Твитер воведе нова политика во борбата против дезинформации за војната во Украина и другите кризи во светот. Платформата ќе се бори против дезинформации на начин што повеќе нема да препорачува твитови што се означени како лажни. Корисниците, исто така, нема да можат да лајкуваат и споделуваат таква содржина, пренесува Нова.рс.
Оваа промена е дел од напорите за промоција на точни информации за време на конфликти и кризи. Новата политика на Твитер се фокусира на потенцијално опасни дезинформации за наводните воени злосторства, наративот на конфликтот, употребата на оружје и хуманитарни активности. Твитер профилите кои имаат многу следбеници и споделуваат дезинформации за војната ќе бидат етикетирани.
„Во време на кризи какви што се вооружени конфликти, вонредни состојби во јавното здравје и големи природни катастрофи, пристапот до веродостојни информации и ресурси станува сè поважен. Лажните информации може да ја поткопаат довербата на јавноста и дополнително да ѝ наштетат на заедницата“, рече Џоел Рот, директор за безбедност и интегритет на Твитер.
Фокусот е на опасните дезинформации
При етикетирање на дезинформации за војната во Украина, компанијата ќе користи различни веродостојни извори, вклучувајќи хуманитарни организации и новинари за проверка на факти.
„Видовме дека двете страни споделуваат информации кои можат да доведат до заблуда или да манипулираат. Се фокусираме на дезинформации кои можат да бидат опасни, без разлика од каде доаѓаат“, додаде Рот.
Компанијата Мета, која ги поседува Фејсбук и Инстаграм, веќе ги означува споделените објави од медиуми и дипломати под контрола на руската држава и го намалува нивниот досег.
Фото: Pixabay
Оваа сторија е дел од публикацијата „Новинарството како јавно добро“, дел од проектот „Синдикатите за фер закрепнување“ финансиран од Европската Унија, а во партнерство со Европската федерација на новинари.Ставовите и коментарите во публикацијата се одговорност на ССНМ и не ги изразуваат ставовите и мислењата на Европската Унија и на Европската федерација на новинари.