Секоја втора новинарка е жртва на сексуално вознемирување покажува анкета на Меѓународната федерација на новинари (ИФЈ) објавена во 2017 година во пресрет на Денот на ОН за спречување на насилство врз жените. Тоа би значело дека ако Вие како жена новинарка не сте или пак никогаш не сте биле жртва на сексуално вознемирување, тогаш колешката што седи до Вас во редакција го „искусила“ родово базираното вознемирување од колегите.
Пет години подоцна редакциите не ја „ослободија“ жената од мизогиниот и сексистички наратив. „Светската асоцијација на издавачи на медиуми“ објави дека дури 41 процент од новинарките во светот биле жртви на секуслано вознемирување, а 80 проценти од случаите останале непријавени.
На Меѓународниот ден на жената ИФЈ објави резултати од две глобални анкети за проценка на работата на синдикатите и медиумските организации во справувањето со онлајн вознемирување кои покажуваат дека две третини од испитаниците тврдат дека онлајн малтретирањето не било приоритет за нивните медиуми.
„Премногу новинарки, особено оние кои работат фриленс, се жртви на онлајн вознемирувања и ги напуштаат социјалните мрежи за да избегнат понатамошно вознемирување. Истражувањата покажуваат дека медиумските организации имаат уште работа за да има побезбедни редакции, но и да се воведат конкретни протоколи за искоренување на овој феномен. Крајно време е да се воведат јасни механизми во медиумите за да се покаже нулта толеранција против злоупотребата на медиумите“, изјави претседателката на Советот за родови прашања на ИФЈ, Марија Анџелес – Самперио.
На последната анкета на Синдикатот на новинари и медиумски работници пак, 10% од новинарките и медиумските работнички одговориле дека се соочиле со сексуално вознемирување на работно место.
Елена Гаговска, новинарка и истражувачка од фиминистичката платформа „Медуза“ објаснува дека во Македонија немаме конкретни статистики за сексуално вознемирување на работното место и онлајн вознемирување на новинарки, но и дека тоа не значи оти овие проблеми не постојат.
„Меѓународни анкети покажуваат дека ваквото родово засновано вознемирување е голем проблем во многу земји. На пример, истражувањето направено од УНЕСКО во 2020 година покажува загрижувачки стапки на вознемирување и насилство кое го трпат жените-новинарки. 714 новинарки од 125 земји биле анкетирани за ова истражување и дури 73% од нив искусиле некаков вид на онлајн насилство, а 57% од нападите доаѓале од анонимни или непознати напаѓачи.“, потенцираше Гаговска.
Во нејзината кариера додека истражувала и пишувала на оваа тема има увидено дека онлајн насилството од анонимни извори е посебно тешко за справување бидејќи не е јасно како вакво нешто би можело да биде пријавено, дали надлежните институции воопшто би го сфатиле сериозно и слично. Дополнително и таа самата била на мета на навредливи коментари затоа што како што вели е жена и феминистка која јавно ги изразува своите ставови, но и затоа што често пишува за маргинализирани групи (како ЛГБТИ заедницата) и јавно се идентификува како феминистка.
„Некогаш овој вид на вознемирување се манифестира со тролање (најчесто од страна на мажи) каде тој што коментира воопшто не е заинтересиран за реална дебата туку со огромен број на прашања пробува да те фати во замка. Доколку не му одговориш на еден од овие бројни коментари бидејќи не сакаш да си го трошиш времето на овој начин или пак ваквата онлајн интеракција има негативни ефекти врз твоето ментално здравје, тогаш тоа за тролот значи дека ти всушност ништо не знаеш и дека тој ти ги „побил“ аргументите“, додава таа.
Бехадини: Новинарките се плашат да пријават сексуално вознемирување
Во 2018 година во екот на феминистичката кампања #СегаКажувам новинарката Тања Милевска сподели искуство во кое сексуалното вознемирување го поттикнал нејзин претпоставен, уредник во влијателна македонска телевизија. Денеска го опишува како едно од најбруталните примери на сексуален напад во професионална рамка, но и дека ниту тогаш, ниту сега не би можела јавно да каже за кого станува збор, иако горе долу сите колеги знаат, бидејќи лицето би имало право да ја тужи.
„Тоа беше на самиот почеток на мојата кариера, искуство кое ми внесе страв и кое ме научи да се штитам и да не се доведувам во ситуации каде постои ризик од било каков напад или вознемирување,“ кажа Милевска.
Пресудата за „Јавна Соба“, пак, и внела надеж дека има подобрување, но сепак не доволно. До сега од бројните пријави во МВР кои ги поднела нема никаква реакција од Обвинителството. Освен во Македонија, Милевска битка против мизогенијата, сексизмот и родово базираното насилство води и во Белгија каде што живее и работи како дописник за МИА.
„Во Белгија имав друг случај на лице кое ми ги украде личните податоци, лажно се претставуваше како мене и објавуваше еротски огласи на интернет. Брзо увидов дека не сум сама, и дека на десетици други колешки им се случило истото, ги здруживме силите и со бесплатна правна помош од новинарското здружение на Белгија лицето е пронајдено и уапсено. Очекуваме пресуда наскоро, која би била и прва пресуда за сексизам во професијата, бидејќи сите новинарки на кои им беа злоупотребени податоците се на еден или друг начин гласни во јавноста против сексизмот“, изјави Милевска.
Нејзината колешка Рита Бехадини, новинарка и една од основачите на Центарот за еднакви можности „Бубамара“, вели дека ваквата појава во медиумите од страв не се пријавува.
„Сексуалното вознемирување на работното место е присутно во Северна Македонија, особено врз девојчињата. Нормално, новинарите се соочуваат со ваква појава која многу често се нормализира и поминува во тишина. Нормализацијата на овој феномен предизвикува и жртвата и насилникот да го прифатат ова како нешто за коешто не треба да се реагира, бидејќи „тоа им се случува на сите“. Во последниве години технологијата им овозможи на насилниците да ги малтретираат жените онлајн, на социјалните мрежи. Жените не пријавуваат вознемирување на работното место, бидејќи се игнорирани од медиумските сопственици, од полицијата, а понекогаш дури и доживуваат двојно насилство“, вели Бехадини.
Закон кој ќе ги заштити жените се донесе, но дел од напаѓачите се непознати
Лани на сила стапи новиот Закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство. Со законот се воведуваат новитети како постапување со должно внимание, меѓусебна координација на институциите и организациите, забрана за виктимизација, собирање на статистички податоци за родово базирано насилство врз жените и семејно насилство, како и реинтеграција на жртвите. Воедно, законот го вклучува и сексуалното вознемирување преку Интернет кое е дефинирано како несакано вербално, невербално или друго постапување од сексуална природа, што има за цел или последица, повреда на достоинството или создавање на заканувачка, непријателска, понижувачка или застрашувачка средина, пристап или практика, преку електронските средства за комуникација.
За жал, бројот на вербални и физички напади кои ги претрпуваат новинарките е многу поголем од информациите што всушност излегуваат во јавноста, а со тоа и не може да се направи целосна анализа на реалната состојба, како и проблемите со кои тие се соочуваат.
Пишува: Теодора Цветковска
Фото: Pixabay