Села е мртов, Ацето ќе ни го урнат, ДИК – овци лажат

Датум

Стојанка Митреска

Села е мртов. Го убиле… Ќе објавите ли?, ме прашува колешка од еден македонски портал во самракот на крвавиот и драматичен четврток на 27 април 2017 година..

Нема шанси! Нема да бидам фитиљот, ниту ќе бидам новинарската хиена!  Нема потврда од ниту еден извор. Проверуваме. Ќе чекам најмалку три извори да ја официјализираат веста. Порталот на „Фокус“ нема да пропадне без таа вест… Дај боже да е лажна!, тоа и го велам на мојата колешка која како и оние професионални новинари на денот на бруталното насилство во македонското Собрание, останаа на висината на својата новинарска професионалност и ниту во еден момент не ги погазија ниту новинарските, а уште помалку етичките стандарди. А, бевме бомбардирани со многу лажни вести.

Додека чекавме официјализирање на веста за Зијадин Села, излезе и првата крвава снимка на крвнички претепаниот пратеник. После некое време стаса и вест која пред да ја објавам ги помина сите филтри на проверка, а која велеше дека здравствената состојба на пратеникот Села е стабилна.

Од оваа и сегашна дистанца не сакам ниту да претпоставам каков оган ќе пламнеше во македонскиот парламент и пошироко, ако макар и еден поасолен медиум во Македонија, таа критична вечер на 27 април тргнеше во бесрамен и неодговорен поход на кликови и лажна читаност.

И ако објавеше вест која повеќе од еден час висеше на работ на лагата и вистината. Крвавите снимки и фотографии, влечењето на речиси безживотно тело на тешко повредениот пратеник, во секој момент можеа да напишат лажна вест. За среќа, таа тешка вечер, за момент се самоцензурираа дури и оние самобендисани новинарски пера што како до смрт прегладнети хиени демнат мрши пред комјутерите и од своите копи пејст он-лајн редакции сместени во удобните спални соби  произведуваат сериски „вести“. И токму со тие и такви вести означени со назнака „шокантно“, „скандалозно“, „монструозно“ билдаат кликаност и веруваат дека таа нивна лажна читаност ќе ја осигураат со објавите на невистинитите, измислени, непотврдени, згора – здола склепани вести, а кои на македонскиот читател му ги продаваат со лажна декларација како новинарски производ.

Така се газат сите стандарди, критериуми и принципи на етичното, објективно новинарство. Во трката со мамка за кликови и лајкови и настојувањето кој прв ќе ја украде „ексклузивната вест“ од конкуренцијата, во македонскиот он-лајн простор со години се произведуваат варијанти на вести  од кои на читателот може само коса на глава да му се крене. Тука само графиконот на Гугл аналитикс е важен кој мора да прикаже сто и кусур илјади кликови дневно, независно од тоа дали читателите ќе бидат засладени со сочна приказна за некаков си политички љубовен триаголник, сексуално вознемирување (ако е на Илинденска бб, уште поарно) или пак со невистинити и непроверени детали за некаков си нов дил во политичкиот брак од интерес на СДСМ и ДУИ.

„Ацето“ ќе го уриваат на плоштадот!

Умешноста на производителите на лажни вести се цени најмногу по тоа дали незината употребна вредност ќе успее да измами од 50.000 – 100.000 кликови, фрлајќи ја во сенка новинарската вест, онаа објавена со сите нишани и проверки.


Во ваква тенденција и медумска он-лајн реалност просто е неверојатно колку некој сака лесно да го заработи новинарскиот леб газејќи по туѓи судбини, со лаење по туѓи животи, со конструкции и објава на пара-вести. Во ваква ситуација, ни велешаните што се закитија со светска слава во ујдурмата со Доналд Трамп, не можат да ни бидат утеха, дека срамот е нивен, а не и наш – новинарски!

Дека тоа е навистина така, ми се потврди пред некој ден:

„Вистина ли е дека ќе го уриваат Ацето на плоштад! Да одиме ли во Скопје на протести“, ме прашува една моја запалена роднина од Македонски Брод, завчера кога како чума се прошири лажна вест на социјалните мрежи, која и покрај тоа што за кратко време беше демантирана од официјален извор, поттикна протест пред споменикот „Воинот на коњ“ во Скопје.

Ова е само еден од последните примери кој се поклопи со онаа срамна за нас изјава на Марк Цукерберг, дека Македонија е земја со најмногу лажни Фејсбук профили.

Лажната вест од еден локален политичар

Како новинар кој повеќе од 25 години се занимава со професионално новинарство, многу пати сум била во ситуација да се срамам од објавениот крш од вести, кој некој го продава како новинарска информација. За жал, во тоа насилно уривање на новинарската вест бев и мета неодамна во два наврати. Првиот се случи за време на парламентарните избори кога на своја кожа почувствував што значи кога ќе проработи политичката пропаганда во намера да улови повеќе гласови, па макар и со класична манипулација и лага.

Иван Кузмановски, претседател на општинската организација на СДСМ во Македонска Каменица со кого претходно воспоставивме соработка без око да му трепне ме насамари со лажна приказна за катастрофални услови во кои учат основци во едно подрачно училиште во Каменица, додека градоначалникот од политичкиот ривал ВМРО – ДПМНЕ арчи пари на неважни и споредни проекти. Изјавата на Кузмановски за руинираното училиште дури беше поткрепена со фотографии, што секако, ми претставуваше уште една потврда дека е вистинито, тоа што го зборува изворот кој прифати и да го цитирам со име и презиме. Еден ден, откако беше објавена оваа вест на порталот на „Фокус“ реагираше тогашниот градоначалник на Македонска Каменица. Тој, дури и не бараше демант, туку само соопштување на вистината дека, како редакција сме злоупотребени во класична смисла на зборот, односно дека неговиот политички непријател ни дал лажна слика, но и фотографии од училиштето на основците во кое неколку години не се одвивала настава. Учениците учеле во реновирани училници, а фотографиите што ги објави редакцијата тврдејќи дека во катастрофални услови учат деца, биле дел од поранешното училиште кое не се користело за настава. Секако дека ја објавивме и страната на градоначалникот, а со посочениот извор засекогаш ги прекинав контактите, иако и после оваа лажна вест што ја протури, настојуваше во текот на кампањата да информира и за други случувања во градот.

Случајот со лажниот извор е доволно илустративен за тоа каде и како е направена новинарската грешка, наспроти новинарското правило број еден дека изворите треба да си ги чуваме и негуваме како очите. Во овој случај изворот беше со лажен диоптер, но неговата крајна цел не беше постигната, иако направи злоупотреба на новинарската доверба, но и на граѓаните кои беа во краток рок прелажани за состојбата на училиште во Македонска Каменица.

Грешката што во случајов беше направена со непроверување на изјавата на изворот која беше документирана и со фотографии, не може да се амнестира. Секогаш, ама буквално секогаш треба да се слушне втората страна, односно сите инволвирани и засегнати страни во приказната. Во таков случај, нема извор, ниту информација што ќе ве прелаже да објавите лажна вест.

Кога слепо му верувате на главниот уредник….

И во вториот случај, како жртва на лажна вест која беше објавена, се фатив себе си во небрано поради неоправдано неспроведување на новинарските правила на проверка од една страна, и слепо прифаќање на информација од авторитет (главен уредник).

Во деновите на притисокот што го предизвика една гранде информација што ја обелодени американскиот амбасадор Џес Бејли, за баснословно исплатени надоместоци во Државната изборна комисија (ДИК), редовно објавував вести за овој скандал, како и другите мои колеги. Во сите тие релевантни и проверени информации објавив и изјави од членовите на ДИК предложени од од СДСМ, Игор Милев и Виолета Дума, како и од претседателот Чичаковски дека ги вратиле парите, односно дека Чачаковски ги подарил на „Полио Плус“. Приказната со ДИК тука заврши.

По еден месец, според потврдена информција од свиркач во ДИК, а до мене пренесена од главниот уредник, добив задача да напишам дека никој во ДИК не ги вратил парите, иако ветиле дека ќе ги вратат, а и дека Виолета Дума, ќе бара апанажа.

Насоката од главниот уредник беше дека веста е стопостотно сигурна. Во јавноста имаше информации дека Дума е пензионерка и дека поради тој статус нема право на апанажа. Иако, тоа не беше официјлизирано, сепак таа информација дека бара апанажа ја проверив во Собрание, преку Тодор Пендаров, кој се смета за човек кој ги знае фактите од собраниските процедури. Пендаров негираше дека некој од членовите на ДИК, има доставено барање за апанажа, а дека Дума нема право на такво нешто затоа што била во пензија.

Откако ја проверив оваа информација, решив да не ја објавувам, иако после една недела се потврди дека навистина сите поднеле барање за апанажа, вклучувајчи ја и Дума. Но, сепак телефонски ја побарав Виолета Дума за да ја потврдам информацијата дали ги вратила парите од ДИК. За среќа, во несреќа, Дума ја добив на телефон и откако и го поставив прашањето, телефонската линија се прекина. По извесно време и по неколку обиди повторно да стапам во контакт со неа, добивав одговор дека претплатникот е недостапен. Помислив дека не сака да одговори на моето прашање и дека намерно е недостапна, незнаејќи дека Дума била на пат, а во меѓувреме се случило нешто што секому може да му се случи – празна батерија. Револтот што ми се јави како новинар дека членовите на ДИК го игнорираат притисокот на јавноста и барањето на граѓаните, ме потикнаа да ја објавам веста, за која главниот уредник тврдеше дека е 100 отсто сигурна, а дека Игор Милев, Виолета Дума, Прекопуца, Силвана Бонева,….. односно сите од ДИК не ги вратиле парите…. Не бев свесна каква грешка правам и каква лажна вест објавувам. Веста по правило и без исклучок веднаш беше украдена од сите можни портали, а споменатите членови на ДИК со име и презиме висеа и во мојот наслов како на столбот на срамот.

Мене јадот и срамот ме изедоа подоцна. Два три часа откако беше објавена мојата лажна вест, судијката Дума стасала до својата дестинација, го наполнила телефонот, ја прочитала лажната вест и следеше громот од ведро небо за мене. Моето непочитување на новинарското правило за проверка на сите инволвирани, ме чинеше многу – добив прекор и многу епитети за некредибилност, непрофесионалност, изгубена доверба, дури и дека намерно сум сакала да им го нарушам угледот на членовите на ДИК.

„Јас не знам кој ве плаќа да објавувате вакви лажни вести и кој е вашиот интерес да ни наштетите – долго ме мачеа овие зборови на Дума, иако не бев проколната во моментот… Но секако сум новинар кој никогаш во животот не направил ништо со лоша, зла и задна намера, без докази и факти, а бев ставена на клада од членовите на ДИК дека намерно лажам дека не ги вратиле парите, за да им ја продлабочам голготата во која останаа ем без пари, ем без функција.

На крајот оваа приказна заврши со полусреќен крај – донекаде ја вратив изгубената доверба од диковци, откако трагајќи по информации што сум ги објавила за скандалот, најдов текст објавен еден месец пред да ја објавам лажната вест, со нивни изјави дека ги вратиле парите. Гревот ми беше што сум заборавила на тоа, иако не знаев како можело тоа да се случи и да направам превид дека со ДИК е завршена приказната и дека парите се во буџетот, освен оние на Чичаковски кои претходно беа уплатени на „Полио плус“.

После ова, јанѕата секако остана, иако како медиум им се извинивме и на ДИК и на читателите…

Овој поединечен случај во кој беа погазени принципите на етичко и објективно информирање може да се амнестира само со фактот дека тоа не беше намерно предизвикан случај или пропаганда со задна намера. И во овој случај, пораката е една – ако има проверка на сите можни засегнати во новинарската сторија, нема да има лажна вест, нарушен углед, изгубена доверба, нешто што треба да го негува секој професионален медиум.

И само со гласност, отвореност, но пред се со професионалност може да му се спротивставиме на проблемот што и тежи на македонската новинарска фела во битката со пишувачите на лажни вести. Во спротивно, можеби и заслужено ќе си ја носиме етикетата што срамно не пречекува на нашите меѓународни настапи и конференции кога не препознаваат како „граѓани од земјата на лажните вести“.

Текстот е дел од публикацијата на ССНМ која е помогната од Европската Унија, како дел од проектот „Писменост за вести и дигитална писменост: Справување со лажните вести“ имплементиран од Македонски институт за медиуми, Институт за комуникациски студии, Самостоен синдикат на новинари и медиумски работници и Медиа дајверсити институт.

“Содржината на оваа публикација е целосна одговорност на Синдикатот  на новинари и медиумски работници и во никој случај не ги одразува ставовите на Европската Унија

Останати
објави

Сподели на...