Сет на мерки за заштита на плурализмот и независноста на медиумите во ЕУ

Датум

Европската комисија (ЕК) го усвои Европскиот закон за слобода на медиумите, кој претставува нов сет на правила за заштита на медиумскиот плурализам и независност во Европската Унија (ЕУ). Предложената Уредба, меѓу другото, вклучува мерки за заштита од политичко мешање во уредничките одлуки и од надзор. Фокусот е насочен на независно и стабилното финансирање на јавните медиуми, како и на транспарентност на медиумското сопствеништво и распределба на државното рекламирање. Исто така, утврдува и мерки за заштита на независноста на уредникот и откривање на конфликт на интереси. Законот, конечно, ќе  се занимава и со прашањето на медиумска концентрација и ќе создаде нов независен одбор за Европски медиумски услуги, кој ќе се состои од национални медиумски власти. Комисијата, исто така, усвои комплементарна препорака за поттикнување на интерни мерки за заштита на уредувачката независност.

Без политичко мешање, без шпионирање, стабилно финансирање

Европскиот закон за слобода на медиумите ќе обезбеди медиумите, јавни и приватни, да можат полесно да работат преку границите на внатрешниот пазар на ЕУ, без непотребен притисок и имајќи ја предвид дигиталната трансформација на медиумскиот простор.

Заштита на уредувачката независност – Уредбата ќе бара од земјите-членки да ја почитуваат ефективната уредувачка слобода на давателите на медиумски услуги и да ја подобрат заштитата на новинарските извори. Покрај тоа, давателите на медиумски услуги ќе мора да обезбедат транспарентност на сопственоста со јавно објавување на таквите информации и да преземат мерки во насока на гарантирање на независноста на индивидуалните уреднички одлуки.

Без употреба на шпионски софтвер против медиумите – Законот за слобода на медиумите вклучува силни мерки за заштита од употребата на шпионски софтвер против медиумите, новинарите и нивните семејства.

Независни јавни медиуми – таму каде што има јавни медиуми, нивното финансирање треба да биде соодветно и стабилно, со цел да се обезбеди уредувачка независност. Директорот и одборот на јавните медиуми мора да бидат назначени на транспарентен, отворен и недискриминаторски начин. Давателите на јавни медиумски услуги ќе обезбедат мноштво на информации и мислења на непристрасен начин, во рамки на нивната мисија на јавен сервис.

Тестови за плурализам во медиумите – Законот за слобода на медиумите бара од земјите-членки да го проценат влијанието на концентрација на медиумскиот пазар врз медиумскиот плурализам и уредувачката независност. Исто така, бара секоја законска, регулаторна или административна мерка, што ќе биде преземена од земја-членка и која може да влијае на медиумите, да биде прописно оправдана и пропорционална.

Транспарентно државно рекламирање – Законот за слобода на медиумите ќе утврди нови барања за доделување на државното рекламирање во медиумите, за тоа да биде транспарентно и недискриминаторно. Законот, исто така, ќе ја подобри транспарентноста и објективноста на системите за мерење на публиката кои влијаат на приходите од огласување во медиумите, особено на интернет.

Заштита на медиумска содржина на Интернет – врз основа на Законот за дигитални услуги, Законот за слобода на медиумите вклучува мерки за заштита од неоправдано отстранување на медиумска содржина произведена во согласност со професионалните стандарди. Во случаите кои не вклучуваат системски ризици, како што се дезинформации, големите онлајн платформи кои имаат намера да отстранат одредени легални медиумски содржини за кои се смета дека се во спротивност на политиката на платформата, ќе мора да ги известат давателите на медиумски услуги за причините пред отстранување да стапи на сила. Сите жалби кои ќе бидат поднесени од давателите на медиумски услуги на таа платформа ќе треба да се обработуваат приоритетно.

Ново корисничко право за приспособување на вашата медиумска понуда – Законот за слобода на медиуми ќе воведе право за прилагодување на медиумската понуда на уредите и на интерфејсите, како што се поврзаните телевизори, овозможувајќи им на корисниците да ги променат зададените поставки за да ги одразуваат нивните сопствени преференци.

Предлогот е проследен со Препорака во која се наведени низа на најдобри доброволни пракси собрани од секторот и насочени кон промоција на уредувачката независност и поголема транспарентност на сопственоста. Препораката овозможува пакет со алатки на доброволни мерки кои медиумските компании мора да ги разгледаат, како што се условите за самостојно креирање на уредувачка содржина, низ потткнување на новинарите да учествуваат во клучните одлуки за функционирање на медиумите, до стратегии за обезбедување на долгорочна стабилност, продукција и содржина на вести.

Европски чувар на слободата на медиумите

Комисијата предлага формирање на нов независен одбор за Европски медиумски услуги составен од националните медиумски власти. Одборот ќе промовира ефикасна и доследна примена за законот за медиуми на ЕУ, посебно помагајќи ѝ на Комисијата во подготовката на насоки за медиумски регулаторни прашања. Исто така, ќе може да дава мислења за националните мерки и одлуки кои влијаат на медиумските пазари и концентрацијата на медиумскиот пазар.

Одборот, исто така, ќе ги координира националните регулаторни мерки во врска со медиумите надвор од ЕУ кои претставуваат ризик за јавната безбедност, за да се осигура дека тие медиуми не ги заобиколуваат важечките правила во ЕУ. Одборот, исто така, ќе организира структурен дијалог меѓу големи онлајн платформи и медиумскиот сектор за промоција на пристапот до различни медиумски понуди и да се следи усогласеноста на платформите со иницијативите за саморегулација, како што е Кодексот за дезинформација на ЕУ.

Следни чекори

Останува на Европскиот парламент и на земјите-членки да расправаат за предлогот на Комисијата за Уредба во редовна законодавна процедура. По нејзино усвојување, таа ќе биде директно применлива во ЕУ. Комисијата ќе поттикне дискусии, особено како дел од Европскиот медиумски форум, за доброволните пракси на медиумските компании поврзани со придружната Препорака.

Позадина

Независните медиуми се јавен чувар, клучен столб на демократијата, како и важен и динамичен дел од економијата. Тие се клучни во формирање на јавната сфера, обликување на јавното мислење и повикување на одговорност на оние кои се на власт. На глобално ниво, Европската Унија останува упориште на слободни и независни медиуми.

Истовремено, во цела ЕУ постојат сè позагрижувачки трендови. Комисијата внимателно ги следеше сите тие случувања преку Извештајот за владеење на правото и други алатки, како што е Мониторингот на медиумскиот плурализам. Предизвиците кои беа идентификувани во претходните извештаи за владеење на правото доведоа до неколку иницијативи на ЕУ, вклучувајќи и препорака за безбедност на новинарите и мерки за решавање на злоупотребата на тужби против учеството на јавноста (SLAPP).

Европскиот закон за слобода на медиумите го објави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во нејзиното обраќање за состојбата на Унијата во 2021 година. Тој се базира на извештаите на Комисијата за владеење на правото и ревидираната Директива за аудиовизуелни медиумски услуги, која обезбедува координација на националното законодавството за аудиовизуелни медиуми ширум ЕУ. Законот, исто така, се темели на Законот за дигитални услуги (DSA) и Законот за дигитални пазари (DMA), како и на новиот Кодекс на пракса за дезинформации. Тоа е дел од напорите на ЕУ за промовирање на демократско учество, справување со дезинформациите и поддршка на слободата и плурализмот на медиумите, како што е наведено и во Европскиот акционен план за демократија.

Овој предлог ја надополнува неодамна усвоената Препорака за заштита, безбедност и зајакнување на новинарите и Директивата за заштита на новинарите и борците за човековите права од навредливи судски спорови (пакет против SLAPP). Законот за слобода на медиумите, исто така, делува во тандем со иницијативите кои се однесуваат на одржливост, отпорност и дигитална трансформација на медиумскиот сектор, усвоени во склад со Акциониот план за медиуми и аудиовизуелни медиуми и ревидираните правила за авторски права. Предлогот се заснова на опсежни консултации со засегнатите страни, вклучително и јавна консултација.

Извор: eeas.europa.eu

Фото: Unsplash

Оваа сторија е дел од публикацијата „Новинарството како јавно добро“, дел од проектот „Синдикатите за фер закрепнување“ финансиран од Европската Унија, а во партнерство со Европската федерација на новинари.Ставовите и коментарите во публикацијата се одговорност на ССНМ и не ги изразуваат ставовите и мислењата на Европската Унија и на Европската федерација на новинари.

Останати
објави

Сподели на...