Во Хрватска лани е објавен „Водич за сребрени сурфери“ чија цел е медиумско описменување на лицата од трето животно доба
Белгиската непрофитна организација The Media&Learning Association посочува дека луѓето над 65 годишна возраст се интересни за истражувачите на медиумската писменост, но и група на која треба да се фокусираат кога станува збор за медиумско описменување. Во најголем дел, тоа се луѓе кои немале можност да учат за медиумска писменост во текот на своето образование. Во нивните животи, се случи интернетска револуција, медиумите го променија карактерот, а тие не беа целосно подготвени за одговорно прифаќање на промените што настанаа.
И додека таа група на граѓани во Хрватска се смета за „изгубена“ во однос на медиумската писменост, некои други европски земји, како Финска, во своите официјални политики за медиумска писменост истакнуваат дека „секој има право на широка и значајна медиумска писменост“. Сепак, работите се менуваат дури и во Хрватска. Но, ајде најпрво да ги утврдиме основните термини.
Што е медиумска писменост?
Постојните документи и истражувања ја дефинираат медиумската писменост како способност за користење, разбирање и создавање на медиумска содржина во различни контексти. Она на што предупредуваат некои истражувања е дека постарите луѓе имаат забележителен недостаток на писменост кога станува збор за дигиталните медиуми.
На пример, некои не знаат како да ги користат дигиталните алатки на државата, како што се е-граѓани и сродните системи. Многумина не знаат да препознаат лажни вести на кои ќе налетаат на интернет или не го разбираат интернетското огласување; не разликуваат платени реклами и вистински новинарски прилози. Особено е забележлив недостиг на знаење за начинот на кој како различни (глобални) компании ги собираат и обработуваат податоците на корисниците на интернетски сервиси, додека во текот на пандемијата се покажа дека многумина не знаат како да ја проценат веродостојноста на информациите за здравствените ризици кои ги објавуваа бројни портали.
Она што е забележливо е дека повозрасните луѓе користат само неколку можности што им ги нуди интернетот. Во хрватски услови, тоа во голема мера е сведено на следење на социјалните мрежи, коментирање на медиумски објави (честопати без отворање и читање на прилогот) и комуникација со семејството преку разни апликации за пишување и видео разговор. Проверката на факти и пребарувањето на релевантни и јавно достапни бази на податоци, засега се само желба.
Лажни вести и дезинформации
Но, освен што медиумската неписменост води до банализирање на јавниот простор, таа претставува и реална опасност, особено кога станува збор за лажни вести и манипулирачки содржини. Во март во 2018 година, Европската комисија објави истражување што опфати 28 земји, според кое дури 83 отсто од испитаниците сметаат дека лажните вести и дезинформации се закана за демократијата. Со оглед дека се работеше за предпандемиско истражување, загриженост беше особено изразена за влијание врз изборите и политиките кон мигрантите.
Покрај тоа, студијата покажа дека испитаниците најмногу им веруваат на традиционалните медиуми, како што се радиото (70 проценти), телевизиите (66 проценти) и весниците (63 проценти). Најмала доверба беше искажана кон социјалните мрежи и онлајн видео сервисите – 26, односно 27 проценти.
Алармантна ситуација во Хрватска
Медиумскиот простор во Хрватска е значително поопасен од она на што го сугерира европскиот просек. Бидејќи Хрватска покажува значително отстапување од наведените просеци кога станува збор за најневеродостојните извори на информирање. Дури 43 отсто од испитаниците има доверба во видео подкастите и видео сервисите (на пр. Јутјуб), додека дури 40 отсто од испитаниците одговориле дека целосно или воглавно им веруваат на социјалните мрежи.
Во Финска, 31 отсто од испитаниците им веруваат на видео подкастите и видео сервисите, додека 33 отсто од Финците веруваат на социјалните мрежи.
Испитаниците во Шведска се уште покритични, 25 отсто од нив им веруваат на видео подкастите и видео сервиситеи. Идентичен е уделот на оние кои целосно или воглавно веруваат во она што ќе го прочитаат на социјалните мрежи.
Проблемот е препознат
Кога зборуваме за медиумската (не)писменост на повозрасните лица, најчесто се цитира т.н. Принстонска студија која ги анализирала лажните вести што се ширеле за време на кампањата за претседателските избори во САД во 2016 година. Научниците од Принстон утврдија дека такви вести, дури седум пати почесто, ќе споделат луѓето кои имаат повеќе од 65 години и кои се идентификуваат како конзервативци. Сепак, научниците тврдат дека овој феномен не треба да се толкува по идеолошки клуч, туку со фактот дека за време на претседателската кампања во 2016 година биле произведени значително поголем број на лажни вести за Хилари Клинтон отколку за Доналд Трамп.
Гледано од посветлата страна, радува информацијата дека 90 проценти од корисниците на социјалните мрежи, всушност не учествуваат во ширењето на токсични објави кои планирано се пласираат од порталите.
Научниците објаснија дека нивните откритија сугерираат на поврзаност на степенот на дигитална писменост со возраста и дека треба да се направи повеќе за да се научат повозрасните луѓе како правилно да ги користат социјалните мрежи и воопшто интернетот.
Стареење и лажни вести
Феноменот на неправење разлика меѓу вистинските од лажните вести, истакнуваат научниците од Универзитетот во Флорида, остава сериозни последици по физичкото и емоционалното здравје, како и врз финансиската стабилност, пред сè кога станува збор за повозрасни луѓе кои располагаат со недвижен имот или финансиски капитал, па нивните одлуки имаат долгорочни последици. Но, научниците од посочениот универзитет тврдат дека состојбата на медиумска писменост кај повозрасните лица не е толку алармантна како што тврдат нивните колеги од Принстон.
Затоа направиле истражување за да утврдат дали приемливоста за лажни вести е условена од возраста на личноста која се изложува на такви содржина. Студијата беше спроведена од мај до октомври во 2020 година. Од една страна, испитаници беа студенти, а од друга, лица на возраст меѓу 61 до 87 години. Испитаниците требаа да оценат вистинитост на 12 написи, меѓу кои имаше и објави за ковид-19. Од нив, шест написи нудеа т.н. лажни вести.
Резултатите покажаа дека и младите и возрасните се подеднакво успешни во откривање на лажните вести. Загрижувачки, двете групи потешко откриваа лажни вести меѓу оние за ковид-19 во споредба со лажните вести во другите категории.
Во анализата на резултатите на испитаниците од третата животна доба, исто така, се покажа дека над 70-годишна возраст, сепак, опаѓа можноста за откривање на лажни вести, што е оправдано со тоа дека губењето на когнитивните функции на таа возраст не може подолго да се компензира со акумулирано знаење и животно искуство.
„Тоа е високоризична популација, чии погрешни одлуки можат да имаат тешки последици, не само по нив, туку и по целото општество“, вели Натали Ебнер, професорка по психологија и коавторка на студијата.
Што се случува во Хрватска?
Значителни напори за медиумско описменување на младите во Хрватска презема Агенцијата за електронски медиуми (АЕМ), а оваа година направи значаен исчекор и во описменување на повозрасните сограѓани. Токму на нив е посветен прирачникот „Водичот за сребрени сурфери“ на четириесетина страници, кој е објавен на интернет страницата medijskapismenost.hr.
Прирачникот ги обработува новите технолошки достигнувања во медиумите, измами, лажни и манипулативни реклами на интернет, дезинформации и лажни вести, монтажа на фотографии, аудио и видео снимки. Носи и совети, упатства и насоки за користење на новите медиуми, мал речник на новите поими за медиуми и десетина практични вежби и задачи наменети првенствено за повозрасните лица.
„Неколку студии во САД и во Европа во последните три години покажаа како повозрасните луѓе шират дезинформации и лажни вести, дури четири до седум пати повеќе од помладите. Една од основните причини впрочем е недоволното познавање на технологијата и начинот на кој функционираат новите медиуми. Поради тоа, но и од други причини, таков прирачник се покажа како исклучително неопходен“, изјави за Хина, Томислав Левак, медиумски аналитичар и предавач на Академијата за уметност и култура во Осиек и автор на прирачникот напишан во соработка со новинарката Нефретета Зекиќ Еберхард.
„Станува збор за прва медиумска публикација од таков вид во Хрватска, но и пошироко, чија цел е медиумска едукација и описменување на повозрасните лица. Најголем дел од активностите на Агенцијата за електронски медиуми во областа на медиумската писменост се насочени кон децата и младите. Со ова, практично, ги заокружуваме сите генерации“, рече директорот на АЕМ, Јосип Поповац на презентацијата на е-прирачникот.
Во јавноста е перцепирана и активноста на европратеникот Тонино Пицула од Прогресивниот сојуз на социјалисти и демократи во Европскиот парламент, кој тврди: „Пречесто се занемарени лицата од трето доба во Хрватска, како во системот на грижа, така и во медиумите“.
Токму поранешниот министер за надворешни работи на Хрватска лани го претстави проектот „Шетање низ лажни вести“, во чии рамки со соработниците ги посетуваа пензионерските домови за да одржат предавања на тема медиумска писменост и препознавање на лажни вести.
Сепак, да не се генерализира за технологијата!
„EуроДиг“ (European dialogue on Internet Governence) е основан во 2008 година и претставува отворена платформа која ја сочинуваат претставници на европските влади и други организации, како и интернет експерти, а која организира годишни конференции. Целта е да се отвораат расправи и да се даваат насоки во врска со новите детектирни проблеми што ги носи вмрежувањето на интернетот и општеството. Токму во 2018 година, кога беше спроведено гореспоменатото истражување на Европската комисија, „ЕуроДиг“ ја посвети конференцијата на т.н. „сребрени сурфери“. Од неа беа испратени клучни пораки кои би требало да нè спречат за можни негативни генерализации, кога станува збор за корисниците на интернет од трето животно доба.
– Не се сите повозрасни луѓе аверзивни кон технологијата, некои од нив го создадоа она што сега го нарекуваме интернет
– Сигурноста и достапноста се најистражуваните области. Кога станува збор за „сребрените сурфери“, не треба да се земат во предвид само годините, туку и полот, географските и социоекономските фактори. Учењето на медиумската писменост во третото доба треба да започне со освестување, а потоа треба да следат дигитални алатки базирани на индивидуален пристап.
– Генерациите не се изолирани, а помладите треба да ги мотивираат повозрасните за користење на технологија и за подобрување на нивните вештини. Отпорот што го покажуваат повозрасните кон ваквото учење ги прави поранливи.
Оваа сторија е дел од публикацијата „Новинарството како јавно добро“, дел од проектот „Синдикатите за фер закрепнување“ финансиран од Европската Унија, а во партнерство со Европската федерација на новинари.Ставовите и коментарите во публикацијата се одговорност на ССНМ и не ги изразуваат ставовите и мислењата на Европската Унија и на Европската федерација на новинари.