Пишува: Наташа Стојановска
„Требаше да те сретнам навечер во Газела и да те сопнам за да…“, е пораката што новинарката Анета Додевска ја добила минатата година на социјалните мрежи, а личноста воопшто не го крие својот идентитет и често ѝ испраќа пораки со навредлива и омаловажувачка содржина, но има навреди и по национална и верска основа.
„Оваа порака покажува дека таа личност знаела како и каде работам и знаела дека понекогаш работам и до доцните вечерни часови“, вели Додевска, главен и одговорен уредник во ТВ 24.
Истиот лик им испраќа заканувачки и навредливи пораки и на други новинари, кои случајот го пријавија во полиција, дадоа изјави, но Јавното обвинителство одлучи дека нема да покрене кривична постапка поради тоа што нема докази за сторено кривично дело што се гони по службена должност, односно дека не станува збор за конкретни закани за вршење кривично дело за кое е пропишана казна затвор од пет години или потешка казна, а со кои е загрозена нечија сигурност, ниту, пак, станува збор за говор на омраза, како елементи на кривично дело што се гони по службена должност.
„Пријавата се отфрла како неоснована“, вака заврши обидот на неколку колеги да почнеме процес на кривично гонење личности, кои во континуитет, преку социјалните мрежи, ни упатуваа навреди, омаловажувања, па дури и закани. Но, обвинителството не препозна ниту говор на омраза, ниту закана“, вели Додевска.
Новинарката Мирослава Брнс од „Слободен печат“, минатата година мина 24 часа со полициско обезбедување пред домот, откако доби закани по живот за напишан текст за свадба што се одржала во Тетово, прекршувајќи ги протоколите за заштита од ковид-19.
„Откако го објавив текстот и видеоматеријалот, добив закани по животот на социјалните мрежи. Ми праќаа мелници за жито, како метафора за тоа што ќе ми се случи“, вели Брнс.
Брнс дополнува дека заканите доаѓале од гостите што биле на свадба на син на поранешен амбасадор на Македонија во Швајцарија. Тој, во Тетово правел свадба на својот син, прекршувајќи ги важечките протоколи за заштита од ковид-19. А гостите и семејството на амбасадорот се нашле повредени, бидејќи видеа како не се почитуваат протоколите се објавија во „Слободен печат“, по што следувале заканите.
Но, иако поради сериозноста на заканите Брнс добива полициско обезбедување, сепак не добила информација дали тие што ги пријавила биле повикани на распит во полиција.
„Парадоксална беше ситуацијата, имав 24 часа полициско обезбедување, седев дома. Значи ја видоа сериозноста на заканата, а во исто време ми велат дека не можат да постапуваат по службена должност бидејќи не сум функционер. Ме советуваа заканувачите да ги гонам по приватна тужба, иако имаше експлицитни закани по животот, дека ќе ме убијат, дека ќе ме најдат“, вели Брнс.
Од МВР посочуваат дека за овој случај поднеле известување до обвинителството. Полицијата посочува дека и во уште неколку други случаи што кај нив биле пријавени се доставени известувања до обвинителството.
Интересно е што до Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика во МВР се пристигнати и четири пријави од Фондацијата „Метаморфозис“ на средината на декември минатата година. Фондацијата „Метаморфозис“ пријавува дека од повеќе профили на социјалните мрежи Фејсбук и Твитер биле објавени податоци на вработените, како и објавени содржини со говор на омраза и заканувачки содржини.
„Побарано од страна на ОЈО Скопје да биде изготвено Барање за доставување податоци, адресирано до социјалните мрежи Фејсбук и Твитер, со цел утврдување идентитет на лицата што ги користеле профилите што се пријавени од Фондацијата „Метаморфозис“, при што до денешен датум од страна на ОЈО Скопје сè уште не е доставено Барањето за доставување податоци, велат од МВР.
МВР поднесе кривична пријава за Арбен Есати, дали обвинителството ќе ја прифати како основана?
„Ќе ви ги сечам прстите“, „Јас работата ќе ја загубам, ама вам животот ќе ви го земам каде и да сте“, „Не полицијата, туку ни војската не може да ве спаси, жените, вас и сестрите ќе ви ги силувам“, „децата ќе ви ги…“, се само дел од заканите што лицето Арбен Есати ги упати преку социјалната мрежа Фејсбук до медиумите: Без цензура, ТВ 21, „Газета Експрес“, „Тетова СоТ“, „Коха ТВ“, „Коха Њуз“, „Куманова Сот“, ТВ Шења и „Лајми Прес.
Ваквите закани предизвикаа чувство на страв и несигурност кај новинарите и нивните семејства, кои во координација со ЗНМ побараа од МВР да се спроведе итна истрага. Полицијата поднесе кривична пријава, а сега на потег е обвинителството, кое треба да одлучи дали ќе ја прифати или ќе ја отфрли како неоснована.
„По пристигнување на кривичната пријава, Основното јавно обвинителство Тетово оформи предмет по кој постапува во насока на проверка на наводите од поднесената пријава“, велат од ОЈО.
Иако ова е единствениот сериозен напад што ЗНМ го регистрира годинава, сепак тоа не значи дека нема други помали инциденти. ЗНМ, во неколку наврати, реагира за груби навреди од претставници на Собранието, како и од други политичари кон новинари и медиумски работници. А до МВР поднесени се неколку барања за постапување кон припадници на полицијата што ги нарушиле правата на новинарите и дел од овие случаи се решени.
За разлика од оваа година, ЗНМ лани забележа вкупно 14 напади и сериозни закани кон новинарите, а само еден случај имаше судска разрешница.
Двојни стандарди на институциите
Она што новинарите со години го посочуваат дека е најголем проблем е што кога се работи за закани и напади врз новинари, институциите не постапуваат по службена должност, туку тие се упатуваат да ја бараат правдата преку приватна тужба, но истите институции сосема поинаку реагираат кога заканите или нападите се упатени кон функционери. Токму затоа, ЗНМ апелира дека ефикасноста во борбата со закани на социјалните медиуми не завршува со пронаоѓање на заканувачите кон високите владини претставници, за што има пракса кога станува збор за носители на јавни функции.
„Од институциите очекуваме да немаат двојни стандарди кога се работи за новинари и за медиумски работници, особено кога тие се изложени на говор на омраза и повици за нивен линч само поради вршењето на својата професија“, посочуваат од ЗНМ.
Со измените во Кривичниот законик, напад врз новинар ќе се третира како напад врз службено лице
Состојбата со санкциите врз тие што се закануваат или навредуваат новинари и медиумски работници треба се смени со најавените измени на Кривичниот законик, според кои за напад на новинар или медиумски работник, обвинителството ќе постапува по службена должност.
„Нападот врз новинар или медиумски работник ќе се третира како напад врз службено лице, за што е предвидена затворска казна до три години“, посочува Алeксандар Видиновски, портпарол на Министерството за правда.
Очекувањата на Министерството за правда е овие измени во следните недели да минат низ владина процедура и да се испратат во Собрание за натамошна постапка. Новинарските здруженија ЗНМ и ССНМ го поздравуваат зголемувањето на казните за прекршителите, како и тоа дека новинарите и другите медиумски работници се ставаат во група на лица заедно со другите професии што се изложени на напади и закани поради природата на нивната работа.
„Овие измени во пракса значат дека при повреда на член 144 од КЗ, кој се однесува на сериозна закана по безбедноста или напад врз животот или телото или, пак, на животот и телото, во овој случај новинар или медиумски работник во вршење на професијата, ќе се казни со затворска казна. Слична мерка се однесува и на член 139 кој се однесува на присила, вели Милан Спировски од ЗНМ.
Од друга страна, членот 394-г што се однесува на ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем не се менува, но, според Спировски, правната логика е доколку ОЈО не прифати барање за кривично постапување по овој член, ќе има должност да постапи по членот 144, доколку во конкретниот случај станува збор за сериозна закана по новинари или медиумски работници за дела причинети од вршење на својата професија.
Носењето на овие законски измени во насока на градење системски решенија за безбедност на новинарите е еден чекор, а потоа останува обврската да се следи праксата на обвинителството и судството во делот на примената.
Сѐ повеќе функционери тужат новинари, што води кон зголемување на цензурата
Но, она што ЗНМ го забележува како негативен тренд во 2021 година е зголемениот број тужби за клевета и навреда кон критичките новинари. Притоа, дел од овие правни закани за новинарите се од поранешни или од актуелни носители на јавни функции.
„Оваа практика беше присутна во минатото, посебно во периодот од 2013 до 2016 година и сериозно придонесуваше за зголемување на цензурата во медиумскиот сектор, вели Милан Спировски од ЗНМ.
Според добиените податоци од Основниот граѓански суд Скопје, вкупниот број активни предмети по тужби за граѓанска одговорност за навреда и клевета во 2020 година изнесувал 147, од кои во 33 предмети странка е новинар или медиум. Тоа покажува дека има сè помалку случаи за клевета и навреда против новинари, односно дека клеветата и навредата сè помалку се користат како инструмент за притисок врз новинарите и медиумите. Оваа година, за разлика од минатата, се бележи зголемен број на тужби за клевета.
Сторијата е изработена во рамки на проектот „Безбедни новинари во кризни ситуации“ (Кeeping Journalists Safe in Situation of Crisis) финансиран од програмата на УНЕСКО – „Global Media Defence Fund”, а во реализација на Здружението на новинарите на Македонија и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници.
Авторот е одговорен за изборот и презентирањето на фактите содржани во оваа видеосторија и за изразените мислења, кои не се нужно оние на УНЕСКО и не ја обврзуваат Организацијата.
Употребените назнаки и презентацијата на материјалот во оваа видеосторија не подразбираат изразување на какво било мислење од страна на УНЕСКО во врска со правниот статус на која било земја, територија, град или област или тамошните власти, или во врска со разграничувањето граници.