Пишува: Теофил Блажевски
Отпорноста на телевизиите кон дезинформациите, како најмоќни од фамилијата традиционални медиуми, веројатно е поголема во однос на онлајн медиумите. Сепак и кај нив има бројни примери за дезинформации (од лажни вести до полуинформации), а лекот не само за телевизиите, туку за сите медиуми, е „вакцината“ за професионално и етичко известување
Како да се измери отпорноста на медиумите во земјава, кога медиумската слика е доста комплексна? Според Анализата на пазарот за 2020 година на регулаторот АВМУ, лани вкупно имало 49 комерцијални телевизии и 68 комерцијални радио станици. Шест телевизии емитуваат на национално ниво преку терестријален ресурс, уште шест телевизии што емитуваат кабловски или преку сателит, 19 регионални телевизии, 4 радиостаници на национално ниво… Покрај ова постојат повеќе стотици онлајн медиуми, десетина печатени весници и списанија. Тоа се прекомплексни бројки за да може во еден краток осврт да се направи анализа на отпорноста на медиумите кон дезинформации.
Можеби може да се вадат заклучоци за радиодифузерите од редовните и вонредните контролни надзори за кои е задолжен регулаторот АВМУ. Или пак, да се извадат некои заклучоци од саморегулацијата, процес што од 2015 година го води Советот за етика на медиумите во Македонија (СЕММ), според чија статистика најголемиот број од повреди на професионалните стандарди ги прават онлајн медиумите, па потоа радиодифузерите и на крај печатените медиуми.
Но, и оваа статистика не може да ја даде целосната слика, затоа што до СЕММ пристигнуваат жалби од јавноста само ако засегнатиот реши да се жали, иако голем број од испратените жалби може да се поврзат со дезинформациите или нецелосните информации, затоа што според одлуките на СЕММ, тие во најголем процент се однесуваат на немање втора страна.
За да се добие малку појасна слика, треба да се појде од структурата на патот на информациите до јавноста, односно за значењето на традиционалните наспроти нетрадиционалните медиуми, односно радиодифузерите и весниците наспроти дигиталните медиуми, а сето тоа да се стави и во интеракција со социјалните мрежи, како значителен фактор во пренесување на дезинформациите. И бидејќи тоа ги надминува рамките на овој текст, пристапот што ќе го читате тука е фокусиран претежно на традиционалните медиуми и пред се на телевизиите, иако се земени предвид и онлајн медиумите.
Тезата ставена во насловот е мотивирана од релевантноста на истражувањето за „Влијанието на онлајн медиумите врз формирањето на јавното мислење и врз работењето на традиционалните медиуми“, изработена од Институтот РЕСИС од Скопје и објавена во 2020 година. Според ова истражување, од традиционалните медиуми, телевизиите ги користат 83 отсто од вкупниот број испитаници во сите возрасни групи (другите користат радио или весник за да се информираат) и така тие остануваат доминантен извор на севкупно информирање, иако во однос на прашањето за информирање за домашни настани и актуелности, телевизиите и интернетот се изедначени со по 76 отсто од испитаниците.
Сепак, во заклучокот на страница 40 на истражувањето се наведува:
„Претходните истражувања потврдуваат дека публиката е мошне критична и кон телевизијата и кон информативните портали, особено во поглед на политичкото влијание врз нивната уредувачка политика. Корисниците на интернет дури имаат понизок степен на доверба во информациите што ги објавуваат онлајн порталите во споредба со оние на телевизиите“.
Од тука, јасна е важноста на отпорноста кон дезинформациите на традиционалните медиуми и пред се на телевизиите. А еден од главните начини да се стигне до отпорноста не е ништо друго, туку држење до професионалните и етичките стандарди во новинарството. Тоа може да се види и низ следните неколу примери, како и околу најчестите типови на емисии кај телевизиите низ кои се протнува дезинформацијата до гледачот.
Дезинформации преку информативните емисии
Прв пример: една од најгледаните телевизии во Македонија со национална концесија во првиот бран на информациите околу пандемијата во април 2020 г., објавува вест за лекот Сумамед како многу ефикасен во лекувањето на корна вирусот.
Всушност, медиумот објави пренесена информација од француско истражување дека антибиотикот азитромицин во комбинација со антималарикот хлорокинин даваат успеси во лекувањето на заболени од вирусот сарс ков 2. Медиумот, иако ставил линк до истражувањето, наместо генеричкото име азитромицин во насловот употребил име на лекот „Сумамед“, кој како антибиотик беше достапен во аптеките во земјата и не нагласил дека студијата се темели на следење на само 20 случаи.
Оваа информација емитувана преку информативната програма на телевизијата ограничен и мал број пати, беше постирана и остана на веб-страницата на медиумот, кој пак, трансфериран преку социјалните мрежи, стигна до огромен дел од јавноста.
Последицата беше рекордно празнење на аптеките од сите количини на Сумамед и можеби, самолекување со овој антибиотик, кој според стручната јавност, ако нема индикации за негова употреба, дополнително го ослабнува имуниот систем кај луѓето. Со тоа, медиумот (и сите други што ја објавија), двојно ги прекршил стандардите на професионалното новинарство. Не ја проверил, туку само ја пренел информацијата и тоа без нужни огради и известил сензационалистички за тема од огромен јавен интерес.
Втор пример: предизборие на локалните избори во Македонија 2021 г., прв круг. На последниот ден од кампањата, исто така една телевиизија со национална концесија, помалку гледана од првоспоменатата, преку својот дописник од Прилеп објавува сторија за недозволив притисок што го правел шефот/координаторот на локалниот огранок на СДСМ врз еден просветен работник во прилепско средно училиште. Сторија во која анонимна соговорничка на дописникот му тврдела дека има закани за работното место, добила пцости и навреди и по родова основа и сето тоа го добивала од локален партиски моќник, затоа што не можела да учествува во предизборна активност од „врата до врата“.
Бидејќи во еден момент навредите и притисоците биле изречени на јавен настан (партиски собир), соговорничката доживеала силен стрес поради што паднала на кратко и во бесознание…
Сторијата е со голем истражувачки потенцијал. Но, при изготвувањето на новинарскиот производ, не е прашана втората страна односно обвинуваниот партиски моќник, ниту некој од неговата партија, ниту пак е земена изјава од трет независен извор.
Имајќи ги предвид сите елементи во сторијата и околностите за телевизијата и партиите (важи за најгласна „проопозициска“ телеизија), внимателен набљудувач не може да се оттргне од впечатокот дека можеби станува збор за мала и поголема дезинформација или во најмала рака полуинформација.
Трет пример: бидејќи не беше многу одамна, веројатно повеќето читатели ќе се сетат како еден домашен твитерџија успеа да наседне повеќе македонски медиуми, со твит дека лидерот на грчката партија СИРИЗА и поранешен премиер Алексис Ципрас му честитал на премиерот Зоран Заев за формирање на мнозинство кое води до влада по вонредните парламентарни избори што се одржаа на 15 јули 2020 година.
„Неколку македонски портали наседнаа на порака објавена од Твитер-налогот со име @dzagdisha, пренесувајќи дека ‘Ципрас му честита на Заев за постигнатиот договор со ДУИ’,“ забележа тогаш редакцијата на 360 Степени.
Не обрнувајќи многу внимание на профилот на твитерџијата, порталите некритички ја пренесоа „веста“ и така беспотребно го „загадија“ медиумскиот простор и јавноста со уште една информација која не беше вистинита. Она што не е забележано, е фактот дека освен порталите, најмалку и една телевизија со национална покриеност ја пренесе веста во своите информативни емисии и на веб-страницата на телевизијата, но брзо се разбра дека тоа е лажна вест, па беше отстранета и денес не може да се најде.
Има уште примери. Како оној, од годинава, кога некритички на дел од националните телевизиите беше пренесена веста дека премиерот Зоран Заев избегнал атентат и дека тоа го спречиле грчките разузнавачки служби во соработка со некоја помоќна, или онаа од лани дека со возило на Брза помош се пренесува зимница, а излезе дека фотографијата од која се направи вест што одеше и на дел од телевизиите е во соседна Србија, итн, итн.
Дезинформации преку контактните програми
Речиси сите традиционалните медиуми во земјава, пред се телевизиите со национална или регионална концесија, како алатка за зголемена гледаност, имаат интерактивни контактни програми, во кои ги вклучуваат гледачите или слушателите. Повеќето од нив тоа го практикуваат во утринските и пладневните програми, а има примери и на попладневни контактни мисии од овој тип.
Иако овој концепт, популарно наречен „Хајд парк“ е испробана успешна варијанта на врзување на одреден дел од популацијата за зголемување на слушаноста/гледаноста на медиумот, примената на отворени телефони и емитување во етер на мислења на публиката со себе си го носи и ризикот од пласирање на дезинформации.
Примерите се бројни и тука едноставно нема простор да се издвојуваат посебно, но како генерален пример може да се издвојат купиштата дезинформации што беа изречени од страна на гледачите/слушателите за трагедијата со модуларната болница за ковид пациенти во Тетово, за случајот „Јавна соба“, за случајот со скандалот со кампот за деца на Првиот скопски извиднички одред, итн.
Новинарите или водителите на овој тип емисии најчесто задаваат по една до две теми за дискусија со гледачите/слушателите, а потоа ги оставаат да се искажат во одреден временски период на темата. Покрај говорот на омраза или дискриминирачкиот говор кој често може да се слушне од страна на публиката и на кој за волја на вистината новинарите/водителите најчесто го препознаваат и реагираат на него, дезинформации за различни аспекти на случувањата во општеството се неизоставен дел.
Тоа се случува поради две причини. Најпрво, различно е познавањето на новинарите/водителите на таквите контактни емисии за темите што ги задаваат за дискусија, а не ретко и површно. Второ, самата публика е исто така многу ретко едуцирана за дадената тема, па често ненамерно дезинформира за обични факти од областа за која зборува. Но, низ ваквите контактни емисии не ретко се слушаат исти гласови на исти гледачи кои се јавуваат на повеќе телевизии/радија и кои намерно шират дезинформација поради различни причини, а најчеста е политичката афилијација кон одредена партиска структура.
Затоа, иако привлечен стандард за комерцијалните телевизиии, овој тип на контактни емисии или треба да се премодулира или целосно да се избегне. Дезинфото на ваков тип емисии исто така може да се спречи преку примена на професионалните стандарди и проверката на факти, но за тоа е потребно да се реагира веднаш во текот на самата емисија, а тоа може само со експерт од областа или ако новинарите што ги водат овие емисии, претходно многу подобро се подготват за темите. А тоа е можно само ако таков тип емисии бидат периодични, а не секојдневие на телевизиите и радиостаниците.
Регулираниот пазар придонесува за отпорноста – главниот лек сепак е професионализмот
Ако се прави обид да се извлече заклучок за отпорноста на телевизиите (и радио станиците) кон дезинформациите, таков заклучок без студија е невозможен и ќе се сведе на мислење добиено од следењето на работата на овие медиуми во пракса. Гледајќи ја праксата, може да се каже дека телевизиите во известувањето за дневни и актуелни настани, сепак се скалило погоре и се полимитирани платформи за дезинформации во споредба со онлајн медиумите.
За тоа придонесуваат два фактора. Првиот е регулираниот пазар во кој делуваат традиционалните медиуми, пред се радиодифузерите, бидејќи се должни да почитуваат одредени стандарди што се вградени во клучниот закон, Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ЗАВМУ), подложни се на вонредни и редовни надзори и на поголеми казни, вклучувајќи ја лиценцата за работа.
Од друга страна, овие медиуми се покапацитетни во смисла и на финансии и на вработени новинари, па можат да имаат, да си дозволат, повеќе кредибилни извори на информирање, да вработат поискусни и поквалитни новинари, информацијата да мине низ еден до два уреднички филтри и ред други технички можности кои помагаат во препознавањето на дезинформацијата. Што е основен услов таа да се спречи, освен ако не е тендециозно емитувана.
Но како што видовме од примерите и кај нив дезинформациите си наоѓаат пат, а телевизиите се се моќен преносител/платформа за ширење на истите. Притоа, во однос на достапноста до јавноста, не смее да се заборави и на интеракцијата со интернетот, затоа што иако постои раширено мислење дека социјалните мрежи и онлајн медиумите со своите (дез)информации влијаат и врз програмите на телевизиите и радиостаниците, доволно е само да се погледнат агрегаторите на вести, па да се заклучи дека дезинфото од телевизиите, веднаш или многу често се пренесува и врз онлајн медиумите.
Затоа, кога станува збор за отпорноста на медиумите кон дезинформациите, прв и основен лек или „вакцина“ е само придржување до основните стандарди во новинарството и до етичкото известување. Колку е тоа поголемо, толку отпорноста на медиумите е поголема. Во случајов и на телевизиите, како најмоќен медиум од фамилијата традиционални медиуми.
Дури потоа можеме да зборуваме за другите важни лекови какви што се транспарентност на институциите, медиумска писменост, итн. Медиумите, посебно телевизиите, треба да се свесни за својата огромна моќ врз јавното мислење и секогаш да го применат лекот во својот двор, а потоа вината да ја бараат на други места.
Фото: Pexels