Регионална средба на ЗНМ и ССНМ со новинари и медиумски работници од Куманово

Во рамки на регионалните активности, претставници на ЗНМ и ССНМ остварија работна средба со новинари и медиумски работници од Кумановскиот регион. Со присуство на повеќе од 15-тина претставници, на средбата беше разговарано за многу теми кои ги засегаат колегите дописници, нивниот статус и условите во кои работат како и беа споделени искуства со кои се соочуваат секојдневно.

Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски во своето поздравно обраќање истакнa: ,,ЗНМ во екот на пандемијата изминатата година помагаше во интерес на безбедноста и здравјето на новинарите и медиумските работници со обезбедување на заштитна опрема, антиген тестови, вакцинација. ЗНМ и ССНМ учествуваа и беа конструктивен партнер во носење на владините мерки во интерес на новинарите и медиумските работници, како и процесот на зголемување на платите во МРТ и МИА, фонд за медиуми како и изготвувањето на протоколи за безбедност” истакна Чадиковски.

Од страна на колегите од Куманово беше споделено дека моментално основниот проблем е егзистенционален што се одразува на бројот на медиуми, односно бројот на новинари.

На средбата во Куманово споделени беа и некои тековни проблеми како и проблемот со дописничката мрежа на МРТ, новинарите имаат месечни договори иако МРТ вети дека тој проблем ќе биде решен. Во овој момент не се забележани посериозни инциденти и нема тековни тужби од и кон новинари. Како координатор во Кумановскиот регион, присутните колеги едногласно го изгласаа Неџат Акифи кој и досега имаше коректен и високо професионален однос со Здружението на новинарите на Македонија во интерес на заемната соработка и процесот на унапредување на условите, работничките права и безбедноста на новинарите и медиумските работници од Куманово.

Тој во своето обраќање пред присутните ја потенцираше важноста од ваквата работна средба и истакна: ,,Средби од ваков тип на новинарите и медиумските работници со претставниците на ЗНМ не само во овој регион туку и низ цела држава се доста корисни и потребни како би можеле навремено да се споделат предизвиците и проблемите со кои секојдевно се соочуват новинарите и медиумските работници. Преку зачестените средби ЗНМ ќе има поголема координираност и солидарност во решавањето на проблемите како на локално така и на национално ниво” рече Акифи.