Постојат безбројни типови новинарство кои се темелни и информативни, и постојат десетици илјадници новинари посветени на јавната служба кои вршат бесценета работа. Ниту пак мојата критика на новинарството има за намера да ги отфрли „медиумите“, со тоа значењето кое овој збор во денешно време го има. Како и многумина од моите колеги, загрижен сум поради бранот недоверба кон новинарите кој во моментов се шири низ Соединетите Држави и целиот свет, поттикнат од политичката елита која се надева да го искористи овој сомнеж во медиумите.
Но од сите форми кои новинарството може да ги земе, вестите се далеку највлијателни. Ги консумираме во неверојатни количини: еден просечен Американец минува речиси 70 минути на ден следејќи вести во некоја форма – тоа се повеќе од цели четири години од еден просечен животен век.
Накусо, вестите се лоши за нас, како поединци и како општество. „Вестите се за умот“, швајцарскиот писател Ролф Добели еднаш напиша, „тоа што е шеќерот за телото.“ Навистина, вестите треба да доаѓаат со предупредување од министерството за здравство.
Ни треба противотров за вестите
За да помогнам да се ублажат негативните ефекти на вестите, пред пет години ја основав холандската платформа „Де Кореспондент“ со кампања за колективно собирање средства. Идејата зад платформата беше едноставна: ајде заедно да ги редефинираме вестите – од сензационални во суштински. И одговорот беше огромен: речиси 19.000 членови се приклучија кон нашата кауза и ни помогнаа да постигнеме светски рекорд во колективно собирање средства за новинарство. Собравме 1,7 милиони долари во земја со 17 милиони жители. За пет години членството ни се зголеми на повеќе од 60.000, со што станавме новински сајт финансиран од заедницата со најбрз раст во Европа.
Овие членови му овозможуваат на „Де Кореспондент“ да биде длабинска новинарска платформа без реклами, секојдневно исполнувајќи го ветувањето на нашиот слоган: да бидеме „ противотров за секојдневниот наплив од вести.“
Проблемот не е пристрасноста кон либерализмот, туку кон она што е ново
Слоганот перфектно ја опишува нашата мисија: да бидеме лек за најлошите ефекти на вестите. Во сржта на тоа е една сосема поинаква дефиниција на вестите. Наместо да гледаме само на она што се случило денес, во „Де Кореспондент“ гледаме што се случува секој ден. Кога тоа се прави конзистентно, гледиштето на светот се менува.
Затоа што после речиси секој голем општествен шок, од оружје за масовно уништување до финансиската криза до Брегзит до изборот на Трамп, луѓето во информативните медиуми го поставуваат истото прашање: како не ги видовме сигналите?
Најчестиот одговор е идеолошката пристрасност. Новинарите се „премногу левичарски настроени“ или „премногу либерални“ за да признаат што навистина се случува. Но мислам дека има подобар одговор. Медиумите имаат погрешна дефиниција за вестите.
Падот на браќата Леман, излегувањето на Британија од ЕУ, изборот на Трамп се навистина спектакуларни, исклучителни настани, но се исто така и резултат на бавни, неприметни, системски трендови. Појави кои не се случуваат денес, туку секој ден, и затоа никогаш не се доволно привлечни за да станат вест. Појави кои се исто така премногу секојдневни за да добијат сензационалистички наслови или кликови.
Преминот од сензационално во суштинско, со помош на читателите
Во „Де Кореспондент“, ги пренесуваме токму оние стории кои не се вести, но сепак имаат вредност на вести. Или, како што често велиме, кои зборуваат за климата наместо за времето. Таквите стории ги пишуваат новинари кои не бркаат вести, па така имаат време да развијат област на експертиза и да научат да ги препознаат и опишат навистина влијателните случувања на нашето време. Нашата крајна цел: да го замениме сензационалното со суштинско и најновото со релевантното.
За да го постигнеме тоа, моравме да стекнеме нови новинарски навики во „Де Кореспондент“. И уште поважно: моравме да ги заборавиме старите.
Клучната навика која моравме да ја заборавиме беше традиционалната мерка на новинарите за релевантност и безвременост. Нивната прекумерна консумација на вести ги прави новинарите предодредени да веруваат дека она што се случува во светот во овој момент, и најважната вест која треба сега да се пренесе, е она што добива најмногу простор во другите медиуми. Така станува лесно и безбедно да се направи истото. Тогаш никој нема да биде обвинет за претерано известување за иста вест, бидејќи сите имаат одговорност.
За да ставиме крај на ова пророштво кое само се исполнува, првото нешто кое требаше да го направиме и да ги научиме новинарите сериозно да намалат со консумацијата на вести. Ги поттикнуваме да бараат инспирација за идеи за статии надвор од секојдневните вести, информативните емисии и твитовите – така што ќе излезат на улица, ќе читаат книги, и пред сè, ќе ги прашаат нашите читатели, „Со што се среќавате секојдневно на работа или во вашите животи што е ретко вест за насловна страница, а би требало да биде?“
Дури и во „Де Кореспондент“, сè уште понекогаш се бориме со овој проблем. Особено кога се случуваат настани кои го привлекуваат вниманието на целиот свет, како што се терористичките напади. Но токму од такви моменти се чуваме.
За да ѝ одолееме на таквата потреба, не се прашуваме „Што ќе правиме со оваа вест?“ туку „Што имаме да додадеме на оваа вест што не е достапно на друго место?“ Ако одговорот е „ништо“, тогаш не ги пренесуваме дури ни најглавните вести.
Таквата промена на навиките – таквото редефинирање на она што е релевантно – поттикна подлабока, и веруваме, исконски позитивна промена: целта на нашите новинари повеќе не е да бидат први, да стигнат до ексклузива, или да бидат преземени од други редакции. Нивната цел е да се втемелат во најважните настани на денешницата и, по пат, да го споделат нивниот процес на учење со сè поголемата заедница на следбеници.
За да стигнеме таму, моравме и да ги обучиме нашите новинари да престанат да размислуваат во завршени стории. Повеќето статии во весници и вести на телевизија не можат да бидат објавени или емитувани додека не бидат завршени. Но таквото ограничување не постои на интернет, каде вестите може да бидат еден процес кој се открива, наместо статична слика. Наместо да им го презентираат на своите читатели само завршениот производ, нашите новинари ги споделуваат своите планови и идеи, и потоа даваат повремени известувања преку водење на јавен нотес.
Така, ги обучивме нашите новинари повеќе да не ги гледаат читателите како пасивни консументи на информации, туку како активни учесници кои придонесуваат со својата експертиза.
Бидејќи сензационализмот и хиперсензитивноста на нашите секојдневни извори на вести се предизвикани во голем дел од бизнис моделот на кој се темелат. Од 19-иот век наваму вестите во голем дел се финансираат од реклами. Тоа значи дека вистинскиот производ не се толку многу самите вести, туку вниманието на јавноста.
Оваа економија на внимание е причина за денешните наслови кои врескаат за внимание и кликови. Во De Correspondent е различно бидејќи самите читатели се наши клиенти, не огласувачите.
Токму затоа можеме да преминеме од сензационално во суштинско и да објавуваме противотров за дневните вести: имаме членови кои ја сфаќаат врската помеѓу типот на новинарство кое го практикуваме и елиминирањето на онаа трета страна помеѓу новинарите и читателите, огласувачите.
Текстот е дел од публикацијата на ССНМ која е помогната од Европската Унија, како дел од проектот „Писменост за вести и дигитална писменост: Справување со лажните вести“ имплементиран од Македонски институт за медиуми, Институт за комуникациски студии, Самостоен синдикат на новинари и медиумски работници и Медиа дајверсити институт.
“Содржината на оваа публикација е целосна одговорност на Синдикатот на новинари и медиумски работници и во никој случај не ги одразува ставовите на Европската Унија”