Синдром на согорување – модерна болест на медиумските работници

Датум

Синдромот на согорување на работното место означува прогресивно губење на идеализмот, енергијата и осмисленоста на сопствената работа, како последица на фрустрација и стрес на работното место. Согорувањето на работа е слично како и хроничниот замор, но притоа се менува и ставот кон работата, што не е карактеристично за заморот.

Пишува: Теодора Цветковска

Во современите услови на живот и на работа, професионалниот стрес кај новинарите и медиумските работници честопати може да доведе до состојба на согорување т.е. брнаут. Експертите нагласуваат дека ова претставува општествен и професионален проблем, кој долгорочно влијае на психофизичкото здравје на медиумскиот работник, на резултатите од неговата работа и мотивацијата, но и на животот воопшто.

Овој синдром е толку чест што Светската здравствена организација уште пред неколку децении прогласила епидемија на „брнаут“ – синдром. Овој синдром во редакциите се јавува како реакција на организмот на хроничен долготраен стрес на работа, бркање на рокови, изложување на стресни и неочекувани моменти при работа на терен. Иако, се смета дека е состојба од која страдаат сите луѓе, сепак новинарството котира високо на листата на професии подложни на „согорување“.

„Први знаци се замор, малаксаност, исцрпеност, деконцентрација и намалена ефикасност на работа, како и губиток на секакво задоволство во работата и тешкотии со одење на работа, анксиозност пред одење на работа. Секое непријатно чувство поврзано со работа, оптоварувачки мисли и претерана загриженост околу работата и ангажманост секако дека треба да не засегаат и замислат што ни се случува и дека треба да се интервенира“ – објаснува психијатарот д-р Ѓорѓe Хаџи – Ангелковски.

Сепак, неговото долгогодишно искуство, покажало дека луѓето кои страдаат од согорување на работа доаѓаат предоцна да побараат стручна помош.

„За жал процесот е обратен – пациентот доаѓа со симптоми на анксиозност, депресивност, демотивација, нарушен сон, исцрпеност и малаксаност – ако внимателно се земе анамнеза и во неа се откријат проблеми со работното место, па се обрне внимание на професионалната окупација и емоционалната ангажираност во работата и нејзиното стресно дејствување врз личноста. Всушност, секоја личност која проблемите и релациите со работата ја водат кон анксиозност и претерана загриженост треба да побараат стручна помош, а тука психотерапијата е број еден како терапија на избор,“ вели д-р Хаџи–Ангелковски.

Менување на работното место како „лек“ за брнаут-синдром

Бојан Стојковски, новинар со десет годишно искуство, смета дека неговото работење во дневно новинарство му има донесено професионално согорување. Тој вели дека тоа го има искусено поради недостигот од креативност и повторувањето на темите кои се пишуваат, што за жал не остава доволно простор за новинарот да може навистина да се искаже себеси преку она што го работи, туку е сведен само на пренесувач на информацијата, односно е само еден дел од еден поголем систем. Според Стојковски, на долг рок дневното новинарство знае да заморува и да ја намали продуктивноста на новинарот. Откако работи фриленс го има победено овој проблем.

„Можам да кажам дека премореноста е далеку помала поради тоа што ми се зголеми креативноста, работам на стории и текстови на кои навистина можам да се посветам и кои едноставно го будат она новинарското во мене“, вели тој.

Објаснува дека ваквиот начин на работа му овозможува да истражува, да контактира извори и слично без притоа да го чувствува притисокот којшто го има во дневното новинарство.

„Во фриленс новинарството роковите се често пофлексибилни така што човек може да си го испланира времето и како ќе тече продукцијата на текстот или темата, потребно е само секој да си има сопствен механизам и начин на којшто ќе може да функционира и истовремено да го сака тоа што го работи,“ додава Стојковски.

Слична причина за напуштање на информативна редакција и дневно новинарство имал и новинарот Сунаи Сабриоски, кој по пет години работа во телевизиски медиум, решава да почне да работи во редакција која е насочена кон снимање и продукција на кратки документарци. Тој вели дека да се биде дел од информативна редакција е еден од најтешките предвизвици во новинарството.

„Синдромот на согорување и те како беше присутен и пред да мислиме дека се роди за време на пандемијата на ковид-19. Лично јас сум го доживеал тоа, некако многу субјективно и лично, особено кон институциите затоа што не можеш да им докажеш дека грешат, ги гледаш одговорите кои ти ги даваат на прашањата. Сепак мислам дека клучна улога во ова имаат уредниците. Треба да им овозможат на репортерите поддршка, во време кога ќе почувстуваат дека репортерот почнува да „попушта“ дека не се чувствува пријатно во својата редакција“, вели Сабриоски.

Тој се обидува да го објасни процесот низ кој минуваат новинарите секојдневно од преоптовареноста со покривање настани, до притисокот сето тоа да биде добро сработено.

„Не може да очекувате од новинар кој работел 24/7 да биде ист наредниот ден, каков што бил цела недела кога работел турбо. Мора да има кохезија во една редакција, за да може да се функционира добро и успешно,“ додава Сабриоски.

Сепак , психијатрите советуваат дека ако навреме се забележат знаците на брнаут-синдром, новинарите и медиумските работници можат да си помогнат и самите, пред да побараат стручна помош.

„Потребнен е добар одмор, релаксација, спорт и физички активности, добар сон од кој стануваме одморни, посветување повеќе на семејните обврски, а намалување на работните (се мисли на емоционална поврзаност-односно работата да не се носи дома),“ објаснува д-р Хаџи-Ангелковски.

Иако оваа тема е актуелна, особено периодов во услови на пандемија со коронавирусот, сепак во Македонија не постои точна статистика колку медиумски работници страдаат од синдром на прегорување. Во светски рамки според податоците на неколку институти дури две третини од новинарите страдаат од синдромот на согорување, а поподложни на оваа состојба се жените.

 

Текстот е дел од публикацијата на ССНМ која е помогната од Европската Унија, како дел од проектот „Писменост за вести и дигитална писменост: Справување со лажните вести“ имплементиран од Македонски институт за медиуми, Институт за комуникациски студии, Самостоен синдикат на новинари и медиумски работници и Медиа дајверсити институт.

Останати
објави

Сподели на...