Третманот на соговорниците и институциите кон студентите по новинарство во Србија

Датум

„Почитувани, секоја година имаме десетици барања како Вашето на кои е невозможно да се одговори“ или „Извини, не можам да ти одговорам во моментов“, се само дел од одговорите што ги добија студентите по новинарство при обидот да стигнат до соговорник кога работеле на нивните текстови, радио или ТВ програми.

Судејќи според искуствата што ги споделија студентите, честа појава е, исто така, соговорниците да не доаѓаат на договорените интервјуа, а институциите да не одговараат на мејлови или повици, оставајќи ги без одговори.

„Кога имав среќа да ми одговорат соговорниците, тие беа културни и добронамерни, но почесто ме одбиваа“, вели Тијана Јевтиќ, студент по новинарство на Факултетот за политички науки во Белград.

„Дури не беа во прашање познати личности. Во една прилика испратив десетици мејлови, а потоа и десетици пораки на социјалните мрежи до различни еколошки организации. Од сите нив добив одговор од една и гласеше дека не се надлежни за темата за која сакав да пишувам“, додава Јевтиќ.

Јелена Чоловиќ, студентка на четврта година по новинарство на Факултетот за политички науки во Белград, имала слично искуство кога работела на текст за театрите и за државните инвестиции во културата.

Таа забележа дека соговорниците од независните театарски продукции како „БИТЕФ“ и „Рефлектор театар“ се поотворени за комуникација, додека државните театри, како и Министерството за култура давале кратки информации или дури и не одговарале.

Дали тогаш постои разлика кога на соговорниците и институциите им се обраќаат студенти или новинари за одговор?

Одговорот на ова прашање го побаравме од оние кои сè уште се студенти по новинарство, но кои веќе интензивно работат во различни медиуми.

Една од нив е Маја Репиќ, студентка и репортерка во Euronews Србија. Таа вели дека откако работи во телевизијата, неспоредливо полесно допира до соговорници, бидејќи зад неа стои медиум што тие го препознаваат и им оди во прилог да зборуваат за него.

„Кога се обраќате некому како студент, постои голема веројатност дека некој од соговорниците ќе ве одбие или воопшто да не одговори на повикот, затоа што знаат дека станува збор за студентска вежба и дека финалниот производ, текст или прилог, ќе ги гледа само предметниот професор“, вели Репиќ. .

„Покрај тоа, кога зад себе имате одреден медиум, кредибилитетот сам по себе ви е поголем, но соговорникот, сепак, повеќе ви верува отколку кога ќе му се обраќате само како студент. Претпоставува дека работите во тој медиум, затоа што сепак си ја знаете работата“, објаснува Репиќ и додава дека тоа е една од причините зошто студентите избираат некои „полесни“ теми, бидејќи поедноставно се доаѓа до соговорник.

Ставот на мнозинството интервјуирани студенти беше дека како што одреден медиум стои зад своите новинари, така и факултетот треба да застане зад своите студенти.

Првиот чекор кон тоа, според студентката Ана Стојменовиќ, би бил издавање на студентски акредитации со кои студентите би имале пристап до поголем број на настани, но и за потврда на нивниот статус.

„Тоа веројатно би влијаело на мотивацијата, бидејќи не е исто кога на изложба одите како обичен граѓанин или како новинар. Со акредитациите се влегува во кожа на својата професија“, објаснува Стојменовиќ.

Милица Кулиќ, доцент на Факултетот за политички науки, сведочи за тоа дека студентите по новинарство наидуваат на „затворени врати“ кога е во прашање комуникација со институциите.

Како што вели, тоа има загрижувачки аспект не само кога станува збор за студентските трудови, туку и за општата слика според која е „нормално“ институцијата да не одговара на новинар, без разлика дали е студент или професионалец, иако тоа е нејзина должност.

„Последниве години институциите кои во суштина треба да комуницираат со јавноста, како градските служби, од студентите бараат разни легитимации, потврди од факултет, писма од професори и слично. Тоа зборува за еден вкоренет волунтаризам во кој институциите не се однесуваат како служби, туку како суверени субјекти на кои треба да им се покорат новинарите, но и сите останати“, објаснува Кулиќ.

Таа додава дека станало нормално и прифатливо тие институции да не реагираат затоа што не сакаат и тука завршува приказната.

Сличен став има и Бојан Цвејиќ, главен и одговорен уредник на порталот на дневниот весник „Данас“. Како што вели, институциите секако се затворени и кон медиумите, особено за оние кои професионално се занимаваат со својата работа.

„За студентите тие се уште позатворени и секогаш биле. Зависи на кого ќе „налетат“ студентите. Ако некој е расположен да им излезе во пресрет, тогаш ќе добијат одговори, но, за жал, повеќето од нив не сакаат да трошат време на собирање податоци и испраќање на одговори кои ќе се користат за студентски трудови, особено што не чувствуваат обврска да направат тоа“, заклучува Цвејиќ.

А, дали студентите знаат правилно да напишат барање за пристап до одредени информации?

Од Факултетот за политички науки велат дека професионалните новинари често очекуваат факултетот да „подготвува и научи“ студенти, иако повеќето од нив малку работат со студентите кога доаѓаат во редакциите.

Исто така нагласуваат и дека кај одреден број на студенти е присутен недостаток на „комуникациска писменост“. Таа се рефлектира во неформално конструирани барања кои неретко се и „правописно неуредни“, што придонесува за лош впечаток кај оној што треба да го даде одговорот.

Сепак, некои студентите имат забелешки кон факултетот и професорите за недоволна подготовка за комуникација со соговорниците и институциите.

„Ние студентите се срамиме да поставуваме прашања до институциите“, е мислењето на Игор Топаловиќ, студент по новинарство, кој е новинар во РТС.

„На универзитетот нè учат како да го правиме тоа теоретски, но не ни покажуваат како се испраќа мејл до одредена институција. Првпат се соочив со тоа кога дојдов во РТС. Конкретно, ми покажаа како да се обратам до Министерството за одбрана, како да испратам барање за снимање за подготовка на прилог“, заклучува Топаловиќ.

Теодора Станковиќ, новинарка во „ВЕСТИ ТВ“ од рамки на групацијата „Пинк медиа“, посочува дека професорите и асистентите од катедрата по новинарство треба да им помогнат на студентите како да дојдат до соговорници, а не да ги оставаат сами да се снаоѓаат.

„Кога ќе се вработиме, во 90 отсто од случаите ни помагаат колегите и уредниците, бидејќи новинарството на некој начин е тимска работа, па така треба да биде и на факултетот. Мислам дека многу студенти ја губат волјата во таа потрага по соговорници. Уште па кога ќе бидат одбиени, тоа само влева дополнителна несигурност“, истакнува Станковиќ.

Иако повеќето студенти сметаат дека новинарите се во подобра позиција од нив, Николија Чодановиќ, студент и новинар на порталот „Истиномер“, наведува дека студентите го немаат „товарот“ на редакцијата, па затоа некои соговорници се подостапни за нив.

„Има соговорници кои ќе ви дадат изјава само затоа што работите во медиум што го почитуваат, се разбира, има и други кои „не сакаат“ поради тоа, т.е. не смеат да ви дадат изјава. Кога си студент, тоа не е така“, вели Чодановиќ.

Таа додава дека подобро е студентите да не прават некои „тешки“ теми за да нема потенцијални проблеми во потрагата по одговори, но истакнува и дека студентите треба однапред да си постават граници.

„Би било добро да се внесе малку оптимизам во новинарската професија, но сегашната ситуација веројатно е производ на неколку фактори: кој ја води институцијата, која тема ја истражувате, дали соговорниците се чувствуваат удобно да дадат изјава или не“, објаснува Чодановиќ.

Како што велат студентите, колегите новинари многу често одговарале на нивните интервјуа, како и професорите од факултет.

Спротивно на тоа, обраќањата до институциите се главно неуспешни, додека студентите имаат повеќе шанси за одговори кај „полесните теми“.

Затоа искуствата на поголем дел од студентите се негативни, додека значително помалку се оние негативните.

Додека на некои студенти им недостасува професионалност во обраќањето кон другите, неажурноста на соговорниците и институциите влева несигурност кај други и ја намалува нивната желба за работа и креативност.

„Мислам дека не доживеав непријатни ситуации затоа што сум студентка, туку затоа што новинарството во нашето општество најчесто има лоша конотација“, вели Ена Јованов, дипломиран новинар.

За ваквата состојба, заклучува Јованов, се виновни новинарите и власта, а не студентите“.

Извор: проект- Унапредување на дигиталните репортерски вештини на студентите по новинарство во Србија

Фото: Unplash

Оваа сторија е дел од публикацијата „Новинарството како јавно добро“, дел од проектот „Синдикатите за фер закрепнување“ финансиран од Европската Унија, а во партнерство со Европската федерација на новинари.Ставовите и коментарите во публикацијата се одговорност на ССНМ и не ги изразуваат ставовите и мислењата на Европската Унија и на Европската федерација на новинари.

Останати
објави

Сподели на...