Или можеби треба оваа работа да им биде препуштена на приватните компании? е прашањето кое си го поставува реномираниот неделник „Економист“ во анализата за потребата од мешање на државата во медиумската индустрија.
Вестите повеќе не се тоа што беа. Денеска консументите на вести најголем дел од своите информации ги добиваат на интернет. Бидејќи дигиталното издаваштво е евтино, бројот на извори вртоглаво се зголеми. Веб-страниците на етаблирани весници се натпреваруваат со понови, исклучиво дигитални медиуми и професионални (или аматерски) блогови. Да не ја споменуваме и мешавината од текстови, дигитални серии на писма и коментари администрирани од алгоритмите на социјалните медиуми како што се Фејсбук и Твитер.
Етаблираните медиуми се во криза. Голем дел од рекламниот колач кој одеше за платите на новинарите сега оди кај Фејсбук и Гугл, две големи компании кои доминираат со пазар на онлајн рекламирање. Тиражот на печатените медиуми драстично опадна. Посебен удар добија локалните весници, при што голем број од нив и затворија. Алгоритмите на социјалните медиуми им даваат предност на ловците на внимание и кликови пред „досадната вистина“, што придонесува за ширењето на беснислици низ целиот свет. Издавачот на речници „Колинс“ за кованица на годината во 2017 го прогласи терминот „лажни вести“.
Во 2018 година, владата го праша економистот и поранешен новинар во овој весник, Дејм Франсис Кернкрос да размисли и разгледа што може да се направи во врска со ова, ако воопшто нешто и може. Во февруари беше објавен нејзиниот извештај и главно ја отфрла идејата дека новинарството заслужува да добие помош.
Главно, но не и целостно. Дејм Франсис тврди дека новинарството од јавен интерес не добива поддршка од пазарот и дека властите треба да го поддржат преку даночни олеснувања или директни субвенции. Според неа, особено два вида на новинарство заслужуваат поддршка. Едното е она кое што истражува корупција и злоупотреба на моќ. И покрај статусот кој го ужива, ваквото новинарство е скапо, тешко и од комерцијална гледна точка – не е исплатливо. Другото е она новинарство со кои се бавеа локалните весници – локално планирање, судења од локалните судови и други слични локални теми. Тешко е да се замислат вести кои имаат помала шанса да станат вирални. Извештајот цитира истражување кое сугерира дека недостатокот од ваквите локални вести ја намалува и подрива излезноста на изборите и ангажираноста на граѓаните.
Најинтересната препорака, сепак, е онаа која вели дека на онлајн платформите како Гугл и Фејсбук треба да им биде наметната „обврска за квалитетни вести“, поддржана од регулатор кој ќе бара од нив да промовираат вести од кредибилни медиуми.
„Ова навистина е преседан. Не можам да се сетам на демократија во која има барање за регулаторна контрола на она што се нарекува „квалитет“ на вестите“, вели Расмус Нилсен од Ројтерс Институтот на Универзитетот во Оксфорд (кој се финансира делумно од печатот и од големите интернет компании).
Предлогот на Дејм Франсис, сепак, се совпаѓа со грижите дека можноста мал број на интернет компании да ги засилуваат и шират вестите може да биде нездраво. Политичарите ги повикаа фирмите како Гугл на пример, да ги цензурираат „лажните вести“, како и текстови за самоубиство и себеповредување.
Иако на почетокот се противеа, сега тие се обидуваат да го исполнуваат ова барање. Но, со тоа тие одат по минско поле. Верзијата на Едџ, прелистувач на Микрософт, за паметен телефон на пример, ги предупредува корисниците за веб-страниците за кои се мисли дека не се кредибилни. Во јануари, го обележа „Мејлонлајн“, популарна веб-страница на „Дејли Мејл“, како страница која „генерално не успева да ги задржи основните стандарди за точност и одговорност“. Откако „Дејли Мејл“ се побуни, предупредувањето беше отстрането. Можноста властите да ги оценуваат медиумите би била во најмала рака чудна политика за една либерална демократија. Но, според извештајот, алтернативата – да им се остави на судот на приватните компании – е уште полоша.
Текстот е дел од публикацијата на ССНМ која е помогната од Европската Унија, како дел од проектот „Писменост за вести и дигитална писменост: Справување со лажните вести“ имплементиран од Македонски институт за медиуми, Институт за комуникациски студии, Самостоен синдикат на новинари и медиумски работници и Медиа дајверсити институт.
“Содржината на оваа публикација е целосна одговорност на Синдикатот на новинари и медиумски работници и во никој случај не ги одразува ставовите на Европската Унија”