Додека светот се фокусира на руската војна против Украина, паралелно беснее уште еден конфликт – преку телефоните на луѓето. ТикТок стана бојно поле во информациската војна. Апликацијата која е популарна меѓу помладата публика и позната по танцовите видеа, за некои стана извор на информации за војната во Украина, пишува VOA.
Новата, и често непроверена, содржина што се појавува на ТикТок во секунда е причина за загрижност на некои аналитичари дека може да служи за заблуда на нејзините корисници кои ги има една милијарда ширум светот.
„Тие [се мисли на видеата] може да се користат за просветлување на луѓето за тоа што навистина се случува на теренот“, вели Џесика Брант, директорка за политика за иницијативата на Институтот „Брукинг“ за вештачка интелигенција и технологија во развој.
„Тие, исто така, можат да бидат извадени од контекст и да се користат за заблуда или за дезинформирање. Гледаме дека сето тоа се случува во овој конфликт“, додаде таа.
ТикТок, меѓутоа, не е единствена социјална апликација која има моќ да ги дезинформира младите за војната во Украина. Рајан Лохер, студент на американскиот универзитет и креатор на содржини на ТикТок, со повеќе од 18.000 следбеници, за „Гласот на Америка“ изјави дека видел голем број на лажни наративи за конфликтот меѓу Русија и Украина како добиваат на интензитет и на други популарни платформи.
„Го гледам тоа на Твитер, очигледно на ТикТок. Многу е лесно да се открие од каде доаѓаат тие луѓе“, изјави тој за „Гласот на Америка“.
Ученички перцепции
Лохер рече дека забележал проруски корисници на ТикТок како шират теории на заговор за да ја оправдаат руската инвазија во Украина, од наводни украински лаборатории за биолошко оружје, до нацистички закани кои, наводно, произлегуваат од Киев.
Додека некои лажни информации имаат за цел да доведат во заблуда, Лохер рече дека другата содржина „потекнува од претходните убедувања на луѓето додека се обидуваат да изградат став за конфликтот“.
Андријана Маркив, украинска државјанка која студира на американскиот универзитет во Вашингтон, се согласува со Лохер.
„Не сите [се мисли на дезинформации] доаѓаат од место на омраза. Луѓето понекогаш шират лажни вести, бидејќи навистина не знаат“, рече таа.
Сепак, според неа, некои корисници намерно објавуваат лажни информации за да генерираат контроверзии и сообраќај на социјалните медиуми.
„Тоа го прават за да добијат лајкови и коментари“, додаде таа.
Без разлика на намерата, изобилството на дезинформации за војната ги вознемирува многу Украинци.
„Се јавувам кај моето семејство и ги слушам како плачат, а потоа одам на социјалните мрежи и гледам луѓе кои велат дека оваа војна е вина на Украина или дека шират проруска пропаганда. Се обидувам да го минам преку тоа, бидејќи е тешко“, рече Маркив.
Албина Токакова, руска студентка која живее во САД, верува дека Русите и Украинците ги користат социјалните мрежи за да шират информации што најдобро одговараат на нивните интереси. Таа рече дека некои се обидуваат да ја оправдаат руската инвазија, додека други го бранат суверенитетот и независноста на Украина.
„Се чувствувам како да е навистина тешко во моментот да се каже што е правилно, а што не и кои се точните информации“, изјави Токакова за „Гласот на Америка“.
Токакова додаде дека, иако има многу дезинформации кои се шират на ТикТок, платформата, исто така, служела и за објавување на борбите на Украинците за преживување на руската инвазија.
Кинеска сопственост
ТикТок е во сопственост на кинеската компанија „БајтДенс Лтд“ (ByteDance Ltd), па некои се загрижени дека таа служи како алатка и за Пекинг да влијае врз ставовите и перцепциите на луѓето во светот.
Метју Ли, студент на Факултетот за меѓународна услуга на американски универзитет, не користи ТикТок.
„На кинеските социјални медиуми сме сведови дека се кажуваат многу националистички работи, многу проруски работи, и поради тоа колку цврсто контролираат сè, тешко е да се каже дали навистина се вистински луѓе или луѓе кои ги плаќа кинеската Влада за да кажуваат такви работи“, изјави Ли за „Гласот на Америка“.
Некои аналитичари веруваат дека ова е дел од поголемата стратегија на кинеската влада да манипулира со информации, за да одговара на нејзиниот наратив, било да е војната во Украина или било која друга геополитичка тема.
„Мислам дека Кина манипулира со информации за да обликува ставови за прашања од геополитичка важност за неа. Веќе некое време, тие напори стануваат понаметливи и мислам дека тие само ќе продолжат да растат“, рече Брант од Институтот „Брукингс“.
Студенти од американски универзитет за „Гласот на Америка“ рекоа дека прават се што можат во борбата против дезинформациите. Како роден Русин, Токакова се обидува да ги поправи лажните наративи за нејзината родна земја.
Лохер, пак, истакна дека ја користи алатката за известување на ТикТок за да означува видеа што содржат лажни информации.
„Испратив порака и на некои од креаторите на лажна содржина“, додаде тој.
Што се однесува до Маркив, таа ги советува корисниците на социјалните мрежи да бидат претпазливи за содржината што ја консумираат, додавајќи дека, иако војната во Украина може да изгледа далечна за Американците, „би можеле да имате ученици во вашиот клас или пријатели кои минуваат низ ова со нивните [украински] семејства“.
Фото:Pixabay
Оваа сторија е дел од публикацијата „Новинарството како јавно добро“, дел од проектот „Синдикатите за фер закрепнување“ финансиран од Европската Унија, а во партнерство со Европската федерација на новинари.Ставовите и коментарите во публикацијата се одговорност на ССНМ и не ги изразуваат ставовите и мислењата на Европската Унија и на Европската федерација на новинари.