Се ризикува губење на последните остатоци од слободата на изразување

Датум

Интервју со потпретседател на Европската федерација на новинари, Мустафа Кулели за новиот Закон за медиуми во Турција

Турскиот парламент, на 13 октомври во 2022 година, го усвои новиот и строг закон за медиуми кој предвидува до три години затвор за новинарите и корисниците на социјалните мрежи кои шират лажни или погрешни информации. Синдикатот на новинарите на Турција (TGS) го осуди законот и го оцени како обид на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган да ги задуши критизерите пред општите избори во јуни во 2023 година. Разговаравме со потпретседателот на Европската федерација н новинари (ЕФЈ), Мустафа Кулели за влијанието врз новинарството и слободата на говорот во Турција.

Што ќе смени законот кој е донесен за турските новинари?

– Целта на овој закон не е да се бори против дезинформациите, туку да стави крај на известувањето со факти и слободата на изразување. Сега кога е усвоен, се ризикува да бидат загубени и последните остатоци на слободата на изразување. Високо политизираното турско правосудство има „стап за цензура“ во своите раце, овозможувајќи на судовите да изрекуваат затворски казни до три години за новинари и редовни корисници на социјалните мрежи кои наводно „отворено шират погрешни информации“. Во суштина, сите критички објави на социјалните мрежи може да се осудат како „дезинформации“. Тоа ќе обезбеди правна основа за многу злоупотреби од судството, кое веќе е политички контролирано и нема независност. Милиони интернет корисници во Турција ќе ризикуваат затворски казни.

Кои се најзагрижувачките членови во новиот закон?

– Со членот 29 се воведува ново кривично дело во турскиот правен систем – „јавно ширење на погрешни информации“. Бидејќи тоа кривично дело е дефинирано со прилично нејасни и отворени термини, нејасно е како обвинителите ќе ги одредат „лажните вести“ и оние кои учествуваат во нивното ширење. Од социјалните мрежи и интернет страниците ќе се бара да ги предадат личните податоци на корисниците кои се осомничени за „пропагирање на погрешни информации“. Дополнително, законот вклучува концепти како „дезинформации“, „неосновани информации“ и „искривени информации“ без да дава законски дефиниции. Исто така се однесува и на „безбедност“, „јавен ред“ и „јавен мир“ кои повеќе пати се користат против новинари во случаи на правно вознемирување. Криминализирањето на таквите дејствија може да доведе до случувања кои би можеле да ги разнишаат корените на демократијата и суштинските принципи на слободата на изразување.

Зошто партијата на Ердоган, АКП, го воведува овој закон сега?

– Брзањето со кое беше донесен овој закон може да укажува дека целта на владата е да го зголеми притисокот врз новинарите и корисниците на социјалните мрежи пред изборите. Предлогот, подготвен без консултации со новинарските организации и граѓанското општество, беше контроверзен дури и во владата.

Извор: efj.org

фото:Јакоб Хофман/ver.di

Оваа сторија е дел од публикацијата „Новинарството како јавно добро“, дел од проектот „Синдикатите за фер закрепнување“ финансиран од Европската Унија, а во партнерство со Европската федерација на новинари.Ставовите и коментарите во публикацијата се одговорност на ССНМ и не ги изразуваат ставовите и мислењата на Европската Унија и на Европската федерација на новинари.

Останати
објави

Сподели на...